30 ноември 2005

Детско здравје

[лекториран]

Мисијата на веб-сајтот „Детско здравје“ е да им овозможи на децата, родителите и на луѓето од пошироката заедница пристап до авторитетни, веродостојни современи и локално релевантни информации, презентирани на едноставен и разбирлив начин, поделени во достапни категории. Кредибилитетот на информациите почива на консултација на врвни медицински стручњаци.

Презентираните написи се исцрпни и интересни, па посетата на сајтов е препорачлива за сите што се заинтересирани за здравјето. Секој напис е поделен на секции, до кои може да се дојде преку кратка содржина на врвот на страницата, што придонесува за издигање на нивото на употребливост. Написите се леснодостапни и преку „пул даун бокс“, во кој се вметнати имиња на темите што ги обработуваат.

При изработката, страниците најверојатно се тестирани само со „Интернет експлорер“. Затоа, кога веб-сајтот се посетува со „Фајерфокс“ некои од табелите се развлечени и надвор од должината на екранот. Дизајнерот би требало да обрне внимание на компатибилност со разни типови разгледувачи, а уредникот на дополнување со содржини кај линковите што водат кон страници со натпис „under construction“.

ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: ретко
Брзина: средна
Функционалност: добра
Код: АСП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: делумно
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 5/10
Јазици: македонски и албански
Адреса: www.detskozdravje.org.mk

29 ноември 2005

Не кликај - Институт за истражување на интерактивноста

[лекториран]

Целта на овој веб-сајт направен од италијанскиот институт за истражување на интерактивноста е да покаже дека кликнувањето со глувчето не е неопходна операција при разгледувањето дигитални содржини.

Всушност, кликнување на сајтот е потребно само еднаш, при влегувањето во него. Потоа влегувате во свет „без копчиња“, во кој сите операции поврзани со навигација и со читање се прават со комбинација на поставување на покажувачот на определено место и со анимирано приспособување на самиот сајт на новонастанатата ситуација.

Дури и ситуациите за кои природно се очекува дека е неопходно кликнување, како одговарање на прашања со повеќе опции, се решени со тоа што изборот на опции се прави со поминување над дадена површина.

Прашањата што ги поставува проектов, колку е тешко да се надминат навиките или што се случува ако се отстранат елементите на навигација на кои публиката е навикната и како тоа го менува однесувањето, се важни и од аспект на проучување на човечкиот ум, но и од аспект на употребливост, особено во ситуација на развој на широкопојасен пристап кој душа дал за употреба на флеш и на други интерактивни апликации.

Интересно е дека доколку се кликне каде било во одлично изработениот интерфејс, се појавува порака што реагира на таа појава и се обидува да ја разбере.

Податоците од сите посети се чуваат и се обработуваат, со што се придонесува за развој на концептот.

ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: Флеш
Дизајн: флешерски
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: www.dontclick.it

27 ноември 2005

Предложете сајтови за рецензија

Скоро сите веб-сајтови предложени за рецензија по е-пошта биле претставени во рубриката „сајт на денот“. Повелете, искористете ја можноста да предложите сајтови и преку коментарите на овој пост.

26 ноември 2005

Дневен преглед на политичка теорија

[лекториран]

„Дневниот преглед на политичка теорија“ е портал/веблог за политикологија и философија. Негова цел е да обезбеди централно место на вебот преку кое посетителите ќе имаат увид во најновите вести, претставени во вид на густо испреплетени линкови.

Написите и есеите до кои се поставени линковите може да се читаат без дополнително плаќање и се однесуваат на широк дијапазон теми, погледи и методологии.

Покрај насловната страница, сајтот содржи и неколку страници за поддршка со линкови до ресурси на Интернет, посебни научни трудови и архива на старите прилози. Редакцијата е расположена за соработка со сите добронамерници, што претставува добра шанса за македонски сајтови со слични содржини да добијат линкови до нив, со што ќе се издигне нивниот рејтинг на пребарувачите.

„Прегледот“ одржува и база со линкови до организации, лица и до блогови од оваа област, кои може да бидат од голема полза и за нашата академска заедница. Особено се интересни линковите во врска со стотиците стипендии достапни преку веб за пишување оригинални трудови и за учество на научни собири и конференции.

Читателот што ни го препорача сајтов смета дека нуди одлична дневна доза линкови до стории што поттикнуваат размислување - сесрдно се согласуваме.

ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: секој работен ден
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ХТМЛ
Дизајн: текстуален
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: затворен
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: www.politicaltheory.info

25 ноември 2005

Училишна мрежа во Намибија и стрипот „Хаи ти“

[лекториран]

„Скул нет“, односно „Училишна мрежа“, е непрофитен провајдер, кој овозможува бесплатен пристап на Интернет, хардвер и обука за повеќе од 450 училишта од Намибија. Проектот со училиштата почнал во 2000 година и се базира на употреба на слободен софтвер, особено на приспособена верзија на „Линукс“ и апликации како „Опен офис.“

Веб-сајтот на организацијата нуди детални и транспарентни информации за нејзиното функционирање, а за подобро снаоѓање е поделен на оддели наменети на одредени целни групи: ученици, наставници, услуги… Од дизајнерски аспект, единствено што може да им се забележи е употребата на сликички за менито, наместо табела со текстуални линкови, можеби засилени со јаваскрипт-функционалност, оти вака вчитувањето е побавно.
Особено убаво за „Скул нет“ е што имаат најдено многу инвентивен начин за приближување на своите услуги до младите - преку стрип. Стрипот „Хаи ти“, кој на локалниот јазик ошивамбо значи „слушај ваму“, е извонредно квалитетно нацртан и изобилува со хумор и со информации.

Во него група деца решаваат проблеми со употреба на ИКТ и на можностите што им ги нудат училишните лаборатории. Евидентна е и еволуцијата на стрипот во поглед на пристапност, оти во втората епизода се вметнати фусноти со објасненија на поими погодни за читатели што првпат се среќаваат со информатиката и со Интернет.

„Хаи ти“ е лиценциран под криејтив комонс и може целосно да се симне од веб, и тоа во верзија само за читање на екран (помали слики), но и во верзија што е погодна за печатење и за обработка, односно превод и реиздавање, без потреба да се плаќаат авторски права.

ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: повремено
Брзина: средна
Функционалност: мн. добра
Код: ХТМЛ
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: www.schoolnet.na

24 ноември 2005

Зајачиња во филмска акција

[лекториран]

Продукцијата „Лут вонземјанин“ под водство на Џенифер Шиман е најпозната по цртаните филмови во кои главни ликови се група зајачиња. Анимациите се одлично изведени во „Флеш“ и претставуваат пародии на класични и култни филмски остварувања, кондензирани на 30 секунди.

Добриот хумористичен впечаток го дополнува звучната и музичка поддршка направена во карактеристичен и препознатлив стил. Љубителите на филмот, секако, нема да останат рамнодушни.

Тековно се застапени филмовите „Осмиот патник“, „Големото студенило“, „Егзорцист“, „Фреди против Џејсон“, „Хајлендер“, „Тоа е прекрасен живот“, „Ајкула“, „Евтини приказни“, Роки хорор пикчр шоу“, „Вресок“, „Сјаење“, „Тексашки масакр со моторна пила“, „Титаник“ и „Војна на световите“ (старото издание). Постојат и други пародии на филмови направени во истиот стил, но тие се достапни само со плаќање на веб-сајтот на компанијата што ги нарачала.

Од аспект на информациска архитектура, сајтов е добро проектиран, бидејќи секое филмче има своја посебна ХТМЛ-страница, до која може да се постави директен линк, односно да се пристапи преку машина за пребарување, што не би било случај ако сајтов е направен комплетно во „Флеш“, со еден интерфејс во кој би се вчитувале филмовите.

Други интересни апликации на веб-сајтот се дневникот на извесна Ејми, напишан во 1978 година, дополнет со мултимедијални елементи, како и низа кратки цртани филмови без зајачиња во нив.

ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: Флеш + ХТМЛ
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: затворен
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 7/10
Јазик: англиски
Адреса: www.angryalien.com

21 ноември 2005

Листата на Крег

[лекториран]

Крег Њумарк ги набљудувал луѓето како си помагаат преку Интернет, на пример преку системот „Вел“ (WELL) и дискусионите групи на „Јузнет“ (Usenet), па во 1995 година решил и тој да се приклучи, известувајќи по е-пошта за интересни настани во Сан Франциско и пошироката околина. Листата се ширела од човек на човек и наскоро имало потреба за неа да се употреби специјализиран софтвер, кој прераснал во специјализиран веб-сајт, кој овозможува интегрирано комуницирање во комбинација со е-поштата.

Со текот на времето луѓето почнале да објавуваат информации и огласи од различни области, како отворени работни места, продажба на предмети, изнајмување станови - како одговор на кусокот станови во околината, како и форуми за дискутирање на најразлични теми.

Во 1997 година Крег носи одлука листата да не биде комерцијална и да не се користи за објавување огласи преку банери. Оваа одлука ја поддржала заедницата што се развила околу листата, зајакната со правење журки за членовите, како и со основањето непрофитна фондација.

