30 септември 2009

Покажете му на светот што слушате

Доколку сакате да им покажете на вашите пријатели каква музика слушате, најлесно да ја видите нивната, да бидете во тек со сите ваши омилени групи, нивните нови песни и турнеи, посетете го, еден од моментално најпопуларните веб-сајтови поврзани со музика, „ластефем“. Регистрирањето на сајтот е едноставно и брзо, преку кое на вашиот компјутер автоматски се симнува додаток за вашиот омилен музички плеер кој ја меморира музиката што ја слушате и истовремено податоците ги испраќа до вашиот ластефем профил.

На вашиот профил се креира листа од музиката што ја слушате, од која подоцна ластефем пресметува кој тип на музика најмногу го слушате, кој артист ви е омилен и, се разбира, која песна и албум. Тие податоци ги сортира во повеќе временски групи од кои лесно можете да видите каква музика сте слушале најмногу последната недела, месец, шест месеци или пак година. Покрај сите тие пресметки кои ги прави за вас ластефем, тој според музиката која дотогаш сте ја слушале ви нуди и други артисти и типови на музика кои би ви се допаднале, ви овозможува да прочитате се за нив, да видите нивни фотографии, кои нивни песни и албуми се најслушани од останатите корисници и кои артисти се слични на нив.

На ластефем можете да ги посетувате профилите на вашите пријатели со што автоматски се пресметува колкава е сличноста на музиката која ја слушате, можете да станете член на некоја обожавателска група, да испраќате и примате пораки, да слушнете директно од сајтот дел од вашата омилена музика или пак од музиката која ви ја нуди сервисот, да гледате видео спотови од огромен број понудени артисти, да најавите музички настани на кои ќе ги поканете вашите пријатели и огромен број други прекрасни можности и додатоци.

Дополнување: редовно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен, модерен
Навигација: средна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема, но има
бројач на слушатели, учесници...
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 8/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски, германски, шпански,
полски, руски, турски, француски
Адреса: www.last.fm

Напишано од Дона Џамбаска

29 септември 2009

Гледајте ги омилените филмови и ТВ серии со превод

Без разлика колку често можете да одвоите време за вашите омилени филмови или оние новите кои едвај чекате да ги гледате, дали сте вистински филмоман или, пак, некој кој ужива во гледањето романтични комедии во друштво, овој веб-сајт ќе му се допадне на секого. „Дивиикс-титлови“ е, според многумина, најдобриот веб-сајт кој овозможува бесплатно и едноставно симнување на филмски преводи. Тоа што го прави толку добар, покрај огромниот избор на филмови, е и тоа што преводите се достапни на повеќе јазици, меѓу кои е и македонскиот.

Дивиикс-титлови е лесно прегледен сајт на кој пребарувањето на преводи е брзо и едноставно. Сè што треба да направите е да го впишете името, или дел од името на филмот и пред вас ќе се појави листа на преводи на различни јазици. Под секој наслов стојат одредени податоци: на кој јазик е преводот, кој го поставил, на која дата, колку преземања има, како и коментари и оценки од други корисници за тој превод.

Во долниот десен агол може да се пронајде листа на најпопуларни филмови и преводи според бројот на пребарувања, како и видеа од филмови кои допрва треба да излезат. Покрај филмски преводи, овој сајт нуди и омоти за компакт дискови, блог каде што може да дискутирате на одредени теми со другите корисници на сајтот, како и простор каде што можете да поставите прашања кои подоцна ќе бидат одговорени од стручни лица.

Дополнување: секојдневно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: лош
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 4/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски, српски, хрватски,
македонски, словенечки
Адреса: www.divx-titlovi.com

Напишано од Дона Џамбаска

26 септември 2009

Пронајдете ги боите кои ве инспирираат

Колорсакр“ е веб-сајт кој ќе им биде од корист на графичките и веб-дизајнери, уметниците кои творат дигитално и воопшто на луѓето кои се занимаваат со визуелна и креативна работа, која подразбира употреба и комбинирање на бои.

