21 август 2007

Правата на аеро-патниците во ЕУ

Целта на порталот за аеротранспорт на Европската комисија е известување на патниците кои го користат овој вид сообраќај за нивните права.

Известувањето се врши преку поставување документи за симнување, меѓу кои официјални известувања на Комисијата, летоци, постери, директиви и закони, како и мултимедијални содржини поврзани со темата.

Иако структурата на сајтот е само на англиски и француски, документите поставени на него се поголем дел од скоро триесетте официјални јазици на ЕУ. При тоа најчесто користен формат е ПДФ, за кој не е применета добрата пракса до секој линк да се назначи и големината на датотеката.

Причината за објавување на порталов е ставот дека иако либерализацијата на пазарот донела поширок избор и пониски цени, не смее да се занемарат мерките со кои се штитат индивидуалните интереси на патниците и се обезбедува нивната целосна полза од заедничкиот пазар.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: средна
Код: ХТМЛ
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски и француски
Адреса: apr.europa.eu
Датум на пишување: 21.08.2007.

Меѓународна мрежа за слободен софтвер

Меѓународната мрежа за слободен софтвер, за кој се користи синонимот „софтвер со отворен код“ е центар кој собира најдобри практики и шири знаења. Основана од УНДП, нејзините активности се обликувани околу апликации од областа на слободниот софтвер, со цел да се поттикнува јавното застапување и вмрежување на таа тема во регионот Азија-Пацифик.

Членовите на мрежата се залагаат за слободниот софтвер како извор на решенија за земјите во развој кои овозможуваат можности за примена на ефтин софтвер со кои би го надминале дигиталниот јаз. Причините заради кои го промовираат се: универзален пристап до софтверот без ограничувања, помала зависност од увозни технологии, слобода да се споделува, соработува, адаптира, развој на локални капацитети и отворени стандарди кои обезбедуваат независност од определени производители.

Покрај вестите од областа на слободниот софтвер, веб-сајтот на Мрежата е еден од референтните ресурсни центри на светско ниво, од кој може да се симнат упатства, анализи, учебници и други публикации во електронски формат. Содржините се лиценцирани под Криејтив комонс и се слободни за употреба за било која намена, под услов да се наведе од каде се преземени.

ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 4/10
Јазик: англиски и др.
Адреса: www.iosn.net
Датум на пишување: 21.08.2007.

Бугарска асоцијација за алтернативен туризам

Sпоред Бугарската асоцијација за алтернативен туризам, тој се состои од лично и автентично доживување на локалната околина, луѓето и заедниците. Опфаќа туризам во природа (еко, планинарење, јавање, сплаварење, возење велосипеди, спелеологија) и културен туризам (рурален, културно наследство, етнички елементи, гастрономија, музика и занаети).

Веб-сајтот ги претставува структурата и активностите на организацијата, истовремено презентирајќи ги убавините на нејзината земја со цел да се поттикне приливот на туристи.
Иако содржините се богати, тие не се пренатрупани, оти една од целите е пренасочување на гостите кон сајтовите на членовите, ако се работи за потенцијални туристи, или да им се презентираат можностите за деловна соработка на инвеститорите и други потенцијални соработници.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 4/10
Јазик: англиски и бугарски
Адреса: baatbg.org
Датум на пишување: 21.08.2007.

06 август 2007

Небескиот капетан

Официјалниот веб-сајт на научнофантастичниот филм „Небескиот капетан и светот на утрешнината“ нуди содржини вообичаени за овој жанр на сајтови: информации за филмот, актерите, фотографии, клипчиња, позадини за десктопот и сл.

Иако симнувањето на апликации од интернет не е препорачливо, сајтот нуди и барем две такви: клиент за добивање пораки во врска со заедницата на фанови, како и компјутерска игра.

Посебноста на ова остварување извира од природата на основното дело - филмот. Направен е како резултат на лична визија на режисерот Кери Конран, кој прво сам си снимил демо-трејлер на својот компјутер, а потоа го ја „продал“ идејата на Холивуд.

Долгата верзија на филмот нуди исклучително привлечна естетика која се базира на перцепциите од триесеттите за иднината, како и на денешните перцепции за триесеттите. При тоа, одлично е пренесена атмосферата на култните дела од тоа време, особено оние кои се занимаваат со космонаути (Бак Роџерс, Флаш Гордон) и авијатичари (Стив Кенјон, Џони Хазард). Техничката изведба на комбинирањето на живи глумци со компјутерска анимација го става филмов рамо до рамо со стриповско-филмската легенда „Син сити“.

Дополнување: неопределиво
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: Флеш
Дизајн: флешерски
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: англиски
Adresa: www.skycaptain.com
Датум на пишување: 06.08.2007

04 август 2007

Виртуелен музеј на отворачи за тапи

Виртуелниот музеј на отворачи за тапи нуди преглед на историјата и разнообразноста на оваа важна алатка.

Содржините поврзани со отворачите за тапи се навистина богати и овозможуваат интересно минување на времето додека се разгледуваат. Од отворачи што припаѓале на познати личности, како Ал Капоне, до модели на отворачи во форма на најразлични други предмети како мечеви, пиштоли, склуптурчиња во вид на птици и други ликови. Особено важен дел за историјата на културата се уметнички и други ликовни дела во кои се појавуваат отворачите од слики и постери, преку разгледници, до дизајни на креветски чаршафи.

Интерактивноста со посетителите се обезбедува и преку давање одговори на нивните прашања поврзани со отворачи на тапи, кои се објавуваат јавно, понуда за откуп на нивните антиквитети, како и преку адресарот на дилери и колекционери од оваа област.

ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: седмично
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ХТМЛ
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: англиски
Адреса: www.bullworks.net
Датум на пишување: 04.08.2007.