Денес листата на Крег се смета за еден од најефективните и најпопуларни веб-сајтови за вработувања во широката и влијателна географска област што ја покрива. Луѓето го сакаат и користат бидејќи им дава: (1) можност да се искажат, (2) чувство на доверба и интимност, (3) конзистентност на непретенциозни вредности, (4) едноставност, (5) не им бара пари, со исклучок на објавувањето огласи за работа, (6) свежина на материјалот, (7) отсуство на огласи, особено на банери.

Поуките на листата на Крег може да бидат од голема полза за низа македонски сајтови со големи амбиции, кои допрва треба да ги покажат широкоградоста и инклузивноста во односот со корисниците.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ХТМЛ, ЦГИ и др.
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 8/10
Јазик: англиски
Адреса: www.craigslist.org

18 ноември 2005

Римската војска низ илустрации

[лекториран]

Тоталитарен милитаризамНа Интернет има многу ресурси во кои се дискутира за историјата на античкиот свет, но само малку од нив нудат квалитетни и точни визуелни илустрации на оваа тема. Написите на веб-сајтот „Ред рампант“ (Црвена безобѕирност) содржат не само историски податоци туку му ставаат акцент и на изгледот преку оригинални илустрации. На нив може да се види како изгледале во тоа време облеката, оклопот, оружјето, фортификациите и слично.

Освен основните информации за римската војска, како нејзината организација, хронологија на походите и опис на опремата, веб-сајтов содржи и податоци за другите антички цивилизации и народи со кои тие доаѓале во контакт, а често и во конфликт.

Иако презентираните податоци се издржани и врз научна основа, со наведување на точните извори (кои служат и како линкови на процент до Амазон.ком, со што се помага одржливоста на сајтот), зачудува тоа што текстовите не се лекторирани и изобилуваат со ситни, но забележителни грешки од типот несоодветна употреба на мали и големи букви.

Без разлика на тоа, веб-сајтов вреди да се посети, оти нуди концизна и пристапна презентација на содржините, кои доживуваат нова популарност благодарение на стратегиските видеоигри од серијалот „Тотална војна“.

Заинтересираните за историјата може да стапат во контакт со авторот Ендрју Брозина и да ги дополнат неговите сознанија со податоци од историјата на Македонија, која, бездруго, била дел од светот на стариот Рим.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: неопределиво
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ХТМЛ
Дизајн: текстуален
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: англиски
Адреса: www.redrampant.com

16 ноември 2005

Светски водич за жени на лидерски позиции

[лекториран]

„Светскиот водич за жени на лидерски позиции“ претставува уште едно енциклопедиско издание за чие создавање не се барани, ниту добиени државни пари, туку е резултат на личниот ентузијазам и истражувања на Данецот Мартин Кристиансен.

Веб-сајтот содржи списоци на жени-шефови на држави категоризирани по земји, хронолошки листи на жени што биле во позиции на моќ од 3000 г. п.н.е., како и жени што биле на функциите премиер, министри на финансии и одбрана, жени-претседавачи на парламенти, гувернери, премиери, како и локални водачи, шефови на партии, хронолошки листи на кандидатки за претседатели, амабасадорки во ООН, листи на жени-свештенички и бискупи, како и листа на Данки на лидерски позиции.

Единствено што може да му се забележи на сајтов од аспект на употребливост е што резултатите на пребарувањата ги отвора во нов прозорец. Инаку, нуди и извонредно многу детални податоци за жените во политичкиот живот на Македонија, секако под уставно име и придружени со основни биографски белешки.

Опфатени се жените од Олимпија Епирска - жената на Филип Втори, мајка на Александар Трети, која владеела со античка Македонија како регентка, до сите современи политичарки што биле на значајни функции во земјата по осамостојувањето. Во однос на Република Македонија, голем дел податоци авторот на веб-сајтот ги има собрано преку Интернет, но, за жал, со одминувањето на владејачките гарнитури голем дел од нив е загубен од веб-сајтовите на соодветните државни институции.

ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ХТМЛ
Дизајн: текстуален
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: www.guide2womenleaders.com

14 ноември 2005

Блогот на Горан Андреев

[лекториран]

Блогот на Горан Андреев е за Велес, мобилна технологија, музика, хумор, хајтек, Интернет, софтвер, хардвер, спорт и, всушност, ги обединува темите што тој претходно ги обработуваше на посебни блогови поставени на различни платформи (блог за Велес, Мобил блог итн.).

Префрлањето на новата платформа Ворд прес кон крајот на септември значеше дека ќе мора да го гради својот ранг на Гугл од нула, но е оправдано со зголемените можности што таа ги нуди, како категории, интерни статистики, можности за приспособување и слично.

И адресата на блогот исто така содржи елемент на новина во себе. Имено, Горан Андреев ја користи единствената можност што, според правилникот на МАРНет, им овозможува на физички лица да регистрираат свој поддомен во Република Македонија. Ваквите поддомени мора да завршуваат на name.mk. За сите други видови легални поддомени (com.mk, gov.mk, org.mk, net.mk, inf.mk, edu.mk) сопственик мора да биде правно лице, и тоа често од строго определена област.

Познат како еден од најактивните македонски блогери, Андреев го разбива стереотипот за тоа како жителите на престолнината се понапред во однос на оние што живеат во другите делови на земјава кога се работи за интересот и за користењето на новите информатичко-комуникациски технологии. Во поглед на блогерството, покрај Велес, од каде што дејствуваат и Јован Петров (рецензија) и Љупче Пепиќ, лидерска улога игра и Битола.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ПХП
Дизајн: блогерски
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: има
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 0/10
Јазик: македонски
Адреса: blog.goranandreev.name.mk

09 ноември 2005

Тетово-онлајн

[лекториран]

„Тетово-онлајн“ е блог на Декстер, истакнат член на македонската блогерска заедница, кој епитетот го има заслужено благодарение на постојаноста на освежувањето. Блогот не е тематски ниту географски ограничен, па обработува теми од разни области, од занимливости од целиот свет до пренесување вести за настаните во Тетово и во Тетовско.

„Ворд прес“, софтвер што го „придвижува“ овој блог, станува се попопуларен кај оние македонски блогери што се доволно амбициозни да инсталираат апликации на сопствен сервер, или да закупат простор на сервер што го овозможува тоа. Неговата предност над бесплатниот блогер е во тоа што овозможува поделба на содржините на категории, интегрирано пребарување и коментари и слично.

„Ворд прес“ го користат и други познати блогери, како експертот за ИКТ Јован Петров (рецензија), велешката легенда Горан Андреев (рецензија) и експертот за е-бизнис Мијалче Георгиев (рецензија).

Фактор за успехот на „Тетово-онлајн“ е урамнотеженоста на содржините. Блогот има 19 категории (геџети, Интернет, интересно, мобилки, сеир, музика, општо, хумор…) и бројот написи речиси во сите е приближно еднаков, така што во секое време на насловната страница има за секого по нешто.

Дополнителна причина за посета на веб-сајтот „Тетово-онлајн“ е што во неговите рамки постои и архива за МП3-музика, во која може да се најдат некои класици на македонската забавна музика, но и песни од локални рап- и рок-бендови од Тетово.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ХТМЛ
Дизајн: блогерски
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: има
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 4/10
Јазици: македонски и англиски
Адреса: www.tetovo-online.com

07 ноември 2005

Борат од Казахстан

[нелекториран]

Борат од Казахстан, водителот на годинешното доделување на европските награди на МТВ, е креација на брилијантниот британски комичар Али Џи. Неговиот лик темели на две нешта.

Првото е директно копирање на искрениот маалски стил на Турчинот Махир Чагри кој стана светски познат благодарение на смешноста на неговиот недоучен англиски јазик при неговот барање пријатели низ светот преку интернет.

Второто е тоа што главниот тек на хипер-политички коректната јавност во САД и ЕУ дозволува еден исклучок при спроведувањето на непишаната забрана за стереотипизирање врз база на културниот идентитет: во случајот на луѓе од бившиот комунистички блок. Иако сеуште не постои социолошка студија на оваа појава, можеби се работи за еден од рецидивите на Студента војна, односно дел од одложеното исмејување на оние кои беа победени во неа. Друг пример за ова е филмот „Терминал“ на Спилберг, за смешно-жалниот, политички зафркнатиот, но коруптивно снаодлив преживувач со неадекватно јазично и неопределиво географско потекло.

Иако дел од грешките на веб-сајтот (демоде дизајнерски елементи како анимираните гифчиња, изборот на бои, фонтови и правописот) се очевидно намерни и прифатливи во дадениот урнебесен контекст, од аспект на употребливост се направени пропусти со неприлагодувањето на големината на прозорецот од разгледувачот, отворањето на нови прозорчиња при кликање на линковите, а особено во однос на снимката од наградите од МТВ, кој функционира само со широкопојасна врска и инсталиран плагин, за што не се дадени потребните дополнителни информации.

Дополнување: неопределиво
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ХТМЛ
Дизајн: комбиниран
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Јазик: англиски
Адреса: www.borat.kz