01 октомври 2005

Пингоматик – фраерска алатка за блогери

[лекториран]

„Пингоматик“ овозможува испраќање пингови (сигнали) до сервисите за следење и поврзување блогови, преку кои се известуваат дека нешто ново е поставено на даден блог.

Таквите сервиси се многу влијателни, оти преку нив блоговите добиваат видливост и зголемен сообраќај, но најчесто не им се исплатува постојано да проверуваат дали има нешто ново на сите блогови во светот. Со испраќање мал пинг до секој од нив може да ги известите дека сајтот е освежен и да ги поканите да го посетат. На тој начин тие добиваат свежи податоци, а серверот не е преоптоварен со автоматски посети од овие машини за пребарување.

Откако ќе се испрати пингот, треба да помине извесно време пред да може да се испрати нов. Ова оневозможува злоупотреба и преоптоварување на „Пингоматик“ и сајтовите што ги известува.

Сосема природно, интегрален дел од сајтот е и блогот со кој авторите на „Пингоматик“ известуваат за нивната работа и за новостите во врска со сервисот.

Интересно е дека Флешот на сајтов е искористен многу практично - не за банери што светкаат и трепкаат без врска и на кои никој не клика, туку во делот за статистика за прегледен графички приказ на податоците од база. Иако нема независна верификација, угледот којшто го има овој „Пингоматик“ (го препорачува дури и ЕФФ - Електроник фронтиер фоундејшн) придонесува да нема место за сомневање во резултатите што ги прикажуваат, како на пример дека дневно се прават меѓу 1 и 4 милиони пинга.

ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ПХП, Флеш
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: несоодветно
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: несоодветно
Гугл-ранг: 7/10
Јазик: англиски
Адреса: pingomatic.com

Нема коментари: