23 мај 2011

Информации за фармерите

Земјоделството претставува многу важна гранка која придонесува за развојот на македонската економија. Кога на земјоделците би им биле достапни повеќе информации и совети во врска со оваа гранка, тоа уште повеќе би помогнало во нејзиниот развој. Веб-сајтот на Федерацијата на фармерите на Република Македонија (ФФРМ) токму тоа и го прави: нуди совети, информации и документи со кои можат да им ја олеснат работата на фармерите.
Веб-сајт со корисни информации за фармерите
Се работи за Федерација, односно здружение на граѓани чија цел е да ги заштитува економските, социјалните и културните интереси на фармерите. На нивниот веб-сајт редовно, во категоријата „Вести“, објавуваат најави за настани, соопштенија и други информации од оваа област. Во категоријата „Совети“ нудат совети од неколку области на земјоделството: градинарство, лозарство, овоштарство итн. Обично се работи за совети за проблеми со кои фармерите се соочуваат секојдневно во нивната работа, како на пример: справување со штетни организми, нови методи и технологии кои се употребуваат во сточарството, механизација и слично.

Категоријата „Документи“  може да биде особено корисна за фармерите. Тука ФФРМ нуди документи кои можат да помогнат во работата на фармерите: различни брошури, закони кои ги засегаат фармерите, информации за ИПАРД програмата и сл.

Преку календарот на саеми, пак, фармерите  може да се информираат за датумите на одржување на саемите за земјоделци во Македонија, но и во светот.

Сите содржини на сајтот се бесплатни и не е потребна регистрација за истите да се користат.

Дополнување: редовно
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Дизајн: добар
Навигација: нормална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: нема
Политика за приватност: нема
Јазик: македонски
Адреса: www.ffrm.org.mk

16 мај 2011

Направете си веб-сајт со „Jux”

Сега е навистина едноставно и за оние кои не се ИТ-едуцирани да си направат сопствен веб-сајт. Единствено, потребно е да знаете англиски јазик и да имате трпение да ги склопите сите работи заедно.
Сервис со кој на едноставен начин може да креирате свој веб-сајт
Jux” е платформа која ги комбинира принципите на отворениот код и „Криејтив Комонс”. Ви овозможува да направите неограничен број сајтови, бесплатно и да ги исполните со вашата содржина, било да се работи за комерцијален бизнис или за личен експеримент.

За да ја користите оваа платформа потребно е да се регистрирате и да отворите корисничката сметка. Понатаму, создавањето сајт е прилично лесно. „Jux” има готови теми/урнеци на кои може да работите за да го креирате вашиот сајт, а тие се приспособливи, па може да ги уредувате како сакате.

Платформата ви овозможува да додавате различни копчиња, галерии со слики, да вградувате клипови од „Јутјуб”, РСС фидови, копчиња за лајк на „Фејсбук”, копчиња за споделување на други социјални мрежи и многу други опции. Меѓу другото, „Jux” ви овозможува слободен пристап до кодот на страницата.

Најдобро од сè е што платформата не ви наметнува досадни реклами или брендирање. Секако, сајтовите кои ќе ги создадете, во својот домен ќе ја содржат додавката „jux.com”, па доколку сакате сопствен домен, ќе треба да платите.

Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 2/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.jux.com

12 мај 2011

Вашиот водич до случувањата во другите градови

Тајм-аут” е веб-сајт кој ви овозможува да патувате низ светските метрополи без воопшто да го напуштите вашиот дом. Всушност, овој сајт е своевиден водич низ светските туристички локации. „Тајм-аут” нуди увид во популарните ресторани, барови и пабови, хотели, музеи и атракции, фестивали, места за класична музика и опера, уметност, театар, кабаре, книги и поезија, спортување и фитнес, шопинг, и што уште не. Овие информации кои би ви се нашле корисни при планирање посета на некој град.
Веб-сајт со информации за светските туристички дестинации
На „Тајм-аут” ќе најдете статии за многу светски дестинации, од Абу Даби, до Пекинг, Бејрут, Буенос Аирес, Кејп Таун, Куала Лумпур, Кјото, Њујорк, Чикаго, Мајами, Москва, Мелбурн, па се до оние нам поблиските европски градови, како Лондон, Париз, Лисабон, Загреб и други.

