30 јули 2008

Нов пребарувач „Кул“

„Кул“ (Cuil, се чита Cool), е нов пребарувач кој ги пребарува и рангира страниците според нивната содржина и релевантност. Пребарувањето се врши на тој начин што откако ќе се пронајде клучниот збор по којшто сте пребарувале, се анализира и остатокот од содржината на страницата, нејзиниот концепт и врските кон страницата.

Кул користи многу различен пристап за прикажување на резултатите. Наместо да прикажува листа, тој ги прикажува резултатите во три колони (ова може да се промени и во две колони). Десниот агол на врвот од страницата е резервиран за слични пребарувања, поделени во категории, кои вообичаено прикажуваат пет или десет предлози, а потоа со приближување на курсорот врз предлогот се прикажуваат подетални информации. Овие категории се прикажуваат и во јазичиња.

Една од главните предности на Кул е тоа што нуди приватност. Додека се пребарува со Кул не се собираат и зачувуваат лични информации.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 4/10
Јазик: англиски
Адреса: www.cuil.com

25 јули 2008

Дигитален архив на македонскиот јазик

Дигиталниот архив на македонскиот јазик на Истражувачкиот центар за ареална лингвистика на МАНУ е наменет за промоција на ретки книги и материјали поврзани со македонскиот јазик во дигитална форма.

Досега на веб-сајтот на дигиталниот архив на македонскиот јазик се објавени 13 дела, но со текот на времето тој ќе се надополнува со нови ракописи, материјали и ретки книги. „Со овој дигитален архив, можноста за продорот на македонскиот јазик, литература и култура во светот ќе биде зголемена, а материјалите ќе станат подостапни. Научниците, лингвистите, проучувачите на културата, историјата и традицијата на Македонија и на македонскиот јазик отсега ќе имаат пристап до ресурсите кои би им помогнале и би ги поттикнале тие проучувања, а со тоа би придонеле за поширока афирмација на македонскиот јазик во светски рамки.“

Дигиталниот архив на македонскиот јазик е бесплатен за користење, пребарување и преземање на материјалите. Објавен е под Криејтив комонс лиценцата наведи извор која сугерира наведување на изворот на преземените дела во случај на нивно објавување на други веб-локации, со што се овозможува и референцирање на податоците од самите дела кое е неопходно при научна комуникација.

Дополнување: во почетна фаза
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: текстуален
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: има
РСС/Атом: нема
Политика за приватност: нема
Гугл-ранг: нема
Јазик: македонски и англиски
Адреса: damj.manu.edu.mk

Бидете фанки онлајн!

Бифанки“ е исклучително интересен веб-сајт кој особено ќе ви се најде во моментите на здодевност - како кога седнувате пред компјутер по навика, го отворате прелистувачот и веќе не знаете што да правите. Ова е еден од оние сајтови кои ќе ви овозможи да си играте на уникатен начин, притоа ќе ви дозволи да отидете со креативноста до незнајни граници.

Обединува неколку можности на популарните програми за графичка и видео обработка, но специфично е што тие се сведуваат на опции за „картунизирање“ на вашите фотографии. Тоа значи дека откако ќе ја изберете саканата фотографија, ќе можете да направите таа да изгледа како да е извадена од некој цртан филм или можеби повеќе, како слика од стрип. Варијанти има повеќе, а колку веродостојно ќе делува производот, најмногу ќе зависи од вас.

Покрај стандардна обработка на вашите фотографии во вид на стрип, себеси ќе можете да се сместите во некоја средина или ситуација, како всушност добивате т.н. „јуаватар“. Сработеното можете да го споделите преку имејл, како обична обработена фотографија, или пак како електронска честитка со порака, можете да го поставите на некоја од вашите страници за социјално вмрежување, да го зачувате како слика на вашиот компјутер, да го материјализирате во печатена форма или само да го зачувате во вашата „бифанки“ галерија.

