28 јуни 2004

Глупави апликации

[лекториран]

Адресата на веб-сајтот „Глупави апликации" стоеше некое време како топик на влијателниот ИРЦ канал сеир (#seir) на Андернет, а штом е таму, автоматски добива почетна оцена плус во категоријата функционалност. Како и обично, посетата на овој сајт ги оправда очекувањата: на него навистина се претставени неколку апликации (компјутерски програми чија цел е да завршат некоја работа) и тие се навистина глупави (што ви овозможува многу смеа).

Финтата на сајтов е што е направен следејќи го шаблонот на други сајтови преку кои програмери се обидуваат да продадат свои направи. За секоја од глупавите апликации има посебен оддел, во кој е поместена страница за симнување (download), снимки на екранот (screen shots), често поставувани прашања, форум, финти и трикови, изјава за печат и оддел „што е ново".

Апликациите се „лансирач на команден промпт", „одбројувач на време", „пронаоѓач на датотеки (фајлови)", „проверувач на статусот на логирање", „генератор на случаен број" и „гледач на време". Сите се заштитени марки (trade mark).

Така на пример, „пронаоѓачот на датотеки" функционира така што ако сакате да најдете некоја датотека, односно фајл, прво ви отвора прозорче од Виндоус експлорер за разгледување (browse) преку кое ја пронаоѓате, а потоа ве известува во кој директориум (folder) се наоѓа таа. „Одбројувачот на време" одбројува од десет до нула. „Кога ви треба да одброите што било за период од десет секунди, нема да најдете посоодветна апликација од оваа", вели воведот.

Без разлика што сајтов е статички, свежината на неговиот хумор ќе ве тера да му се враќате одвреме-навреме.


Дополнување: неопределено
Брзина: многу брзо
Функционалност: одлична
Технологии: HTML
Дизајн: сезона 1999
Навигација: стандардна
Гугл-ранг: 5/10
Бројач: нема
Јазик: англиски
Адреса: www.stupidapps.com

18 јуни 2004

Еко.нет

[лекториран]

Еко.нет е почетна точка за сите заинтересирани што бараат информации и податоци од сферата на животната средина. Целта е Еко.нет да стане ваш сајт, на кој ќе можете не само да прочитате, туку и да објавите ваши сопствени вести, информации или мислења", велат луѓето што го одржуваат.

Тимот на овој сајт тоа го овозможува не само преку отворање можност за еколошките граѓански организации да презентираат свои вести преку медиумите што и се на располагање (веб-сајт и мејлинг-листа), туку и преку зголемување на нивниот капацитет преку обуки за користење компјутери, Интернет и за сајтот.

Како резултат на нивните континуирани напори, на сајтот се зачленети 320 НВО-активисти од целата земја со право да го користат за внесување вести, а нивната фреквентна мејлинг-листа, преку која дистрибуираат и ековести пренесени од медиумите, има 945 члена.

Покрај вестите, на сајтот се присутни и виртуелна библиотека со текстови и упатства за (по)ефикасна работа, законите и прописите од оваа област, екокалендар, форум и збирка полезни линкови.

[продолжение]

Дополнување: речиси секој ден
Брзина: брзо
Функционалност: многу добра
Код: ХТМЛ, АСП
Дизајн: стандарден
Навигација: стандардна
Гугл-ранг: 4/10
Јазик: македонски
Лекториран: не
Адреса: www.eko.net.mk

12 јуни 2004

Макблог

[лекториран]

Веб-сајтот Макблог овозможува водење блогови (интернет-дневници) за лица што сакаат да го прават тоа со македонски интерфејс. Иако системот е е во фаза на изработка, од изминатата недела веќе се имаат пријавено десетина блогери, кои успеале да внесат две пораки (вкупно). Некои од нив се луѓе кои веќе имаат блогови на други сервери.

За споредба, погледнете го оригиналниот блогерски сајт Блогер или Блог.хр, еден од хрватските сајтови со таква намена.

Една од клучните работи што недостасуваат кај овој обезбедувач на услуги е можноста за избор на сопствена адреса со поддомен, бидејќи еден блог треба да може да функционира како независен веб-сајт, па затоа на пример, ако отворите блог на некој од горенаведените странски, добивате адреса од типот moeime.blogspot.com или mojprekar.blog.hr. Недостига и можност за промена на изгледот по своја желба, но тоа веројатно ќе биде додадено со развој или со надградба на софтверот.

За оние што ќе се решат да се обидат да создаваат блог (веб-дневник) еден совет од хрватските стручњаци:
„Не залажувајте се со илузијата дека блогот го пишувате за некоја голема публика. Публика, па што е тоа? Пишувајте за себе, а ако некој дојде... ќе дојде. Иако е убаво да се гледа како расте бројачот на статистика, не сфаќајте го пресериозно... Смирете го егото. Пишувањето опушта, а вие станувате човек на кого делењето му станува второ јас (башка, во секој момент може да престанете). И да, апсолутно игнорирајте ги уредничките листи (на квалитет)... Тие се патокази, но не се ниту совршени ниту конечни. Вашиот блог е само парченце во интернетскиот простор и, како и секој друг веб-сајт, не мора да биде забележан на никакви листи со субјективни наметнати критериуми. На блогот сте сами за себе“.

ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: непознато
Брзина: просечна
Функционалност: добра
Код: ХТМЛ, ПХП
Дизајн: минималистички/занемарен
Навигација: употреблива
Гугл-ранг: 0/10 (тазе)
Јазик: македонски
Лекториран: не
Адреса: www.makblog.org