31 јули 2009

Онлајн графичко студио

Без разлика дали сте професионален графички дизајнер, аматер за обработка на слики и фотографии или просечен корисник на програми за графика, „Ејвиери“ е вашата следна веб-дестинација каде треба да се преселите.

„Ејвиери“ постои за да го овозможи креирањето на содржини од секаде. Со апликации кои релативно брзо се вчитуваат во самиот прелистувач, повеќе нема потреба да зависите од скапите програми и долготрајните инсталации.

Финикс“ е обработувач на слики кој располага со основни алатки за дотерување, како и посложени ефекти. „Тукен“ е онлајн апликација која ќе ви помогне при изборот на бои кои се добри за меѓусебно комбинирање. Апликацијата „пикок“, поинаку наречена визуелна лабораторија, овозможува бескрајно експериментирање со слики или создавање на сосема нови креации изведени со примена на ефекти базирани на пиксели. За да работите векторски, што е особено значајно при дизајнирање на логоа и дизајни за маички на пример, користете го „рејвен“ – една од единствените апликации од овој вид кои постојат на интернет. Конечно, „ејвиери“ во својот пакет од апликации вклучува и таква за фаќање слики и цели веб-страници од она што е моментално отворено во прелистувачот, нивно сечење, дотерување и прилагодување во димензии. Ова ќе ви го овозможи апликацијата „фалкон“, која е достапна и како додаток за фајрфокс под името талкон. Дополнително, опцијата за фаќање слики можете да ја користите и со директно внесување на „aviary.com/“ пред адресата на страницата која ви е моментално отворена. Ваквото користење на апликацијата може да биде значително побавно во однос на нејзиното директно повикување во прелистувачот.

За секоја од овие апликации постојат онлајн видео туторијали кои значително ќе ви помогнат да ги совладате техниките на работа, алатките и опциите. Сработените материјали можете да ги објавувате на веб, според условите за приватност кои ќе ги зададете или пак да ги преземате на вашиот компјутер. Бесплатните варијанти од апликациите од пакетот ејвиери се поскромни во однос на комерцијалните за чие користење се плаќа 25 долари годишно.

Во иднина од ејвиери можеме да очекуваме креирање на секаков тип на мултимедијални содржини со помош на апликации за обработка на аудио, видео, па дури и 3Д.

Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: веб 2.0
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 6/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: aviary.com

30 јули 2009

Доколку презентациите креирани во PowerPoint повеќе не ви се интересни

Прези“ е онлајн алатка за правење презентации базирана на флеш-плеер која постои за да не потсети дека сите презентации не мора да бидат едноставни и да изгледаат исто. Таа овозможува формирање на т.н. мапа на која секој корисник може да ги внесе посакуваните информации во форма на текст, фотографии, линкови до други веб-сајтови, видеа и звучни податоци, а потоа да користи од палетата на ефекти и графики за да ја креира својата модерна презентација.

Врвни презентери и фирми го користат „прези“ и велат дека она што го прави него интересен за работа, како и за гледање, се опциите кои ги поседува, а кои досега биле непознати за сите корисници на други програми од ваков вид. Не можете да замислите каква разлика може да направат зумирањата и различните рамки кај една презентација се додека не видите самите. Предноста на „прези“, покрај интересниот изглед и едноставноста во користењето онлајн, е и во тоа што можете да го преземете како програма за локално работење на вашиот компјутер, без потреба од користење на интернет конекција.

„Прези“ им дозволува на сите корисници да бидат иновативни и секоја нивна идеја која можат да ја пренесат на хартија, да можат да ја префрлат и во нивната презентација, без разлика дали станува за збор за мултимедијално претставување на тема спорт, бизнис, економија, компјутери или некоја друга. Сервисот нуди шаблони кои одговараат на овие теми, кои ја олеснуваат работата, а заштедуваат време и труд. Единствен недостаток е неможноста за пишување со кирилични букви.

Дополнување: од страна на корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: модерен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски
Адреса: www.prezi.com

Напишано од Дона Џамбаска

29 јули 2009

Најбрз пристап до вашите омилени веб-страници

Трансфер“ е наменет да функционира како најефикасна почетна страница во интернет прелистувачите на корисниците преку која се овозможува најбрз и наједноставен пристап до омилените, најпосетувани веб-страници. Тој уште на почеток ве снабдува со листа на веб-локации според претходно назначените интереси, која подоцна можете да ја уредувате. Веб-сајтовите се претставени со мали слики-икони, кои се сепак доволно големи за лесно пребарување и препознавање. Иконите можат да бидат преуредувани преку менување на нивниот редослед, боја и наслов. Дополнителна опција е корисникот да избере дали сака веб-страницата да биде отворена во ново прозорче или во веќе отвореното.

Услугата е едноставна за користење откако прво ќе се регистрирате како корисник, што е бесплатно и достапно за секого. За да додадете нова икона треба да притиснете на “Add an icon” и да ги пополните полињата што ја бараат адресата на веб-страницата, насловот на иконата и нејзината боја.

