Се прикажуваат објави со етикета германски. Прикажи ги сите објави
Се прикажуваат објави со етикета германски. Прикажи ги сите објави

16 февруари 2011

„Полдеди“ - софтвер за правење анкети

Полдеди“  (PollDaddyѕ) е сајт кој нуди софтвер за правење анкети, прашалници и квизови, брзо и едноставно, за само неколку минути. Софтверот ги прибира одговорите преку вашиот веб-сајт, електронска пошта, ајпед, Фејсбук и Твитер, а потоа можете да генерирате и споделувате извештаи лесни за читање.
Софтвер за креирање на анкети, прашалници и квизови
Оваа алатка може да ја употребите за да правите истражувања, анкети, квизови или да направите рангирање на вашите содржини. Со „Полдеди“ може да правите прашалници со отворени прашања или да понудите неколку одговори во зависност од вашите потреби.

Спектарот на можности за употреба на овој софтвер е навистина голем, па така можете да го употребите за едукативни цели, да ги тестирате вашите ученици, или пак, едноставно да планирате настани со тоа што ќе ги прашате вашите пријатели кој датум највеќе им одговара.

Исто така, можете да комуницирате со вашата публика и посетителите на вашиот сајт и да добиете фидбек за содржините кои ќе ги изберете. „Полдеди“ може да ви помогне да го оцените задоволството на потрошувачите, како тие се чувствуваат во врска со вашите производи и услуги, или можеби да спроведете истражување на пазарот.

Со отворање на бесплатна сметка на „Полдеди“, имате можност за 100 одговори месечно на вашите прашалници, 10 прашања по анкета или квиз, како и основни извештаи за истражувањата, прашалниците и квизовите.

Дополнување: нема
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг:  8/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски, германски, шведски, арапски, јапонски, кинески
Адреса: polldaddy.com

31 јануари 2011

Слушајте ја музиката која ви се допаѓа, едноставно и бесплатно

Дизр” е бесплатен сервис за слушање музика лансиран на 22 август, 2007 година. Сервисот започнал со165.000 песни, а денес брои 4 милиони регистрирани корисници. Во мај 2010 година, сајтот веќе  располагаше со 7 милиони песни.
Бесплатен сервис за слушање радио
Сервисот овозможува задоволување на сечии музички желби, пристапност до тематски радија (хип хоп, рок, електро, џез, диско, хитови, итн), како и пристапување преку мобилен телефон, ајфон, блекбери, или ајпод тач.

Тука може да се информирате за артистите, албумите, песните, да споделувате листи со песни, музички вкусови и расположенија преку заедницата и социјалната мрежа на дизр, како и да откривате нови музички таленти.

Сајтот овозможува неограничено, слободно слушање музички записи, но без можност за нивно преземање. Можно е песните да ги слушате засебно, но и преку тематски веб-радија или т.н. „паметни радија“ кои овозможуваат членовите да започнат од песна која им се допаѓа, да ја стопираат, да прескокнат песна и да слушаат некоја од следните програмирани песни.

Радијата и песните може да ги слушате преку вградено плеерче на кое се наоѓаат опциите за пуштање, стопирање, прилагодување на јачината на гласот и слично.

Сервисот нуди можност и да станете член на заедницата на дизр, со што имате неколку дополнителни привилегии, на пр. креирање на свој профил, креирање на листи со песни, неограничено складирање на МП3...

Дизр  може да го следите на Твитер, на Фејсбук или да го поврзете со вашиот блог.

Дополнување: повремено од корисниците и од авторите
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг:  6/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски, француски, германски, шпански, италијански
Адреса: www.deezer.com

24 декември 2009

Одличен сервис за деца и учители

Керпуф“ е онлајн сервис кој претставува креативна работилница за деца од претшколска возраст, но и за оние малку постарите. Оваа локација исто така може да им биде од корист на учителите по училиштата бидејќи на него има апликации кои тие можат да ги употребат на своите часови, преку кои децата истовремено ќе можат да се едуцираат, забавуваат и да ја искажуваат својата креативност.

За да може да се користи сајтот, најпрво е потребна регистрација со задавање на корисничко име и лозинка. Регистрирањето е бесплатно, но таквиот кориснички профил е ограничен и тој не ги овозможува сите апликации, ликови и алатки. Ова сепак не би требало да ви претставува проблем. Доколку сакате да ги добиете сите можности и поволности од сервисот, ќе треба да платите сума зависно од тоа на колку време сакате да се претплатите.

