27 август 2010

Македонската Твитер заедница - тематски сортирана на едно место

Твитер“ е сервис кој се користи ширум светот од многу луѓе со различни профили и лични интереси. Заради брзината и честотата со која се споделуваат твитовите (пораките кои се праќаат преку сервисот Твитер), следењето на она што навистина одговара на личните кориснички интереси станува особено тешко. Едно решение за класификација на пораките според регионот и според типот на содржини што се споделуваат, овозможува македонскиот сервис „140“. Тоа е сервис за категоризирање на македонските кориници на твитер и нивните постови според предметот на нивните интереси.

На почетната страница можете да ги прегледувате содржините и корисниците кои ги споделувале, групирани во неколку популрани категории. Приказот според категории пак, овозможува детален преглед на последните пораки од регистрираните корисници на сервисот за дадена тема. Паралелно можете да ги видите и последните членови кои се приклучиле кон дадена категорија, како и да видите по колку членови брои секоја од нив.
Категоризирање на македонските кориници на твитер и
нивните постови според предметот на нивните интереси
Актуелните теми за кои дискутира македонската твитер заедница се излистани од десната страна и претставени со хаш тагови, како новите корисници би можеле да се вклучат во некоја од дискусиите. Опционално можете да ги видите и сите тагови кои биле употребени во испратените пораки преку сервисот 140 и воедно преку твитер.

Сајтот има и своја посебна блог-страница на која креаторите даваат упатства за новите корисници на твитер и известувања за новитети кои му се случуваат на сајтот.

140 е производ на волонтерска работа. За да биде релевантно и сеопфатно место за добивање брзи информации, треба да се освежува од што поголем број на корисници. Во моментов заедницата пријавена на 140 брои околу 450 членови. Придонесете за зголемување на оваа бројка – регистрирајте се на 140.mk уште денес. Како резултат на тоа, не само што ги имате сите предности од организираниот начин на информирање, туку добивате и нов канал за промоција на вашите твитови пред најверната македонска твитер публика.

Дополнување: од корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Дизајн: класичен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Политика за приватност: нема
Јазик: македонски
Адреса: 140.mk

26 август 2010

Вашите омилени блогови на едно место

Блоглавин“ е едноставно идеалната веб-локација за сите оние кои паралелно сакаат да следат повеќе блогови. Сајтот овозможува следење на омилените блогови на корисниците на едно место, на едноставен начин.

При вашата прва посета на овој веб-сајт, ќе ви биде понудено креирање на кориснички профил преку кој подоцна ќе можете да ги прелистувате блоговите кои ги следите. На почетната страница на блоглавин се прикажани најпосетените и највисоко рангираните постови од изминатата недела. Покрај опцијата да пребарувате блогови според нивното име, блоглавин ги групира блоговите и според тема и посетеност. Откако ќе го изберете блогот кој сакате да го следите, се отвора неговиот профил на кој пишува колку луѓе го следат, која тема тој ја обработува, колку постови објавува неделно во просек, кус опис на блогот и слични блогови на тој.
Профил според вашите лични интереси за информирање од популарни блогови
Откако ќе ги изберете сите блогови кои ќе ги следите, нивните нови постови ќе се појавуваат на вашиот профил веднаш откако ќе бидат објавени. На блоглавин има и опција постовите кои ви се допаднале да ги обележите за подоцна да можете да ги разгледувате. Секоја новост која веќе сте ја отвориле автоматски се означува како прочитана.

Дополнување: постојано
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Политика за приватност: нема
Адреса: bloglovin.com

25 август 2010

Следете ги најновите светски вести, коментари и осврти со Гардијан

Гардијан“ претставува онлајн издание на истоимениот весник кој постои уште од 1821 година. Најновите вести од светот, спортот, патувањето, бизнисот, културата, модата, книгите и уште многу други области можете да ги најдете тука. Овој сајт го привлече нашето внимание, заради можноста за инстантно дознавање на најновите вести, како и за читање на најновите содржини од блоговите со само еден клик.

Гардијан е типичен портал за вести, богат со многу области на покривање, но и со дополнителни сервиси за неговите посетители. Така на пример, на него е поставен огласник за вработување, за да им се овозможи на посетителите полесно да најдат или да понудат работа. Тука се и временската прогноза, сервисот за пронаоѓање сродни души, крстозборки, квизоиви, игри и уште многу други.

Читајте светски вести на светски начин
Разгледувањето на содржините на Гардијан е задоволство за посетителите и заради богатството од мултимедијални содржини во секоја форма: аудио, текст и слики. Притоа, читањето вести и разгледувањето на останатите содржини е секако бесплатно.