Тоа што го прави овој веб-сајт уште поефикасен и интересен е тоа што тој може да биде посетуван од кој било компјутер или друг уред со пристап до интернет, а не само од вашиот персонален компјутер. „Трансфер“ е начин како да ги организирате вашите обележувачи на едноставен и ефикасен начин со дополнителните опции како сортирање на иконите во одредени групи кои самите ги формирате.

Дополнување: повремено (блог)
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: модерен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 3/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.transferr.com

Напишано од: Дона Џамбаска

28 јули 2009

Македонски сајт за кратење веб-адреси

Јасно е дека долгите адреси се непрактични за користење, пред се, поради две причини: големината на просторот што го зафаќаат и нивната естетска природа. Веб-сајтовите за кратење на долгите адреси особено се популаризираа со сервисите како Твитер, кој овозможувајќи споделување на пораки од максимум 140 карактери, би бил бескорисен за размена на корисни линкови, доколку истите мора да останат во својата оригинална должина.

Инаку, ваквите сајтови само создаваат кратки линкови кои упатуваат до истите веб-локации до кои водат и долгите адреси од кои тие се создадени. Кратењето на линковите не значи оневозможување на пристапот преку оригиналните адреси.

Од неодамна се појави „нула“ - македонски веб-сајт наменет за кратење на долгите линкови, кој има неколку специфики кога би се споредил со други сајтови за оваа намена. Пред се, се работи за македонски сајт чија адреса е многу лесна за помнење и брза за пишување. Понатаму, на корисниците им е овозможено да си изберат наставка којашто сакаат да ја добие нивниот краток линк, доколку истата претходно веќе не ја искористил некој друг. За привремено користење на кратките линкови, постои една фер политика, што овозможува нивно бришење по употребата, со цел истите да бидат достапни за понатамошно користење.

Особено практична примена на системот за кратење на долгите веб-адреси овозможува букмарклетот кој со извлекување во лентата за обележувачи, го овозможува користењето директно, со еден клик, без потреба од вчитување на сајтот во прелистувачот.

Дополнување: нема
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Дизајн: едноставен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: има
(број на кликови и број
на скратени линкови)
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Политика за приватност: нема
Јазик: македонски
Адреса: 0.mk

27 јули 2009

Вашата дигитална визит-карта

Онлајн претставувањето е многу значајно во денешно време, посебно доколку со нашата професионалност и стручност сакаме да допреме до голем број активни интернет корисници кои би сакале да ползуваат од нашите услуги. Претставувањето може да биде изведено на неколку начини, преку официјални веб-сајтови, лични блогови, профили креирани на социјалните мрежи итн. Едно поинакво, деловно онлајн претставување овозможува веб-сајтот card.ly - наменет за едноставно креирање на дигитални визит-карти.

Предуслов за да го користите веб-сајтот е да се регистрирате низ кратка постапка, што ќе ви овозможи да си ја изработите вашата визит-карта. Изработката на визит-картите се изведува во неколку чекори: наведување на корисничките имиња под кои можете и сакате да бидете најдени на социјалните мрежи, пополнување на вашите лични податоци и опис на вашиот профил, избирање на дизајн кој најмногу ќе одговара на вашата дејност или вкус, споделување на информацијата за туку-што креираната визит-карта со вашите твитер следачи и вградување на визит-картата на вашиот веб-сајт, блог или друга веб-локација. Овие податоци и параметри можат подоцна да се менуваат.

Како резултат на вашиот краткотрајно вложен труд ќе добиете професионална дигитална визит-карта која ќе биде поставена на веб-сајтот во формат: http://card.ly/username.

Сајтот нуди можност за користење на платена варијанта која изнесува 25 долари годишно, а тоа, меѓу поважното, ќе ја ослободи вашата-картичка од реклами, ќе ви понуди голем избор на дизајни и ќе ви дозволи да си ја регистрирате визит-картата на домен по ваш избор.

Дополнување: од страна
на корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: модерен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има (за извори
Посочени од корисниците)
Гугл-ранг: 0/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: card.ly

23 јули 2009

Проверете го текстот кој го напишавте на странски јазик

Без разлика колку добро познаваме одреден странски јазик, никогаш не се чувствуваме доволно сигурни во објавувањето на напишан текст, без претходно да го провериме истиот со некој онлајн речник или пак уште подобро со личност која подобро го познава тој јазик од нас. Доколку се спојат овие две работи, се добива омилениот веб-сајт на многу преведувачи, изучувачи на странски јазици и многу други вклучувајќи ме и мене - „корект мај текст“.

Принципот на кој функционира овој веб-сајт е многу едноставен. Се што треба да направите е да се регистрирате, да го напишете вашиот текст во обележаното поле и да го изберете јазикот на кој е напишан. Вашиот текст ќе биде објавен на веб-сајтот од каде познавачи на истиот јазик ќе може да го преземат и да го проверат. Додатни опции кои ја подобруваат ефикасноста на овој веб-сајт се: избирање на клучни зборови кои го олеснуваат пребарувањето; одредување на нивото на познавање на јазикот кое го барате од личноста која го проверува вашиот текст; назначување на бројот на лицата (од1 до 3) кои сакате да го проверат вашиот текст и добивање на говорна форма од проверениот текст.

