29 декември 2009

Ново складиште за истражувачите од целиот свет

Депот“ е ново институционално складиште кое им овозможува на истражувачите и научниците од целиот свет депонирање на нивните трудови, статии и поглавја од книги. Оваа интернационална локација има за цел, на едно место да ги собере научно-истражувачките трудови кои се производ на истражувачи и научници од институции без свое институционално складиште. Со тоа, тој е од полза за целата истражувачка заедница од светот. Ставањето на научно-истражувачките трудови онлајн и на располагање на сите кои можат да имаат корист од нив е во согласност со концептот на отворен пристап.

Ставајќи ги електронските копии од вашите научно-истражувачки документи во системот на депот, имате можност да постигнете многу поголема читаност од онаа што можете да ја постигнете со достапноста на вашиот труд единствено преку научно списание базирано на претплата. Дополнително, истражувањата покажуваат дека стапката на цитирање на материјали кои се ставаат на располагање преку отворен пристап може да се зголеми драматично до дури 400% во некои дисциплини.

Правото на објавување на рецензираниот труд (во финална верзија) онлајн се регулира со договор за пренесување на авторските права. Доколку вакво право не ви е одредено и понатаму можете да го консултирате издавачот. Исто така, можете да поставите трудови кои јавно ќе се прикажат по одреден период кој го бара издавачот или дури да ги направите вашите дела невидливи, доколку не ви е близок концептот на отворен пристап. Во овој случај, внесувањето на вашето име, институцијата која стои зад вашето дело и мета податоците за него, ќе ја зголемат неговата видливост за пребарувачите и со тоа ќе се зголеми интересот за нив, иако самата содржина и понатаму ќе остане скриена за корисниците.

Поставувањето на трудовите во системот на депот ќе значи нивно архивирање и чување се додека не се појави посоодветно институционално складиште каде тоа треба да биде објавено. Во меѓувреме, други истражувачи, научници и студенти можат да ги ползуваат резултатите од вашите истражувања и да изградат нови знаења врз основа на нив. Со тоа вие ќе помогнете во изградување на поцврста научна заедница и подигнување на нејзиното ниво на квалитет и распространетост.

Дополнување: од корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: класичен, многу прегледен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 7/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски
Адреса: www.depot.edina.ac.uk

25 декември 2009

И за најмалите деца постои совршено катче на интернет

Иако многу родители нема да се сложат со тоа нивните деца да бидат залепени за компјутерскиот монитор уште на многу рана возраст, ние сепак ќе им го предложиме „кидиос“ како одлична дестинација за нив. Потоа тие самите ќе си одлучат дали ќе му дадат шанса на овој сајт и дали и колку ќе ја дозволат неговата употреба во домот.

Овој веб-сајт, како и повеќето слични на него, ги агрегира сите корисни, забавни, интересни, едукативни ресурси за деца на едно место. Содржините се претходно проверени, што го прави сајтот безбедна околина токму за најмалите. Кидиос е наменет за деца до шест годишна возраст, но него можат да го користат и деца на возраст до 10 години. Содржините опфаќаат интересни видеа во вид на цртани филмови, анимирани филмчиња, игри, боенки и цели веб-сајтови со слична намена. Децата ќе имаат можност да ги гледаат содржините кои ги обожаваат, на пример, цртаните и анимираните филмови со нивните омилени јунаци како пинк пантер, снупи, јунаците од мапет-шоу, штрумфовите и многу други.

Родителите треба да се регистрираат на сајтот за да ја овозможат неговата целосна функционалност, но ова е сосема бесплатно. Во текот на постапката тие ќе треба да ја дефинираат возраста на нивните деца, што ќе биде основа за понатамошните предлози соодветни на годините, но и на други карактеристики на детето.

Па сега, ако вашите деца секако гледаат детски програми на телевизија, нема причина зошто да не им го овозможите истото и преку интернет. Тие ќе бидат задоволни, вие ќе можете да си ги терате домашните обврски, а нивните активности сепак ќе бидат под ваша контрола.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: детски
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски, шпански,
француски, германски, хебрејски
Адреса: www.kidyos.com

24 декември 2009

Одличен сервис за деца и учители

Керпуф“ е онлајн сервис кој претставува креативна работилница за деца од претшколска возраст, но и за оние малку постарите. Оваа локација исто така може да им биде од корист на учителите по училиштата бидејќи на него има апликации кои тие можат да ги употребат на своите часови, преку кои децата истовремено ќе можат да се едуцираат, забавуваат и да ја искажуваат својата креативност.