Годишна претплата би ве чинела околу 45 американски долари. Сервисот овозможува креирање на оригинални слики, цртежи, кратки видеа, лични интересни приказни, честитки, а истите децата ќе можат да ги зачуваат и испечатат зависно од својата желба или пак да ги постават на локацијата со што и останатите корисници ќе можат да ги погледнат и да ги оценат. Креирањето на приказни и кратки видеа се состои во поставување на веќе постоечки ликови и позадини кои корисникот ги комбинира како сака, вметнувајќи свој текст и ефекти кои се на располагање во зависност од профилот (бесплатен или претплатнички). Сајтот е достапен па 7 јазици, но за жал не и на македонски.

Дополнување: ретко
Брзина: нормална
Функционалност: одлична
Дизајн: детски, шарен
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни Зборови: нема
Јавен Бројач: нема
РСС/ АТОМ: нема
Гугл -ранг: 5/10
Јазик: англиски, француски, германски,
италијански, шпански, руски, кинески
Политика за приватност: има
Адреса: www.kerpoof.com

16 ноември 2009

Добијте визит–картичка брзо и бесплатно

Услугата на „дооид“ овозможува создавање на паметна, едноставна и функционална онлајн бизнис картичка, со сите ваши податоци, надополнета со примамлива графика, што ви следува бесплатно, која можете да ја поставите секаде каде што е возможно и имате желба.

По регистрирањето на сајтот, го средувате вашиот профил внесувајќи секакви податоци за себе, од професионален и приватен карактер, лични податоци, хобија, па дури можете да прикачите и ваша фотографија. Со тоа вие автоматски ја креирате вашата картичка. Секако, податоците ги внесувате или не, по ваша желба без никакви ограничувања. Исто така можете да ја прикажете и вашата точна локација преку сервисот овозможен од „Google Maps“, да прикачите видео или пак да изнесете некоја вест.

Со постапката за уредување на вашиот профил, паралелно одбирате и кои податоци да бидат видливи, а кои не, за останатите кои ќе сакаат да ја погледнат вашата картичка. Откако ќе одберете на кои веб-локации и социјални сервиси сакате таа да се прикажува, работата е завршена и вие сте сопственик на модерна онлајн бизнис картичка преку која ќе се промовирате.

Дополнување: редовно (од корисниците)
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: веб 2.0, модерен
Навигација: нормална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 4/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски, германски, шпански
Адреса: dooid.com

26 октомври 2009

Патувајте заедно со пријателите

Иако патувањата се убава работа за многумина, тие значат и разделување со пријателите и блиските од семејството. За краткотрајни и повремени отсуства од родниот крај ова не претставува проблем, но кога патувате често и сте отсутни по подолго време, може да им недостигате на саканите или да им бидете потребни на соработниците, колегите и пријателите. За да не им објаснувате на сите поединечно кога и каде заминувате, известете ги сите одеднаш. Приклучете се кон заедницата на веб-сајтот „Ontheroud“ и почнете да споделувате информации за вашите следни патувања.

Ваквата можност ќе ја добиете откако ќе се регистрирате, каде што за секое патување можете да поставите неколку важни детали, како: времето на поаѓање и пристигнување, локацијата, местата на кои ќе застанете, опис, мултимедијални елементи и сл. Сето ова можете да го дополните со избор на соодветна графичка тема во зависност од локацијата, како и да изберете вашето патување да биде објавено јавно или приватно. Потоа, поканете ги вашите пријатели преку имејл. Но, тука не завршува приказната. „Ontheroud“ е на некој начин сервис за водење дневник од страна на патниците. Па така, вие можете да додавате нови точки кои ги посетувате, да ги надополнувате со забелешки и импресии, фотографии и видеосодржини. На крајот од секое патување, вие всушност сте направиле виртуелно патување кое претставува евиденција на целото ваше патешествие.

Сервисот може да се користи и од мобилен телефон (ајфон, како и кој било телефон базиран на виндоус мобајл или на андроид), со испраќање на имејл или СМС, а новите информации кои ќе ги поставувате можат да се објавуваат автоматски на вашите фејсбук и твитер профили. Вашите пријатели можат да коментираат на она што вие ќе го поставите.

