22 мај 2007

Кажи Македонија

[лекториран]

Блогот „Кажи Македонија” е наменет за пренесување информации за спорот со името и лобирање за престанување на дискриминацијата против жителите на Република Македонија.

Блогот содржи низа написи со пренесување ставови на жителите на Македонија и преку авторски текстови и преку преведување делови на текстови од македонските медиуми и поврзување на текстовите преку линкови.

Дел текстови објаснуваат некои од за нас секојдневните поими што за луѓе од странство се чудни или нови. Ако се земе предвид дека за целиот проблем всушност и не се зборува многу во странство, особено во ЕУ, подигањето на јавната свест кај граѓаните е од огромно значење.

Другите постови се копии од пораки што авторот ги има испраќано преку е-пошта до институции и организации кои практикуваат фиромизација, давајќи конкретен пример за уште еден вид употреба на Интернет како средство за активизам.


Дополнување: ретко
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ХТМЛ (блогер)
Дизајн: блогерски
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: има
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 3/10
Јазик: англиски
Адреса: say-macedonia.blogspot.com

19 мај 2007

Поуки за мрзеливи газди

[лекториран]

Блогот „Мрзелив газда” е наменет за претприемачите кои сакаат да основаат самоодржлив бизнис, односно фирма која е толку успешна што сама „си брка работа.”

Џим Фишер, авторот на блогот, вели: „Може да ви изгледа иронично, но најдобриот начин да постигнете стил на живот во којшто нема да има потреба да работите е да си го поставите тоа како цел и потоа да работите многу напорно додека не го постигнете. Но ако сакате постојано да работите, долгорочно гледано, вашиот бизнис ќе биде помалку успешен.”

Фишер ги пренесува своите искуства, оти тој е токму таков вид претприемач кој преку блогот врши „директен пренос” додека го води својот бизнис за веб-дизајн. Особено полезни се научените лекции за тоа што не треба да се прави, преку примери.

Некои од препораките се поминување повеќе време во развивањето на деловните процеси и маркетингот, наместо на развој на производот, како и делегирање на што е можно повеќе од амалските работи на соработници, било внатрешни било надворешни. Обидите да се заштедат пари преку трошење на сопственото време често имаат спротивен ефект, оти вршењето прозаични, едноставни задачи оневозможува стратегиско планирање и ширење на перспективите.


Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ХТМЛ (блогер)
Дизајн: блогерски
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 3/10
Јазик: англиски
Адреса: www.lazyowner.com

17 мај 2007

Постмодерно стрижење

[лекториран]

Главните јунаци на веб-стрипот „Постмодерно стрижење” се карикатурата на лингвистот/филозофот/активист Ноам Чомски и неговото куче Предикат. Кучето е антропоморфно и се обидува да ги искористи или реши проблемите на неговиот пријател, чии бескомпромисен идеализам и инсистирање на задржување на академското ниво го доведуваат во неволји со соседите и медиумите.

Авторот Џефри Вестон ја следи епската борба на Чомски против завојувачкиот капитализам, кој сепак профитира од него со изработка на кукличка со ликот на Чомски, која исправа граматички грешки, издавање на продолжение на документарецот „Производство на согласност” за да продава брендирани производи на растечкиот пазар на студенти-бунтовници, при што го претвора филмот во игран со Брус Вилис во главната улога.

Дизајнот на сајтот е едноставен и фокусиран на претставување на стрипот. Неоптоварен е со никакви дополнителни елементи, дури и без огласи. Иако голем дел од финтите би биле посмешни на оние што го познаваат делото на Чомски, хуморот е универзален, со финтите како играта „антимонопол” или обидите на кучето што подобро да се продаде.


Дополнување: баталено
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ПХП
Дизајн: стриповски
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 4/10
Јазици: англиски
Адреса: www.postmodernhaircut.com

16 мај 2007

Француски сајт за борба против спамот

[лекториран]

Доколку ви е здосадено да ги добивате оние непобарани рекламни пораки познати како спам, дополнително може да ве исфрустрира и податокот дека на ниво на ЕУ се нелегални. Граѓаните ги штити законот и може да ги тужат спамерите, па во Франција е поставена и платформа за да им се овозможи полесно да ги известат одговорните власти.

