28 февруари 2006

Блогот на „Веб-сајт на денот“

[лекториран]

Одржувањето на блогот „Веб-сајт на денот“ е за да се искористат можностите на медиумот, пред се во насока на отворање нови канали за комуникација со читателите и овозможување дополнителна интерактивност.

Преку блогот читателите може да предлагаат нови веб-сајтови за рецензија, но и да дискутираат за веќе објавените рецензии преку коментари.

Во вид на постови се објавуваат и писмата од читатели што се жалат, демантираат некои наводи или, пак, пофално се изразуваат во однос на рецензиите. Блогот, исто така, служи и како архива на написите од рубрикава што се појавуваат во весникот, подредувајќи ги хронолошки.

Поновите написи се дополнуваат секојдневно, додека постарите, објавени пред излегувањето на блогот, полека се внесуваат во архивата во заднина. Тоа ќе одземе повеќе време, поради ан-гажманите на авторот. Но, ќе се согласите, се исп-латува да почекате!
Во согласност со правилата на употребливост на блогови, линкови до позначајните постови, особено рецензиите на македонските блогови, се издвоени во лентата за навигација од десната страна.

Предност во водењето на блогот е транспарентната политика при линкувањето, со отворено повикување на другите блогери на реципрочна размена на линкови.
Голем прилив на посетители се забележува преку блог-агрегаторите на Најди! и на Маседониа срч.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: секојдневно
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: блогер
Дизајн: блогерски
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: има
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 3/10
Јазик: македонски
Адреса: sajtnadenot.blogspot.com

25 февруари 2006

Пребарување и споредба на цени на книги

ИСБН.ну овозможува барање книги по наслов, автор или тема. Откако дадена книга ќе се пронајде, односно откако ќе се утврди нејзиниот ИСБН-број, веб-сајтов врши споредба на цените за истото издание кај 14 продавници за книги преку Интернет.

Овој „доказ за концепт на неколку идеи за информациски менаџмент, организација и за линкување“ овозможува пребарување на околу три милиони наслови печатени во САД, како и некои надвор од нив.

Резултатите овозможуваат директно поврзување, без посредни чекори, со сајтот на книжарницата што по споредбата на цени посетителот ја одбира како место од кое ќе нарача. Тие може да бидат подредени и според цената и брзината на испорака.
Особено пофално за веб-сајтов е што има јасно назначена применета политика за приватност, со која се обврзува дека не ги задржува податоците за индивидуалните корисници.

Политиката, исто така, јасно го опишува однесувањето на кукија и други помошни механизми што служат за следење на однесувањето при посетите.
Поради успешноста во интегрирањето различни типови информации за овозможување полесно купување, овој услужен систем има добиено поволни критики од повеќе респектабилни американски медиуми.

Фуснота: ИСБН (ISBN = International Standard Book Number) е систем за единствено означување книги, оформен во Велика Британија во 1966 година и прифатен како меѓународен стандард (ISO 2108) во 1970 година.


ЗА ВЕБ САЈТОТ

Дополнување: автоматско
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: вики
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 7/10
Јазик: англиски
Адреса: http://isbn.nu

24 февруари 2006

Википедија на македонски јазик

[лекториран]

Википедија на македонски јазик е дел од повеќејазичниот проект за креирање целосна и точна слободна енциклопедија. Секој посетител може да додава и да менува статии.

Македонската верзија постои од крајот на 2004 година и има речиси 4.000 статии.
Приклучувањето на овој проект може да е исклучително полезно за задоволување на приоритетната потреба за поголемо количество содржини на македонски јазик (назначена и во Националната стратегија за развој на информатичко општество), но и од аспект на промоција на македонската култура во светот.

Имено, на насловната страница на целата енциклопедија, во горниот најупадлив дел се претставени верзиите што имаат повеќе од сто илјади написи. Со оглед на тоа што таа не само што има висок ранг на Гугл (8) туку и се почесто се користи како негова замена кога се бараат дефиниции, нема потреба да се елаборира значењето на „испливувањето“ на линкот до македонската верзија во ова елитно друштво.

Во иницијативата може да учествува буквално секој што има пристап на Интернет, а написите не мора да се „фермани“. Доволно е да се дадат концизни основни податоци за поими или за личности, пренесени од јавно достапни текстови - како на пример учебници. Друг начин на пополнување е со превод на еквивалентните написи од англиската или од другите верзии на енциклопедијата.

