12 јули 2004

Лери Гоник - преобразованиот стрипаџија

[лекториран]


Лери Гоник е магистер по математика и еден од најинтересните американски цртачи на стрипови на оваа денешница. Тематиката на неговите стрипови е општообразовна и научно-популарна, продолжувајќи ја традицијата на Исак Асимов и Карл Саган. Гоник е добитник на „оскарот за стрип“, наградата „Харви“ за 2003 г.

На неговиот веб-сајт може да најдете информации за неговите публикации, линкови до цели стрипчиња („Кандид во Кина“ и „Муза“), репринти на интервјуа и рецензии, и „форум“, односно блог во којшто читателите може да дискутираат преку додавање на свои коментари.

Маана на сајтот е што некои од страниците се наместени да се отвораат во ново прозорче и што има премалку скенови од стриповите. Вметнатите цртежи создаваат одлична атмосфера.

Најпознато дело на Гоник е „Стриповска историја на универзумот“, од којашто досега се излезени три тома, од предисторијата до ренесансата. Во неа, Гоник ги комбинира податоците од (нему достапните, види подолу) историски записи (секогаш добро документирани, со библиографија) со урнебесно смешни измислени дијалози помеѓу ликовите. Инаку, и Плутарх го правел истото, само без дозата на хумор. Плус, Гоник става акцент на маргинализирани појави, како статусот на жените или ниските класи, за сметка на величање на освојувачите и сличните насилници.

За македонската публика е особено интересно дека делови на македонската историја Гоник споменува или благо неопределено (Александар) или во контекст на други народи (Самоил), што е последица на тоа што нашите историчари и архелози сеуште не успеале да ги промовираат нивните сознанија во светските научни кругови, па во библиотеките во САД се достапни само интерпретациите на нашите (јужни и источни) соседи.

Арно ама, во делот за османлиските освојувања и битката за Косово (книга 3, стр. 264), Гоник ги споменува Македонците и Албанците како посебни народи, на рамна нога со Србите, Бугарите, Грците, Италијанците и Франците...

Дополнување: на неколку недели
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ХТМЛ, ЦГИ
Дизајн: базиран на текст
Навигација: стандардна
Гугл-ранг: 5/6
Јавен бројач: нема
Јазик: англиски
Адреса: www.larrygonick.com

10 јули 2004

Психологија на влијанието

[лекториран]

Роберт Чијалдини е светски познат психолог од Аризона, чија книга „Влијание: наука и практика" е лектира не само за студентите по социјална психологија, туку и за сите оние што се интересираат за тоа како да остварат или спречат такви појави - од бизнисмени, преку потрошувачи, до политиколози и гласачи.

Своите сознанија овој истражувач ги темели на испитувања на тоа како луѓето си влијаат едни на други во реалноста, на пример, студии на случаи кои финти ги користат продавачите и келнерите за да извлечат повеќе пари од муштериите, а потоа ги комбинира со резултати добиени во лабораториски услови или преку статистички методи. Негов заклучок е дека основни принципи на влијание се: постојаноста, авторитетот, реципроцитетот, допаѓањето, консензусот и скудноста.

Заедно со теоријата, основа на привлечноста на делата на Чијалдини се практичните совети за тоа како да се снајдете или да бидете ефективни во разни ситуации. На пример, при презентации, доколку имате нова информација, најавете го тоа пред да почнете. Кога презентирате логични аргументи за нешто што ви е важно, зборувајте малку пополека од обично, итн.

Покрај академската дејност, Чијалдини води и компанија што им помага на фирми да станат повлијателни, на што е посветен и веб-сајтот „Инфлуенс ет ворк" (преносен превод: влијание во практика). Покрај презентации на производите и услугите (консултации, обуки, книги и касети), на сајтот има и бесплатни содржини од кои најзначајни се тестот за влијателност (линк: „What's Your iNfluence Quotient?") и месечниот билтен со новости и кратки написи базирани врз извадоци од литература или истражувања (линк: „Inside Influence"). За билтенот е достапна и архива со стари броеви.


