29 јуни 2009

Македонски сајт за храна

Една од најздодевните, но истовремено и најнеопходните работи на кои треба да мислиме секој ден е нашето мени. Што да јадеме, каде да јадеме, дали нешто да зготвиме, колку време ќе ни биде потребно, дали ги имаме сите потребни состојки... Ваквите прашања би можеле да добијат брз и едноставен одговор со помош на еден нов веб-сајт кој нуди многубројни рецепти и совети, а притоа целиот достапен на македонски јазик – hrana.com.mk.

Сајтови од ваков тип постојат на веб, но англискиот јазик може да биде фактор на ограничување за оние кои не го разбираат добро. Сега сите домаќинки, независно од возраста, јазичните и техничките познавања, може да го користи овој ресурс за пополнување и проширување на куќното мени.

Рецептите се поделени според разни критериуми, па посебно можете да барате детски јадења, јадења кои содржат месо, празнични оброци, тестенини, национална кујна итн. Покрај пребарување според категорија, клучни зборови и со класично прелистување по содржините, можете да барате и рецепти за кои е потребно одредено време за подготовка. Оваа опција е многу корисна со оглед на тоа што понекогаш немаме премногу време на располагање за подготовка на ручекот, па некоја брза варијанта со која ќе ги пречекаме домашните би била добредојдена. Секој рецепт вклучува име, слика, потребни состојки и кус преглед на начинот на подготовка.

Советите ќе ви одгатнат зошто се тријат краставиците на краевите, како да си подготвите домашен јаболков оцет, колку време смеете да го чувате месото во фрижидерот за замрзнување итн. Доколку имате проблеми со килограмите или одреден дел од телото кој се соочува со недостатоци, прочитајте кои вежби ќе ви помогнат во остварување на вашата посакувана цел.

Веб-сајтот е добар, тематски насочен, доволно богат со содржини и сериозен во намената. Според тоа, е еден од единствените од ваков тип.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Дизајн: едноставен
Навигација: средна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 2/10
Политика за приватност: нема
Јазик: македонски
Адреса: www.hrana.com.mk

17 јуни 2009

Направете си сопствена социјална мрежа

Социјалните мрежи се ултра популарни. Ги има многу, слични и различни, корисни, но и заразни. Некои корисници се склони кон едни, некои кон други, но во секој случај многумина одлучуваат да им се приклучуваат. И покрај многуте можности кои ги нудат, корисниците изгледа почесто сакаат да ги користат за забава, дружење и занимација, а поретко за професионални цели, за остварување на некакви планови, амбиции или за споделување дела, информации и сл.

Доколку вие мислите дека ви е потребно нешто различно од она што го нудат моментално актуелните социјални мрежи, без разлика на вашата крајна цел, ви препорачуваме да ги истражите можностите кои ги нуди сервисот „Нинг“. Тој всушност претставува платформа на која корисниците можат да креираат свои социјални мрежи низ брза, едноставна и бесплатна постапка. Притоа, мрежите можат да функционираат како јавни или приватни, а нивните создавачи можат да изберат да користат некоја од понудените дизајн теми или пак да поставуваат свои, да ги прилагодуваат елементите на почетната страница итн. Секако, нинг ги поддржува и стандардните начини за споделување мултимедијални содржини, односно поставување слики, вградување видеа, презентации и сл., потоа, креирање настани, покана на нови членови, комуникација преку интегрирана чет програма, приклучување во групи и др.

Креираните мрежи добиваат уникатни веб-адреси кои го содржат името што вие ќе го изберете, проследено со наставката ning.com.

Ако се прашувате зошто би го користеле овој начин за поврзување со вашите колеги, пријатели или роднини, а не некоја од постоечките социјални мрежи, одговорот побарајте го во поголемите можности за прилагодување според вашата замисла за социјална мрежа.

