28 јуни 2007

Конгрегејт - заедница за игри во Флеш

[лекториран]

„Конгрегејт“ (Собирање) е заедница наменета за креаторите и играчите на игри во Флеш. Авторите на игри имаат можност да ги качат своите дела на сајтот и потоа да добијат дел од парите што сајтот ги собира преку објавување реклами.

Играчите, пак, може да заработуваат поени со кои подоцна би учествувале во наградни игри и слично, а и просто да се дружат со другите играчи.

Дизајнот на делот за игри овозможува муабетење додека се игра некоја игра со паралелно отворање прозорче со канал за „чат“. Така, двајца или повеќе пријатели може да играат иста игра, која првобитно не е наменета за повеќе играчи, но со ова добива на интерактивност.

Веб-сајтов нуди шема за оценување на игрите од страна на корисниците, преку која оние што се оригинални или добро изработени имаат можност за промоција преку топ-листите.


Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ПХП/Флеш
Дизајн: комбиниран
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: англиски
Адреса: kongregate.com

26 јуни 2007

Документарниот фотограф Иван Блажев

[лекториран]

Целта на веб-сајтот на документарниот фотограф Иван Блажев е промовирање на неговото дело преку портфолио на Интернет. Меѓу другото, преку фотогалерии, од кои „Македонија сонува“ е особено интересна за промоција на земјата во светот.

Употребливоста на сајтов ќе се издигне ако, наместо флеш, за фотогалериите се користи обичен ХТМЛ, бидејќи со тековното решение, кое изгледа многу убаво, за жал, не е овозможено директно линкување до самите фотографии.

Од аспект на промоција, би било добро доколку барем дел содржини се лиценцираат под Криејтив комонс, со што би се овозможило нивно споделување со други сајтови, кои би возвратиле со линкови до изворот. На тој начин би се издигнал и рангот на Гугл.

Многу пофално за сајтов е што е целосно според спецификациите на Конзорциумот за вебот и ја поминува нивната валидација без грешка.


Дополнување: неопределиво
Брзина: брзо
Функционалност: многу добра
Код: ХТМЛ, ЈС и Флеш
Дизајн: комбиниран
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: нема
Јазик: англиски
Адреса: www.ivanblazhev.com

20 јуни 2007

Бладспел

[лекториран]

„Бладспел“ (магија на крвта) е целовечерен филм направен со технологијата машинима - снимен со користење на компјутерската игра „Невервинтер најтс“. На веб-сајтот е достапен во форма на серија од 14 кратки епизоди.

Овој филм од жанрот епска фантастика е веројатно најголемиот проект од овој вид досега. Авторите велат дека користењето машинима им овозможува поголема креативна слобода и во однос на обемот на дејствата, но и во поглед на експериментирањето со идеи, стилови и ставови, кое е невозможно во филмовите оптоварени со холивудски „политики, пари и продуценти“.

Епизодите на филмот може да се гледаат директно во разгледувачот или да се симнат. Втората варијанта овозможува и симнување превод на неколку европски јазици.

Филмот е објавен под лиценцата на Криејтив комонс, која дозволува споделување, креирање адаптирани дела и ремиксување за некомерцијални цели, под услов да се наведе оригиналниот извор и да бидат објавени под исти услови.


Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ХТМЛ/Флеш
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 7/10
Јазик: англиски
Адреса: www.bloodspell.com