27 мај 2008

„Клик“ - ново компјутерско списание, достапно и онлајн

На 15 мај, оваа година излезе првиот број од новото компјутерско списание во Македонија – „Клик“. Она што е интересно е дека уште веднаш достапна е и одлично функционира неговата онлајн варијанта. Секако, посетителите на сајтот имаат можност да прелистуваат низ содржините од списанието во ограничена форма.

Некои странски списанија на пример, практикуваат онлајн објавување на дел од текстовите кои излегле во печатеното издание, но на „Кликмег“ ја имате таа привилегија одредени содржини да ги прочитате и доживеете во целост.

За пофалба е начинот на кој е решено прелистувањето на страниците и гледањето на содржините. Дизајнираните страници во автентичен облик се поставени онлајн, а прелистувањето се одвива исто како тоа да се прави во живо. Дополнително, можностите за зголемување и намалување на сликата одлично функционираат (како се движите со глувчето, така ви се прикажува соодветниот дел од страницата во зголемена форма. Исто така, списанието може да се прегледува по дадениот редослед на страниците, или пак посетителот може сам да си ја избере саканата страница, односно пар страници од понудените. За првиот број од списанието беа испечатени 92 страници во боја, 30 од нив можете да ги погледнете и овде. Проверете онлајн дали „Клик“ ќе го задоволи вашиот критериум за добро компјутерско списание пред да појдете во трафика за да го набавите целосно во раце. Списанието има прифатлива цена.

Дополнување: еднаш до сега
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: модерен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Јазик: македонски
Адреса: clickmag.mk

26 мај 2008

Блог за здрав живот

Блогот за здрав живот“ е проект на 4 студентки на студиите по новинарство кој овој производ најпрво го создадоа во рамките на нивните редовни факултетски активности, но продолжија со динамика која ги надмина очекувањата поради што стана сеопфатен информатор за областа која ја третира.

Првиот пост на овој блог беше објавен пред околу 3 месеци, а веќе брои без малку 100 објавени поста. Ова доволно зборува за сериозноста со која имаат пристапено креаторите, но и за нивната иницијативност и креативност. Иако содржините во најголем број случаи се преземени од други онлајн медиуми, сепак изборот на истите и начинот на презентирање е она што го прави овој блог вреден за внимание. Заслугата за напишаното и понатаму останува на авторот, бидејќи секоја преземена содржина е придружена со линк до изворната страница.

Може да се забележи дека блогот го карактеризира изразито женски карактер бидејќи преовладуваат теми поврзани со намалување на телесната тежина, иако не помалку се застапени и конкретни совети за здравје, убавина, па дури и рецепти за подготовка на здрави и вкусни јадења.

Страничната лента пак ја карактеризираат повеќе статични и интерактивни елементи, како анкети, календари за трудници, линкови до други блогови и веб-сајтови и сл. Во овој дел може да се забележи и линк кој води до Криејтив комонс лиценцата со која овој блог е заштитен. Единствена забелешка која може да се даде за овој блог е дека во желба да се направи што повеќе, изгубена е визуелната прегледност и стил. Би било подобро доколку тој се растовари од непотребните елементи кои во моментов го загушуваат.

Дополнување: редовно
Брзина: брзо
Функционалност: солидна
Дизајн: женски
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: има
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 1/10
Јазик: македонски
Адреса: zdravzivotmk.blogspot.com

Блог за студентите по новинарство (генерација: 2007-2008)

Овогодинешните студенти од прва година на студиите по новинарство имаат функционален, практичен и модерен начин за меѓусебна комуникација и презентирање на информации поврзани со редовните активности од нивното студирање.

Блогот за новинарски студии“ го ажурира една од студентките, Елена Ристевска, која одговорно ги прибира сите информации кои се упатуваат до групата или пак лично до неа и потоа во вид на известувања ги презентира онлајн. Така, студентите можат да се информираат за задачите кои треба да ги исполнат во рамките на одредени предмети, роковите кои треба да ги запазат, распоредите на предавањата и вежбите, резултатите од разни тестирања и активности и сл.

Блогот изгледа токму така како што му прилега, со оглед на функцијата што ја има и неговите посетители. Тој дава прилика за поврзување на студентите од групата, благодарение на можноста за поставување прашања во вид на коментари, на кои останатите можат да ги даваат одговорите.

Страничната лента на блогот ја красат линкови до веб-сајтовите на нашите медиуми, архива на претходни постови, статистика за бројот на посети, линкови до блоговите на останатите студенти, како и галерија со фотографии од нив самите, овековечени на некоја од нивните заеднички средби.

Навистина, ова е блог кој им служи само на оние на кои им е наменет, но е одличен пример за сите генерации студенти од било кој факултет во нашата земја.

Дополнување: редовно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: студентски
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: има
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 1/10
Јазик: македонски
Адреса: novinarskistudii.blogspot.com

23 мај 2008

Заштита на децата на интернет

Безбедно на интернет“ е нов веб-сајт чија цел е да понуди сеопфатни информации на оваа тема, а наменет им е на 3 категории на луѓе: децата и тинејџерите, нивните родители, како и на наставниците во училиштата.

Интернетот е одлично место за собирање информации, дружење, забава и комуникација, но истовремено е и извор на опасности од кои најмногу можат да страдаат децата. Токму затоа во рамките на проектот „Заштита и безбедност на децата и нивните права на интернет“, помеѓу останатите публикации наменети за децата, се лансираше и овој веб-сајт кој децата ќе ги научи на добро однесување на интернет, ќе им даде насоки за негово безбедно користење, ќе им посочи вистински случки на злоупотреби на интернет, ќе им помогне да препознаваат веродостојни сајтови, а ќе им предложи и неколку корисни содржини на интернет.

Соодветни содржини се понудени за родителите кои благодарение на овој веб-сајт можат да се запознаат со проблематиката и да ги искористат понудените совети со кои можат да им помогнат на децата во создавањето на позитивни навики за користењето на интернетот. И наставниците како луѓе кои голем дел од времето го поминуваат со своите ученици се застапени соодветно на сајтот. Покрај конкретни содржини за читање, наставниците овде можат да најдат и готови ресурси кои можат да ги искористат во наставата.

Проектот во рамките на кој функционира овој веб-сајт е финансиран од Европската Унија, носител е фондацијата „Метаморфозис“, додека како партнер е вклучена Првата детска амбасада во светот – „Меѓаши“.

Дополнување: редовно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: пријателски
Навигација: средна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: има
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: нема
Јазик: македонски, албански
Адреса: www.crisp.org.mk
www.bezbednonainternet.org.mk
www.internetisigurt.org.mk

22 мај 2008

За мрзеливите читачи на онлајн содржини

Дали често налетувате на текстови кои се предолги за ваш вкус, но кои заради содржината, не сакате или не смеете да ги пропуштите? Дали читањето на јазик кој не ви е мајчин ви претставува проблем или пак едноставно ви бара повеќе време од вообичаено потребното кога читате на македонски? Дали би ви било поедноставно доколку некој ви го прочита она што вие сакате да го знаете? Доколку е тоа така, ставете ги слушалките на вашите уши и посетете го www.readthewords.com - веб-сајт кој овозможува говорна интерпретација на она што во изворна форма ќе го понудите како текст.

Readthewords овозможува читање на текстови напишани на англиски, француски и шпански јазик кои вие можете да ги поставите во вид на Word, PDF или HTML документ, или пак да ги посочите веб-адресите на сајтови чии содржини сакате да ви бидат гласно прочитани.

Откако ќе се регистрирате, користењето на услугата е бесплатно. Поставете го изворниот текст, изберете читач по желба и почнете внимателно да слушате. Доколку темпото на читање не ви одговара, прилагодете го. Ако пак, она што го подготвивте за читање не ви е потребно за во моментот, преземете го локално па подоцна слушајте го преку вашиот мп3 плеер или пак поставете го аудио материјалот како поткаст на вашиот веб-сајт или блог и дозволете им и на вашите посетители да уживаат во погодноста што ја овозможува овој сервис.

Дополнување: еднократно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: веб 2.0
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Јазик: англиски
Политика за приватност: нема
Адреса: www.readthewords.com

21 мај 2008

Информираност за здравјето на вашето тело

Некои од нас имаат потреба редовно да се информираат за работи поврзани со личното здравје, па и здравјето на најблиските. Други пак, сакаат да знаат каде би можеле да се информираат доколку имаат потреба од ваков тип на информации. Трети, никогаш не помислиле да читаат на интернет на оваа тема, но од друга страна, нема човек кој не е засегнат за сопственото здравје. За сите овие категории на луѓе, веројатно доволно поттикнување за информирање за сопственото здравје ќе биде српскиот веб-сајт: zdravlje.krstarica.com.

Ова е одличен веб сајт кој можете и треба да го посетите доколку сакате да започнете здрав живот. Нови информации излегуваат на дневна основа, а опфаќаат корисни и штетни типови јадења, состојки кои помагаат во лечење или спречување појава на некоја болест, здрави диети и сл. Сите содржини се соодветно категоризирани, така што прелистувањето претставува навистина задоволство. Помеѓу останатото, овде ќе најдете конкретни совети за нега на вашето лице и тело, совети за физичка активност како начин за смалување на телесната тежина, информации за сексот, стресот, депресијата, како да се борите со нив итн. Особено интересни се дополнителните содржини: Готвач на Крстарица - онлајн рецепти и калкулаторот на идеалната телесна тежина кој истата ја пресметува според неколку лични параметри кои вие треба да ги внесете.

Ова е многу корисен веб-сајт кој посебно ќе го ценат луѓето од постарата генерација кои повеќе се снаоѓаат со содржини напишани на некои од сродните јазици. „Здравје Крстарица“ ги презентира содржините на српски јазик, а може да се избере латиничен или кириличен преглед на истите.

Дополнување: секојдневно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: текстуален
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 4/10
Јазик: српски
Политика за приватност: има
Адреса: zdravlje.krstarica.com

19 мај 2008

Сексуалното здравје на жената

Секоја девојка и секоја жена мора постојано да води сметка за своето сексуално здравје. За да може жената во било кој период од својот живот да донесува исправни одлуки, неопходно е таа, пред се, да биде информирана. Во Македонија иницијативата за современа информирана и сексуално сигурна жена ја започна истражувачката, фармацевтска и биотехнолошка компанија Шеринг. Од иницијативата се роди www.femalelife.com.mk, а главната цел на овој веб портал е безбедност од несакана бременост.

„Фимејллајф“ е македонски сајт на кој секоја жена може да добие вакви информации кои се во согласност со периодот од животот во кој таа се наоѓа. И покрај тоа што тоа се најважните информации кои треба да допрат до жената, сепак она што најмногу го привлекува вниманието е интерактивниот дел. Тука се наоѓа тежинската карта со помош на која можете да дознаете дали вашата тежина е нормална, премала или прекумерна. Понатаму, следува историјатот на контролата за раѓање, додека за бремените жени, најкорисна и најинтересна ќе биде третата интерактивна содржина. Тоа е всушност онлајн калкулатор кој на жените кои се наоѓаат во фаза на бременост, им овозможува да си го пресметаат веројатниот термин на породување. Посетете ги и често поставуваните прашања групирани според периодот од животот на жената, каде многу е веројатно дека ќе добиете корисен одговор.

Дополнување: повремено
Брзина: средно
Функционалност: одлична
Дизајн: концизен
Навигација: средна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Јазик: македонски
Политика за приватност: нема
Адреса: www.femalelife.com.mk

Нов хитовски онлајн магазин

Хитмагазин“ е нов веб-сајт со крајно едноставен концепт и комерцијална идеја во позадина. Во суштина претставува извор на вести од светот на шоу-бизнисот, музиката и филмот, сите презентирани во вид на кратки најави, со можност за читање на целосните содржини. Тука веќе доаѓа до израз комерцијалната природа на овој веб-производ. Имено, секој посетител на овој сајт може слободно да ги чита кратките најави на вестите, но за да добие пристап до остатокот од содржините, потребно е да испрати СМС порака од својот мобилен телефон која ќе го чини 5 денари, но ќе му овозможи комплетен и неограничен пристап до сајтот во текот на наредните 24 часа.

Во моментот кога оваа услуга беше тестирана, телефонскиот број којшто е оставен на сајтот беше непостоечки, така што не можевме да видиме на колку содржина може да се наиде доколку некој се претплати за услуга. Изгледа дека „хитмагазин“ е нов веб-сајт кој сè уште е во фаза на развој, па веројатно тоа е причината поради која не понуди целосна функционалност. Исто така, на сајтот нема никакви информации за тоа кој стои зад понудените содржини или било каква друга информација, мени со дополнителни содржини и сл. Тоа дополнително го отежнува процесот на проценување на квалитетот на сајтот.