Ако сте ваков профил на професионалец, не ви е непозната потрагата по инспирација за она што е пред вас и треба да биде сработено. Вебот е секогаш за вас да ви даде насока, идеја, инспирација. Многу важна, во овој тип на работа, е правилната употреба на боите. За помош од ваков вид, ви го препорачуваме колорсакр. Тоа е веб-сајт кој овозможува екстрахирање на боите од сликите со цел нивна употреба и комбинација за свои цели. Со прости зборови, тоа значи дека доколку најдете некоја фотографија на веб на која ви се допаѓаат боите и сакате да го доловите чувството што таа го има, истата можете да ја посочите и како резултат да ги добите посебно сите бои што се употребени. Секоја боја е претставена визуелно на мала површина која може да се влече до сликата, со цел да се пронајде местото на нејзината примена и нејзиниот однос со другите бои. Секако, под приказот на секоја боја, ќе ги најдете потребните информации за нивната примена во вашата работа, како и неколку палети со бои кои ја вклучуваат конкретната.

Пробајте да работите со колорсакр. Доколку ви се види корисен, обележете го во вашиот прелистувач или додадете го како проширување во мозила фајрфокс.

Дополнување: нема
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: минималистички
Навигација: минимална
Пребарувач: има (за фликр)
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: colorsuckr.com

25 септември 2009

Најдоброто детско игралиште онлајн

Поасон руж“ или „црвена риба“ е еден од најинтересните сајтови наменети за децата кои можат да се сретнат на веб. Пристапот до елементите на сајтот е целосно овозможен преку слики, каде секоја сликичка открива нова содржина. Иако наменет за најмалите, на него ќе му се израдуваат и повозрасните, и тоа како родителите, така и наставниците.

Овој веб-сајт е посебно добар бидејќи на едноставен, сликовит и, за децата, разбирлив начин, ги претставува содржините, заради што тие се мотивирани самите да истражуваат и да ги откриваат загатките.Букви, бројки, годишни времиња, звуци, странски јазици, сложувалки, инструменти за свирење, оптички илузии, игри и уште многу други содржини се дел од овој веб-сајт. Тој е забавен и корисен, бидејќи се учи низ игра со што се овозможува напредување во разни вештини, вклучително и во компјутерските.

Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: детски
Навигација: преку слики
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски, француски
Адреса: www.poissonrouge.com

23 септември 2009

Научете да се паркирате според новите правила

Наместо да се вознемирувате поради новите правила за паркирање, да дискутирате жестоко со пријателите на оваа тема или да се откажете засекогаш од вашиот автомобил, потрудете се да дознаете како да се прилагодите на променетата ситуација во главниот град на нашата земја.

Појдете на веб-сајтот „Паркнау“ каде уште веднаш ќе ве пречека една симпатична цртана анимација која ќе ви ги разјасни нејасностите околу начинот за паркирање преку СМС. Ако тоа не ви е доволно, дополнително информирајте се преку текстуалните образложенија. Доколку пак не сакате да го користите овој метод за наплата, дознајте што значи алтернативната варијанта.

На сајтот можете да дознаете кои се цените за паркирање во паркинг зоните, како и да ја видите локацијата на вториве.

За да почнете да ја користите услугата за плаќање паркинг место преку СМС во одредените зони, најпрво треба да се регистрирате на сајтот, по што ќе добиете и неколку значајни привилегии. Вашиот кориснички профил ќе ги чува сите податоци за вашите минати паркирања и финансиски трансакции, ќе ви понуди опција за менување на телефонскиот или регистарскиот број и сл.

Доколку се регистрирате на паркнау, првото паркирање ќе ви биде гратис. Искористете го периодот до 1ви октомври.

Дополнување: скоро нема
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен, едноставен
Навигација: нормална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Политика за приватност: има
Јазик: македонски, англиски
Адреса: www.parknow.mk

17 септември 2009

Патувајте во друштво, а и поевтино

Често патувате низ земјава. Патните трошоци ви се високи, а како за беља скоро никогаш немате пријател кој треба да патува во истиот правец. Доколку ова ви делува познато, „патувај заедно“ ќе ви дојде како многу пријатно изненадување.