За да може да се користи сајтот, најпрво е потребна регистрација со задавање на корисничко име и лозинка. Регистрирањето е бесплатно, но таквиот кориснички профил е ограничен и тој не ги овозможува сите апликации, ликови и алатки. Ова сепак не би требало да ви претставува проблем. Доколку сакате да ги добиете сите можности и поволности од сервисот, ќе треба да платите сума зависно од тоа на колку време сакате да се претплатите.

Годишна претплата би ве чинела околу 45 американски долари. Сервисот овозможува креирање на оригинални слики, цртежи, кратки видеа, лични интересни приказни, честитки, а истите децата ќе можат да ги зачуваат и испечатат зависно од својата желба или пак да ги постават на локацијата со што и останатите корисници ќе можат да ги погледнат и да ги оценат. Креирањето на приказни и кратки видеа се состои во поставување на веќе постоечки ликови и позадини кои корисникот ги комбинира како сака, вметнувајќи свој текст и ефекти кои се на располагање во зависност од профилот (бесплатен или претплатнички). Сајтот е достапен па 7 јазици, но за жал не и на македонски.

Дополнување: ретко
Брзина: нормална
Функционалност: одлична
Дизајн: детски, шарен
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни Зборови: нема
Јавен Бројач: нема
РСС/ АТОМ: нема
Гугл -ранг: 5/10
Јазик: англиски, француски, германски,
италијански, шпански, руски, кинески
Политика за приватност: има
Адреса: www.kerpoof.com

20 декември 2009

Онлајн трговски центар

Веб-локацијата „Трговски центар“ претставува одлична замисла на онлајн шопинг центар, во кој македонските продавници и брендови можат да ги изложуваат своите производи кои сакаат да бидат продавани преку интернет, а на купувачите им нуди голем избор за пазарување од дома.

Сајтот овозможува на многу лесен, ефикасен начин, секој заинтересиран трговец да може да премине во ново поле од својата професија. Сајтот е изработен детално и професионално и нуди сигурност и безбедност преку одлични логистички и технолошки решенија кои ќе го подигнат нивото и начинот на живеење на еден помодерен стил. Секој кој има желба и ги исполнува стандардите на оваа веб-локација, може да се претплати за креирање на одреден тип на онлајн продавница во зависност од своите потреби.

Стандардната продавница нуди одлични услуги за промоција на производи во неограничена количина кои ќе се појавуваат во каталогот на продавницата и дел од нив во излогот на www.tc.mk, можност за наплаќање преку кредитна картичка, испорака, можност за рекламации итн. Управуваната продавница пак, нуди повеќе опции од стандардната, но покрај можноста за пристап во управувањето од страна на самиот корисник, има опција и за управување од страна на сервисот, што подразбира нивна грижа за нарачките, контакти со купувачите, решавање рекламации и слично. Сајтот нуди и услуга за големите трговци да можат да ги промовираат своите производи, но притоа тие ќе мораат да ги исполнат барањата и спецификите за овој тип на продавница, меѓу кои е и годишен промет над 1 000 000 евра годишно. За секој тип на онлајн продавница се наплаќа одредена претплата во зависност од одбраниот пакет.

Од страна на купувачите, купувањето на некој од производите се извршува стандардно преку одбирање на производ, ставајќи го во кошничка и внесување на личните податоци за наплата и испорака. Сајтот исто така нуди опции за рекламација и враќање на производите, добивајќи го назад полниот износ кој сте го платиле, доколку не сте задоволни.

Дополнување: редовно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 0/10
Политика за приватност: има
Јазик: македонски
Адреса: www.tc.mk

18 декември 2009

Огромен избор на висококвалитетни слики и фотографии

Опенфото“ претставува уште една онлајн галерија која изобилува со илјадници фотографии кои можат да ви послужат за секаква намена. За разлика од сличните сервиси, оваа локација дозволува да преземате слики неограничено и тоа без никаква регистрација на истиот.

Сликите се распределени во многу категории, со цел полесно да ги пронаоѓате оние кои ви се потребни. Регистрација на сајтот ќе треба да ја поминете доколку сакате да направите профил, со кој ќе ви се овозможи да прикачувате ваши фотографии. За фотографиите кои ќе ги прикачите, можете да одберете во која категорија да се прикажуваат, по што истите ќе бидат достапни за корисниците на сајтот.

Она што на сите ќе им се допадне, е тоа што сликите кои се преземаат не се прекриени со адреси од сајтот испишани по целата површина, мерка која ја преземаат многу локации за да ги заштитат сликите од своите галерии за неовластено симнување на истите.

