28 мај 2009

Испечете тост од вашиот екран

Доколку сте активни онлајн, односно секојдневно трошите време на консумирање содржини од интернет, веројатно често налетувате на видеоматеријали кои објаснуваат некаков процес или презентираат како се користи некој сервис. Ако вашата активност подразбира и создавање на содржини, тогаш можеби некогаш сте се запрашале како вие да направите таков тип на видеопрезентација. Во ваков случај, можеби сте се посветиле на барање соодветно парче софтвер за таа намена, сте налетале на некој онлајн сервис кој ви дозволува да ја снимате активноста што се одвива во рамките на прелистувачот, или пак на таков кој бара да инсталирате некаков додаток за да се му овозможи ваквата функција на прелистувачот. Како и да сте работеле до сега, доколку не сте занеле за „скринтоустер“, непотребно сте се мачеле.

Скринтоустер е бесплатен веб-базиран снимач на екран, дизајниран за снимање на активноста на екранот, во комбинација со звук и слики од веб-камера во реално време, нивно пакување во вид на видео и можност истото да се објавува на блогови и други веб-сајтови. За да се зачува производот, на корисникот му е потребна регистрација на веб-сајтот. После тоа, снимачот на активноста на екранот може да се користи во целост. Со користење на кратенки од тастатурата, снимањето може да започне точно во моментот кога корисникот е подготвен, а непотребните моменти во текот на снимањето, можат да се избегнат со паузирање, повторно со помош на кратенки. Снимањето може да вклучува или исклучува аудио, а доколку се избере втората опција, подоцна може да се сними нарација. Ова е практично при подготовка на туторијали.

На видеата дополнително може да им се додаваат и титлови. Со цел понатамошно уредување, видеото може да се преземе во формат .mov или експериментално во .swf. Доколку производот не ви треба локално, поставете го на сервисот или директно на „јутјуб“. Ако ја изберете првата варијанта, ќе имате опција да го направите јавно, односно пристапно за сите. Ваквите видеа влегуваат во категоријата „само што испечени, а тие и понатаму ќе бидат пребарливи според категоријата на која и припаѓаат или со директно избирање од архивата. Се на се, многу корисен веб-сајт.

Дополнување: постојано
(од страна на корисниците)
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 5/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.screentoaster.com

Македонски портал за мажи

Ако тргнеме од претпоставката дека интересите и вкусовите се разликуваат кај различните полови, тогаш оправдано е да постојат и веб-сајтови кои се наменети за едниот и за другиот вид публика. Сајтови за понежниот пол биле рецензирани во рамките на оваа рубрика, а на машката македонска публика денес и го претставуваме men.mk - едноставно, веб-сајт за мажи.

Сајтот изгледа прилично задоволително на прв поглед, дизајнот е пристоен, содржините се уредно и логично поставени, а навигацијата - едноставна, по малку и специфична. Главното мени во горниот дел од сајтот се состои само од линковите: насловна, галерија, контакт и РСС, што е многу некарактеристично за македонските сајтови, за кои претежно се практикува необична комбинација од линкови во главното мени или негова пренатрупаност. Ваквата поставеност на men.mk е во склад со она што следува подолу, а тоа се содржините претставени со наслов, сликичка и краток вовед, што значи дека посетителите избираат што ќе читаат врз основа на она што ќе им го привлече вниманието, а не врз основа на некаква поделеност, односно категоризација. Пристапувањето според категорија сепак може да се постигне преку групацијата од линкови поставени во долниот дел од веб-сајтот, под содржините. Страничната лента започнува со презентација на спортски вести, а продолжува со содржини на тема здравје и нега, слајд шоу галерија со убави жени, коментари и најпопуларни написи.

Вака среден, веб-сајтот е примамлив за користење. Содржински, помеѓу останатите, покриени се темите: мултимедија, лајфстајл, технологија, хоби, колумни итн. Секој напис е проследен со датум на објавување, но никаде нема информација за авторите на содржините, креаторите на веб-сајтот, ниту пак извор на презентираното. Како и да е, според архивата до која може да се пристапи, веројатно се работи за веб-сајт регистриран овој месец, па како за почеток ветува доволно, а за понатаму, им посакуваме успех на сите кои стојат зад неговото одржување.