Најново на „бифанки“ е најавата на опцијата за изработка на видео од различни стрип слики со можност за додавање на аудио. Оваа опција ќе ви овозможи да се почувствувате како вистински видео артист и монтажер, а во меѓувреме додека „видео картунајзерот“ да стане достапен, испробајте ги опциите кои се сега на располагање. За да добиете идеја што се можете да постигнете со „бифанки“, разгледајте ги советите, придружени со видео.

Дополнување: редовно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен и модерен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Политика за приватност: има
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: англиски
Адреса: www.befunky.com

22 јули 2008

Она што ви е вам важно - секогаш на дофат

Ако сте од оние луѓе кои им се радуваат на малите симпатични и практични додатоци кои го дооспособуваат интернет прелистувачот Мозила фајрфокс и имате страст кон одредена работа, хоби или пак потреба од одреден тип на информации, тогаш веројатно треба да знаете за „алот“.

„Алот“ е сервис кој е уникатен по својата природа. Нуди можност за преземање на толку различни алатници (Тоолбарс) кои се вградуваат во прелистувачот, колку што постојат различни области што тимот досега ги има покриено. Па така, се занимавате со фотографија, сакате да испробувате нови рецепти во вашата кујна, често да менувате десктоп позадини, љубители сте на некој спорт, зависни сте од новите озборувања за светските ѕвезди или едноставно ви треба попрактичен начин за редовно известување за временската прогноза - пронајдете го вашиот соодветен алот алатник.

На почетната страница досега се понудени 24 типови на содржини за кои можете да си обезбедите посебен алатник, а уште 4 други се веќе во подготовка. Кликнете на саканиот за да видите што тој ќе вклучи во вид на копчиња и полиња за пребарување кои секако ќе ви станат на дофат, доколку го преземете и инсталирате. Алатниците се специјализирани за конкретно пребарување од областа која е во интерес на корисникот, а доколку тој не е задоволен од понуденото, возможна е негова едноставна деинсталација од системот.

Дополнување: редовно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен и модерен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Политика за приватност: има
Гугл-ранг: 4/10
Јазик: англиски
Адреса: www.alot.com

21 јули 2008

Нов видео сервис за корисни содржини

Уочдуит“ е нов сервис за споделување видео содржини кој оние кои го користат истовремено и го развиваат. Овозможува поставување на нови видеа од страна на регистрираните корисници, прегледување на истите од страна на сите останати, како и можност за нивно рангирање според популарноста која ја стекнале како резултат на гласовите на посетителите. Дополнително, како што секој слободен видео сервис овозможува, и овој ја поддржува опцијата за вградување на овде поставените видеа на страниците од други веб-сајтови и блогови.

На некој начин, сајтот нуди платформа за видеата на корисниците кои немаат истите каде да ги постават. Нуди можност за споделување на забавни, но и корисни видеа, особено на оние од типот „како да направиш нешто “. Веб-сајтот претставува комбинација од најдобрите „како да направиш нешто“ видеа и оригинална, од корисниците создадена содржина со што се креира една заедница и воедно средиште за корисниците кое може да им помогне да усовршат некоја вештина, да развијат некоја нов квалитет или пак едноставно да научат нешто ново на визуелен начин.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: солидна
Дизајн: едноставен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 1/10
Јазик: англиски
Адреса: www.watchdoit.com

Известувања за работите за кои сакате да бидете во тек

Еден од модерните сервиси кои ќе ви помогне да дознавате новини за одредени работи кои лично вас ве интересираат, на дневна основа и тоа сосема бесплатно, е Алертс. Регистрирајќи се на овој веб-сајт, можете да изберете за што и на кој начин да бидете известувани. Сакате да го знаете распоредот на летови од одредена локација, цените на хотелите, дневниот хороскоп, цената на бензинот, резултатите од некои спортски напревари, или да добивате потсетници за родендените на вашите блиски, како и потсетници кои претходно самите сте ги создале, а се однесуваат на некоја конкретна обврска која треба да ја исполните и многу други, се дел од информациите кои можете да ги добиете. Начинот на кој можете да ги добивате овие информации исто така дозволува избор и тоа помеѓу имејл, смс, телефонски повик на фиксна линија и РСС, со напомена дека македонските оператори се уште не се поддржани. Ова малце може да делува разочарувачки, но сервисот и понатаму може да биде корисен. Ако ништо друго, препорачајте им го на вашите роднини и пријатели со привремен или постојан престој во странство. Може да биде одличен за времето во кое живееме и максимално да ги задоволува нашите потреби од информации за кои најчесто немаме време.

Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: средна
Дизајн: веб 2.0
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Политика за приватност: има
Гугл-ранг: 4/10
Јазик: англиски
Адреса: ww.alerts.com

17 јули 2008

Направете линк од било кој текст

Тајнипејст“ е веројатно најпростиот, најчистиот, најненатрупаниот и најпразниот, а сепак функционален веб-сајт кој би можеле да го посетите. Неговата намена е да создава линкови од текстовите кои посетителите ќе ги ископираат во празното поле предвидено за тоа. Со кликање на копчето сабмит, текстот се зачувува во вид на линк кој директно може некаде да се употреби. Која би била потребата од тоа да правите линк од текст со посредство на веб-сајт како „тајнипејст“, кога секој веб-сајт или друг тип на документ во кој би требало да вклучите линк, сигурно и самиот го поддржува тоа, останува дискутабилно. Веројатно за подолги текстови кои не мора да бидат посебно опишани преку линкуваниот израз, ова може да биде практично решение. Дополнително, доколку некои од корисниците на новите технологии кои немаат искуство во поставувањето линкови, добијат потреба да направат некој, овој сајт би им дошол како олеснување.

Веб-сајтот кој се состои од едно празно поле за внесување текст и две копчиња од кое едното ја креира врската, а другото води кон почетната страница и позадина во градиентно сина боја е достапен, оригинален и привлечен и секако наменски. Дури и да не гледате за што може да ви се најде, посетете го чисто за да видите како функционира. Пријатно ќе се изненадите.

Доколку ви се допадне можноста што „тајнипејст“ ја нуди, истата можете да ја користите и во склоп на вашиот прелистувач Мозила фајрфокс, бидејќи е достапен во вид на екстензија за него.

Дополнување: еднократно
Брзина: брзо
Функционалност: солидна
Дизајн: веб 2.0
Навигација: нема
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Политика за приватност: нема
Гугл-ранг: 4/10
Јазик: англиски
Адреса: tinypaste.com

Виртуелен свет од „Гугл“

Гугл“ неодамна лансираше нов експериментален проект под името „Лајвли“ кој овозможува виртуелен живот во тридимензионален свет во кој жителите можат да се дружат и да четуваат.

„Лајвли“ не е нова идеја која досега не е видена на вебот. Жителите на т.н. „секнд лајв“ (втор живот) знаат што значи да се живее во виртуелен свет уште пред неколку години, а и корисниците на модерните видео игри се сведоци на едно такво доживување. Сепак, новиот експеримент на гугл, додава една поинаква компонента на можностите за комуникација помеѓу интернет корисниците кои досега не се служеле со друг сервис сличен на овој.
За да станете жител на „Лајвли“, најпрво треба да го инсталирате софтверот на вашиот компјутер, после што можете да почнете да го градите вашиот изглед и имиџ, додавајќи му на вашиот аватар анимирани емоции, гестикулации и карактеристики. Потоа можете да изберете соба во која ќе влезете за да почнете интеракција со тамошните жители. Доколку не ви се допаѓа изборот, едноставно напуштете ја собата и појдете на пример на некој остров.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: модерен и едноставен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: нема
Јазик: англиски
Адреса: www.lively.com

14 јули 2008

Сервис за комуникација со себеси и со остатокот од светот

Брзото време во кое живееме наложува темпо на извршување на обврските кон кое сите мораме постојано да трчаме за да не заостануваме. Во таа трка со времето, голема е веројатноста да забораваме на одредени важни работи кои треба да ги направиме или пак да ги пренесеме на некој друг. Доколку се препознавате во погорните зборови, „Сендбл“ е вашиот спас. Тоа е бесплатен онлајн сервис кој овозможува неколку важни и корисни работи кои можете да ги завршите од едно место, а ќе ви понуди и евиденција за направеното во секое време.

