30 јуни 2010

Проверете колку името на вашата фирма е достапно на веб

Без оглед на дејноста во која делува вашата фирма, името кое ќе го одберете е од голема важност за нејзино брзо и лесно препознавање насекаде. Ако сакате да го промовирате тоа име на интернет, тогаш ud.com е следната веб-локација на која треба да се упатите. Овде ќе можете да проверите колку името на вашата фирма е зафатено на различните веб-домени и социјални мрежи.

Сајтот има минималистички интерфејс и се користи навистина едноставно. Треба само да го впишете името во пребарувачот и за неколку секунди ќе добиете листа со резултати. Во резултатите се вклучени генерички и регионални домени, блог сервиси, како и голем број социјални мрежи како „Фејсбук“, „Tвитер“ и „Фликр“. Резултатите со црвена боја означуваат дека се работи за зафатено име, а зелената за слободно.

Сервисот е многу корисен и ако сакате да започнете со употреба на одредено име. Така, со помош на пребарувачот ќе видите кое име е веќе зафатено, а кое слободно, без оглед дали станува збор за домени или за социјални мрежи.

Дополнување: секојдневно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен, функционален
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Политика за приватност: нема
Адреса: www.ud.com

22 јуни 2010

Најдете, спакувајте и споделете линкови

Ако сакате да наоѓате, собирате и споделувате интересни линкови со вашите интернет пријатели, тогаш „бег-д-веб“ е следната веб-локација која треба да ја посетите. Бег-д-веб е интересен сервис, на кој можете да направите ќесиња со тематски линкови од омилените веб-сајтови, блогови или социјални мрежи и потоа истите да ги споделите.
За да почнете со користење на сервисот, треба да се регистрирате. Првиот чекор е креирање на ќесе со линкови и негово соодветно именување. Потоа, може да одберете дали ќесето ќе биде достапно за сите корисници или ќе остане приватно. Следно е уредување на ќесето и неговата содржина. Може да одберете слика која ќе стои зад колекцијата линкови, да додадете краток опис за линковите и да се поврзете со други ќесиња со линкови кои може да бидат релевантни за вашата колекција. Готовото ќесе може да го споделите на вашиот блог или веб-сајт.

Покрај можноста за создавање колекции со линкови, на сервисот може и да се пребаруваат ќесиња со одредена содржина, како и корисниците да се поврзуваат со други корисници за да ги следат нивните колекции со линкови.

Дополнување: од корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 4/10
Јазик: англиски
Политика за приватност: има
Адреса: bagtheweb.com

21 јуни 2010

Повеќејазичен онлајн преведувач

Промт транслејтор“ е одличен и едноставен преведувач на повеќе јазици, меѓу кои англиски, француски и германски јазик. Сервисот нуди три преведувачки опции, односно, преведување на текст, веб-страница и софтвер за преведување кој може да го симнете.
Промт преведувачот работи на истиот принцип како и „Гугл транслејт“. За разлика од популарниот преведувач на Гугл, Промт нуди поскромен избор на јазици, но дава поточни и попрецизни резултати. Содржи вграден правопис и речник за зборовите кои сакате да ги преведете. Новитет кај овој сервис е можноста за преведување по категории. Така, доколку преведувате текст кој е постручен, може да кликнете на една од понудените категории и на тој начин сервисот ќе ви овозможи посоодветен превод.

Преведувачот има и функционална, мобилна верзија.

Дополнување: нема
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: соодветен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Политика за приватност: има
Адреса: www.online-translator.com

20 јуни 2010

Пребарувајте фотографии во реално време

Без оглед на пораката која ја пренесуваат, новите, свежи фотографии се порелевантни од останатите. Со „Начофото“ лесно ќе добиете свежи фотографии, без оглед дали станува збор за општа или моментално популарна тема.

Овој фото-сервис е бесплатен и не ви е потребна регистрација за да го користите. Вашата работа е да внесете соодветен клучен збор во полето за пребарување и ќе добиете паѓачко мени со неколку категории кои се поврзани со зборот кој го впишувате. Постои и опција да одберете една од понудените, моментално популарни категории или да ги прегледате најновите, онлајн објавени фотографии. Сервисот содржи и временска линија, со која може да видите пред колку месеци или недели била објавена фотографијата која ја прегледувате. Откако ќе се одлучите за соодветна фотографија, сервисот ќе ве пренасочи кон оригиналниот извор на истата.

