18 декември 2008

Онлајн складиште за вашите документи

Поставувањето документи онлајн, со цел нивно чување, односно архивирање, како и заради можноста за пристап до нив од било кој компјутер во светот, поврзан на интернет, не е нешто што единствено и ексклузивно го нуди еден веб-сајт, но пак е услуга карактеристична за веб-сајтовите од поново време. Тоа пак значи дека изборот на вакви онлајн хард дискови или веб-десктопи како што често се нарекуваат е голем, но истовремено значи и дека кога ќе треба да најдете конкретно решение за вашите моментални потреби од овој тип, ќе имате мошне тешка задача. Ви го препорачуваме Дроп бокс со кус преглед на неговите специфики, според кои ќе можете да одлучите дали тој може да одговори на она што го барате.

За разлика од многу други онлајн складишта на податоци, кои се користат од веб-прелистувач и кои често се комбинирани со разни дополнителни апликации, заради што ги викаат и онлајн оперативни системи, дроп бокс е таков сервис кој ќе ви отстапи 2 гигабајтен простор за вашите податоци од било кој вид и глобален пристап до нив преку пријавување со помош на личните податоци од вашата корисничка сметка. За да почнете да го користите, ќе треба да ја преземете софтверската апликација која ќе ви овозможи со едноставно влечење и пуштање или копирање да ги сместите сите податоци, уредени на начин како што вие сакате, во вашата дроп бокс папка. Потоа, документите почнуваат да се качуваат на онлајн компјутерот од кој ви е отстапен простор, а статусот на качување се следи преку графички ознаки. Можете да ја инсталирате апликацијата на повеќе компјутери кои потоа можете да ги синхронизирате, а најдобрата работа е што при промена на документите, тие автоматски се менуваат и тоа само во оној дел од нив во кој се случила промената, што е секако значајно од аспект на време и интернет ресурси. Доколку имате документи кои пак сакате да ги споделите со други луѓе онлајн, означете ги и поканете ги вашите пријатели на веб-адресата која ќе ја добиете за таа цел.

Дополнување: вие
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: нема
Јазик: англиски
Политика за приватност: нема
Адреса: www.getdropbox.com

Нарачка на компјутери и компјутерска опрема онлајн

Купи е нов веб-сајт кој овозможува нарачка на технолошки производи преку Интернет и нивно доставување на територијата на Македонија. Во моментов возможно е избирање на производот и поднесување барање за доставување, при што плаќањето се изведува во кеш и на раката на доставувачот. Идејата е веб-сајтот да функционира како вистинска веб-продавница во иднина, со можност за директно купување преку веб, односно со директно плаќање од сметките на вашите картички.

Поволното при ваквото нарачување е во тоа што цените на производите се за 10% пониски од оние во продавниците, а за доставувањето се плаќаат само 140 денари, без оглед на количината на нарачката. За нарачките во Скопје, времето за доставување е многу покусо отколку за другите делови од земјава.

Купи е во моментов само демо верзија од она во што овој сајт треба да прерасне во иднина. Сега за сега, нуди можност за купување кој е некаде помеѓу вообичаениот начин кој бара физичка посета на одреден простор и трошење на одредено време и електронскиот начин кој подразбира целосно реализирање на нарачката, вклучително и плаќањето, по електронски пат и речиси за момент.

Во понудата на купи ќе најдете: десктоп и лаптоп компјутери, хардвер, мрежна опрема, уреди за ТВ, аудио и видео репродукција и снимање, камери, фото апарати и софтвер. Цените на производите може да ги прегледувате во денари, долари или евра.

Дополнување: редовно
Брзина: средно
Функционалност: добра
Дизајн: веб 2.0
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 0/10
Јазик: македонски
Политика за приватност: има
Адреса: www.kupi.se

Дневните вести секогаш на клик од вас

Ако електронските изданија на македонските печатени медиуми, ни дадоа дополнителна и поедноставна можност за да дознаваме за актуелните случувања во земјата и во светот, телевизиските и некои од радио станиците од нашето поднебје го направија истото, време беше вака богатиот избор од извори на информации да се сублимира на една онлајн локација. Тајм.мк го овозможува токму тоа. Наместо да ги разлистувате весниците еден по еден, да испуштите да дознаете за некое важно случување или да ги земете здраво за готово вестите објавени на еден веб-сајт, посетувајте ја оваа веб-локација неколку пати во денот и сигурно ќе располагате со најсвежите и најактуелните информации кои го одбележале денот.

Доколку сте ги читале светските вести на Гугл њуз, концептот ќе ви делува познат и прифатлив. Групирање според категоријата на која вестите припаѓаат, како и според сличноста на нивната содржина, се карактеристики кои тајм.мк го прават примамлив за зависниците од информации и задоволувачки за оние кои понекогаш се сомневаат во нивната вистинитост. Имајќи можност да прочитате една информација од повеќе извори, просторот за сомнеж значително се намалува.

Една содржина на сајтот се состои од наслов и краток почеток на веста, придружена со медиумот од кој е преземена и времето на нејзиното објавување, додека за целосно читање на вестите, потребно е следење на врските до оригиналните извори поставени во насловите.

Користејќи 23 извори на вести, проверувајќи ги истите на секои 10 минути, тајм.мк е одлична веб-локација која заслужува да биде на местото на домашната страница во вашиот прелистувач. Бидејќи во работата на апликацијата учествува само машина, отфрлена е можноста за намерно поставување на вестите во листата на најнови или најпопуларни.