Тоа е веб-сајт кој има улога на посредник, односно им нуди на корисниците место на кое тие можат да побараат или понудат превоз до одредена дестинација во одреден период. Корисниците сами одлучуваат кои податоци за контакт ќе ги остават, па врз основа на тоа тие меѓусебно се договараат. Целта на овој сајт е да се овозможи оптимално користење на возилата и горивото, делење на трошоците помеѓу сопатниците и секако растоварување на сообраќајот што пак оди во насока на зачувување на животната средина.

Сајтот им е наменет на патници кои редовно патуваат поради од јавниот превоз.

Патувај заедно во моментов е самоодржлив проект за кој во иднина се очекува да добие поддршка од разни спонзорства и донации, како и од реклами кои ќе се поставуваат на самиот сајт. Тој има тенденција да прерасне во интернационална посредничка платформа за патување, што значи да им помогне на луѓето да патуваат од и кон Македонија.

За да поставите оглас било за нудење, било за барање превоз, неопходно е да се регистрирате на сајтот. Пристап до поставените огласи пак, имаат сите посетители.

Дополнување: од корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: модерен, прегледен
Навигација: минимална
Пребарувач: има (по градови)
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Политика за приватност: има
Јазик: македонски
Адреса: www.patuvajzaedno.mk

14 септември 2009

Испеглајте си го лицето на вашите фотографии

Во ова време многу е важно како се претставувате себеси онлајн. Секако, многу поважно е што пишувате и што се пишува за вас, но не е неважно и со каква слика ќе се идентификувате пред неброената и често непозната публика. За таа цел, сите се трудиме да ја избереме најдобрата фотка што ја имаме, на која изгледаме најкул и најубаво, па макар и на истата да не личиме на себеси. Сето тоа е нормално и е во човечката природа, а за да го засилиме таквиот впечаток кој го оставаме со своите фотографии, можеме да побараме брза и ефикасна помош од „пиктрит“. Тоа е веб-сајт кој без потреба од регистрација ви дозволува да посочите слика од вашиот компјутер или од некоја веб-локација која автоматски ќе биде обработена и сервирана за понатамошно користење.

Сликите, популарно кажано, се пеглаат што подразбира мазнење и давање сјај на кожата, отстранување на флеки, пеги и други недостатоци на кожата, поправање на црвени очи и сл. Воедно процесот трае неверојатно кратко, а готовиот производ можете да го подобрите доколку искажете незадоволство од сликата во однос на одредена карактеристика. Потоа сликата можете да ја поставите на некој ваш профил или да ја зачувате на компјутерот. Сето ова е сосема бесплатно.

Регистрираните корисници добиваат можност да ги чуваат испегланите слики во свои албуми, како и да ги споделуваат со пријателите.

Дополнување: неважно
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Дизајн: модерен, прегледен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 1/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.pictreat.com

11 септември 2009

Побарајте одговори на вашите прашања

Интернетот може да се користи за разни цели, но и покрај тоа, често ги занемаруваме можностите за ползување значајни придобивки од него. Еден интересен концепт за меѓусебно помагање помеѓу корисниците нуди новиот македонски веб-сајт „одговори“. Тој користи многу едноставен концепт за размена на информации, знаења и искуства помеѓу неговите корисници преку систем на поставување конкретни прашања и очекување нивни одговори. Значи, самите корисници прашуваат и одговараат, што значи допринесуваат во развојот на самиот веб-сајт и на него достапните информации.

Доколку имате нешто да прашате од областа на науката, политиката, технологијата или некоја друга, регистрирајте се на одговори, поставете го прашањето и почекајте да добиете помош, насока или некаква друга корисна информација во прилог на вашето прашање.