Овој фото-пребарувач нуди фотографии кои се поврзани со повеќето актуелни настани низ светот. Посебно корисен за оние на кои им се потребни најсвежите фотографии достапни онлајн.

Дополнување: секојдневно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: англиски
Политика за приватност: нема
Адреса: nachofoto.com

13 јуни 2010

Печатете го само тоа што навистина ви треба

Принтлиминејтр“ е одличен веб-сервис со кој едноставно ќе ги избегнете сите непотребни елементи на веб-страниците кои сакате да ги печатите. Со помош на оваа алатка лесно ќе ги отстраните сликите, огласите и дополнителните текстови, со што печатената страница ќе изгледа поубаво и посредено.

Сервисот функционира како обичен обележувач во вашиот прелистувач. Прво треба да го додадете принтлиминејтр во лентата со обележувачи. Потоа, кога ќе ја посетите веб-страницата која сакате да ја печатите, со едноставно кликнување на обележувачот ќе добиете скокачки прозорец со можни опции за печатење. Со движење на курсорот низ страницата, ќе може да го селектирате конкретниот дел кој сакате да го печатите. Можете и да ја одберете опцијата за отстранување на сите графички делови од страницата, со што ќе ќе се испечати целиот текст, без непотребни додатоци.

Дури и да згрешите во селекцијата на деловите од страницата кои сакате да ги отпечатите, тука е опцијата „undo last action“, со која ќе се отповика последната промена која сте ја направиле.

Дополнување: нерелевантно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: англиски
Политика за приватност: нема
Адреса: css-tricks.com/examples/ThePrintliminator

12 јуни 2010

Праќајте безбедни и самоуништувачки онлајн пораки

Ако имате потреба да праќате пораки со важни информации кои навистина сакате да останат тајни, тогаш „уан-тајм-месиџ“ е идеалната веб-локација за вашите потреби. Овој сервис ви овозможува да праќате онлајн пораки кои сами се уништуваат откако ќе бидат прочитани од страна на наведениот примач.

Формата која треба да ја пополните за да ја испратите пораката е многу слична на интерфејсот на вашата електронска пошта. Треба да го внесето вашето име и адресата на електронска пошта, како и името и електронската пошта на примачот. Откако ќе ја напишете пораката, треба да решите многу лесна математичка задача по што содржината ќе биде испратена. На крајот ќе добиете код кој ќе треба да го споделите со примачот на пораката, кој пак ќе треба да го употреби за да ја прочита. По читањето, пораката ќе биде избришана од датабазата на сајтот. Исто така, може да одберете опција доколку пораката не пристигне во рок од една недела, таа сепак да биде уништена.

На овој начин, вие ќе бидете сигурни дека вашата порака ќе стигне на правото место, без можност за нејзино несакано пробивање.

Дополнување: секојдневно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 1/10
Јазик: англиски
Политика за приватност: има
Адреса: onetimemessage.com/

02 јуни 2010

Бесплатен софтвер за оперативните системи Виндоус и Мекинтош

Даунлоуд3000” е веб-сајт кој на сите корисници на Виндоус и Мекинтош оперативните системи им овозможува бесплатно и без регистрирање да преземаат софтвер, видео игри и драјвери според нивните потреби.

Сајтот е преполн со секаков вид софтвер и на него можете да најдете буквално сè што ви е потребно. Не само што можете да преземете квалитетен софтвер и најнова надградба за истиот, туку и да читате детални разработки и рецензии за секоја програма поединечно. Целата база е распоредена по категории, па така воопшто нема да имате проблем со наоѓањето на соодветната инсталација. Исто така, можете да го впишете бараниот поим во пребарувачот или пак да го одберете напредниот пребарувач кој ќе ви овозможи да прецизирате што точно барате. На сајтот можете да прочитате што мислат корисниците или пак самите вие да оставите коментар, а исто така можете да го оценувате софтверот.

Сајтот секојдневно се надополнува и редовно прави листи со најдобрите 10 софтвери. Рецензиите на сајтот се достапни и на француски и германски јазик, а дел од нив и на шпански.

Дополнување: редовно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледлив
Навигација: средна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 6/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски, француски и германски
Адреса: www.download3000.com