Накратко, сендбл овозможува праќање на имејл, смс и пораки на сајтовите за социјално вмрежување низ едноставна, кратка и бесплатна постапка. Овие пораки можете да ги испратите веднаш во моментот на нивното создавање или пак да ги закажете за некое идно време. Сервисот функционира за сите или повеќето земји во светот, меѓу кои и за Македонија.

Понатаму, можете да си водите лични забелешки, да си меморирате потсетници, да ги групирате онлајн контактите итн. Особено интересна е можноста за изработка на лични реклами кои ќе се додаваат во склоп на пораките кои ги испраќаат корисниците на „снедбл“, секогаш кога клучните зборови употребени во рекламата ќе се поклопат со содржината на пораката.

Дополнување: еднократно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: веб 2.0
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Политика за приватност: нема
Гугл-ранг: 0/10
Јазик: англиски
Адреса: sendible.com

09 јули 2008

Терминологија

Терминологија“ претставува проект кој им е наменет на корисниците кои и самите можат да придонесуваат кон неговиот развој. Претставува локација на која може да се најде различна терминологија вклопена во различни речници, а посетителите кои ќе решат да регистрираат членство, ќе добијат право да гласаат за поимите, да оставаат коментари, како и самите да започнат свој проект-речник и истиот да го исполнуваат со термини, или да дополнуваат некој кој е веќе креиран.

Сајтот моментално го сочинуваат 13 речници. Некои од нив се: информатичкиот речник, речникот за превод од српско-хрватски на македонски јазик, речникот кој го содржи македонскиот превод на КДЕ, философскиот речник итн. Над 100 000 зборови се сочинети во овие и во останатите досега понудени речници.

Целните области и различните јазици се посебно истакнати на почетната страница од каде директно може да им се пристапи, а пребарувачот овозможува барање на термин вклучен во речникот кој е моментално назначен.

Дополнување: постојано
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: текстуален
Навигација: средна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Политика за приватност: има
Гугл-ранг: 3/10
Јазик: македонски, англиски
Адреса: terminologija.org.mk

08 јули 2008

Лепенки за вашите омилени веб-страници

Со порастот на бројот на веб-сајтови, се зголемува и нашиот избор на оние кои ни се допаѓаат или кои можат за нешто да ни користат во иднина. Доколку би требало да ги помниме адресите на сите нив, многу би се оптоварувале, особено ако ги земеме во предвид веб-адресите на страниците кои често се долги и дури нелогични. За среќа, од тоа потреба нема. Секогаш можеме да одбележиме некоја адреса на веб-страница чија содржина ни се допаднала со нејзино сместување и организирање во листата на омилени страници. „Мајстикис“ оди еден чекор понатаму.

Според креаторите на веб-сајтот „мајстикис“, интернет корисниците често ги одбележуваат страниците на интернет, на кои кога ќе се навратат во иднина не знаат зошто го направиле тоа во прв момент. Тие велат дека многу попрактична е можноста која ја нуди „мајстикис“. Имено, со помош на нивниот онлајн сервис на кои треба бесплатно да се регистрирате за да го користите, вие можете да лепите дигитални ливчиња со забелешки директно на страниците. Така, кога ќе се вратите на таа страница подоцна, ќе можете да видите кои биле причините поради кои сте ја одбележале. Вашата онлајн сметка ќе ви овозможи да ги прегледувате само вашите забелешки или пак веб-страниците со забелешките доколку истите сакате да ги преуредите.