На овој начин, ќе бидете постојано поврзани со вашите пријатели и со семејството и, ако ништо друго, ќе им овозможите интересен начин за доживување на вашите искуства. Сервисот е бесплатен.

Забелешка: во моментот на пишување на оваа рецензија, системот за поканување на пријатели не функционираше.

Дополнување: од корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: сомнителна
Дизајн: едноставен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 4/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски, чешки, германски
Адреса: www.ontheroad.to

08 октомври 2009

Претставување на Европската библиотека

Европската библиотека е бесплатен онлајн сервис кој овозможува пристап до 48 национални библиотеки од Европа, на 36 јазици, кои го гарантираат квалитетот и сигурноста на содржините кои ги нудат. Овој сервис е наменет за секој кој има потреба од какви било материјали, како што се книги, весници, списанија, постери, мапи, фотографии, музички и видео материјали итн.

Од минатата година Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје (НУБ) стана полноправен и рамноправен член на Европската библиотека. Како нејзин член, НУБ веќе има дигитализирано неколку содржини, но со оваа активност поактивно ќе се продолжи во иднина.

По тој повод, денес, со почеток од 10 часот, тие организираат јавно претставување на кое се поканети медиумите, претставници од високо-образовните иснтитуции, но и научници и истражувачи во сите области кои ќе имаат директна полза во својата работа, доколку одлучат да го користат овој неисцрпен ресурс за дигитални културни добра од Европа. Настанот ќе се одржи во склопот на библиотеката, во Центарот за конференции и студија, а со свои презентации ќе настапат претставници од проектниот тим на Европската библиотека, од Холандија.

Пребарувањето на содржините е едноставно и прецизно, бидејќи секој посетител, покрај внесување на клучниот поим за кој сака да побара информации, може да го наведе типот на содржината, односно форматот, да одреди во кои колекции да пребарува, на пример само во колекциите од некоја европска национална библиотека или во некоја тематски определена колекција, како и да користи напредно пребарување за да го определи авторот на делото, насловот, меѓународниот стандарден број за книги (ИСБН) и сл. Сајтот има и посебни секции со содржини кои служат за помош при совладувањето на начинот на кој тој може да се користи.

Посетете ја уникатната онлајн изложба на сајтот на Европската библиотека за да ги истражувате историјата и културата на Европа.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: соодветен
Навигација: средна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 10/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски, германски, француски
Адреса: www.theeuropeanlibrary.org

30 септември 2009

Покажете му на светот што слушате

Доколку сакате да им покажете на вашите пријатели каква музика слушате, најлесно да ја видите нивната, да бидете во тек со сите ваши омилени групи, нивните нови песни и турнеи, посетете го, еден од моментално најпопуларните веб-сајтови поврзани со музика, „ластефем“. Регистрирањето на сајтот е едноставно и брзо, преку кое на вашиот компјутер автоматски се симнува додаток за вашиот омилен музички плеер кој ја меморира музиката што ја слушате и истовремено податоците ги испраќа до вашиот ластефем профил.

На вашиот профил се креира листа од музиката што ја слушате, од која подоцна ластефем пресметува кој тип на музика најмногу го слушате, кој артист ви е омилен и, се разбира, која песна и албум. Тие податоци ги сортира во повеќе временски групи од кои лесно можете да видите каква музика сте слушале најмногу последната недела, месец, шест месеци или пак година. Покрај сите тие пресметки кои ги прави за вас ластефем, тој според музиката која дотогаш сте ја слушале ви нуди и други артисти и типови на музика кои би ви се допаднале, ви овозможува да прочитате се за нив, да видите нивни фотографии, кои нивни песни и албуми се најслушани од останатите корисници и кои артисти се слични на нив.

На ластефем можете да ги посетувате профилите на вашите пријатели со што автоматски се пресметува колкава е сличноста на музиката која ја слушате, можете да станете член на некоја обожавателска група, да испраќате и примате пораки, да слушнете директно од сајтот дел од вашата омилена музика или пак од музиката која ви ја нуди сервисот, да гледате видео спотови од огромен број понудени артисти, да најавите музички настани на кои ќе ги поканете вашите пријатели и огромен број други прекрасни можности и додатоци.