Дополнување: секојдневно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: комбиниран
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има (еден)
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: нема
Политика за приватност: нема
Јазик: македонски
Адреса: www.men.mk

26 мај 2009

Бидете домаќин на сопствено радио шоу

Дали некогаш сте посакале да бидете радио водител, да имате контакт со своја публика, да разговарате со луѓе јавно, на теми кои вас ве интересираат? Дали сте подготвени да ги користите новите технологии и интернетот за да си ја остварите својата желба? Доколку се пронајдовте во претходните прашања или барем во дел од нив, би можеле да му дадете шанса на „Блогтокрејдио“.

Блогтокрејдио е социјална радио мрежа која на корисниците им овозможува брз и директен начин за поврзување со нивната сопствена публика. За да бидете во улога на домаќин на сопствена радио емисија, предуслов е да поседувате компјутер со интернет конекција и прелистувач, како и обичен телефон за да можете да ги вклучувате вашите слушатели во програма. Слушателите притоа, можат да го користат и начинот за бесплатно вклучување преку интернет.

Посетителите на сајтот можат да преслушуваат емисии од богатата архива која ја имаат создадено корисниците. Притоа, можат да изберат преслушување на емисија која се емитувала во минатото, нејзино преземање на компјутерот или следење преку ајтјунс или друг РСС читач. Емисиите можат да се следат и во живо, како што се емитуваат, но за учество во нив, посетителите мора да се регистрираат.

Сите емисии се категоризирани според областа која ја покриваат, а возможно е и напредно пребарување со прецизирање на повеќе детали.

И за активните корисници на мрежата, и за оние кои се само во улога на посетители, користењето е бесплатно, додека за бизнис цели можат да се користат можностите за креирање на брендирана мрежа, која помеѓу останатите содржини може да вклучува емитување на вести до вработените во една фирма или до нејзините корисници или потрошувачи.

Дополнување: често
(од страна на корисниците)
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: комбиниран
Навигација: средна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 6/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.blogtalkradio.com

22 мај 2009

Онлајн претставување: Која е Минди Мекадамс?

Минди Мекадамс е новинар, професор по новинарство и веб-развивач. Она по што е најмногу позната е нејзината посветеност на онлајн новинарството и застапувањето за комбинирање на мултимедијалните можности со добрите новинарски стории. На универзитетот во Флорида предава онлајн новинарство, има издадено книга со наслов „Флеш новинарство: како да креирате мултимедијални пакети од вести“, која скоро во целост е достапна за читање преку сервисот на Гугл - Гугл Букс, има искуство со истражувачка работа и држење предавања во Малезија и Југоисточна Азија итн.

Од почетната страница на нејзиниот личен веб-сајт, регистриран под име кое всушност е нејзиното име и презиме, можете да прелетате кон страницата со нејзината биографија, кон книгата на Амазон, другите веб-сајтови зад кои таа стои, но најважно, до нејзиниот блог.

Блогот е едноставен, прегледен и богат со содржини од кои може многу да се научи на темата. Помеѓу сеопфатните постови во кои се разработуваат конкретни теми, можете да ги прочитате: како да снимате видео, почнете да обработувате аудио, слушајте поткасти, научете како да сликате пристојни фотографии, научете како да кратите, нијансирате и оптимизирате фотографии итн.

Ако сте новинар кој предизвикот во својата работа го гледа во онлајн новинарството, студент по новинарство подготвен да ја вклучи технологијата како дел од својата идна професија, блогер или друг профил на личност со ентузијазам за мултимедијално изразување онлајн, блогот на Минди Мекадамс, не го прескокнувајте. Уште подобро, посетете го денес. Којзнае, можеби ќе биде инспирација за вашата нова онлајн редакција.

Дополнување: од време на време
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: текстуален
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: има
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 6/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски
Адреса: mindymcadams.com

Македонски сајт за мобилни телефони

Наспроти скромниот избор на содржини на интернет, напишани на македонски јазик, одредени теми изгледа особено им го предизвикуваат интересот на луѓето, па така и бројот на веб-сајтови кои ги покриваат овие теми е поголем. По втор пат во оваа рубрика анализираме македонски сајт за мобилни телефони. Овој пат, предмет на анализа е telefoni.com.mk.

Прво што може да се забележи е дека тој претставува уште една репликација на светски познатиот ГСМ Арена. Но, оваа копија е доволно вредна за споредување. Пред се, сајтот редовно се освежува со новости од областа на мобилната телефонија, а изобилува и со рецензии кои на посетителите ќе им помогнат во одлуката за избор на нивниот иден мобилен телефон. Кратките прегледи на спецификациите на разните модели на мобилни телефони се достапни преку менито од левата страна, што е речиси идентично со она на ГСМ Арена. Посетителите можат да ги оценуваат телефоните според дизајн, опции и перформанси, што ја создава општата оценка за секој од нив.

Многу корисен дел од сајтот претставува можноста за споредба на мобилни телефони, но и можноста за споредба на тарифни модели, и тоа како од исти, така и од различни мобилни оператори. Делот за споредба на тарифните модели е достапен и на англиски јазик.
Помеѓу останатите содржини на македонскиот сајт за мобилни телефони се и делот за преземање на позадини и ринг тонови, делот со информации за разни додатоци и оној каде можете да се обратите доколку сакате да го огласите вашиот стар мобилен телефон на продажба или пак да купите нечиј друг.

На telefoni.com.mk постои дел за контакт со авторите на сајтот, како и дел за рекламирање на истиот. Сепак, не е посочено кој се грижи за содржините, од каде тие се преземаат или кој е нивни комплетен автор. Во моментот на пишување на оваа рецензија, форумот на сајтот не беше достапен.

Дополнување: редовно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: класичен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 3/10
Политика за приватност: нема
Јазик: македонски
Адреса: telefoni.com.mk

20 мај 2009

Поздравете ги вашите Твитер следачи со „Баблтвит“

Што ако текстот и линковите кои ги поставувате на вашиот твитер профил, едноставно не се доволни за она што сакате да го кажете? Понекогаш, потребна е динамика и движење за да се долови некое чувство, расположение или само за да се засили ефектот на кажаното. Ако сте активен корисник на „твитер“ и сакате да експериментирате со други сервиси кои го дополнуваат, време е да го посетите „баблтвит“ – сервис кој овозможува креирање и поставување на кратки видео содржини на вашата твитер страница.

Сервисот овозможува креирање на кратки видеа, во времетраење од 30 секунди, со цел истите да се појавуваат на вашиот твитер профил. Притоа, видеото нема да се пушта секогаш кога корисниците ќе го посетат вашиот профил. Видеата добиваат свое УРЛ кое може да се пушти како стандарден твит, со што ќе ги повикате оние кои ве следат да видат што директно имате да им кажете.

Сервисот можете да го користите за да кажувате работи кои вие мислите дека треба да ги споделите на тој начин. Нови бабл-твитови можете да креирате онолку често колку што сметате дека има потреба, а најмногу 3 пати на ден. Пратете им поздрав, кажете им нешто важно или нешто интересно и занимливо, - вашата креативност е во прашање. Видео пораките креирани со баблтвит се појавуваат на скромен дел од страницата во вид на меурче, кое по репродукцијата, симпатично пука и се губи.

За креирање на бабл-твитови, нема потреба од претходна регистрација, туку само внесување на личното твитер име и секако, камера и микрофон, како неопходна техничка опрема за реализација на минијатурниот производ.

Дополнување: од страна
на корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: скоро нема
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 4/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.bubbletweet.com

„Јас и мама“ - македонски веб-сајт за мајчинство

Јас и мама“ е нов веб-сајт кој зборува за мајчинството, бременоста и детската психологија. Според тоа им е наменет на идните мајки, како и на мајките на мали деца кои се во фаза на развој. Иако тематски е многу конкретно определен, на почетната страница ќе ве пресретне текст кој ќе ви посочи дека тоа е сајт за животот, со оглед на тоа дека раѓањето е процес со кој почнува нов живот.

Сајтот е шарен, па дури и премногу, но веројатно тоа е во согласност со неговата намена и целната група. Досега на него се достапни содржини за љубовта и бракот, бременоста и породувањето, приврзаноста на мајката со детето, неговиот развој и психологија. Последнава категорија има само една содржина, означена со реден број, што значи дека во иднина ќе се надополнува со нови. Тоа може да се очекува и за сите останати категории на содржини.

На сајтот постои можност за контакт со авторот, што можете да го искористите покрај за поставување прашања и давање сугестии, така и за ваши вклучувања, споделување на фотографии од вас и вашето бебе итн.

Дополнување: неопределиво
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Дизајн: комбиниран
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Политика за приватност: нема
Јазик: македонски
Адреса: www.jasimama.mk

19 мај 2009

„Италки“ - платформа за учење странски јазици

Денес речи си и да не можете да најдете било каква работа, доколку не познавате барем еден странски јазик. Одредени работни позиции пак, бараат да знаете повеќе од она што се подразбира под основно или средно ниво. Курсевите знаат да чинат многу, да бараат значително време кое го немате, како и физички да ја напуштите вашата соба во која се чувствувате најудобно. Сите овие проблеми ќе ги надминете, доколку нивното решение го побарате онлајн. Она што ние го најдовме се вика „Италки“ - веб-сајт за онлајн учење на странски јазици кој ќе ви помогне да почнете да учите некој јазик или пак да го усовршите оној за кој веќе имате одредено знаење.