Дополнување: еднократно
Брзина: брзо
Функционалност: солидна
Дизајн: модерен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Политика за приватност: има
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: англиски
Адреса: www.mystickies.com

07 јули 2008

Глобал војсис на македонски и албански јазик

Глобал војсис онлајн е меѓународна мрежа составена од блогери која обезбедува резимеа на тоа што се случува во блогосферата во различни краишта на светот. Нејзина основа е непрофитен веб-сајт кој се хостира на Универзитетот Харвард. Две основни цели на мрежата се да се овозможи развој на "блогери-мостови" кои обезбедуваат врски помеѓу два јазици или култури, како и развој на алатки и ресурси за остварување на првата цел.

Од неодамна, Фондацијата Метаморфозис почна да обезбедува превод на дел од постовите на македонски и албански јазик, со цел да се задоволи потребата на граѓаните на Македонија за интернет-содржини на локалните јазици и зголемување на степенот на информираност и граѓанско учество.

Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: PHP
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Политика за приватност: нема
Гугл-ранг: нема (тазе)
Јазик: македонски и албански
Адреса: mk.globalvoicesonline.org
и sq.globalvoicesonline.org

Прелистувач на модерниот веб

Интернет корисниците кои активно ги користат разните сервиси карактеристични за новиот веб, сигурно трошат значително време за пријавување на секој од нив, поставување на нови содржини, нивно споделување со пријателите и сл. Секако, ова за нив претставува задоволство, но секоја алатка која може да помогне во скратување на потребното време за овие работи, за секој од нив е повеќе од добредојдена. Корисниците кои веќе се служат со интернет прелистувачот Мозила фајрфокс и се заљубени во новите можности на вебот, па и зависни од нив, сигурно ќе го сакаат „Флок“. Тоа е интернет прелистувач кој го вклучува Мозила фајрфокс и повеќе од 90 онлајн сервиси кои можат да се користат директно од него.

Сајтот кој треба да го посетите за да го набавите „флок“, веднаш ќе ви ги предочи можностите заради кои брзо и без размислување би сакале да мигрирате кон овој прелистувач. За таа цел, најдобро посетете ја категоријата за помош од каде ќе имате можност низ неколку кратки видео клипови да се запознаете со она што подоцна ќе ве очекува доколку се решите да го преземете и инсталирате „флок“. Накратко, тој ќе ви овозможи се да работите од едно место: да споделувате фотографии со пријателите од различни сервиси за социјално вмрежување, како и линкови, текст и сл. со едноставно влечење и пуштање. Поддржаните блог и имејл сервиси ќе ви овозможат попријатно објавување на нови постови и редовно информирање за новата електронска пошта, соодветно. Комбинирајте ги насловите од различните РСС фидови, прикачувајте по 1000 фотографии одеднаш на некои од популарните сервиси за таа намена, прегледувајте ги мултимедијалните фајлови без да го напуштите вчитаниот сајт итн.

Најновиот „флок“ ја вклучува и најновата верзија од Мозила фајрфокс 3.0

Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: модерен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 8/10
Јазик: англиски
Адреса: www.flock.com

Најдобриот софтвер на едно место

Фајлхипо“ е веб-сајт со едноставен концепт и одлична функционалност. Неговата идеја е да го понуди најдобриот и најнов софтвер на едно место. Посетителите можат да се служат со вградениот пребарувач доколку бараат конкретен софтверски производ или пак да посетат одредена категорија со цел да стигнат до софтверот кој може им заврши работа.

Дизајнот е едноставен и јасен. Никој овде не би лутал за да го најде она што го бара. Специфично за фајлхипо е што тој не нуди само бесплатен софтвер, туку софтвер кој е најдобар за она што е наменет. „Фајлхипо“ се труди да понуди квалитет, што е и една од причините за недозволеното пријавување на софтвер од страна на развивачите. Тие самите редовно го скенираат вебот и го прават дел од „фајлхипо“ се што е ново и добро. За секое парче софтвер следува краток, но детален опис, како и можност за преземање на постарите верзии од истото.