Дополнување: редовно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен, модерен
Навигација: средна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема, но има
бројач на слушатели, учесници...
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 8/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски, германски, шпански,
полски, руски, турски, француски
Адреса: www.last.fm

Напишано од Дона Џамбаска

23 јули 2009

Проверете го текстот кој го напишавте на странски јазик

Без разлика колку добро познаваме одреден странски јазик, никогаш не се чувствуваме доволно сигурни во објавувањето на напишан текст, без претходно да го провериме истиот со некој онлајн речник или пак уште подобро со личност која подобро го познава тој јазик од нас. Доколку се спојат овие две работи, се добива омилениот веб-сајт на многу преведувачи, изучувачи на странски јазици и многу други вклучувајќи ме и мене - „корект мај текст“.

Принципот на кој функционира овој веб-сајт е многу едноставен. Се што треба да направите е да се регистрирате, да го напишете вашиот текст во обележаното поле и да го изберете јазикот на кој е напишан. Вашиот текст ќе биде објавен на веб-сајтот од каде познавачи на истиот јазик ќе може да го преземат и да го проверат. Додатни опции кои ја подобруваат ефикасноста на овој веб-сајт се: избирање на клучни зборови кои го олеснуваат пребарувањето; одредување на нивото на познавање на јазикот кое го барате од личноста која го проверува вашиот текст; назначување на бројот на лицата (од1 до 3) кои сакате да го проверат вашиот текст и добивање на говорна форма од проверениот текст.

Друг начин на кој „корект мај текст“ ви помага во усовршување на вашите познавања на странските јазици е правото вие да проверувате текстови закачени од други корисници. Веб-сајтот е преведен на повеќе јазици од кои можете да го изберете оној кој најмногу ви одговара.

Дополнување: многу често
(од страна на корисниците)
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 4/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски, руски, шпански,
француски, италијански,
португалски, германски
Адреса: www.correctmytext.com

Напишано од Дона Џамбаска

09 јули 2009

Френдфид - сервис за споделување

Многуте сервиси за брзо споделување на информации помеѓу избрани корисници на истите ни даваат голем избор, но истовремено ни предизвикуваат проблем бидејќи тешко е да се одлучиме што е најпрактично и најприфатливо за нас, ако не знаеме што нудат останатите сервиси од ист вид. Така, следува заклучокот дека доколку сакаме да ги избереме најкорисните сервиси, треба постојано да следиме што ново се појавува, кои промени и надградби ги доживуваат постоечките сервиси итн. Секако, нема никаква корист ако се зачленуваме на сите сервиси што се појавуваат, доколку немаме време сите да ги користиме. Сервис кој го препорачуваме за користење од многуте такви кои постојат е Френдфид.

Френдфид е онлајн сервис за споделување информации помеѓу пријатели. Тој нуди интерактивен начин на откривање и дискутирање за информациите кои пријателите ги споделуваат.

Она што ќе го добиете по бесплатната регистрација е фид - река од информации - составен од пораките кои со вас ги споделиле вашите пријатели. Тука можат да се најдат фотографии, линкови, видеа и текстуални пораки. Доколку вие се најдете во нечиј круг на пријатели, тоа значи дека тој корисник ќе ги добива содржините кои вие ги споделувате. Можете да се пријавите да следите и новости од одредени групи, како на пример од вашето семејство, колегите или најтесниот круг на пријатели.

За да го користите сервисот нема потреба од инсталација на некаков софтвер. Сè што ви треба е прелистувач во кој ќе го повикате сајтот на кој треба да бидете најавени за да читате и поставувате. Алтернативно, за овој сервис можете да се служите и со вашиот фејсбук профил, вашата имејл корисничка сметка или СМС пораки за да поставувате содржини. Јавните френдфид профили се видливи за сите. Вашиот фид можете да го вградите на вашиот веб-сајт или блог и со тоа да ги збогатите информациите кои таму ги нудите, како и да поставувате информации на други сервиси, како фликр, твитер, фејсбук и уште многу други, директно со нивното поставување на френдфид.