Дополнување: секојдневно
Брзина: средно
Функционалност: лоша
Дизајн: текстуален
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: нема
Јазик: македонски
Политика за приватност: нема
Адреса: hitmagazin.com.mk

Онлајн компјутер за секој

„500 милиони луѓе секојдневно пристапуваат на интернет од интернет клубови – jooce е нивниот нов дом“ вака гласи паролата на веб-сајтот кој го промени начинот на кој го перципираме вебот. Џус е, наједноставно кажано, ваш личен оперативен систем со кој се здобивате во моментот кога ќе станете негов регистриран корисник, при што пристапот до него е возможен од било кој компјутер поврзан на интернет во светот. Ова е многу згодно за интернет зависниците кои постојано наоѓаат интересни информации на веб, но не секогаш имаат практичен начин нив да ги зачуваат за во иднина.

Џус е вистинско олеснување за интернет корисниците, прелесен за користење, преубав за гледање. Накратко, преку Џус можете да ги користите неколкуте најпопуларни програми за чет комуникација, кои вообичаено би требало да ги имате инсталирано на компјутерот од кој сакате да им пристапите. Понатаму, можете да си организирате листи со омилени видеа кои директно од вашиот Џус десктоп можете да ги прегледувате, потоа да додавате аудио фајлови кои секогаш и секаде ќе ви бидат достапни за преслушување, да креирате папки во кои ќе си сместувате било какви фајлови организирани на начин кој е за вас соодветен итн. Интерфејсот на системот е достапен и на македонски јазик, благодарение на еден од неговите тројца основачи, Александар Стојаноски, кој е Македонец.

Дополнување: еднократно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: ултра модерн, веб 2.0
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: повеќејазичен
Политика за приватност: има
Адреса: www.jooce.com

15 мај 2008

Веб-собиралиште за информатичарите од Македонија

www.informaticari.net е веб-портал кој неделава доживува графичко освежување И прилагодување на содржините со цел негова поголема функционалност. Во рамките на порталот продолжува да функционира форумот за поддршка, кој пред се треба да им послужи на македонските информатичари и студенти по информатика во размена на искуства, знаења и информации, но кој може да го користат и сите негови останати посетители.

Покрај форумот, на порталот се објавуваат новости од светот на технологијата, занимливости, онлајн игри, се предлагаат добри веб-сајтови и се пишуваат интересни цитати. Целиот портал наликува на форум, што значи изгледа нетипично како за портал, но со оглед на неговата природа и намена, не може да се каже дека е конфузен. Напротив, се одликува со јасна навигација, скромна графика и текст за кој одговорност имаат самите членови. Во секој случај, на порталов му треба доработување, но е одлична иницијатива и се надеваме дека ќе им користи на информатичарите, но и на сите кои се занимаваат со информатика, воопшто.

Дополнување: постојано
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен
Навигација: средна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Политика за приватност: нема
Гугл-ранг: 0/10
Јазик: македонски
Адреса: www.informaticari.net

Копач на интересни статии

Како се развиваат содржините кои се достапни на веб, така се поголема станува потребата од нивно филтрирање, собирање и групирање со цел да им бидат сервирани на посетителите на начин и форма која е згодна за брзо и сеопфатно информирање.

Кртот“ не е прв и единствен веб-сајт од ваков тип. Во Македонија веќе има вакви сајтови кои на секој посетител му овозможуваат читање на селектирани содржини во вид на кратки информации, додека целосните содржини се поставени на некои други веб-локации до кои овие пренасочуваат преку линкови. Статиите ги поставуваат посетителите кои ќе го регистрираат своето членство на сајтот, додека нивната популарност се зголемува со зголемувањето на гласовите за секоја од нив поединечно. За да еден посетител го даде својот позитивен глас за одредена статија нема потреба да се регистрира, додека за да коментира и поставува статии, претходно е потребно да помине низ кратката процедура за регистрација.

Ваквите сајтови се одлична можност за дополнителна промоција на содржините кои се објавуваат на македонскиот веб воопшто, бидејќи нудат селектирани содржини, групирани според областа на која и припаѓаат, при што квалитетот на истите го одредуваат самите посетители.