Најнов хит на „фајлхипо“ е можноста за инсталирање на софтверскиот проверувач за нови верзии со помош на кој можете да го скенирате вашиот компјутер за да видите дали постои нова верзија која би можеле да ја инсталирате наместо наместо некоја од старите кои се веќе инсталирани на вашиот компјутер.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: текстуален
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: има
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: filehippo.com

04 јули 2008

Каде е најевтино?

Интернет зависниците понекогаш претеруваат во своите очекувања и барања, па се обидуваат да најдат информации и за она за што не е толку веројатно да се најдат. Заради ова не може и не треба да им замеруваме, бидејќи се повеќе информации можат да се најдат на глобалната мрежа, па дури и кога станува збор за оние презентирани на македонските веб-сајтови. Najevtino.com е еден нов веб-производ кој допринесува во таа насока.

Najevtino.com е пребарувач на најниски цени на производи од областа на компјутерите, ТВ и видео опремата, телефонијата, потоа пребарува камери и фотоапарати и апарати за домаќинство. Притоа, најевтино.цом не е онлајн продавница, туку само сервис за споредба на цените на производите кои се придружени со опис. Доколку сте заинтересирани за купување, можете да кликнете на логото на соодветната продавница по што ќе бидете пренасочени на нејзиниот сајт па оттаму послужете со достапните можности од тој тип.

Пребарувањето може да започне со избор на категоријата во која би и припаѓал производот што ви треба и стеснување на изборот со помош на соодветните поткатегории за да се добие листа на сите производи од тој тип. Алтернативно, може да се користи опцијата за пребарување според еден или повеќе клучни збора кои се впишуваат во полето за пребарување и кои можат да се врзат со помош на операторите „И“ и „ИЛИ“ заради прецизирање на пребарувањето.

Najevtino.com соработува со неколку фирми, но нивниот број како и палетата на производи за кои може да се пребарува во иднина ќе се зголемуваат. Сега за сега, сајтот е функционален и лесен за навигација и користење. Му треба извесно графичко дотерување и отстранување на печатните грешки во деловите кои го објаснуваат, како би добил повеќе на сериозност.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: текстуален
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Политика за приватност: нема
Гугл-ранг: нема
Јазик: македонски и англиски
Адреса: www.najevtino.com

Глогирање - нов начин на изразување за младите

Глогстер“ е веб-сајт наменет за себеизразување на кој најмногу ќе му се радуваат помладите. За разлика од блогирањето кое подразбирање редовно или повремено искажување на своите мислења, верувања, ставови, презентирање на информации или изразување на лични интереси притоа запазувајќи одредена постапка и примена на скромни знаења, глогирањето повеќе наликува на лепење сликички на лист од блок при што како резултат се добива еден колаж-постер со кој корисникот се претставува себеси пред останатите. Како содржини на постерот може да се најдат статични и анимирани сликички од јавните галерии, сопствени слики и видеа на корисниците, прошарени, уредени со сенки, бои и стилови по желба, текст пораки и сл. и сето тоа графички уредено на уникатен начин поставено на некоја од забавните глог позадини.

Пред да се зачлените на „глогстер“, пробајте да видите што значи изработката и одржувањето на свој глог - заразно е, едноставно е и крајно интересно. Можете да одржувате повеќе свои глогови и истите да ги споделувате со останатите поставувајќи линкови на вашите профили на „мај спејс“, „фејсбук“, „оркут“ и др.

Дополнување: често
Брзина: средна
Функционалност: одлична
Дизајн: вессел, модерен
Навигација: средна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 4/10
Јазик: англиски
Адреса: www.glogster.com

03 јули 2008

Овековечување на радосните моменти од развојот на вашето бебе

Бејбиспот е веб-сајт за споделување на скапоцените моменти од развојот на вашето бебе. Новиот живот во домот на едно семејство сам по себе претставува огромна радост. Најчесто родителите сакаат да ја споделат таа радост со своите пријатели, роднини и колеги кои живеат или блиску до нив или на другата страна на светот.