Веб-сајтот е за пофалба од повеќе аспекти. Се базира на едноставен концепт кој е вообичаен за странските сајтови, но е уникатен помеѓу македонските. Иако форумите можат да го вклучуваат истото, сепак овој тип на сајтови е различен и повеќе насочен кон посериозна цел. Има многу прегледен дизајн и структура, уредни услови за користење и јасни насоки за помош. Прашањата се сместуваат во соодветни категории, истите можат да бидат проследени со повеќе одговори од различни корисници, а квалитетните одговори добиваат повеќе видливост благодарение на едноставниот систем за позитивно гласање. Спротивно, лошите, неточни, навредливи и други несоодветни одговори благодарение на негативни гласови можат да бидат полесно воочени и отстранети.

За да бидете во тек со прашањата на корисниците, „одговори“ можете да го следите и на „твитерtwitter.com/odgovori.

Дополнување: од корисниците, често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: модерен, прегледен, чист
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 1/10
Политика за приватност: има
Јазик: македонски
Адреса: odgovori.mk

03 септември 2009

Место за гурманите

Ако уживате во храната и готвењето, отворени сте за нови предизвици во кујната и немате фобија од користење на интернет, тогаш „гурман“ е веб-дестинацијата која треба што поскоро да ја посетите и соодветно обележите во вашиот прелистувач.

Иако неединствен според тематиката која ја обработува, гурман е сепак различен од останатите сајтови за храна и готвење. Тој не изгледа и не се доживува како сајт за рецепти, веројатно бидејќи е повеќе од тоа. Нуди секција со вести, на некој начин поврзани со храната или угостителскиот бизнис, како и разни занимливости. За забава можете да читате колумни, играте игри или да преземете некоја десктоп позадина која ќе ви го стимулира апетитот додека работите. Секако, покрај овие и другите видови содржини, гурман можете да го посетите за да добиете идеја за подготовка на некое јадење, за кое на располагање ќе добиете рецепт.

На веб-сајтот не му недостасуваат ниту совети за подобро здравје и убавина благодарение на консумирање на одредени хранливи состојки, а љубителите на коктелите ќе најдат задоволство во секцијата за пијалаци каде може да се види начинот на приготвување на некои.

Необичен е делот „медија пакет“ кој со преземање ги открива целите и причините за постоење на овој веб-сајт, она по што тој се разликува од на нему сличните, целните групи на кои им е наменет, како и детални информации за цените за рекламирање. Можностите за рекламирање изобилуваат од избор на позиција, до големина и форма.

За пофалба е уредната страница со импресум која го открива идентитетот на луѓето заслужни за концептот и содржините, што истовремено го качува кредибилитетот на целиот сајт во целина.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: класичен
Навигација: средна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 0/10
Политика за приватност: нема
Јазик: македонски
Адреса: www.gurman.mk

01 септември 2009

Залепете се за актуелните информации

Селотејп“ е уште еден македонски портал од информативен карактер кој изобилува со тематски најразлични содржини. Тој покрива вести од земјата и од светот, шоу бизнисот, технологијата, науката, спортот, разни занимливости, фото и видео содржини и сл.

Покрај ваквите содржини кои повеќе или помалку можат да се сретнат и на други слични портали, на овој може да се користат и неколку онлајн сервиси, како што се слушање радио, читање неделен хороскоп, следење на спортски резултати, преглед на ТВ програмата на неколку македонски и странски канали и играње судоку. Покрај тоа, на сајтот можете да ја следите временската состојба за градовите Скопје, Охрид, Битола и Штип.

Порталот има класичен дизајн кој одговара на неговата намена. Содржините се уредно поместени во соодветни категории, што го прави прелистувањето пријатно, а навигацијата едноставна. Авторот на веб-сајтот или тимот на луѓе кои стојат зад содржините е непознат за посетителите. Од друга страна пак, вестите се проследени со датум на објавување, што е позитивно заради проценување на свежоста на презентираните информации.

Ако ви се допадне „селотејп“, можете да го поддржите на фејсбук, а доколку пак ви делува како разумна инвестиција, обратете се кај авторите за рекламирање.

Дополнување: секојдневно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: класичен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 2/10
Политика за приватност: нема
Јазик: македонски
Адреса: www.selotejp.com