Дополнување: постојано
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: веб 2.0
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: има
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: нема
Политика за приватност: нема
Јазик: македонски
Адреса: www.krt.com.mk

14 мај 2008

Авантурите на Дино

Авантурите на Дино е веб-сајт наменет за најмалите деца на предучилишна и училишна возраст. Отворен е за посетителите, што значи дека пристап до неговите содржини може да има секој. Содржините на овој скорашен производ се од едукативен и забавен карактер и се наменети за користење како дополнителна алатка во образовноиот процес. Тие се поделени на неколку дела. Првиот дел го сочинуваат содржини преку кои децата можат да се запознаат со околината во која што живеат: со животниот и морскиот свет, со елементарните правила и учесниците во сообраќајот, со основните елементи на домаќинството и семејството, со промената на природните времиња, дневните и сончеви циклуси.

Вториот дел им овозможува на децата, на забавен и интерактивен начин да ги учат бројките и буквите, додека последниот дел е креативен во кој децата можат се занимаваат со боење и музика.

На сајтот има посебен дел наменет за родителите кој објаснува што всушност претставува овој веб-сајт, какви игри со него се опфатени и методите кои се применуваат за да се постигне саканиот резултат. Овој веб-сајт им овозможува на децата учење низ процес на игра и притоа развивање на нивните моторички, компјутерски и интелектуални способности.

Дополнување: еднократно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: детски
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Полиика за приватност: нема
Гугл-ранг: 0/10
Јазик: македонски
Адреса: www.dino.com.mk
www.dinosadventures.com

Постери по мерка и вкус

Доколку сте љубители на постери и никогаш не ви е доволно од нив, посетете го Блок постерс. Тоа е сајт кој на посетителите им овозможува сосема бесплатно закачување на сопствени фотографии и слики на нивните сервери со цел нивна подоцнежна подготовка за прилагодување во форма на постер. Можете да изберете што сакате од вашата приватна галерија, но не е препорачливо да поставувате експлицитни фотографии бидејќи сепак тие стануваат дел од веб серверите на сервисот. Има едно ограничување во поглед на дозволената тежина на фотографиите и сликите која изнесува 1 МБ. Откако ќе го поставите саканото дигитално дело на Блок постерс, преминете на следниот чекор. Овде одредете на колку листови во ширина сакате да го растегнете постерот, одредете му ја ориентацијата на листот (дали да се печати во портрет или во легната ориентација), прецизирајте го форматот на листот и видете колкави димензии ќе добиете за крајниот производ. Димензиите се изразени во стапки, па доколку ви е потребно, искористете некој онлајн конвертор за да ги добиете вредностите во некоја попозната метричка единица (пр. www.onlineconversion.com). Не претерувајте со димензиите доколку користите слика чиј квалитет изразито би се намалил при зголемување на нејзините димензии. На последниот чекор, ќе можете да си симнете пдф фајл со сите составни делови од постерот кој го креиравте после што слободно можете да го испечатите. Доколку се гордеете со вашето дело, можете да го направите и дел од јавната галерија на постери.

Дополнување: еднократно
Брзина: брзо
Функционалност: солидна
Дизајн: едноставен
Навигација: едноставна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: англиски
Адреса: www.blockposters.com

Бесплатен хостинг

Mkd.net, според креаторите на сајтот, нуди бесплатна професионална хостинг услуга која е прва од ваков тип во Македонија. Тоа значи дека овој сајт треба да го посетите доколку сакате да создадете свое веб катче кое јавно ќе биде достапно за пристапување од адресата: иметонавашиотсајт.mkd.net. Покрај ова, на вашиот сајт ќе можете да објавувате што сакате, освен порнографски и незаконски содржини. Сето ова, Мкд.нет ви го овозможува бесплатно. Дополнителна услуга која ја нуди овој сајт е чување на онлајн слики без потреба од креирање на личен сајт за таа цел.

Погледнете ги неколкуте сајтови кои се поставени за пример за да видите што би можеле да очекувате, прочитајте ги често поставуваните прашања за да се информирате детално за услугите или пак директно регистрирајте се и веднаш видете што сè ви е овозможено.
Сајтот има благо речено лош дизајн како за сајт кој на корисниците им нуди можност за креирање и поставување на веб сајтови на нивните сервери. Исто така, во очи паѓаат неколку печатни грешки заради кои посериозните корисници можеби нема да го сфатат како што треба. Како и да е, услугата е бесплатна па би било неблагодарно да се навлегува во детали од визуелен карактер.