Дополнување: на секои 10 минути
Брзина: брзи
Функционалност: одлична
Дизајн: текстуален
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Јазик: македонски
Политика за приватност: нема
Адреса: www.time.mk

15 декември 2008

Заедница за онлајн документи

Иако мултимедијалните содржини го надвладеаја порано незаменливиот начин за презентирање на информациите во вид на текст, сепак помеѓу бројните сервиси кои служат за споделување на овие модерни производи, постои и таков кој на корисниците им овозможува пристап и складирање на текстуалните документи на едно место. Доксток е тоа место.

Доколку сакате да најдете документи со забавна, технолошка, бизнис или едукативна содржина, ова е веб-сајтот каде тоа можете да го постигнете на легален начин. Чувајте ги вашите документи јавно за да им бидат достапни на сите и воедно видливи за пребарувачите или чувајте ги како приватни фајлови онлајн. Особено важно, ако имате веб-сајт или блог на кој понекогаш сакате да вградувате дополнителни содржински елементи, како видеа, аудио приказни, слики и сл., треба да знаете дека со доксток имате можност истото да го правите и со текст документите.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: веб 2.0
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Бројач на посети и преземања: има
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Политика за приватност: има
Адреса: www.docstoc.com

12 декември 2008

Доедукација за младите луѓе од Македонија

За многу млади луѓе од нашата земја, не е доволно она што таа има да им го понуди како избор за продолжување на образованието или усовршување во некоја одредена област. Од друга страна, постојат и луѓе кои едноставно не сакаат да останат во границите на оваа земја, па уште по завршувањето на средното образование, веќе си ја планираат иднината надвор. Од која и причина да сакате да си ги знаете можностите за усовршување во странство, од неодамна постои една веб-локација која сеопфатно ќе одговори на вашите барања.

Актуелни можности за студирање и доусовршување, стипендии, грантови, обуки и конференции, најразновидни конкурси, работа и пракса во странство е она што го сочинува веб-сајтот Млади инфо. Идејата е да им се олесни патот на младите луѓе до остварување на нивните цели, поради што на овој портал може да се најдат и корисни совети за тоа како треба да изгледа кратката биографија според светските стандарди, писмото на мотивација или препораката од работодавецот или професорите.

Млади инфо е производ на неколку млади ентузијасти од организацијата ФЕЈС-Македонија кои успеаја да ја реализираат идејата која постоела повеќе години. Во подготвителната фаза на создавањето на порталот тие ја добиле поддршката од Фондацијата институт отворено општество-Македонија.

Дополнување: често
Брзина: средно
Функционалност: одлична
Дизајн: класичен
Навигација: средна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 0/10
Јазик: англиски
Политика за приватност: има
Адреса: mladiinfo.com

05 декември 2008

Вашето лице во туѓа улога

Сте се запрашале ли некогаш како би изгледале како Дедо Мраз, како некоја музичка или филмска ѕвезда со беспрекорно тело и фризура?! Заменете го вашиот лик со ликот на вашите омилени познати или непознати ликови и престанете да се прашувате. Забавата може да започне веднаш и тоа овде: www.faceinhole.com.

Ова е веб-сајт кој постои за да ви понуди неограничена забава. Изберете фото модел, актер, пејач или пак некоја околина на пример: канцеларија, насловна страница од списание, бејзбол игралиште или некоја уметничка слика на која би сакале да се најдете. Продолжете со барање на соодветна фотографија од вашиот компјутер или директно направете една со помош на вашата камера, а потоа направете ги потребните прилагодувања, така да вашиот лик што повеќе се совпадне со останатиот дел од фотографијата или сликата. Доколку ви се допадне резултатот, регистрирајте се на сајтот и почнете да ги поздравувате со смеа вашите блиски пријатели. Ова е одлична локација за последниот месец од годината.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: класичен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: англиски, бразилски,
шпански, португалски...
Политика за приватност: нема
Адреса: www.faceinhole.com

Векторизирање на растерските слики

Предноста на векторските слики им е позната на оние кои се занимаваат со графички работи, и иако тие често преферираат да работат со такви, тоа не значи дека тие им се секогаш на располагање. За среќа, постојат начини за конвертирање на растерски слики во векторски, а еден од нив нуди „Вектор меџик“. Пред да се израдувате за оваа едноставна онлајн варијанта, веднаш да предупредиме дека потребно е мајсторство за да го постигнете саканиот ефект, а гаранција дека ќе дојдете до посакуваниот квалитет, не постои.

Во суштина, вектор меџик го сработува она за кое е наменет во 5 чекори: избор на саканата слика или фотографија, нејзино конфигурирање со помош на понудените опции, векторизирање, преглед на резултатот и зачувување во неколку различни формати.

За да видите како работи вектор меџик, можете да одвоите 3-4 минути за да го погледнете видео туторијалот или пак да ги прочитате советите достапни во текстуална форма. Примерите ќе ви помогнат да го воочите ефектот од работата на апликацијата, а доколку ви се допаѓа како работи, можете да се одлучите и за комерцијална верзија во десктоп варијанта.

Дополнување: непотребно
Брзина: брзо
Функционалност: средна
Дизајн: веб 2.0
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Политика за приватност: има
Адреса: vectormagic.com