Најспособни да се вклучат се секако блогерите, но исклучително добро би било кога би се активирале и училиштата, кои благодарение на Кина имаат компјутерски училници, благодарение на САД имаат пристап на Интернет, па преостанува наставниците да почнат да ја користат Википедија како алатка за ширење и за дополнување на знаењето на учениците.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: вики
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: делумно
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Јазик: македонски
Адреса: mk.wikipedia.org

23 февруари 2006

Виртуелна прошетка низ Париз

[лекториран]

Виртуелната прошетка низ Париз е дел од конзорциум на веб-сајтови што покриваат и други европски градови, како Амстердам, Барселона, Лондон… Посетителите на веб-сајтот, без потреба да потрошат пари на патување, може да се наполнат со туристички впечатоци од разгледувањето на главните културни и туристички атракции.

Прошетките се уредени на сличен начин како и во реалноста, со тоа што кога се наоѓате на дадена локација имате можност преку соодветни линкови да преминете на нејзините соседни. Движењето и местоположбата по центарот се прегледно претставени и со мапа, која исто така може да послужи за навигација. Трет метод на разгледување е со „земање такси“ – односно пронаоѓање локации преку текстуални линкови.

Веб-сајтов е фино организиран и нуди низа можности за интеракција: од оставање мислење за хотелите внесени во неговата база, преку форумот, до можноста за директен муабет со посетителите на сите веб-сајтови од мрежата преку јава-аплет.

Од аспект на оптимизација за машини за пребарување, најголем недостиг на веб-сајтов е употребата на рамки. Иако како алтернатива е поставена и верзија без рамки, таа е некомплетно имплементирана и во неа галериите не работат како што треба, оти функцијата во јаваскрипт за враќање назад при клик на голема верзија на фотографија не е вметната во кодот. Во самите галерии би било добро да се имплементираат и линкови за претходна и следна слика, со што би се зголемил ефектот на разгледување на самото место.
Уште еден технички недостиг е што јавниот бројач на посети е поставен само на една страница, наместо на сите, па се добива нереално мала бројка.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: неопределиво
Брзина: средна
Функционалност: добра
Код: ЦГИ, ЈС, Јава
Дизајн: рамковен
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: делумно
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: англиски
Адреса: www.paris.cx

22 февруари 2006

Запрете ја војната против Иран

[лекториран]

Прв македонски медиум што извести за веб-сајтов е .аНТИблог, кој објаснува дека „американската администрација, крупниот капитал и американските помошници (пред сè, сервилните власти на Велика Британија, пих-левичарите, лабуристи бреј!) ги наместија сите фигури на шаховската табла - за нов колеж“.

„Запрете ја војната против Иран пред да почне” е дел од глобалната акција на елементи на граѓанското општество да се спречи уште една човечка катастрофа.

Насочен е првенствено кон разобличување на пропагандата што треба да обезбеди согласност на јавноста во западните земји за овој потег, особено преку поттикнување на стравот од нови оружја за масовно уништување по урнек на шемата со Ирак.

Одделот за вести на веб-сајтов функционира во форма на блог, а најекспониран дел од веб-сајтов е петицијата со која на Буш и на Конгресот треба да им се посочи да не ја почнуваат војната што има потенцијал за милионски човечки жртви.

Меѓу иницијалните потписници на петицијата се и нобеловецот Харолд Пинтер (Harold Pinter), поранешниот американски министер за правда Хауард Зин (Howard Zinn), како и поранешната прва дама на Грција, Маргарита Папандреу.

Активностите што авторите на веб-сајтот им ги препорачуваат на сите добронамерни и мирољубиви луѓе се да ја потпишат петицијата, да го прошират гласот за целата кауза, а по можност и да донираат. Донациите одат во фонд за закупување огласен простор во најголемите американски весници - еден вид премостување на дигиталниот јаз од светот на Интернет кон светот на оние што не го користат за секојдневна комуникација.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ПХП+блогер
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: само за вестите
Гугл-ранг: 0/10
Јазик: англиски
Адреса: www.stopwaroniran.org

21 февруари 2006

Креативно размислување од Роџер вон Оек

[лекториран]

Роџер вон Оек е едукатор од областа на креативното размислување, најпознат по неговиот „Криејтив вак-пак“ (Creative Whack Pack), шпил карти на кои се изложени 64 стратегии, кој служи како алатка за изместување од навикнатите шеми на размислување и добивање свеж поглед на работите.

