01 март 2005

Макс-АДСЛ за 880 денари (ама во Хрватска)

[лекториран]

Хрватскиот телеком „Т-ком" има програма за промоција на широкопојасна интернет-врска со исто име како и онаа на МТ.нет. Нивните сајтови за оваа намена се слично конципирани, со информации за тоа што е АДСЛ (кај Хрватите и со упатства за поврзување и на Линукс), понудените пакети и приклучни уреди.

Обата сајта содржат и апликација што, ако внесете телефонски број, ви кажува дали на таа линија може да се постави приклучок. Притоа, хрватската варијанта е поупотреблива, оти на неа јасно пишува за што служи („Провјера АДСЛ доступности"), додека на македонската пишува „АДСЛ-локатор", што можеби е разбирливо за вработен во фирмата, но е сосема мистериозно за лаици (основната целна група). Дури во известувањето што се отвора во нов прозорец (лоша практика) станува јасно за што точно станува збор.

Од друга страна, пак, на хрватскиот сајт има претерана употреба на анимирани елементи во Флеш, така што доста бавно се вчитува, освен ако не се користи токму АДСЛ, па испаѓа дека промоцијата е наменета не за нови, туку за стари корисници. Тој впечаток го потврдува и рубриката за препорачани сајтови. Не до толку претрупаниот сајт на МТ.нет е подостапен за корисници што користат обична модемска врска.

Клучен елемент на оваа услуга е месечната претплата. Најевтиниот пакет во Хрватска чини околу 880 денари (99 куни), а кај нас 2.348 денари (со вклучен ДДВ), односно 2,7 пати повеќе во апсолутна вредност.

Споредбата со стандардот ја потврдува народната мудрост дека сиромавиот плаќа (4,32 пати) поскапо. Според „Книгата со факти за светот" (The World Factbook) од веб-сајтот на ЦИА, хрватскиот бруто-домашен производ по жител е 1,6 пати поголем од македонскиот : 10.600 наспроти 6.700 долари годишно (GDP per capita, purchasing power parity).


Дополнување: автоматско
Брзина: бавно
Функционалност: добра
Код: Флеш, ХТМЛ
Дизајн: графички/рамковен
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
Гугл-ранг: 0/10
Јазици: хрватски
Адреса: www.tportal.hr/maxadsl