Дополнување: неодредено
Брзина: брзо
Функционалност: солидна
Политика за приватоност: нема
Дизајн: комбиниран
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 1/10
Јазик: македонски
Адреса: www.mkd.net

13 мај 2008

Ах тој мобилен свет

Денес повеќето од нас не можат да си го замислат животот без мобилен телефон. Некои носат дури по два во исто време, а пак други постојано сакаат да бидат во тренд и да ги поседуваат најхит телефоните кои се моментално актуелни на пазарот. За да знаете што сте тргнале да купувате, проверете ги информациите за омилениот телефон на Интернет, пред да ги дадете парите. Една корисна веб-локација за таа цел е www.mobile-review.com.

Мобил-ривју е сајт кој редовно известува за новите случувања во светот на мобилната телефонија. Тоа е руски сајт кој е достапен и на англиски јазик во која верзија е секако популарен. Покрај новините во мобилните телефони, на сајтот се презентирани целосни рецензии на избрани телефонски уреди каде покрај едно чудо текст, ќе најдете и соодветни слики на кои уредите се детално прикажани од сите страни. Можете да гледате и само технички спецификации за телефоните или пак да прочитате целосна рецензија. Има повеќе начини за пребарување кои се јасно видливи, така што набрзина ќе стигнете до информации за моделот кој го барате.

Покрај мобилни, сајтот третира и пда телефони, како и мп3 плеери кои и самите по себе претставуваат мобилни уреди.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Политика за приватоност: нема
Дизајн: едноставен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: руски, англиски
Адреса: www.mobile-review.com

Дотерајте се дигитално

Сакате да ја смените бојата на вашата коса, но не сте сигурни како ќе ви стои, размислувате за контактни леќи, но ви падна на памет дека можат да бидат во разни бои, сакате да пробате нова шминка, но повторно сте скептични околу резултатите. Ако имате слободно време и навистина силна причина да си се посветите на себеси, појдете на www.beautyriot.com. Ова ќе биде идеално место за вас.

Ова е сајт кој на посетителите им дозволува да го регистрираат своето членство после што тие на располагање имаат еден куп опции за дотерување кои можат да ги испробуваат на сопствена фотографија. Пробајте како ќе ви стојат различни модели на очила, обојте си ја косата, испробајте и сосема нова фризура, видете како би ви стоел посветол или потемен кармин, исцртајте ги очите и експериментирајте додека не сте задоволни од резултатот. Мора да се напомене дека за да можете да ги применувате ваквите ефекти на својот лик, најпрво треба да поминете низ неколку чекори на исцртување на контурите на вашето лице, коса, очи, очни капаци, уста итн. се додека не ги поклопите сите точки со соодветните точки на вашето лице. Овој дел од работата е важен предуслов за успехот на понатамошните резултати. На крајот од целата постапка, можете да си ја зачувате сликата во рамките на вашиот креиран профил и да го испратите некому по имејл.

Дополнување: редовно
Брзина: средно
Функционалност: одлична
Политика за приватоност: има
Дизајн: комбиниран
Навигација: средна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 4/10
Јазик: англиски
Адреса: www.beautyriot.com

07 мај 2008

Конференцијата ГЛокал 2.0

Глокализација по дефиниција е комбинирање на глобализација и локализација. Терминот се однесува на лица, групи, организации или заедници кои сакаат и се способни да „мислат глобално и да делуваат локално“, надминувајќи ги ограничувањата на сопствената средина.

Сајтот посветен на конференцијата ГЛокал 2.0 која ќе се одржи на Универзитетот Њујорк Скопје во Сарај од 8 до 10 мај 2008, ги нуди основните информации. Со оглед на тоа што се работи за настан отворен за јавноста, многу е поволно што на разни начини се дадени податоци за како да се стигне дотаму.

Деталната агенда која може да се симне од сајтот ветува интересни предавања, како можност за дискусија за сите заинтересирани за развојот на културата поврзана со комуникација преку интернет.

Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Дизајн: блогерски
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 4/10
Јазик: англиски
Адреса: glocalconference.wordpress.com