Тој претставува глобална заедница на ученици на странски јазици кои опфаќаат повеќе од 90 јазици кои се зборуваат насекаде низ светот. Заинтересираните корисници на интернет, имаат можност да вежбаат учење на некој странски јазик со избор на јазичен партнер според потеклото, возраста, полот и сл. Оние кои пак сакаат професионално да учат странски јазик онлајн, можат да пребаруваат по листата на наставници кои пак за своите услуги наплатуваат одредена сума пари.

Италки ги има применето популарните веб 2.0 концепти како што се социјалното вмрежување, генерирањето на содржини од страна на корисниците, ангажирањето на група на соработници со цел учење на јазици. Учениците при учењето можат да користат текст, говор, па дури и видео. Платформата исто така нуди простор за размена на слободни материјали за учење на јазици, поттикнување на заедницата за одговарање на прашања кои се однесуваат на учење на јазиците и др.

Дополнување: повремено
Брзина: бавно
Функционалност: одлична
Дизајн: текстуален
Навигација: средна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има (блог)
Гугл-ранг: 5/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски, француски,
шпански, германски, руски
Адреса: www.italki.com

18 мај 2009

„Твајн“ - паметен начин за следење на вашите интереси

Како се зголемува бројот и видот на информации до кои секојдневно добиваме пристап преку интернет, како и можноста секој да учествува во нивното создавање и споделување, така се повеќе неизбежна станува потребата за изнаоѓање на практични начини за нивно консумирање. Гладните за информации, интернет корисници, треба да се борат со потребата за она што сакаат да го пристапат и времето кое за вакви онлајн активности им стои на располагање.

Една паметна варијанта која ќе ви помогне да ги следите и забележувате содржините кои вам ве интересираат, како и да ги споделувате со други интернет корисници кои ги делат вашите интереси, претставува сервисот „Твајн“. Некои велат дека тоа е сервис кој ги сретнува „Википедија“ и „Твитер“ на пола пат. Го споредуваат и со „Делишс“ и со разни други сервиси. Сепак твајн е нешто помеѓу сите нив.

Со твајн, можете да собирате онлајн содржини: видеа, фотографии, стории, веб-страници, документи и други продукти, на едно место, групирани според тема, објаснети со клучни зборови, со цел да бидат организирани на начин кој ќе ви овозможи практичен пристап до нив.

Благодарение на тоа што преставува апликација која ја разбира семантиката, твајн ве запознава додека го користите и врз основа на тоа ве поврзува со луѓе и содржини кои би ве интересирале. Колку повеќе информации ставите во вашиот профил, толку попрецизни препораки ќе добивате. Колку повеќе го користите сервисот, толку повеќе тој ќе ви служи.

Концептот на твајн делува сложено, но истовремено примамува на користење. Одличен е, покрај за чување и споделување на содржини, и за истражување според дадена област. Можноста за поврзување со твитер, го прави уште пофункционален. Користејќи го твајн, можете да твитате за се што ви изгледа корисно и интересно, без да го повикате твитер посебно во прелистувачот, истовремено создавајќи архива која ќе ги задоволи вашите пребарувачки потреби во иднина.

Дополнување: многу често
(од страна на корисниците)
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: модерен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 6/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.twine.com

15 мај 2009

„Твитајте“ во групи според вашите интереси

Како што расте интересот за социјалните мрежи на интернет помеѓу корисниците, така се зголемува нивниот број и причините поради кои корисниците би сакале да се поврзуваат. Сервисот „Твитер“ кој во моментов го окупира светот благодарение на можноста за споделување на кратки пораки помеѓу избрани корисници, привлекува толку многу внимание, што просто е невозможно да се добројат останатите сервиси и софтвери кои служат како негово дополнување.