Сајтот си има сопствена верзија прилагодена за читање преку мобилен телефон.

Дополнување: редовно
Брзина: средно
Функционалност: добра
Дизајн: прегледен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема 
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 9/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.guardian.co.uk

24 август 2010

Бесплатен месечен онлајн магазин

Технологијата оди напред, а со нејзиниот напредок се менуваат и навиките на луѓето. Делумно, ова е резултат од потребата за следење на трендовите, но веројатно многу повеќе, тоа се должи на зголемените можности кои ги добиваме благодарение на новите технологии. Ако сте од оние луѓе кои прифаќаат технолошки предизвици по секоја цена, ве предизвикуваме да го читате месечниот магазин „Аплоуд“, онлајн.

Онлајн списание за технологија на македонски јазик
Магазинот аплоуд е и тематски посветен на технологијата, претставувајќи ги во месечни изданија најновите и најинтересните трендови во оваа област, со особен акцент на гаџетите. Магазинот изгледа буквално како печатено списание, само што начинот на кој би се користело тоа е малку поинаков и побогат со можности. Бидејќи се работи за веб-изданија кои се креираат со помош на популарниот сервис за оваа цел – „Ишју“, линковите на страниците се активни, можете да гледате видеа директно во магазинот, како и да лизгате низ делови од страниците со глувчето, за да откриете содржини кои земаат повеќе од предвидениот, ограничен простор.

Ви препорачуваме да го разлистате актуелното издание, секако доколку не ви пречи да читате од вашиот компјутерски екран. Пристапот до списанието е бесплатен, а на располагање добивате секогаш достапна содржина на македонски јазик.

Дополнување: месечно
Брзина: средно
Функционалност: добра
Дизајн: прегледен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема 
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Политика за приватност: нема
Јазик: македонски
Адреса: upload.mk

20 август 2010

Работи што никој не ми ги кажал

Работи што никој не ми ги кажал“ е веб-стрип на Алекс Нориега од Барцелона. Всушност се работи за блог кој наместо текстуални постови нуди кратки стрипчиња или карикатури со негови размислувања и анегдоти.

Иако ритамот на појавување на нови постови не е секојдневен, сепак се одржува прилично постојан континуитет од неколку неделно (со исклучок на годишни одмори) што овозможува јакнење на емоционалната врска со читателите (брендирање).

Стилот на цртање е понекогаш експериментален, но секогаш на прилично високо ниво, а нарацијата има елементи и магичен реализам карактеристичен за пошироката култура од која потекнува авторот.

Со оглед на тоа што стрипот ја користи лиценцата на Криејтив комонс наведи-извор-некомерцијално-без-адаптирани-дела сликичките како такви може да се споделуваат и објавуваат на ваши сајтови, но без интервенции во нив, на пр. замена на текстот со превод на друг јазик.

Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Дизајн: основен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 0/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски
Адреса: stuffnoonetoldme.blogspot.com

18 август 2010

Стрипот за Мула Пиаз, наследникот на Настрадин Оџа

Мула Пиаз го опишуваат како комбинација на традиционалниот источен мудрец и шегобиец Настрадин Оџа и американскиот стрип Дилберт. Од едниот ги има наследено логиката и хуморот, а од другиот интересот за новите технологии. Добронамерниот хумор го прави интересен за читатели од целиот свет.

Зборот „мула“ кој кај нас може да се преведе како „оџа“ во случајот, како и со Настрадин кој потекнува од Турција, има пошироко значење на народен мудрец, наспроти ригидната интерпретација на свештеник.
Стрип: логика + хумор + нови технологии
Со оглед на тоа што излегува двојазично, веб-сајтот на стрипот има иновативен интерфејс кој овозможува промена на јазикот од персиски на англиски со еден клик по стрип. Со оглед на тоа што насоката на читање на овие два јазици е сосем различна, тоа бара и замена на целиот стрип, кој е преработен соодветно слика по слика.

Лоциран во современ Иран, тој се соочува со ситуации за кои понекогаш има одглас во странските медиуми - како цензура и следење на комуникациите од „морални“ причини, крадење споменици пред нос на полицијата, но и други секојдневни проблеми како поскапување на лебот. За разбирање на некои од авантурите не е лошо да се биде во тек со алтернативни извори на информации од светот, како Глобал војсис на македонски.

Пример на искористување на можностите на медиумот е можноста читателите да предложат сценарио за приказна.

Дополнување: неделно
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Дизајн: прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: имаа
Гугл-ранг: 3/10
Политика за приватност: нема
Јазик: персиски (фарси) и англиски
Адреса: www.mullahpiaz.net