Веб-сајтот на Вон Оек е конципиран едноставно, но функционално. На насловната страница по случаен избор може да се добиваат советите од „вак-пакот“, кои обично се состојат од илустрација, кратка анегдота или парабола и советодавно објаснување на стратегијата.
Остатокот е посветен на семинарите и на книгите на авторот, неговата референтна листа на клиенти, како и на линкови што тој ги наоѓа за забавни.

Рубриката за семинари се состои од неколку страници посветени на разни прашања во врска со нив. Во овој случај авторот не ги искористил предностите на хипертекстуалноста, оти нема понудено содржина со линкови до сите прашања, туку само линкови од едно кон друго, така што посетителите мораат да ги поминат сите претходни за да дојдат до она што можеби најмногу ги интересира.

Во истиот дел, Вон Оек нагласува дека способностите за креативност се поправаат преку нивно користење, а не преку слушање предавања за нив.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: статички
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: www.creativethink.com

20 февруари 2006

Енгаџет – влијателен блог за тракатанци

[лекториран]

„Енгаџет“ пренесува вести за најразлични ѕрнѕурки и тракатанци – од мобилни телефони и компјутери, преку безжични технологии и телевизори со висока дефиниција, до роботи и апарати за видеоигри.

Она што прво упаѓа во очи на блогов е нивното инсистирање на користење на РСС-фидовите како препорачана метод за дистрибуирање на информациите - овозможуваат лесен начин за додавање на нивни фидови на сите позначајни платформи и лични страници обезбедени од големите платформи, како и фидови поделени по категории за попребирливите, а и фидови од другите блогови од нивната мрежа.

Од друга страна, блогов очигледно се финансира од огласи кои се достапни само на неговиот веб-сајт, па веројатно процениле дека фидовите сепак им носат огромен број посетители. Иако фидот може да ја пренесе основната информација, па дури и целиот текст, сепак веб-сајтот нуди дополнителни функционалности привлечни за читателите, како можноста за оставање коментари.

Влијателноста на блогов се гледа и од фактот дека е втор на листата на најпопуларни блогови на Технорати, веднаш по Боинг-боинг. Овој сервис популарноста не ја мери преку бројот на посети, туку преку бројот на линковите од други веб-сајтови кон даден блог.

Примерот на „Енгаџет“ може да биде исклучително поучен за припадниците на македонската блогосфера, и во однос на користењето фидови, и во однос на пријавувањето на „Технорати“, кој освен рангирање фактички обезбедува и промоција, преку пренесување на информациите и линковите за тоа кој кого како линкува.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: секојдневно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ПХП
Дизајн: блогерски
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 8/10
Јазик: англиски, кинески, јапонски, шпански
Адреса: www.engadget.com

18 февруари 2006

Уганда - дарувана од природата

[лекториран]

„Уганда - дарувана од природата“ е слоган на кампањата за креирање на „Брендот Уганда“, односно брендирање на земјата пред светот и издигање на нејзиниот углед, особено како место што вреди да се посети. Кампањата ја раководи непрофитен конзорциум составен од претставници на различни сектори од земјата.

Веб-сајтот е повеќе насочен кон организација на кампањата и разработка на стратегијата. Како основен приоритет се истакнува мобилизирање на Уганданците да развијат свест за потенцијалот на нивната земја, бидејќи „ефективната експанзија на маркетиншка моќ во крајна линија е определена со силно чувство за национален идентитет“.

На веб-сајтот може да се најдат и информации за земјата на „26 милиони пријателски расположени африканци“, како и линкови до нејзини веб-сајтови поврзани со туризмот, инвестициите и со патувањата.

Некои од активностите опфаќаат и рекламирање на земјата на ЦНН, и на телевизијата и на веб-сајтот, преку спонзорирање на програмата посветена на вести од Африка.

Најочигледни недостатоци на веб-сајтов се расипаните линкови до публикациите, хостирањето на форумот и фотогалериите на друг сервер со различен дизајн.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ПХП
Дизајн: комбиниран
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Јазик: англиски
Адреса: www.giftedbynature.org

17 февруари 2006

Веб-сајтот на општината Центар [најелитната во Македонија]

[лекториран]

Веб-сајтот на скопската општина Центар е типичен пример за тоа дека развојот на ИКТ-инфраструктурата не зависи само од цената (спонзориран е од МТ.нет), инфраструктурата (компјутери и поврзаност), туку и од волјата да се генерираат содржини (текст и услуги).