Проектот е пример за јавно приватно партнерство и во него учествуваат државни институции, стопански комори и индивидуални фирми, меѓу кои и „Мајкрософт“. Преку веб-сајтот се нудат информации за спамот, начините за заштита од него преку познати апликации, и од областа на слободниот софтвер (како Thunderbird) и од областа на неслободниот софтвер (Outlook). Препораките се поделени по целни групи: корисници, маркетинг-агенти, сервиси за услуги преку Интернет, издавачи на софтвер, интернет-провајдери...

Нареден степен на развој на оваа е-владина услуга ќе биде можноста за директно препраќање на спам-пораките, по што системот ќе врши процедура за идентификување и казнување на починителите.

Македонија не мора да чека да го фати последниот воз за ЕУ за да го усогласи своето законодавство и да ги заштити своите граѓани од ваквите неетички реклами.


Дополнување: неопределиво
Брзина: брзо
Функционалност: средна
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазици: француски, англиски, шпански (делумно)
Адреса: signal-spam.fr

14 мај 2007

Мак PC world

[лекториран]

Веб-сајтот Мак PC world е наменет за развој на информатичката култура во Македонија преку презентирање разновидни информации од оваа област, од вести за тековни настани до одбележување на историскиот развој. Основан од група студенти по информатика, тој својата цел ја врши преку нудење два вида содржини: написи подготвени од редакцијата и текстови и информации од читателите преку форумот.

Особено интересна и полезна е категоријата „училиште“, преку која во кратки написи се претставуваат основни поими и совети за поефикасно користење на широкораспространети софтверски алатки, како и развој на веб-сајтови. Со оглед на хроничниот недостиг од содржини на локални јазици, кои се релевантни за читателите од Македонија, ваквите полезни упатства претставуваат добредојден прилог и своевидно освежување.

Содржините на сајтов се лиценцирани под Криејтив комонс и може да се користат (преземаат) за некомерцијални цели, под услов да се наведе изворот и во неизменета форма.


Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: има
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 0/10 (тазе сајт)
Јазици: македонски
Адреса: makpcworld.com

08 мај 2007

Македонски ИТ-форум

[лекториран]

Македонскиот ИТ-форум е класичен форумски веб-сајт наменет за пренесување информации и дебатирање на теми поврзани со информатичките технологии, како и пренесување вести и препораки за посети.

Замислен доста амбициозно, форумот е поделен на секции во рамките на кои се водат поспецијализирани дискусии по области и конкретни теми. Секциите опфаќаат технички области како хардвер, мрежи, оперативни системи, програмирање, сигурност, мултимедија..., но има простор и за компјутерските игри и теми насочени кон користењето и последиците на ИТ кај луѓето чија примарна стручност е во други области.

Пред појавата на блоговите, форумите беа една од главните методи за граѓанско учество на Интернет. Нивниот успех во денешни услови зависи од степенот на инклузивност и слободоумност во дискусиите, транспарентното и конзистентно спроведување на правилата за дискусии и овозможувањето што почесто вметнување линкови, кои ќе привлекуваат посетители од машини за пребарување.


Дополнување: секојдневно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 2/10
Јазици: македонски
Адреса: it.com.mk

07 мај 2007

Блогот Вермилион

[лекториран]

Блогот „Вермилион“ го води истоимената издавачка куќа од Скопје, која на македонскиот пазар се наметнува преку квалитет и проактивен пристап во користењето на новите медиуми.

Додека другите македонски издавачи претежно се насочуваат кон изградба на е-продавници и е-каталози на нивните веб-сајтови, притоа занемарувајќи ги придобивките од транспарентноста и односите со јавноста што доаѓаат од објавување вести за нивната дејност, „Вермилион“ постапува токму обратно, ажурирајќи го блогот токму со вести и информации поврзани со тековни настани и актуелни изданија.

А најактуелно кај нив е објавувањето на книгата „Петар Пан во црвено“ на македонски јазик. На времето, Џејмс Метју Бери (1860-1937) и го доделил приходот од авторските права од Петар Пан на детската болница „Грејт Ормонд Стрит“. На седумдесетгодишнината од неговата смрт, кога авторските права истекуваат, спроведен е конкурс за официјално продолжение на кој победила Џералдин Макоркран. Во духот на зачетникот на сагата, по 10 проценти од секоја купена македонска верзија се наменети на ЈЗУ Институт за белодробни заболувања кај децата - Козле, Скопје.


Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ХТМЛ (блогер)
Дизајн: блогерски
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: има
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 0/10 (тазе сајт)
Јазици: македонски
Адреса: www.vermilion-books.info