На бејбиспот можете да си изработите свој профил кој ќе го исполнувате со слики, видеа и општи информации за вашето бебе. Поставените слики можете да ги обработувате и да ги направите јавни или пак приватни. Слично се постапува и со видеата кои можете да ги поставите директно од вашиот компјутер. Поврзете се со други родители-корисници на бејбиспот и разменете искуства и знаења. На крајот, поканете 10 ваши блиски луѓе по пат на имејл за да добијат пристап до вашето бебешко онлајн катче со кое сигурно ќе се гордеете.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: бебешки
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: нема
Јазик: англиски
Адреса: www.babyspot.com

Форво - заедница за изговарање на зборовите

Форво“ е веб-сајт кој ја носи етикетата Бета што означува негова функционалност додека се уште е во фаза на развој. Најдобро се опишува со паролата која со себе ја носи: Форво: сите зборови на светот - изговорени. Се работи за веб-сајт кој го одржуваат и полнат неговите корисници. Наменет за е поставување на зборови на било кој јазик за кој може, но и не мора да се обезбеди изговор. Доколку се постави зборот само во пишана форма, истиот ќе се најде во листата на чекање, од каде некој друг може да ја заврши работата до крај. Секако, за да овозможите аудио форма за поставените зборови, најпрво мора да го знаете нивниот точен изговор како и да го исполнувате техничкиот услов кој подразбира поседување на микрофон. При поставување на зборовите, дополнително можете да внесете и описни зборови заради можноста за нивно поедноставно и попрецизно пребарување.

„Форво“ досега поседува база од над 60 000 зборови, од кои за повеќе од 20 000 е обезбеден аудио изговор. Овие зборови им припаѓаат на вкупно 184 јазици кои се зборуваат во светот.

Практично е што постапката за поставување на нови зборови е лесна и кратка, а уште попрактична е можноста за преслушување на поставените зборови, за кои не е потребна ниту регистрација, ниту дополнителен аудио плеер кој за потребите на други слични сервиси, вообичаено би требало да го отворите за да би го слушнале изговорот.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: чист, едноставен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 3/10
Јазик: англиски
Адреса: forvo.com

Македонски едукативни содржини за изработка на комјутерски ресурси

Фотошопмк“ е веб-обид за презентирање на корисни содржини од едукативен карактер кој нуди конкретни начини и постапки за изработка на графички и веб елементи и слични решенија кои се важни за луѓето кои творат во дигиталниот свет.

Според името на сајтот, како и според типот на содржини кои преовладуваат, може да се забележи дека едукативните лекции претежно се однесуваат на некои графики кои можат да се изработат со помош на софтверот за графичка обработка од Адоуб - Фотошоп. Содржините се групирани според техниката која треба да се употреби, а се состојат од текст пропатен со соодветни слики кои на тој начин ја доловуваат постапката за изработка на конкретното дело. Досега достапните содржини не се којзнае што, но на сајтот треба да му се даде шанса и треба да се поздрави желбата за споделување знаење од овој вид.

Менито, покрај категорија за Фотошоп содржини, содржи и категории за лекции за Flash, HTML и CSS, Dreamweaver, PHP, но во повеќето од овие содржините се или скромни или се уште ги нема. Сајтот располага со свој форум кој може да се користи за комуникација помеѓу членовите, уредна статистика која го презентира бројот на посети за секоја поединечна содржина, простор за оставање коментари и можност за гласање за квалитетот на содржините и сл.

Фотошопмк е можеби уште еден веб-сајт кој сега за сега делува како да му треба уште многу работа за да добие на сериозност и значење, но истовремено е и сајт во кој доколку се вложи повеќе време и труд, може да биде корисна локација за голем број на интернет корисници.

Дополнување: скоро секојдневно
Брзина: средно
Функционалност: одлчна
Дизајн: едноставен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: има
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: нема
Јазик: македонски
Адреса: photoshopmk.com