На веб-сајтот пишува дека е отворен на 4.10.2005 година. Оттогаш во него не е внесена ниедна вест, информација или друг вид податок. Рубриките „историјат на општината“, „инфраструктура“, „население“, „проекти“ зјаат празни. Нема дури ни основни податоци за контакт, како телефонски број или поштенска адреса. Во македонската верзија единствено на 26.10 е поставена анкетата на тема „Дали ви се допаѓа новиот веб-сајт?“.

За жал, впечатокот го дополнува тоа што дури и штуриот интерфејс на веб-сајтов изобилува со неконзистентни печатни грешки. Така, во македонската верзија терминот веб-сајт е напишан како „ВЕБ страница“, „веб страна“, „web сајт“ итн., додека во англиската верзија кај одделот за вести е ставен терминот „actualities“, кој можеби потсетува на нашето „актуелно“ или германското „actuel“ (вести), но на англиски значи нешто сосема друго (состојби на реалност, нешта што се реални или фактичко) и никогаш не се користи во овој контекст.

Од технички аспект, структурата на веб-сајтов изгледа доста солидно и му дава добра основа за да прерасне во вистинско средство за комуникација на локалната самоуправа и граѓаните, но само со посветено уредување и дополнување на содржините од страна на администрацијата на веројатно најбогатата општина во државава.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: никогаш
Брзина: брзо
Функционалност: слаба
Код: АСП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Јазик: македонски и англиски
Адреса: www.opstinacentar.gov.mk

16 февруари 2006

Белградско здружение за промоција и за продукција на стрипот

[лекториран]

Белградското здружение за промоција и за продукција на стрипот (УППС) е основано во 2005 година, а од неодамна го има публикувано и својот веб-сајт.

Целта на здружението е промовирање на стрипот како медиум, и од аспект на колекционерство и од аспект на поттикнување на развојот на нови изданија, односно возобновување на оваа културна вредност „на подрачјето на Србија и Црна Гора (а и пошироко)“.

Според УППС, наспроти тоа што стрипот на овие простори има традиција од околу 70 години, во последните неколку децении е незаслужено маргинализиран. На сајтот се пренесуваат вести за фестивали и за стрип-настани, објавувања нови книги на темата, како и колумни со прикази и теориски текстови.

Од особен интерес е и лексиконот на ликови и автори на стрипови со повеќе од 200 написи, како и линковите до сродни веб-сајтови.

Поставен е и форум што овозможува интеракција со посетителите. Инаку, во Хрватска веќе десетина години успешно функционира еден веб-сајт со слична концепција, но без невладината компонента.

Дизајнот и техничкото решение се стандардно добро изведени, а на намалувањето на оцената за функционалност, покрај недостигот од клучни зборови, пред се влијае бавното дополнување со видливи содржини.

Голем дел од оваа дејност веројатно отпаѓа во полнење на лексиконот во заднина, па би било добро на насловната страница да излегуваат известувања за новододадени елементи.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Јазик: српски
Адреса: www.upps.org.yu

15 февруари 2006

Официјалниот веб-сајт на Олимпиското движење

[лекториран]

Олимпиското движење е канализатор на исконската човечка потреба за себенадминување, која во форма на спортски натпревари има документирана традиција постара од трите денешни доминантни светски религии. Сродната потреба на надминување на другите олимпизмот ја поврзува со нејзино задоволување на ненасилен, мировен начин.
Официјалниот веб-сајт на движењето нуди информации за тековната олимпијада во Торино, но не се занемарени ниту историските податоци за изминатите олимпијади.

За секоја од спортските дисциплини може да се дознае кои се нејзините херои, од што се состои таа и кои се нејзините правила - преку текст и преку исклучително ефективни презентации („демонстрации“) во Флеш, каква опрема е потребна според олимписките стандарди, како и директно искуство преку мултимедијални содржини.

Во основа, доколку сте љубител/ка на гледање спорт, веб-сајтов може да Ви послужи да стекнете сосема солидна основа со која пред вашите пријатели со кои заедно ги следите преносите може сосема да ги засените забелешките од спортските коментатори.
Добриот впечаток за сајтов не го нарушува ни тоа што некои од линковите се отвораат во нов прозорец, бидејќи кога ќе се стигне до нив, посетителот веќе го има опфатено олимпискиот дух, кој претставува посебна „состојба на умот“ поврзана со необрнување внимание на тешкотии.

