31 октомври 2007

Википедија на латински

Википедија на латински е прекрасен пример за користење на јазикот кој лежи во основата на денешната европска цивилизација, и се користел како средство за комуницирање меѓу клерот, а и научниците илјада години по пропаста на Римското царство, чии граѓани биле и дел од предците на денешните жители на Македонија.

За читање на текстовите не ви треба диплома од класични студии, голем дел од нив се изненадувачки разбирливи. Дополнително е интересно што на пример, личните именки се или оригиналните, како Скупи во написот за Скопје, или латинизирани, како имињата на луѓе од современието.

Жална вест и поттик за поголемо ангажирање „во нашиот двор“ е фактот дека википедијата на латински, кој се смета за мртов јазик без родени говорители, има поголем број написи (16.268) од онаа на македонски (12.728), со повеќе од 2 милиони живи говорители.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: медиавики
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: латински
Адреса: la.wikipedia.org
Датум на пишување: 31.10.2007

13 октомври 2007

Фидстер

„Фидстер“ е пребарувач за блогови основан 2003 година. Тој ги индексира и архивира индивидуалните постови врз база на РСС фидовите кои ги генерираат самите блогови.

„Фидстер“ се здобил со иницијална популарност поради брзото индексирање на новите информации, со тоа што овозможувал хронолошко сортирање на резултатите и со тоа што резултатите од пребарувањата може да ги објавува и во форма на РСС-фидови. Така на пример, може да се претплатите на фид со кој ќе ви стигнуваат сите линкови во кои се споменува вашето име.

Сите овие функционалности, освен последната, ги овозможува и најпознатиот македонски блог-агрегатор, „Најди!Блог“, но само за блоговите со домашно потекло.

Пребарувањето на „Фидстер“ е олеснето со употребата на селектори, односно филтрирање на податоците според типот на извор (сите, блогови, вести, поткасти).

ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: автоматско
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 8/10
Јазик: англиски
Адреса: www.feedster.com
Датум на пишување: 27.07.2006.

09 октомври 2007

Снипшот – фотошоп преку интернет

„Снипшот“ овозможува обработка на фотографии и е најнова алатка од палетата на апликации за канцелариско работење кои не мора да се инсталираат, туку се достапни преку интернет. Фотографиите може да се симнат директно од веб или да се качат од хард-дискот на корисникот.

Штом влезат во процедура, врз нив може да се применат операциите на промена на димензиите, сечење на делче (кроп) и ротирање. Едиторот е интуитивен и едноставен за користење, а обработката не влијае на оригиналот – сите резултати се снимаат под нови имиња и на хард-диск, но и директно на веб, на пример на Фликер.

Апликацијата работи и со прилично големи слики, со тежина до 10 мегабајти или димензии до 5000 х 5000 пиксели, а поддржува низа вообичаени и невообичаени формати, меѓу кои векторските ЕПС и СВГ, а може дури да увезува и први страници од ПДФ-документи.
„Снипшот“ го пробавме по препорака на познатиот велешки блогер Горан Андреев.

ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: автоматски
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ASPX
Дизајн: комбиниран
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10 (нов сајт)
Јазик: англиски
Адреса: snipshot.com
Датум на пишување: 14.08.2006.

08 октомври 2007

Сите империи

„Сите империи“ е заедница на интернет посветена на историјата на светот, основана 2001 година. Нејзини членови се професори по историја, историчари и ентузијасти кои сакаат да го промовираат знаењето од оваа област. Нејзиното „срце“ се форумите кои имаат разновидна публика и членство од целиот свет. Проектот исто така обезбедува веб-простор, контакти и истражувачки информации за низа академски проекти и содржи збирка на написи напишани од членовите на форумите.

„Сите империи“ е во приватна сопственост и не поддржува ниедна форма на комерцијализам. Одбива да постави платени огласи од други веб-сајтови, одбива да постави линкови до веб-сајтови кои бараат претплата, а не прифаќа финансиски прилози од своите членови. Сите активности како програмирање, администрација, одржување и контрола се во рацете на членовите-волонтери.

Приклучувањето на оваа заедница овозможува одлична прилика за историчарите и историчарите-аматери од Македонија да ги промовираат информациите од оваа област за кои малку се знае надвор од земјава.

ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: англиски
Адреса: www.allempires.com
Датум на пишување: 27.07.2006.

Клуб на железничарски моделари „Загреб“

Клубот на железничарски моделари „Загреб“ ги собира ентузијастите заинтересирани за моделарство и макетарство, промовирајќи ја дејноста преку основни информации.

Така, може да се дознае кои се основните поделби на моделарството, кои стандарди и размери се користат, кои се сериски производители на модели на железници, како и од каде може да се дознае повеќе за оваа област. Најинтересни се фотогалериите со изработени макети и фоторепортажите од активностите на клубот, преку учество на изложби и настани, меѓу кои и Денот на хрватската железница.

Занимливостите од историјата на железницата исто така вреди да се прочитаат, особено нејзината улога во пропагандните активности во времето на комунизмот.

Иако во интерфејсот преку линкови е најавена и англиска и германска верзија, на овие јазици се достапни само насловните страници, на кои има само неколку основни податоци, како адресата и дејноста на клубот.

ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: неопределиво
Брзина: брзо
Функционалност: мн. добра
Код: ХТМЛ
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 5/10
Јазици: хрватски
Адреса: www.kzmz.hr
Датум на пишување: 27.07.2006.

06 октомври 2007

Панорамио

Панорамио е веб-сајт за споделување фотографии кој се издвојува по тоа што за секоја од нив е забележана и локацијата на која е снимена. Ваквите фотографии потоа се поврзуваат со апликациите за географски мапи на Гугл.

Панорамио е дел од новиот свет на хиперлокални апликации, кои го комбинираат хипертекстот – јазикот на вебот – со информации за локациската положба, пред сè во форма на точни географски координати. Овој вид на претставување на информациите ќе зазема многу важно место во блиска иднина, особено поради напредокот во употребата на мобилни бежични уреди за поврзување на интернет.

Хиперлокалноста има огромна важност за промоцијата на Македонија, особено во туристички цели, но и за пошироко претставување на нејзината култура, цивилизација, па и секојдневен живот. Колку повеќе луѓе ги качуваат своите фотографии на него, толку повеќе луѓе од странство ќе имаат можност да дознаат за нив.

Сите качени фотографии поминуваат низ процес на модерирање и ако не задоволуваат соодветни критериуми не се појавуваат јавно.

Дополнување: постојано
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: комбиниран
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: www.panoramio.com
Датум на пишување: 08.09.2007.

Ожичен Њујорк

„Ожичен Њујорк“ е веб-сајт посветен на архитектонски проекти, како и вести поврзани со економијата, недвижнините и политиката на градот Њујорк и неговата поширока околина. Основан во 2001 година, сајтот се состои од неколку форуми, од кои најпопуларен е оној за облакодерите. Особено интересна содржина се неколкуте веб-камери кои го пренесуваат тековниот изглед на разни места во „Големото јаболко“.

Форумџиите од сајтов се ентузијасти кои често доста темелно и сеопфатно ја следат изведбата на архитектонски објекти во градот, како зградата на Њујорк тајмс или повторното градење на Светскиот трговски центар, пишувајќи редовни извештаи проследени со нивни фотографии од градилиштата.

На 1 април 2006 година студентот по урбанизам Бродерик Џон Херман, член на веб-сајтот, умрел поради повреди здобиени во судир со мерцедес додека бегал од банда деликвенти кои го нападнале и претепале со цел да го ограбат. Наспроти тоа што сведоците тврделе дека насилниците имале и расистички мотиви (индикација: повиците „Фати го белчо“), полицијата не ги обвинила за злосторство од омраза и сега се на судење во својство на малолетници. Смртта на Херман ги потресла другите членови на „Ожичен Њујорк“, кои преку веб-сајтот основале меморијален фонд и акција за разубавување на еден од парковите во спомен на пријателот и неговата љубов кон Њујорк.

ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: секојдневно
Брзина: брзо
Функционалност: мн. добра
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: www.wirednewyork.com
Датум на пишување: 27.07.2006.

Вива физика

„Вива физика“ има за цел да ја популаризира физиката и науката воопшто меѓу младите.
„Едно од најголемите човекови богатства е љубопитноста, тежнението за откривање на непознатото... И затоа ние во детството и младоста имаме многу прашања за светот околу нас и појавите од него. Секој од нас повторно го открива... И додека постои љубопитноста, копнежот за осознавање на новото, човекот е млад и жив, а неговиот поглед не е згаснат,“ вели д-р Владимир Ајдачиќ, еден од основачите на веб-сајтот.
Содржините се претежно во форма на написи кои се поделени на категории, меѓу кои многу интересни се „науката како бајка“ - со приказни за научните откритија што го промениле светов, а и збирката на мисли на познати научници.

Иако е солидно изработен, дизајнов на сајтот користи ригиден темплејт кој не се покажува најдобар при пристапување со спора врска, оти има интегрирано многу графички елементи кои го успоруваат вчитувањето. Прикажувањето на форумот во внатрешна рамка (и-фрејм) не е добро решение, оти го отежнува пристапот од машини за пребарување до тие содржини.

ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: средна
Функционалност: добра
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: српски
Адреса: viva-fizika.org
Датум на пишување: 27.07.2006.

03 октомври 2007

Епикур – за љубителите на готвење

Епикур (341-270 п.н.е.) бил еден од главните филозофи на хеленистичкиот период, чие учење ги комбинирало материјалистичката метафизика, емпиристичката епистемологија и хедонистичката етика.