Еден таков сервис кој се чини интересен и корисен е „Твајбс“, кој овозможува креирање на твајб-групи според личен интерес. Секој член на сервисот може да креира најмногу 3 групи во моментов, кои добиваат свое URL. Доколку вашиот интерес е фотографија, маркетинг, астрологија или која било тема од која било област, зголемете ја ефикасноста на вашите секојдневни кратки пораки и споделувајте ги со оние кои најмногу ќе бидат заинтересирани за истите и оние кои ќе бидат најмногу мотивирани да придонесуваат. Споделете го URL-то на вашиот твајб преку имејл, твитер или на кој било начин со што ќе ги поканите луѓето да се приклучат кон него. Заинтересираните твитер корисници ќе треба да пуштат твит кој го содржи целосното URL на вашиот твајб за да станат дел од групата. Понатаму, сите членови на одредена твајб-група ќе треба да користат одредени клучни зборови кога ќе пуштаат кратки пораки, за да тие се појавуваат во групата.

Доколку темата која ве интересира, ја отворил некој пред вас, едноставно приклучете се. За пасивните корисници, без потреба од регистрација, достапни се последните пораки по теми, објавени во вид на река.

Дополнување: многу често
(од страна на корисниците)
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: текстуален
Навигација: средна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 0/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.twibes.com

14 мај 2009

„Твитпик“ - за сликите што сакате да ги споделувате на „твитер“

Твитер е сервис кој на регистрираните корисници им овозможува размена на кратки пораки, кои можат да го содржат она што секој од нив сака да го сподели. Тоа подразбира размена на линкови придружени со описи, желби, расположенија, интересни сознанија, впечатливи слики итн. Што се однесува до последново, ако сакаме да споделуваме слики кои се поставени на разни веб-сајтови, најпрво треба да ги изолираме од останатите содржини, да ги земеме, често, долгите адреси кои ја опишуваат нивната локација, да ги скратиме и потоа во комбинација со саканата текстуална содржина да ги искомбинираме во една порака од 140 карактери. Кога ние самите пак сме сведоци на некој настан на пример, фотографиите што ќе ги направиме прво ќе мора да ги поставиме на некој друг сервис како „фликр“ или „пикаса“, па потоа да поминеме низ истата процедура, како во претходниот случај.

За да се скрати на време, а да се добие во ефикасност, за корисниците на твитер, препорачлив е сервисот „твитпик“. Истиот може да се користи директно од прелистувачот или пак преку некој софтверски клиент. За да почнете да го користите сервисот, потребно е само да имате твитер кориснички профил и со истите податоци да се пријавите на твитпик. При поставување на саканата слика, додадете текст и пуштете ја пораката. Таа ќе го вклучи одеднаш се она што сте сакале да го кажете, во еден чекор. Сите фотографии и слики кои ги поставуваат корисниците се јавно достапни во вид на временска линија, освен содржините за кои корисниците ќе одберат поинакво прилагодување.

Дополнување: често
(од страна на корисниците)
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: комбиниран
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
(за секој корисник посебно)
Гугл-ранг: 4/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски
Адреса: twitpic.com

„Твирл“ - десктоп апликација за корисниците на „твитер“

Се чини дека и покрај големата популарност на најмоќниот сервис за споделување на кратки пораки, тој има и свои недостатоци или поточно е непотполн без апликациите и сервисите кои се користат во комбинација со него. „Твирл“ е апликација која овозможува споделување на кратки пораки преку „твитер“ и други сервиси од сличен карактер, преку повеќе кориснички сметки на секој од нив.

Апликацијата треба да се преземе од официјалниот веб-сајт и да се инсталира на компјутерот на корисникот. Предноста од користењето на оваа програма е во можноста за непосредно извршување на различни акции, за кои сервисот твитер сам по себе не е способен. Па така, твирл го проверува спелинот на зборовите напишани на англиски јазик, овозможува директно поставување на слика на твитпик (сервис кој овозможува поставување на слики, со цел нивно споделување на твитер), снимање на видеа преку сисмик и нивно инстантно споделување, кратење на долгите веб-адреси, вкрстено постирање на неколку сервиси истовремено, како на фејсбук, мајспејс, линкдин итн.

Апликацијата е достапна за виндоус и за мекинтош оперативните системи и е бесплатна за користење.

Дополнување: ретко (блог)
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: комбиниран
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 5/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски
Адреса: www.twhirl.org

08 мај 2009

Визуелизирајте ги податоците

Колку пати сте сакале да објавите некој графикон или друг тип на визуелна презентација на вашиот веб-сајт или блог, а не сте имале згоден начин на кој би можеле да го изведете тоа!? Помеѓу стандардните опции за импортирање на слики, видеа и линкови, на блоговите им недостасуваат некои можности за вградување друг тип на мултимедијални производи кои се карактеристични за вебот денес.

За среќа, со едноставно вградување на автоматски генерираните кодови, мултимедијалните содржини кои ги поставуваме на разните сервиси специјализирани за разните облици во кои се појавува мултимедијалноста, можат со малку знаење и вештина, да станат дел од личните блогови и веб-страници.

Мени ајс е фантастичен веб-сервис овозможен од ИБМ кој е наменет за креирање на визуелни презентации базирани на бројки. Посетителите на веб-сајтот можат да пребаруваат низ постоечките визуелизации, да коментираат на истите, да ги вградуваат на други локации, како и да прегледуваат низ сетовите со податоци. Опциите за вградување овозможуваат избор на статичка слика од производот или динамична жива визуелизација, со можност за избор на начинот на кој корисниците сакаат да им пристапуваат на визуелните податоци.

Регистрираните членови, можат да поставуваат и сопствени податоци врз основа на кои потоа можат да градат визуелни производи, потоа, можат да придонесуваат за популарноста на туѓите сетови со податоци и визуелни форми, да поврзуваат повеќе форми според темата на интерес итн. На овој начин, мени ајс функционира како сервис за користење на готови мултимедијални форми, нивно споделување со други луѓе и на други места, коментирање, рангирање и поврзување. Нешто што може да ве спречи да ги добиете сите овие привилегии е долготрајната постапка за регистрација, за која постои уредно предупредување дека може да трае до 1 час. Сепак, она што со тоа го добивате вреди за да се жртвува еднократно губење на дел од вашето време.

Дополнување: неопределиво
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: комбиниран
Навигација: средна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 4/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски
Адреса: manyeyes.alphaworks.ibm.com

Гевгелија на полноќ

Нешто повеќе од едноставно претставување на гардот Гевгелија претставува сајтот ГВГ Миднајт. Според анкетата која е во моментов актуелна на сајтот, може да се забележи дека најчесто е посетуван од публика на возраст 14-21.

Сајтот изобилува со разновидност од содржини и тоа токму онакви какви што младите најчесто сакаат да следат: забавни, спортски и филмски вести, потоа вести од областа на автомобилизмот, технологијата, музиката итн. Како посебна категорија, издвоена од останатите новости во менито, е онаа која ги вклучува новостите поврзани со случувањата во градот.

Овој веб-сајт секако го следи и ноќниот живот во Гевгелија, што е поткрепено со соодветна фотогалерија. Како и повеќето забавно-информативни сајтови, и овој нуди можност за играње онлајн игри, гледање интересни видеа и читање неделен хороскоп.

На сајтот му недостасува подобра и посеопфатна категоризација, освежување со нови содржини кое би се следело според датумот на објавување и поправање на некои визуелно-технички недостатоци. Добро е што посетителите имаат можност да видат точно кој стои зад содржините на сајтот, иако секој текст не е посебно потпишан. Една голема забелешка мора да се даде на позицијата на линкот барај, која се наоѓа сосема незабележително на дното на страницата, така што новите посетители би добиле впечаток дека пребарувач воопшто и не постои.

Дополнување: неопределиво
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Дизајн: класичен
Навигација: средна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: има
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: нема
Политика за приватност: има
Јазик: македонски
Адреса: www.gvgmidnight.com.mk

04 мај 2009

100 000 звучни ефекти и лупови

Саундснеп е веб-сајт, кој во 2007 година почна да функционира како бесплатна библиотека на звуци, кон која придонесуваа самите корисници. Подоцна, сајтот се претвори во најдобрата онлајн банка за звуци во светот. Веќе наредната година, сајтот доби комерцијална природа, па сега премиум корисниците имаат неограничени можности за преземање, додека останатите регистрирани членови можат да преземаат најмногу 5 звуци месечно. Пред преземање, звуците можат да се преслушуваат.

Овој сајт секако им е наменет на луѓе кои се занимаваат професионално со создавање на музика, музички и филмски продуценти, радио и ТВ станици, веб-дизајнери, развивачи на игри, дизјанери на театарска музика итн. Но, и развивачите на аудио и видео содржини во домашни услови не се исклучени како потенцијални корисници на содржините на саундснеп.

Сајтот ги содржи само најдобрите звуци, многу од нив создадени од познати холивудски автори, а сите тие се уредно групирани во категории и лесно пристапни благодарение на интуитивниот интерфејс на сајтот.

Дополнување: редовно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: чист и модерен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 6/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.soundsnap.com