Рангот на Гугл на основната адреса на веб-сајтов е 8, но од неа се врши автоматско пренасочување кон насловната страница од англиската верзија, која има ранг 6.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: интензивно
Брзина: средна
Функционалност: одлична
Код: АСП/Флеш
Дизајн: комбиниран
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 8/10
Јазик: англиски и француски
Адреса: www.olympic.org

14 февруари 2006

Центар за графички дизајн и издаваштво

[лекториран]

Центарот за графички дизајн и издаваштво овозможува размена на информации, вести, рецензии и се друго во врска со овие области. Нуди пристап до ресурси во врска со графика, изглед, дизајн и типографија, како и методи за намалување на трошоците и малтретирањето.

Веб-сајтот е воспоставен во 1994 година како интернет-дом на месечниот електронски магазин наречен ДТиГ (Дизајн, типографија и графика), кој излегува од 1990 година. Првобитно, магазинот бил наменет за учесниците во работилниците што ги воделе авторите на веб-сајтот, но потоа станал достапен за широката јавност.

Во раните денови на Интернет, е-магазинот бил дистрибуиран во ПДФ-формат, но од пред неколку години е воведена само едиција базирана на чист текст, со што е постигнато далеку помало оптоварување и на врската и на машините на корисниците, поголема брзина на пренос, а отфрлена е потребата за инсталирање дополнителен софтвер како читачот на ПДФ. Сите написи од магазинот се достапни на веб-сајтот.

Особено внимание е укажано на работата со „Фотошоп“, и тоа не само преку написи туку и детални упатства за извршување конкретни задачи во посебна секција на веб-сајтот.
Особено интересен дел и за авторите и за попосветените читатели на „веб-сајт на денот“ е што Центарот за графички дизајн и издаваштво има и оддел за критики на веб-сајтови, во кој се вршат детални рецензии, првенствено од визуелен аспект. Читателите имаат можност да ги предложат своите веб-сајтови за рецензирање, а исто така и да напишат критики.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: месечно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ХТМЛ
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: www.graphic-design.com

13 февруари 2006

Пукнати балони

[лекториран]

Дали Саманта Фокс навистина станала лезбејка? Дали на Меколи Калкин воопшто му нуделе улоги по „Сам дома“? Што се случи со Рик Ештли?

Веб-сајтот за пукнати балони раскажува што станало со поранешни познати личности што не се повеќе во центарот на вниманието на јавноста.

Бившите познати личности се претставени со кратка биографија, поделена на периодот кога биле познати и периодот потоа, дополнети со списоци на работи по кои луѓето ги паметат, „интересни“ факти и линкови. Овие информации се дополнети со огласи до книги, филмови или албуми поврзани со личноста, достапни на Амазон.ком, со кои се дополнува буџетот.

Написите се поделени во три „ери“: седумдесеттите (и пред нив), осумдесеттите, деведесеттите (и по нив), како и по категории (музика, ТВ, филм, спорт...). Квизовите и форумот го дополнуваат интерактивното искуство од посетата.

Дизајнерите на веб-сајтов имаат направено дилетантска грешка со тоа што при изработката не провериле како изгледа во повеќе од еден разгледувач. Затоа, кога ќе се отвори во Фајерфокс, горната лента што ги содржи логото и насловот е преголема, а сликичките се една под друга, наместо една до друга.

Би било интересно безидејните сопственици на забавни веб-сајтови, наместо безмилосно да се обидуваат преку копирање на Он.нет да станат поголем Трендо од Трендота, да развијат локализирана верзија на „пукнати балони“. Таа би можела да се однесува на бившите југословенски простори, со што би покрила огромна потенцијална публика со докажан сеирџиски менталитет, а со тоа и можности за заработка од реклами.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: англиски
Адреса: www.thebubbleburst.co.uk

11 февруари 2006

Водич за спиење по аеродроми

[лекториран]

Водичот за спиење по аеродроми е наменет за патници што немаат можност да потрошат премногу пари. Основан е од Канаѓанката Дона Мек Шери, која има многу подвизи од областа на штедењето при патување, но е дополнуван со прилози од многубројни патници од целиот свет, кои ги пренесуваат искуствата за аеродромите низ кои поминале.

Рецензиите лесно се пронаоѓаат преку разгледување (континент-земја-аеродром), но штета е што нема и директно пребарување. Секоја рецензија е одбележана со кодови што укажуваат дали е неповолна (мртовечка глава) или поволна (смајли), или пак се работи за искуство што лежи помеѓу тие две крајности. Освен тоа, има и иконче за тоа дали Дона мисли дека во текстот има нешто исклучително интересно, страшно или смешно.