Дополнување: редовно од страна на корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски
Адреса: openphoto.net

17 декември 2009

Добијте ги најинтересните детали од вашето видео без мака

Доколку ве интересираат само најинтересните детали од снимката на вашата безбедносна камера или надгледувачката камера за вашето мало дете или домашно милениче оваa веб-локација може да ви биде од многу голема корист.

Бесплатната услуга од оваа локација можете да ја добиете многу лесно и едноставно, но таа е ограничена со само 24 часовна снимка. Поврзете ја вашата камера со компјутерот и почнете да снимате, а по прекинувањето на процесот сајтот сам го креира видеото во скратена верзија која ги содржи само деталите од долгата снимка. Доколку сакате да имате некои додатни бенефиции од сервисот потребно е да отворите профил кој би ве чинел околу 9 американски долари. Со ваквиот профил вие ќе можете да прикачите видео од вашиот компјутер, да го преземете видеото кое сте го снимиле, ќе можете да додадете снимка со висок квалитет и ќе ви биде овозможено наместо 24-часовна снимка да архивирате снимки со времетраење од две календарски недели.

Со оваа услуга вие ќе можете да ги погледаните само кратките инсерти од видеото што сте го обработиле и со тоа ќе си го заштедите времето кое инаку би го изгубиле барајќи го оној дел кој ви е потребен.

Дополнување: ретко
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 5/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски
Адреса: highlightcam.com

16 декември 2009

Многу корисен онлајн речник и толкувач на зборови

Визувордс“ или „визуелни зборови“ претставува многу различен и поинаков речник од оние стандардните кои ги имаме дома или пак од оние кои вие редовно ги посетувате на интернет. На почетната страница се наоѓа само пребарувач на зборови и огромен бел празен простор кој на прв поглед може да ве збуни, се додека не ја откриете функцијата на сајтот.

Сајтот функционира на многу интересен и пред се специфичен начин кој верувам дека многу ќе ви ја олесни работата. Сè што треба да направите е да внесете збор во пребарувачот и на белиот простор ќе ви се појави нешто слично на атом т.е. зборот кој сте го впишале ќе се наоѓа во јадрото со здебелени букви и од него ќе излегуваат други јазли на кој ќе бидат испишани соодветни термини кои се поврзани со зборот кој сте го побарале.

Станува збор за термини кои директно се поврзани со тој збор и термини кои можат да ви послужат за замена или дообјаснување на тоа што сте го побарале. Секоја патека која што води од јадрото до еден од термините е означен со различна боја и текстура. На левата страна, на легендата можете да видите дека секоја боја и текстура има соодветно значење за полесно сознавање на тоа што ви треба, како на пример од кој вид е зборот, од каде потекнува, слични зборови на него, на која група припаѓа и што ли уште не. Со доведување на стрелката од глувчето над некој од зборовите ќе добиете и дефиниција за секој од нив.

Дополнување:редовно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 7/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски
Адреса: www.visuwords.com

11 декември 2009

Креирајте видео прикажувајќи го вашиот талент за цртање

Скечфу“ е одлична веб-локација која би требало да им се допадне на повеќето кои сакаат да цртаат на компјутер и притоа имаат желба на останатите да им покажат како го направиле тоа. Сепак сајтот не би го препорачал за некој што подолго време се занимава со цртање, од причина што обезбедува само неколку основни опции, за разлика од програмите на кои тие се навикнати да работат како фотошоп, илустратор и така натаму.

Постапката за правење на видеото, кое на некој начин претставува туторијал, е едноставна и се што треба да направите е да се регистрирате на сајтот, бесплатно, и да започнете нов цртеж кој ќе го нацртате одбирајќи ги понудените опции за боја и текстура. Откако ќе решите дека вашиот цртеж е готов стиснете „Replay“ и одберете брзина на снимката која може да биде и 16 пати побрза од реалната и сервисот ќе ви го прикаже секој чекор кој вие сте го направиле работејќи на вашето мини ремек-дело.

Доколку сакате да го зачувате видеото тоа ќе биде додадено во големата архива на видео туторијали поставени од сите корисници регистрирани на сајтот. Интересно е тоа што доколку имате желба и доколку авторот на некое видео дозволил пристап, вие можете да го доработите и измените веќе постоечкиот цртеж и кога некој ќе сака да го гледа видеото тоа ќе ја дава целата постапка заедно со, од вас, додадената обработка. Секако за поголема контрола и поумешно користење на овој сервис пожелно би било да имате електронска табла за цртање, која ќе го симулира цртањето како да цртате со пенкало на хартија.