Овој сајт всушност претставува електронска верзија на магазинот „Тајм-аут”, но информациите кои ќе ги најдете се сосема доволни за да ви го задржат вниманието и да ви се најдат корисни при посета на некоја метропола.

Дополнување: непознато
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 7/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.timeout.com

11 мај 2011

Пронајдете рецепт според состојките со кои располагате

Несомнено постојат голем број на извори со рецепти за подготовка на вкусна храна. Но, голем дел од нив можеме само да си ги замислиме, првенствено бидејќи не располагаме со состојките потребни за нивна подготовка. Веб-сајтот „Мајфриџфуд“ е малку поразличен, бидејќи ги зема предвид состојките со кои располагате и ви препорачува рецепти кои реално можете да си ги дозволите.
Веб-сајт кој предлага рецепти според состојките со кои располагате
Потребно е само да ги изберете состојките кои ги имате во „фрижидерот“ и да го притиснете копчето „Search receipes“. На почетната страница е дадена исцрпна листа на состојки, поделана во неколку категории, како на пример: пијалаци, млечни производи, сосови, зачини, тестенини и сл. Сервисот ќе ги пронајде и ќе ви ги предложи само оние рецепти кои ги содржат состојките кои ги имате обележано. При тоа, за секој предложен рецепт, ќе ви укаже на тоа колку проценти од потребните состојки поседувате и колку од задолжителните ви недостасуваат. Листата на пронајдени рецепти можете да ја филтрирате со избор на соодветен тип храна, како на пример: вегетаријанска или нискокалорична, или со одредување на максималниот број на калории. Со избирање на конкретен рецепт добивате целосен увид во состојките и начинот на подготовка.

Доколку сакате, може и да се регистрирате на сервисот со што ќе може да ги зачувате вашите состојки за некое идно пребарување. Како регистриран корисник ќе може и вие да поднесете свој рецепт и на тој начин да ја збогатите базата со која располага „Мајфриџфуд“.

Дополнување: од корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Дизајн: прегледен
Навигација: добра
Пребарувач: има
Клучни зборови: има 
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 2/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски
Адреса: myfridgefood.com

10 мај 2011

Веб-сајт за млади новинари

Во последно време, тинејџерите сè помалку време одвојуваат за читање книги, литература, дневен печат, а уште помалку за создавање содржини. Но, на веб-сајтот „Медиум“ може да се прочитаат написи токму од младите новинари.
Веб-сајт со написи од млади новинари
Самиот веб-сајт е дел од проектот „Медиум“  на дневниот весник Нова Македонија и Високата школа за новинарство и за односи со јавноста. Наменет е првенствено за средношколци и тинејџери, кои сакаат да пишуваат и учат за новинарството и медиумите.

На веб-сајтот се објавуваат написи на теми кои обично ги интересираат средношколците како на пример: мода и училиште, популарни личности, настани кои ги одбележуваат средношколските денови и слично. Тие се дел и од месечното издание на „Медиум“ кој излегува како подлисток на дневниот весник Нова Македонија, како и од онлајн изданието, кое е достапно на самиот веб-сајт. 

Сајтот е поделен во неколку категории, но во поголем дел од нив се повторуваат исти написи. Најверојатно со понатамошниот развој, ќе дојде до диференцирање и пополнување и на останатите категории. Интересна е категоријата „Папарацо“ во која  може да се погледнат слики направени од самите средношколци или иницијативата за избор на „најкул“ професор со која секој средношколец може да гласа пополнувајќи го онлајн формуларот за свој „најкул“ професор.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Дизајн: прегледен
Навигација: добра
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има 
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Политика за приватност: нема
Јазик: македонски
Адреса: medium.edu.mk