Читателите може да гласаат за секој аеродром, па се има увид и во просечната оценка што ја добива врз основа на удобност, безбедност, можност да се спие на него.

Од македонските има само една, неповолна рецензија на скопскиот аеродром, напишана од извесна Кристал, која гласи: „Иако се обидував, не успеав да заспијам на овој аеродром. Има само еден неклиматизиран терминал. Столчиња има само во барот. Клозетите се состојат од дупка во подот со места за ставање на вашите стапала од обете страни“. Досега за овој аеродром имаат гласано 16 патници, а просечната оценка е 2,7 од 5.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: АСП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: делумно
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: www.sleepinginairports.net

10 февруари 2006

Дру Веинг - карикатурист и илустратор

[лекториран]

Дру Веинг е карикатурист и илустратор, кој живее во Савана, Џорџија, САД, со својата девојка Еленор и нивните две мачки Момо и Детроит. Постојат две причини да се посети веб-сајтот на Веинг: одличното вклопување рачно нацртани графички елементи во дизајнот на страниците и интересните содржини. Содржините опфаќаат стрипови, илустрации, дневник, линкови и продавничка.

Квалитетот на цртежот е одличен, а стрипчињата доаѓаат и во куса форма од неколку ремени и како подолги нарации со поразвиена приказна. Илустрациите се исто така убави, а претставени се во форма на класични галерии, преку слики во помала и во поголема варијанта. При тоа е следено правилото на употребливост: малите сликички да не бидат само намалена верзија на поголемите, туку и да бидат фокусирани на некој поважен детаљ, со што се свртува вниманието и се зголемува квалитетот на информирањето.

Дневникот е, секако, блог со бројач на посети, и тоа достапен во две верзии: формат на „Блогер“, но со користење на опцијата за хостирање на веб-сајтот на Веинг, како и формат на „Лајв џрнал“, хостиран на надворешен веб-сајт. Предноста на локалното хостирање е во поголемата контрола врз приказот на содржините - ако серверот на „Блогер“ падне, тие повторно ќе бидат достапни.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ПХП, блогер
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: делумно
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: www.drewweing.com

09 февруари 2006

Вебометрикс - рангирање на светските универзитети

[лекториран]

„Вебометриката“ е дефинирана како квантитативна студија на феномени поврзани со вебот, при што методите за библиометриска анализа на цитирање во научни списанија се применуваат на податоците достапни од комерцијални машини за пребарување.

„Вебометрикс“ е веб-сајт којшто секој јануари и јуни објавува рангирање на универзитети и научноистражувачки центри од целиот свет, според индикатори што се однесуваат на институционалните веб-домени. Целта не е само да се понуди преглед на научните и на техничките знаења што се објавени на вебот, туку и да послужи како алатка за процена на истражувачката и научна комуникација.

При рангирањето се зема предвид широк опсег на научни активности, кои се претставени на академските веб-сајтови. Со други зборови, тоа што не е објавено на Интернет, како и да не постои за овој дел од научната заедница. Проектот е дело на Центарот за научни информации и документација во рамките на Шпанскиот национален истражувачки совет, најголемото државно истражувачко тело во таа земја.

Моментно во базата на проектот има околу 10.000 универзитети, меѓу кои и пет од Македонија (Европски, Штулов, Св. Кирил и Методиј, Св. Климент Охридски и Тетовскиот државен).

Јавно е достапна листата со 3.000 универзитети со највисок ранг, подредени според вебометричкиот резултат. Најголем недостиг на веб-сајтов е што оваа листа не може да се пребарува по клучни зборови. Со проверка страница по страница, можевме да утврдиме дека од сите наши универзитети, само „Св. Кирил и Методиј“ е рангиран - на 2.162 место.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: полугодишно
Брзина: брзо
Функционалност: средна
Код: АСП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: има
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: англиски и шпански
Адреса: www.webometrics.info

08 февруари 2006

Ковачница (на пари)

[лекториран]

Името на веб-сајтов буквално значи ковачница, односно место каде што се произведуваат пари, а слоганот е шегобијна алузија на популарниот американски израз „правење пари“ - односно, заработување.

Декларираната цел е образовна: „финансиско описменување“ на децата, односно помош на родителите и на едукаторите при подучувањето на децата за разумно раководење со парите и изградба на добри навики во домаќинството.