Дополнување: од корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: веб 2.0
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
(на страниците на корисниците)
Гугл-ранг: 8/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски, француски, шпански,
италијански, германски, турски...
Адреса: friendfeed.com

19 мај 2009

„Италки“ - платформа за учење странски јазици

Денес речи си и да не можете да најдете било каква работа, доколку не познавате барем еден странски јазик. Одредени работни позиции пак, бараат да знаете повеќе од она што се подразбира под основно или средно ниво. Курсевите знаат да чинат многу, да бараат значително време кое го немате, како и физички да ја напуштите вашата соба во која се чувствувате најудобно. Сите овие проблеми ќе ги надминете, доколку нивното решение го побарате онлајн. Она што ние го најдовме се вика „Италки“ - веб-сајт за онлајн учење на странски јазици кој ќе ви помогне да почнете да учите некој јазик или пак да го усовршите оној за кој веќе имате одредено знаење.

Тој претставува глобална заедница на ученици на странски јазици кои опфаќаат повеќе од 90 јазици кои се зборуваат насекаде низ светот. Заинтересираните корисници на интернет, имаат можност да вежбаат учење на некој странски јазик со избор на јазичен партнер според потеклото, возраста, полот и сл. Оние кои пак сакаат професионално да учат странски јазик онлајн, можат да пребаруваат по листата на наставници кои пак за своите услуги наплатуваат одредена сума пари.

Италки ги има применето популарните веб 2.0 концепти како што се социјалното вмрежување, генерирањето на содржини од страна на корисниците, ангажирањето на група на соработници со цел учење на јазици. Учениците при учењето можат да користат текст, говор, па дури и видео. Платформата исто така нуди простор за размена на слободни материјали за учење на јазици, поттикнување на заедницата за одговарање на прашања кои се однесуваат на учење на јазиците и др.

Дополнување: повремено
Брзина: бавно
Функционалност: одлична
Дизајн: текстуален
Навигација: средна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има (блог)
Гугл-ранг: 5/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски, француски,
шпански, германски, руски
Адреса: www.italki.com

26 февруари 2009

Откачени позадини за вашиот десктоп

Доколку сте љубители на интересни десктоп позадини, ова е вистинскиот веб-сајт за вас.
Владстудио“ е добро организиран веб-сајт, креиран од една личност која има многу интересен начин на гледање на реалноста и секојдневието што се гледа во неговите обработки. Веб-сајтот претставува една едноставна, но сеопфатна и многу интересна целина. Го карактеризираат весели бои, има супер организирано навигационо мени и сосем доволно содржина, со неколку збора, изгледа совршено за она што треба да го прикаже. Позадините се поделени во повеќе категории врз основа на тоа каква тема обработуваат.

„Владстудио“ на своите корисници им ги нуди поголемиот дел од позадините за слободно преземање, но кога се работи за слики со послаб квалитет. Доколку сакате да добиете позадина со подобар квалитет, ќе треба да се регистирате, а пак за позадините со висок квалитет, се наплаќа одредена цена.

Меѓу другото, на овој веб-сајт може да најдете и електронски честитки, десктоп часовници, туторијали, постери и друго.

Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен, модерен и чист
Навигација: средна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/ АТОМ: има
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски, германски, француски...
Политика за приватност: нема
Адреса: www.vladstudio.com

Напишано од Миша Вучиќевиќ

13 февруари 2009

Миро - за бесплатни интернет видео канали

Миро е апликација за гледање интернет видео канали, поточно видео поткасти и РСС видео. По преземањето и инсталацијата, Миро се користи независно од интернет прелистувачот. Овозможува преглед и преземање на видео содржини од илјадници различни канали, чиј број секојдневно се зголемува.

За разлика од сајтовите за гледање онлајн видеа како Јутјуб, Миро нуди високо квалитетни видеа кои пријатно изгледаат и кога се гледаат на цел екран. Исто така, се разликува и начинот на кој Миро функционира, најпрво ги презема видеата локално, а дури потоа може да се започне со нивна репродукција. Заради ова пак, видеата никогаш нема да се мачат додека се репродуцираат. Тие се симнуваат на компјутерот на корисникот, но бидејќи зафаќаат место, автоматски се бришат за неколку дена. За видеата кои сакате трајно да ги зачувате, постои опција која го овозможува ова. Запишување за преглед на содржини од нови канали, пребарување според клучни зборови, организирање во папки, автоматско преземање на омилените видеа итн. се дел од карактеристиките на овој софтвер, кои не само што го разликуваат од останатите онлајн сервиси, туку и го прават особено практичен.