Дополнување: еднаш месечно
Брзина: брзо
Функционалност: многу добра
Код: ХТМЛ
Дизајн: корпорациски
Навигација: стандардна
Гугл-ранг: 5/10
Јавен бројач: нема
Јазик: англиски
Адреса: www.influenceatwork.com

08 јули 2004

Сабрина Салерно

[лекториран]

Сабрина Салерно е италијанска пејачка, актерка и забавувачка, која во средината на осумдесеттите години од минатиот век се прослави со својата фотогеничност. Иако е отсутна од малите екрани на луѓето чии видеорикордери и стари касети фаќаат прав на заборавени полици, кариерата на Сабрина во меѓувреме продолжи, и за дел од неа може да се дознае преку нејзиниот веб-сајт.

Тековната верзија на веб-сајтот е направена некаде околу 1999 година и иако на првата страница е најавено обновување во 2004 година, од него нема ни трага (освен рекламната интроанимација на таа тема изведена флеш). Сепак, и таков каков што е, сајтот нуди доволно интересни содржини за да го задржи вниманието на нејзините обожаватели.

Сајтот на Сабрина спаѓа во класичниот жанр на лични сајтови, чија цел е да пренесе информации за сопственичката и да овозможи контакт преку и-мејл или писмо. Содржините се поделени на рубриките: биографија, интервјуа, музика, слики, видео, „XXX" и поздрави.

Галериите на фотографии се збогатени со фотографии снимени во разни контексти, а особено се занимливи фотографиите што се направени од познатиот италијански цртач на стрипови Мило Манара со кого Сабрина очигледно соработувала на некој проект. Некои од фотографиите се со висок квалитет (на компресија) и се одвоени како тапети и разгледници во рубриката „поздрави". Во рубриката „видео" се наоѓа спотот од песната „I love you", а во „икс-икс-икс" - класично изненадување за ваков вид сајтови.

Посетителите со понежна душа и литературен сензибилитет веројатно ќе ги заинтригира простодушниот и речиси интимен стил на пишување што Сабрина го употребила во текстовите.


Дополнување: статички
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ХТМЛ
Дизајн: застарено шарен
Навигација: употреблива
Бројач: нема
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: италијански и англиски
Адреса: www.sabrinasalerno.com

02 јули 2004

Македонски екстремни спортови

[лекториран]

Иксот во името на сајтот „икс-мкд“ потекнува од англиското „екстрим“ (не групата со хитот „мор ден вордс“) и се однесува на екстремните спортови: возење скејтборд, ролери или сноуборд; нуркање и параглајдерство.

За секој од спортовите има посебна рубрика (на сајтов наречени се портали), а на првата страница се вчитуваат најновите информации за секој од нив и се појавуваат ако се помине со покажувачот од глувчето врз икона-линк (рол овер). Ова доведува до впечаток на пренатрупаност, иако содржините се релативно оптимизирани, па оваа страница не се вчитува премногу бавно.

Арно ама влегувањето во некоја од внатрешните рубрики може да значи подолго чекање ако сте поврзани со обична телефонска линија, а авторите и намерно ставаат видеоклипови и други содржини што не се погодни за брзо симнување. Користењето фрејмови и слични тракатанци веројатно е причина за нискиот ранг на „Гугл“.

Добра страна на сајтов е што го прават ентузијасти и што создава чувство на градење заедница. Неговите членови, кои се од Виена до Велес, испраќаат фотографии од своите доживувања и постигнувања, а освен за спортовите, има информации и за игри поврзани со нив и друго. Стилот на пишување е жаргонски и американизиран (странските зборови, како и на македонскиот сајт за „Линукс“, и на оној од „Мајкрософт-Македонија“, не се увезуваат според правописот, туку се напишани на оригиналното писмо).


Дополнување: често
Брзина: падни-стани
Функционалност: средна
Технологии: ХТМЛ
Дизајн: пренатрупан
Навигација: густа
Гугл-ранг: 0/10
Јазик: македонски и англиски
Лекториран: не
Адреса: xmkd.com