Основач на веб-сајтот е добротворната гранка на осигурителната компанија „Нортвестерн мјучуал“, па тој истовремено има и промотивна (рекламна) улога. Нивните анализи на штедењето и задолжувањето во САД укажале на потреба од помош за семејствата во оваа сфера.

Веб-сајтот е организиран одлично, а тоа се гледа и во прегледната и интуитивна навигациска шема: главните рубрики се поставени хоризонтално во горниот дел, а кога се влегува во некоја од нив, интерните линкови до посебни написи се поставени од левата страна.

Материјалот е поделен според целни групи (деца, родители, наставници) и тематски: заработување, штедење, трошење, следење на трошењето, инвестирање, позајмување. Оддели што се однесуваат на сите теми се онлајн-тестовите и речникот на поими.

Во долниот дел на страниците има резервирано и простор за совети и финти по случаен избор, кои овозможуваат дополнителна разновидност.

Дизајнот ги комбинира елементите карактеристични за детски и за корпорациски сајтови и оддава впечаток и на сериозност, но и на забавност.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: неопределиво
Брзина: средна
Функционалност: одлична
Код: ПХП/Флеш
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: themint.org

07 февруари 2006

Блогот на Доналд Трамп

[лекториран]

Освен што повеќе од 20 отсто од американските тинејџери блогираат, тоа го прават и повеќето писмени познати личности од развиениот свет. Доналд Трамп, забавниот милијардер познат по себепромовирањето, не е исклучок.

Трамп инаку има доживеано три венчавки (во 1977, 1993 и во 2005 година) и има закрепнато од банкрот што „го погодил“ во 1990 година.

Во 2005 година Трамп го основал универзитетот „Трамп“, компанија за деловна едукација што ги комбинира неговото знаење и искуство во наставна програма од светска класа развиена од водечки образовни и деловни експерти. Принципот на институцијата е учење низ работа, со користење методи за учење на далечина.

Трамп длабоко верува во образованието и многу од неговите медиумски потфати, како серијата „Изборот на Доналд Трамп“ (буквалниот превод на оригиналниот наслов „The Apprentice“ е „чиракот“) чија прва сезона моментално се прикажува на телевизијата Телма, а и неговите седум книги, имаат силна поучна компонента.

Блогот на Трамп е дел од веб-сајтот на универзитетот, а посветен им е на идеи и мислења од Доналд Трамп и неговиот круг на експерти. Освен коментари за неговите дела, животот на неговите колеги-познати личности, како и тековните состојби на серијата за која добива по 3 милиони долари по епизода, на блогот се покренуваат дискусии со читателите за деловни концепти и за предизвици од областа на менаџментот.

За љубителите на обложувачниците може да биде интересно тоа што Трамп на блогот понекогаш дава свои прогнози за тоа како ќе завршат извесни големи спортски натпревари.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: речиси секојдневно
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: АСП
Дизајн: блогерски
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 0/10
Јазик: англиски
Адреса: donaldtrump.trumpuniversity.com

06 февруари 2006

Босански блог за „фиќо“

[лекториран]

Овој блог му е посветен на едно носталгично превозно средство со тркала, повеликодушно наречено „автомобил“. На него може да се најдат разновидни информации за „фиќото“, од технички карактеристики до вести за неодамнешни подвизи направени со него, како и вицови со фиќовска тематика.

Особено се интересни податоците од историјата на „фиќото“, односно деривативите на моделот „фиат 600“, кој во Италија, Југославија, Аргентина, Австрија и Шпанија бил произведен во повеќе од 2,6 милиони примероци од 1960 наваму.

Моделот „застава 750“ возачите на Србија и Црна Гора го имаат прогласено за автомобил на векот и на милениумот.

Најголема маана на блогов, ваков каков што е конципиран, е што не е обновуван почесто. Доколку имате текстови, фотографии, или аудио- и видеозаписи поврзани со темата, испратете ги по е-пошта на основачот - можеби ќе го поттикнат да го заживее со поголемо темпо.

За сопствениците на другите возила на „Застава“ да не се почувствуваат запоставени, мора да се спомене дека постои и босански блог за „југо“.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: ретко
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ПХП
Дизајн: блогерски
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: затворен
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 3/10
Јазик: босански
Адреса: fico.blogger.ba

05 февруари 2006

Живиот Интернет

[лекториран]

Овој веб-сајт е бесплатен и исцрпен извор на референтни информации за Интернет, подготвен за да обезбеди жив контекст и поглед на најтехнолошкиот човеков изум, преку концизен и комплетен опис. На веб-сајтот има повеќе од 700 страници за Интернет и за неговите главни апликации, направени врз база на прилози на луѓе што помогнале во неговата изградба“,вели авторот д-р Бил Стјуарт.

