27 септември 2005

Македонски блог за е-бизнис

[лекториран]

Еден од најновите македонски блогови со огромен потенцијал за успех и добар старт е „Македонскиот е-бизнис блог“, кој го води експертот за маркетинг Мијалче Георгиев, асистент на Економскиот факултет во Скопје и член на Работната група за изработка на Национална стратегија за информатичко општество на РМ.

Иако почна да работи неодамна, овој блог го привлекува вниманието со посветеноста на авторот да обезбедува обемни, чести и промислени информации. Покрај тоа, ова е веројатно еден од првите примери луѓе од академските кругови да комуницираат со јавноста на својата тема, овозможувајќи ширење на знаењата и надвор од нивната матична институција. Вака конципиран, блогот претставува одличен ресурс за сите што ја истражуваат можноста за воведување Е-бизнис решенија во Македонија.

Изборот на софтверот Вордпрес како платформа овозможува и разграничување на содржините по категории (е-бизнис, ЕРП, не-бизнис, е-маркетинг, ВОИП, БПМ...), што го олеснува разгледувањето. Блогот овозможува интерактивност, при што се истакнува можноста за оставање коментари.

Најново од светот на македонското блогерство е дека бројот на блоговите што ги индексира пребарувачот „Најди!“ од пред неколку дена е повеќе од 100.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: секојдневно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ПХП
Дизајн: блогерски
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: има
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 0/10 (нов сајт)
Јазик: македонски
Адреса: blog.ebiznis.info

16 септември 2005

Едбастерс

[лекториран]

„Едбастерс“ во слободен превод значи „разбивачи на огласи“ (потсетува на некогаш популарните „гоустбастерс“ - истерувачи на духови). Едбастерс претставуваат глобална мрежа составена од уметници, писатели, шегаџии, неолудити, философи, студенти и претприемачи, кои сакаат да промовираат ново движење за општествен активизам, приспособено на информатичката ера. Нивната цел е да се соборат постојните структури на моќ и да се овозможи големо поместување во начинот на живот во 21 век.

За таа цел, Едбастерс издаваат непрофитни печатен магазин и веб-сајт, а и нудат креативни услуги преку агенција за застапување.

На веб-сајтот се прикажани написи од магазинот и разни други содржини, меѓу кои се истакнува галеријата на испародирани реклами поделени по области: мода, тутун, алкохол, храна и разно.

Најпозната активност на Едбастерс е таканаречениот „џаминг“, односно вандализирање на поставени рекламни паноа и слични марифетлаци со додавање разни уметнички елементи, кои го деконструираат или дополнуваат нивното значење. Со оглед на тоа што се нелегални, таквите активности не се промовираат јавно на веб-сајтот, но за нив може повеќе да прочитате во книгата „Не лого“ на Наоми Клајн (њњњ.нолого.орг).

На веб-сајтот се претставени и тековните кампањи на Едбастерс, кои имаат поширок опсег од визуелниот. На пример, една од нив е за промена на наставните планови на факултетите, преку која би се исфрлила тековната „неокласична“ економија, која како неуспешна парадигма го води човештвото во погрешна насока и би се вовела еколошка економија.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ


Дополнување:неопределиво
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 8/10
Јазик: англиски
Адреса: www.adbusters.com

05 септември 2005

Битолските сајбер-стоматолози

Стоматолошката ординација на симпатичните битолски доктори Нечаковски (татко и син) може да се пофали со еден од најдобрите веб-сајтови во земјава на тема здравство и здравствена установа. За жал, тоа е поради општата катастрофална состојба кај нас на ова поле, оти сајтот, иако е пристојно изработен, сепак не е ремек-дело.

Огромна предност на сајтов е што може да послужи и како извор на знаења од стоматологијата. Голем број на прашања и основни поими се објаснети преку концизни написи. Особено импресионира напорот за ваква цел да се употреби и успешно изведената анимацијата во Флеш.

Најважно нешто што недостасува на сајтов е ценовникот, оти кај списокот на услуги не е наведено колку која чини и за кого.

Интересно е дека во светот е во подем здравствениот туризам, појава при која посетители од земји со повисок стандард одат во земји каде што здравствените услуги се на задоволително ниво, а со пониски цени. Засега ваков вид услуги се нудат претежно за соседите – во Битола за јужните, а во Скопје за северозападните и за нашите иселеници за кои една од причините за посета на татковината е „да се суредат“ во овој поглед. Секако, вистинскиот потенцијал за оваа гранка лежи во здружување на здравствени фирми со туристички агенции способни да се поврзат со колеги од странство, кои би носеле пациенти од Западна Европа на чартер-летови во комбинација со тури по нашите природни убавини.