Друг начин на кој „корект мај текст“ ви помага во усовршување на вашите познавања на странските јазици е правото вие да проверувате текстови закачени од други корисници. Веб-сајтот е преведен на повеќе јазици од кои можете да го изберете оној кој најмногу ви одговара.

Дополнување: многу често
(од страна на корисниците)
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 4/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски, руски, шпански,
француски, италијански,
португалски, германски
Адреса: www.correctmytext.com

Напишано од Дона Џамбаска

09 јули 2009

Френдфид - сервис за споделување

Многуте сервиси за брзо споделување на информации помеѓу избрани корисници на истите ни даваат голем избор, но истовремено ни предизвикуваат проблем бидејќи тешко е да се одлучиме што е најпрактично и најприфатливо за нас, ако не знаеме што нудат останатите сервиси од ист вид. Така, следува заклучокот дека доколку сакаме да ги избереме најкорисните сервиси, треба постојано да следиме што ново се појавува, кои промени и надградби ги доживуваат постоечките сервиси итн. Секако, нема никаква корист ако се зачленуваме на сите сервиси што се појавуваат, доколку немаме време сите да ги користиме. Сервис кој го препорачуваме за користење од многуте такви кои постојат е Френдфид.

Френдфид е онлајн сервис за споделување информации помеѓу пријатели. Тој нуди интерактивен начин на откривање и дискутирање за информациите кои пријателите ги споделуваат.

Она што ќе го добиете по бесплатната регистрација е фид - река од информации - составен од пораките кои со вас ги споделиле вашите пријатели. Тука можат да се најдат фотографии, линкови, видеа и текстуални пораки. Доколку вие се најдете во нечиј круг на пријатели, тоа значи дека тој корисник ќе ги добива содржините кои вие ги споделувате. Можете да се пријавите да следите и новости од одредени групи, како на пример од вашето семејство, колегите или најтесниот круг на пријатели.

За да го користите сервисот нема потреба од инсталација на некаков софтвер. Сè што ви треба е прелистувач во кој ќе го повикате сајтот на кој треба да бидете најавени за да читате и поставувате. Алтернативно, за овој сервис можете да се служите и со вашиот фејсбук профил, вашата имејл корисничка сметка или СМС пораки за да поставувате содржини. Јавните френдфид профили се видливи за сите. Вашиот фид можете да го вградите на вашиот веб-сајт или блог и со тоа да ги збогатите информациите кои таму ги нудите, како и да поставувате информации на други сервиси, како фликр, твитер, фејсбук и уште многу други, директно со нивното поставување на френдфид.

Дополнување: од корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: веб 2.0
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
(на страниците на корисниците)
Гугл-ранг: 8/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски, француски, шпански,
италијански, германски, турски...
Адреса: friendfeed.com

01 јули 2009

Отворете ја кутијата - споделувајте и обработувајте фајлови фајлови од секаде

Потребата од онлајн складиште за личните документи се повеќе се зголемува. Ако хард дисковите со мал капацитет ги заменивме со такви кои имаат значително поголем, снимените дискови ги користиме помалку заради попрактичните усб базирани мемориски уреди, она што е следно е преселбата на нашите фајлови онлајн. Многумина веќе ова го практикуваат, а ќе го практикуваат и повеќе во иднина, како што ќе стануваме се поактивни онлајн и како што ќе расте нашата зависност од големиот број неопходни документи. Чувањето фајлови онлајн има уште една додадена вредност во однос на другите методи за складирање - можноста за пристапување од било кој компјутер во светот поврзан на интернет. Ако чувствувате дека е време и вие да преселите дел од вашите неопходни фајлови онлајн, тропнете на вратата на Бокс. Вратата ќе се отвори, а ќе ве пречека 1 ГБ онлајн простор само за вас и тоа сосема бесплатно.

Предноста на овој сервис, во однос на останатите кои нудат слободен простор за чување фајлови е во тоа што тој на корисниците им овозможува поставување на документи кои можат да се прегледуваат и обработуваат од одреден број на поканети членови. Според тоа, овој сервис цели кон бизнис корисниците кои често соработуваат од различни точки на Земјата. Затоа, покрај основниот модел за користење на сервисот, постојат и такви кои се плаќаат и имаат помалку ограничувања, односно повеќе можности. Сервисот овозможува и директно креирање на документи онлајн, приватно споделување на поставените фајлови со испраќање на соодветните линкови преку имејл, креирање на онлајн работен простор на кој поканетите можат да поставуваат фајлови, да дискутираат и да допринесуваат во работата, поставување на различни сигурносни опции, пристапување од мобилни уреди и сл. Некои од опциите се сепак ограничени само за претплатените корисници.

Дополнување: од корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: минимална
Пребарувач: има (за личните фајлови)
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има (блог)
Гугл-ранг: 7/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.box.net