Дополнување: често (блог)
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен и прегледен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има (блог)
Гугл-ранг: 8/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.ning.com

10 јуни 2009

Изразете се во аудио формат

Иако ретко практикуваме, сепак пренесувањето на информации, пораки или било какви содржини во аудио формат, понекогаш може да е многу корисен и брз начин за постигнување на саканиот ефект. Мултимедијалноста не ги подразбира само сликите и видеата. И аудио записите придонесуваат за мултимедијално обогатување на веб-сајтовите кои претежно ги презентираат содржините преку текст.

Доколку во вашата работа понекогаш сте сведоци на настани, правите интервјуа, барате изјави од луѓе со кои соработувате или пак едноставно имате што да кажете само со помош на глас и евентуално негово комбинирање со музичка подлога, тогаш можеби треба да размислите за вклучување на аудио содржини на вашиот веб-сајт или блог.

Постапката за користење на вакви можности е иста како кога се работи за видео материјали. Но за аудио записите, наместо на „јутјуб“, треба да појдете на „јуарлисн“ – тоа е сервис кој овозможува бесплатно поставување на аудио фајлови, нивно споделување со другите корисници на сервисот, вградување на записите на други веб-локации и секако користење на сите јавни материјали од страна на посетителите. Корисниците на сервисот можат да ги оценуваат објавените содржини, што овозможува поголема популарност на оние кои се повисоко рангирани.

Содржините на овој сајт се класифицираат според нивната намена, па така посебно се издвоени и можат да се пребаруваат интервјуа, звучни ефекти, аудиоблог содржини, поткасти, книги итн. Понатаму, категориите се делат според други критериуми, како жанр, област и сл.

Дополнување: од страна на корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: чист
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 3/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: yourlisten.com

02 јуни 2009

Ваша мултимедијална библиотека онлајн

На интернет постојат многу сервиси кои можете да ги користите за наоѓање и споделување на разни видови мултимедијални производи. Повеќето такви ви дозволуваат своите содржини да ги направите достапни за другите или да ги чувате во сопствена онлајн библиотека. Како и да е, дури и најпопуларните сервиси како што се „јутјуб“ или „слајдшеар“ имаат ограничувања кои понекогаш можат да создадат потреба за нешто повеќе и подобро. Ако ви се случило да имате видео кое никако не можете да го стокмите да зафаќа помалку од 100МБ, или такво за кое е многу важно да не изгуби од својот квалитет, или пак едноставно барате една онлајн локација на која сите ваши мултимедијални содржини ќе бидат собрани, регистрирајте се на „скринкаст“.

Скринкаст е сервис кој во суштина е од комерцијална природа, бидејќи за можностите и просторот кој го нуди им наплаќа на професионалните корисниците по без малку 100 долари годишно за простор од 250ГБ. За среќа на сите останати, кои своето членство на сајтот можат да го стекнат преку едноставна регистрација, им овозможува поставување на видеа, слики, презентации и други типови на фајлови, за што на располагање им остава по 2ГБ. Иако сервисот поддржува разни видови на фајлови, сепак најмногу е наменет за чување и споделување на видеа и слики, за кои постои и можност за вградување на други веб-сајтови.

Она што е специфично за овој сервис е дека нуди можност за одредување на нивото на приватност на секој поединечен фајл или пак на група фајлови. Исто така, за користење на сервисот за качување на мултимедијалните дела, можете да се служите и со десктоп апликации кои се достапни за винодус и мекинтош оперативните системи, како всушност и се овозможува поставувањето на фајлови поголеми од 100МБ. На овој начин не сте ограничени во однос на големината на фајловите што сакате да ги чувате и споделувате оналјн, што пак директно влијае на нивниот квалитет.

И конечно, уште една позитивна работа за овој веб-сајт и воедно сервис е тоа што е многу едноставен за користење, за што пак особено помагаат видео туторијалите кои покрај објаснување на начинот на функционирање и користење, вклучуваат и дополнителни едукативни елементи.

Дополнување: од страна на корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: модерен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има (персонализирано)
Гугл-ранг: 6/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.screencast.com