Ефективноста на сајтов би се зголемила кога сите содржини, особено оние општообразовните, би се превеле конзистентно и на странските јазици. Со тоа ќе се добие повисок рејтинг на машините за пребарување, а со тоа и поголема можност за нови муштерии. Исто така, од полза би било закупување или размена на банери со посетуваните сајтови за РМ кои објавуваат информации на тие јазици, како Риалити Маседониа и Макфакс за англискиот, или веб-сајтот на Виножито за грчкиот.

Дополнување: неопределиво
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ХТМЛ, Флеш
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 5/10
Јазици: македонски, англиски, грчки
Адреса: www.stomatolog.com.mk
Датум на пишување: 05.09.2005.

Фуриии

„Фурии“ е веб-сајт на шведската дигиталната уметничка Линда Бергквист, позната и под псевдонимот Енајла. Иако во случајов има неколку жртвувања на употребливоста (рамки, отворање на линкови во нови прозорци), сајтов сепак вреди да се посети поради извонредно изработените слики и цртежи. Покрај тоа, на сајтот се достапни и стрипчиња во кои главни ликови се самата уметничка и нејзиниот мачор Азраел.

Галериите со слики се поделени според доминантните бои, а не според тематика. Тоа малку го отежнува снаоѓањето, но не е преголема пречка. Иако таа воглавно црта од кеиф, во моментов г-ца Бергквист работи на книга со „темни бајки“, а посета на нејзиниот веб-сајт се препорачува за оние кои сакаат фантастика и слики на самовили и елфи.

Уживањето што се нуди е чисто естетско – нема порнографски содржини, ниту форми на гушење преку здодевни тиради. Во минатото сајтов бил поврзан со прилично активен форум, но тој сега е згаснат што ја намалува можноста за интеракција и активна промоција.
За активно заинтересираните за уметност особено полезни се неколкуте галерии кои содржат упатства за тоа како чекор-по-чекор се црта со програми од типот на Фотошоп. Некои од овие „туторијали“ прво се објавени во ценети компјутерски списанија, како оние за цртање делови од човечко лице: око, нос и слично кои излегуваат во „Компјутер артс“.

Дополнување: на недела-две
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ХТМЛ
Дизајн: комбиниран
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: англиски
Адреса: www.furiae.com
Датум на пишување: 05.09.2005.

03 септември 2005

Факти за религиите

[лекториран]

Овој амбициозен енциклопедиски веб-сајт има за цел да ги презентира фактите за светските религии и теми поврзани со религијата од „објективна, академска перспектива“, на пристапен начин.

Во основа, сите текстови се напишани во афирмативен стил, со фокус на духовните активности и на обичаите. Отсуствуваат обработки на контроверзни историски настани и движења поврзани со религиите (крстоносните војни, џихадот), и критиките упатени до некои од нив, особено во врска со новоформираните. Како извори на информациите често се користат официјалните сајтови на дадени религии – ако ги има.

Религиите опфатени со сајтов се: баха’и, будизмот, кинеската религиозна традиција, старогрчката религија, христијанството, хиндуизмот, исламот, џаинизмот, Јеховините сведоци, јудаизмот, скиентологијата, сикизмот, таоизмот и вика (вештерство).

За секоја од религиите се презентирани лист со основни информации, речник на поими, хронологија, историја, како и детални објаснувања на верувањата, симболите, празниците, важните личности, е-книги, линкови и разни други содржини. Особено се интересни табелите и графиконите со кои се прави споредбена анализа на сектите во рамките на една религија, или религиите се споредуваат една со друга.

Сајтов се издржува преку реклами за книги и огласи од „Гугл“. Вториве се интегрирани во самиот дизајн и понекогаш е тешко да се разликуваат од содржините на страниците, што веројатно ги прави поефективни (се елиминира „банерското слепило“), но исто така го пренасочуваат вниманието и кликањето од линковите до оригиналните текстови.