Опфатените теми се: Интернет, вебот, е-поштата, јузнет, ИРЦ, МАД и листите. За секоја од нив има поглавја на тема: историја, дизајн, употреба, напредно, клучни особини, безбедност, помош и повеќе.

Покрај задржувањето на академскиот пристап во нотацијата и објективноста на „големата слика“, одделните поглавја изобилуваат и со практични совети што овозможуваат поефикасна употреба на сервисите. Тоа го прави веб-сајтов исклучително препорачлив за сите што се професионално заинтересирани за Интернет, во прв ред ИТ-експертите, веб-дизајнерите, комуниколозите, новинарите…, а и сите други професии за кои е важен протекот на информации.

Токму затоа веб-сајтов има добиено голем број пофални коментари од луѓе што се авторитети на светско ниво за оваа проблематика: од Тед Нелсон, изумителот на концептот на хајпертекст, преку најпознатите хакери Денис Ричи и Кен Томпсон (едниот е авторот на програмскиот јазик Ц, а другиот на оперативниот систем Јуникс), до Винтон Церф, еден од дизајнерите на протоколот ТЦП/ИП, кој го овозможува целиот пренос на податоци преку глобалните мрежи.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ХТМЛ, ЈС
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 7/10
Јазик: англиски
Адреса: www.livinginternet.com

03 февруари 2006

Американски Зоетроп - виртуелното студио на Френсис Форд Копола

[лекториран]

Во март 1998 година Френсис Форд Копола основал веб-сајт преку кој писателите можеле да испратат куси раскази за неговиот магазин „Зоетроп: ол стори“ (Zoetrope: All-Story). Набргу околу овој веб-сајт се развила една заедница од уметници. Станал толку популарен што набргу биле отворени и веб-сајтови за романи и сценарија.

Како резултат на тоа во 2000 година било отворено виртуелното студио, во кое горенаведените веб-сајтови биле интегрирани како оддели, а биле вклучени и други креативни области поврзани со филмот. Членовите имаат можност за учество во работилници, како и за користење на алатки за е-колаборација, па овој веб-сајт би бил исклучително препорачлив за уметниците од Македонија.

Зачленувањето е бесплатно, а овозможува учество и во конкурсите за оригинално сценарио, раскази и други дела кои се одвиваат во текот на целата година.
Јавниот дел на веб-сајтот изобилува со линкови посветени на активностите на Копола, од нови филмови кои ги продуцира, преку видео постпродукција, до магазинот и другите издавачки дејности, како нови ДВД-ја од старите филмови.

Поставувањето на текстот на страниците на веб-сајтов е грижливо компонирано, со цел да се намали потреба од скролување. Еден од принципите на употребливост е дека на сурферите им е полесно да кликнат отколку да скролуваат, па текстот е пишуван концизно или поделен на делчиња, со цел секоја страница да зафаќа приближно еден екран.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ЦГИ
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: делумно
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: www.zoetrope.com

01 февруари 2006

Македонски шаховски веб-сајт

[лекториран]

Целта на првиот шаховски веб-сајт во Македонија е ревитализација и популаризација на овој спорт. Покрај основните очекувани информации и вести (им недостигаат датуми), исклучително пофално е што овој веб-сајт нуди и дополнителни услуги за редовните посетители и за ентузијастите: отворање бесплатна адреса за е-пошта, изработка на веб-страници и хостирање цели веб-сајтови за одделни шаховски клубови на нивниот домен.

Дополнителните содржини опфаќаат линкови до рејтинг-листи и колумни, реализирани во ХТМЛ-формат со букмарци, за кои од аспект на оптимизација за машини за пребарување би било добро да се на принципот - секој напис на посебна страница.

Особено интересен дел е апликацијата за претставување одиграни партии преку анимации реализирани во Јаваскрипт. Тие се одлично средство за учење, а даваат и увид во развојот на шахот на светско ниво. Единствен недостаток им е што се отвораат во нов прозорец, но тоа е можеби неопходно за поставување на почетните параметри на апликацијата.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: неопределиво
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ХТМЛ/ЈС
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 2/10
Јазик: македонски и англиски
Адреса: www.chess.com.mk