Арно ама, сајтот „Епикјуриос“ (Епи-љубопитен) не се фокусира на историјата на филозофијата, туку на главната асоцијација што ја буди името на Епикур – уживањето во животот. Амбициозно замислен, поддржан маркетиншки и технички, тој нуди добар пример за организирање на обемно количество содржини на една тема: рецепти за храна и пиење. Покрај рецептите, на сајтот се поместени низа написи во врска со рафинираниот стил на живот, па може да послужи и како прирачник од оваа област.

Особено полезни се речниците на храна и вина, кои содржат илјадници поими од овие области од целиот свет. За жал, не и од Македонија, но тоа може да се свати позитивно – како прилика за оние кои имаат што да кажат на таа тема да пратат рецепти и информации што ќе го збогатат сајтот.

Од технички аспект, особено интересно е решението за поттикнување на посетителите да се претплатат на билтените преку електронска пошта, со преку директно предочување на можноста за избор на разни типови на содржини. Ова е во согласност со светските стандарди за заштита од спем (несакани пораки), а во директен контраст со практиката во Македонија на вакви билтени и мејлинг-листи да се ставаат адреси без претходна дозвола на сопственикот. На ниво на ЕУ, ваквата пракса се третира како криминален прекршок за којшто може да се заработат дебели казни.

Дополнување: скоро секојдневно
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 8/10
Јазик: англиски
Адреса: www.epicurious.com
Датум на пишување: 21.09.2005.

Ед Пискор, цртачот на најновиот стрип за Македонија

[лекторирано]

Ед Пискор е цртач на стрипови, кој го има илустрирано најновиот стрип напишан од Харви Пекар Пикар, на тема решавање на конфликтот во Македонија.

Стрипот е направен врз основа на забелешките и фотографиите направени од мировната активистка Хедер Робинсон, која пред некоја година ја посетила земјава за да дознае зошто ситуацијата во 2001-та не ескалира до тотална граѓанска војна. Нејзината теза била дека војната не е неизбежна и дека ако луѓето се потрудат таа може да се спречи, при што Македонија е еден од ретките примери во светот за тоа.

На веб-сајтот на Пискор може да се видат неколку страници од стрипот, кој е во формат „графичка новела“ (стрип-албум) од 150 страници. Покрај тоа, присутна е галерија во која се претставени низа други негови дела, како и можност за купување на оригиналните цртежи.


Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ХТМЛ
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 4/10
Јазик: англиски
Адреса: www.edpiskor.com
Објавено на: 6.7.2007.

Мајки и бебиња

„Мајки и бебиња“ е хрватски веб-сајт со информации за оплодувањето, бременоста, развојот на децата и родителите. Изобилува со навидум неутрални и објективни совети во врска со овие области, а инаку е основан од фирма која се занимава со продавање пригодни производи. Иако како маркетиншки потег не постигнува голем успех, што може да се види од тоа дека банерскиот простор што го нудат не е закупен, сигурно дека ја подига популарноста на матичната фирма.

Дизајнот на веб-сајтов е прилично добро изведен, а големите фотографии кои се појавуваат на страниците од рубриките го дополнуваат тој впечаток, оти создаваат визуелна поврзаност со публиката. Само едно нешто е пофотогенично од убава жена – убаво бебе.

Конкурентски веб-сајт на „Мајки и бебиња“ е „Бременост“ кој има поголема фрекфенција на надополнување и чиј дизајн е далеку погуст, исполнет со текстуални содржини претставени со мали букви. Тој делумно се темели на работа на форумот, следејќи го правилото дека најефективен начин на пополнување на содржини на еден веб-сајт е кога самите корисници го прават тоа, без потреба сопственикот да плаќа автори.

ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: АСП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: хрватски
Адреса: www.mameibebe.net
Датум на пишување: 27.07.2006.

01 октомври 2007

Нацртано

„Дрон“ е колаборативен блог е наменет „за сите кои го сакаат цртањето“, а го прават уметници за уметници, кои споделуваат линкови, особено до веб-сајтови на кои може да се видат галерии со индивидуални дела. Освен класични цртежи, содржините опфаќаат илустрации, карикатури, анимирани видео-клипови и други слични дела.

Приклучувањето на оваа топла и гостопримлива заедница може да им помогне на цртачите, графичките дизајнери и другите професионалци и аматери кои се занимаваат со сродни гранки да се промовираат во светот, но и да дојдат до нови директни контакти и ресурси за користење во нивната работа. Повеќето од соработниците се од Торонто, Канада, но ги има и од САД и од Австралија.

Овој веб-сајт е еден од педесетте најкул сајтови на светот, според изборот на магазинот „Тајм“. Интересно е дека во тој избор нема ниеден веб-сајт со концепција на „македонските забавни портали“.

ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: секојдневно
Брзина: средна
Функционалност: одлична
Код: ПХП (Ворд прес)
Дизајн: блогерски
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 7/10
Јазик: англиски
Адреса: www.drawn.ca
Датум на пишување: 14.08.2006.