Техничката изведба е со чист ХТМЛ, што ја помага видливоста пред машините за пребарување. Информациската архитектура и навигациските елементи со одлично разработени со употреба на структура на разгрането дрво, така што посетителите секогаш знаат во кој оддел се наоѓаат, но и лесно може да преминат во некој друг или до насловната страница.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ХТМЛ
Дизајн: текстуален
Навигација: приспособлива
Пребарувач: има
Клучни зборови: делумно
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 4/10
Јазик: англиски
Адреса: www.religionfacts.com

02 септември 2005

Наука во живо

[лекториран]

„Наука во живо“ ги објаснува најновите истражувања за нашата планета, од човечка биологија, преку животинскиот свет до природните сили. Тоа го прави не само со редовно пренесување вести (оригинални и агенциски) туку и со спротивставување на погрешните сфаќања на научните откритија, одговарајќи на нив со куси, но концизни и понекогаш духовити анализи.

Темите на овие „гласови на разумот“ се најразлични, од штетноста на егзорцизмот (истерувањето зли духови, односно кај нас раширеното „баење“, особено при „лекување“ на луѓе со вистински психолошки нарушувања, кои нанесуваат огромни штети низ светот), до постоењето на духови, бигфут, па се до разоткривање на лажните тврдења во „Кодот на Да Винчи“.

Според сопствениците, целната публика на овој веб-сајт се луѓето од мобилната елита, кои поседуваат „интелектуална љубопитност, глад за идеи, настани и нешта што ја минуваат линијата, која го дели академското од фраерското, кои повикуваат на ангажман и имаат врска со животот.“

Информациската архитектура на сајтов е солидна, па на пример, кај секој напис има релевантни фотографии во две верзии: мала на страницата што води до поголема, како и линкови до сродни вести. Пофално е и што за сите информации се наведува точниот извор, често и преку линкови, што овозможува понатамошно истражување или разгледување.

Изведбата на сајтов е во обичен ХТМЛ, при што страниците се додаваат рачно, што веројатно одзема поголеми човечки ресурси и ја зголемува можноста за погрешни линкови, наспроти користење решение со динамички пристап до база на податоци. Сепак, можно е сопствениците да ја донеле одлуката да не преминат на нова технологија поради големото количество веќе архивирани написи, чие пренесување е можно да чини поскапо од потенцијалните предности за даден период.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: секој ден
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ХТМЛ
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: делумно
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 8/10
Јазик: англиски
Адреса: www.livescience.com

01 септември 2005

Ретрокраш

[лекториран]

Името „Ретрокраш“ доаѓа од англиските изрази „ретро“ (нешто во врска со стилот и модата од минатото, помешано со носталгија) и „краш“ (не фабрика за чоколади, ниту судир, туку интензивно ненадејно вљубување). Авторот Роберт Бери е навистина вљубеник во поп-културата од минатото, која ја користи и како тема на содржините и како графичка подлога.

Главни делови на сајтот се архивата на написи на разни теми, галериите со ретро-женски и форумите. Без разлика на тоа што сексуалноста е честа тема низ содржините, порнографски материјали отсуствуваат. Написите се комбинација на оригинални слики и фотографии и вицкаст, понекогаш исклучително ироничен текст. Фотографиите се понекогаш преголеми и се добива впечаток на пренатрупаност, како и потреба да се скролува, што ја нарушува употребливоста.

Стилот на пишување и целата работа на сајтот се блогерски непосредни, но без специфичен блогерски софтвер. Се обработуваат и теми, кои деконструираат некои начела што се земаат здраво за готово. На пример, различните парадокси поврзани со примената на супермоќите на Невидливата Девојка и Господин Фантастик од „Фантастичната четворка“ додека водат љубов, или кои се најфраерските возила од поп-културата, со особен осврт на количката на Супер Марио и штицата за сурфање на Сребрениот Сурфер.

Особено интересни се интервјуата со разни ретро-ѕвезди, од кои повеќето се познати и на нашата публика од разни ТВ-серии, како „Малата куќа во преријата“, „Гратчето Пејтон“, „Војводите од Хазард“ или филмови како „Трон“ и џемсбондовскиот „Дијамантите се вечни“.

Иако на сајтот нема апликација за РСС во текстуален формат, интересно е дека е овозможен „поткаст“, односно, емитување на аудиосодржини на ај под-уред (iPod) преку РСС.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: неопределиво
Брзина: средна
Функционалност: добра
Код: ХТМЛ
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 7/10
Јазик: англиски
Адреса: www.retrocrush.com