05 мај 2011

Конвертирајте датотеки во различни формати

Сервисот „Замзар“ овозможува конверзија на различни типови датотеки од еден формат во друг.
Сервис кој овозможува конверзија на датотеки во различни формати
Користењето на сервисот е бесплатно. Потребно е само да го прикачите документот чиј формат сакате да го промените, а потоа да го изберете оној во кој сакате да го конвертирате. Притоа, може да прикачите 5 категории датотеки и тоа: документи од програм за канцелариско работење, слики, музика, видеа, е-книги, компресирани документи и CAD документи, креирани во програмата AutoCAD. Сервисот поддржува различни формати за секој од горенаведените  категории. Истите може да ги прегледате во делот „Conversion Types“. Секоја прикачена датотека може да биде голема до 100 MB.

Конвертираната датотека ќе може да ја симнете преку линкот што ќе го добиете на имејл адресата која сте ја внеле при прикачување на датотеката.

Доколку сакате, можете да се претплатите на сервисот за да добиете дополнителни погодности, како на пример: прикачување датотеки големи до 1GB или пак лично онллајн складиште големо 100GB.

Интерфејсот и навигацијата на сервисот се едноставни и интуитивни.

Дополнување: нема
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 7/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: zamzar.com

04 мај 2011

Како функционира животот?

Како функционира животот” е веб-сајт со интересни препораки за секојдневни теми. Овде може да прочитате за 3-те работи кои компаниите за осигурување на автомобили не сакаат да ги знаете, како штедливите мајки добиваат 70% попуст на најдобрите работи за нивните деца, новата тајна диета на Холивуд, каде да најдете часовници и накит поевтини за 80%, итн.
Веб-сајт со практични совети за функционирањето на животот
Во повеќето од статиите се промовираат или препорачуваат одредени производи или пак истите содржат вметнати врски кои ве пренасочуваат за да добиете повеќе информации.

Содржината на сајтот е поделена во 9 категории: бизнис, кариера, финансии, здравје и убавина, животен стил, врски, шопинг, технологија и патување. На дното од почетната страница може да ги видите и популарните теми и популарните статии.

Објавените текстови генерално ви даваат совети или ви кажуваат како функционираат некои работи во животот, па може да ви се најдат корисни.

Статиите од „Како функционира животот” може да ги споделите на социјалните медиуми.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 2/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.howlifeworks.com

03 мај 2011

Пополнувајте ПДФ документи онлајн

Сервисот „Fillanypdf“ овозможува пополнување формулари, кои се зачувани како ПДФ документи. Бидејќи ваквиот формат на документи сè почесто се среќава во употреба, овој сервис навистина може да биде многу корисен. Наместо документот да се печати, па потоа да се пополни, скенира и да се праќа, со овој сервис сè може да се заврши електронски.
Веб-сајт кој овозможува електронско пополнување на ПДФ документи
Единствено што треба да се направи е да се избере документот и да се прикачи, при што сервисот ќе го отвори во својот работен прозорец. Со користење на лентата со алатки, документот понатаму може да се уредува, односно да се внесе саканиот текст, да се означат одредени делови, да се додаде електронски потпис и сл. На крајот, пополнетиот документ може да се симне.

Доколку се регистрирате, прикачениот документ ќе може и да го споделите, поврзете со линк или да го вградите на вашиот веб-сајт со што и други луѓе ќе може да го пополнуваат.

Освен прикачување на ваши формулари, сервисот овозможува пребарување и користење на веќе изработени формулари од други корисници.

Бесплатната регистрација дозволува зачувување на еден и уредување на пет други формулари, додека месечната претплата од 19 долари, овозможува зачувување на 100 формулари и уредување на дополнителни 1000.

Доколку документите не ви требаат онлајн, бесплатно можете да прикачувате неограничен број ПДФ фајлови. Во тој случај, секој ПДФ треба да го пополните и уредите, после што веднаш треба да го преземете и избришете за да ослободите простор за следниот документ на кој ќе сакате да работите.

Дополнување: нема
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 5/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.fillanypdf.com