Дополнување: редовно од корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: интересен и прегледен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: има
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 4/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски
Адреса: sketchfu.com

10 декември 2009

Нов начин за споделување на имејл пораки

Доколку имате потреба вашата имејл порака да ја споделите со вашите пријатели на Фејсбук, Твитер и останатите слични мрежи, „Момео“ може да ви претставува одлична алатка од причина што сервисите за социјално вмрежување и оние за испраќање на електронска пошта претставуваат два некомпатибилни формати.

Без потреба од регистрирање на локацијата и без плаќање за услугата вие се што треба да направите е да ја испратите имејл пораката која сакате да ја споделите на post@moomeo.com и во краток временски период ќе добиете повратна порака од сервисот која ќе содржи линк што ќе можете да го поставите на сервисите за социјално вмрежување. Сајтот функционира така што вашата порака ја претовара во веб страна која потоа лесно може да се сподели како регуларен линк.

Дополнување: ретко
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.moomeo.com

07 декември 2009

Огромна порција од македонскиот веб - секој ден, во секое време за секого

Ping.mk е агрегатор на е-содржини кои се собираат автоматски преку претходно задавање на РСС фидови до веб-сајтови или тематски посебни делови од нив. Во моментов постои голема база на зададени извори кои секојдневно агрегираат нови содржини, а корисниците и самите можат да пријавуваат фидови, но и линкови до поединечни написи, фотографии, видеа и сл., притоа сместувајќи ги во соодветни групи.

Покрај собирањето на сите видови содржини, овој веб-сајт има една дополнителна вредност - можност за гласање од страна на регистрираните корисници со што линковите до најпопуларните содржини, фер и демократски избиваат меѓу првите.

Она што го разликува овој сервис од останатите е тоа што тој обединува содржини од секаков тип, поставени на локални веб-сајтови, а негова основна намена е промовирање на алтернативните извори на информации кои нудат квалитетни анализи или издржани мислења, од индивидуални блогови, преку веб-сајтови на организации и портали, до кој било вид на нови медиуми.

Корисниците на сервисот придонесуваат со гласање и посетување на поставените линкови, како и со поставување на нови извори и нови содржини. Групите отвораат можност за создавање заедници врз основа на заеднички интерес за дадена тема, географска област или во рамките на разни движења за граѓански активизам.

Корисниците имаат избор од неколку модерни и практични опции за користење на сајтот. Тие подразбираат поставување на виџети на нивните лични веб-сајтови и блогови кои автоматски ќе ги прикажуваат содржините од пинг, копчиња за брзо додавање линкови од пинг на сопствените веб-локации, како и букмарклети кои овозможуваат брз пристап до функциите на пинг.

Најдобрите содржини имаат шанса да бидат избор на уредниците и да се најдат на левата страна на почетната страница, со што истите добиваат можност за поголема промоција и популарност.

Дополнување: постојано
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен, модерен
Навигација: средна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има (агрегатор)
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 0/10 (нов)
Политика за приватност: има
Јазик: македонски
Адреса: ping.mk

01 декември 2009

4 пребарувања во Гугл одеднаш - и тоа е возможно

Дали некогаш сте посакале да пребарувате повеќе работи одеднаш, а отворањето повеќе јазичиња во прелистувачот не ви се чинело како добра идеја? Иако ваквата можност не би ви го променила животот драстично, добро е да знаете дека постои, па некогаш можеби ќе ви текне да ја искористите.

Гуглгуглгуглгугл“ е веб-сајт кој се состои од 4 рамки кои го делат екранот на 4 еднакви дела, а во секој од нив има по една гугл почетна страница. Можете да ги користите сите 4 рамки истовремено, што значи во секое поле за пребарување да пишувате различни поими, за кои соодветно ќе добивате и различни резултати. Оваа можност е многу практична за веб-истражувања кога вообичаено треба да се обидеме со повеќе варијанти од клучни зборови и нивни комбинации додека да дојдеме до резултатите што сме ги очекувале.

Секоја од четирите рамки може да се исклучи доколку сакате да си овозможите повеќе простор, во случај да ви станат доволни 3 или 2 гугл страници. Исто така, во секоја од рамките можете да впишете и друга веб-адреса која на тоа место ќе го повика конкретниот сајт или страница.

Сега за сега, сајтот е функционален, но во најава се некои нови функционалности кои би требало да го направат уште попрактичен и покорисен за употреба.

Дополнување: нема
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 4/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски
Адреса: googlegooglegooglegoogle.com