Миро е софтвер со слободен код, достапен за сите оперативни системи. Тоа значи дека сите имаат еднаква можност да го користат, како и да придонесуваат во неговиот понатамошен развој. Достапен е на многу јазици, но не и на македонски, па доколку има ентузијасти, ги охрабруваме да се приклучат во работата за понатамошен развој, усовршување и поголема јазична достапност.

Дополнување: секојдневно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: веб 2.0
Навигација: средна
Пребарувач: има (плеер)
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 7/10
Јазик: англиски, албански,
бугарски, француски, германски
Политика за приватност: нема
Адреса: www.getmiro.com

25 август 2008

Изразете се кратко, динамично и оригинално

Image chef“ е веб-сајт кој овозможува една интересна онлајн активност. Имено, посетителите на овој сајт, односно неговите регистрирани корисници имаат можност да создаваат оригинални слики и кратки анимирани презентации кои можат да се искористат за најразлични цели. Сајтот е од забавен карактер и е од оние сајтови на кои трошите малку време за да им ја сфатите суштината, а многу повеќе време играјќи си со понудените опции.

Идејата е да создадете сопствена анимација или слика, користејќи некои од многуте понудени, некои веќе анимирани шаблони, да ги додадете саканите слики и текст и производот да го зачувате на вашиот компјутер, да го публикувате некаде онлјан или да го испратите некому преку имејл. Последниве две варијанти можат особено да ви се најдат доколку имате практика да им изразувате чувства, да им пренесувате необични пораки или да им честитате на вашите блиски за некоја годишнина, роденден, венчавка или друга пригода.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: веб 2.0
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски, турски,
шпански, француски, италијански,
германски, португалски
Политика за приватност: има
Адреса: www.imagechef.com

15 април 2008

Скратете ги долгите адреси

Сигурно многу пати сте сакале да искористите некоја веб-адреса која води до некоја корисна или интересна содржина, но била предолга за да ја запомните или споделите со некој друг. Во такви ситуации, згодни знаат да бидат онлајн алатките кои овозможуваат кратење на адресите. Еден од ваквите сајтови кои го овозможуваат тоа е jmp2.net. Едноставно ископирајте ја адресата директно од полето за адреси во прелистувачот и пренесете ја овде. Кликнете го соодветното копче и работата е завршена. Кратката верзија потоа можете да ја испраќате до вашите пријатели или пак да ја користите за ваша лична потреба. Дополнително, при кратењето можете да изберете криење на оригиналната адреса, што може да ви се најде во случаи кога ќе сакате да му посочите на некој конкретна содржина од вебот, но не сакате тој да дознае од каде таа содржина потекнува. Ова можеби не е многу коректно од етички причини, но таа грижа ќе му ја препуштиме на креаторот на сајтот.

Генерираната адреса ќе претставува всушност адреса од jmp2.net, иако на располагање имате и можност за поинаков корен во адресите. Како дополнителна варијанта, доколку од било кои причини ваквата опција ви е често потребна, можете да си го поставите џмп2.нет алатникот со што опцијата ќе си ја озвоможите директно од прелистувачот без да има потреба да ја напуштите актуелната страница чии содржини моментално ги посетувате.

Дополнување: еднократно
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Политика за приватоност: нема
Дизајн: патриотски
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 3/10
Јазик: англиски
Адреса: jmp2.net

05 април 2008

Бидете анонимни на Интернет

Анонимус“ е веб сајт кој ќе ви овозможи неколку анонимни активности на Интернет со цел да ги заштити вашите приватни податоци кои вообичаено ги оставате зад себе додека сурфате и праќате електронски пораки. Сервисот постои од 1997 година, многу е едноставен за користење и водено бесплатен. Единствено што треба да направите за возврат е да ја поднесете здодевната реклама која одвреме-навреме ќе ви се појавува во некој агол од вашиот прелистувач, кој пак може и да успее да се справи со неа.

Сајтот е достапен на англиски и на германски јазик. Неговата улога е најпросто кажано, филтрирање на личните податоци кои ги оставате за себе додека изведувате разни активности на Интернет. Па така, можете да пребарувате со било кој веб пребарувач, како и да прелистувате низ вашите омилени веб локации, притоа не дозволувајќи да се открие ИП адресата на вашиот компјутер, прелистувачот и оперативниот систем кои ги користите и сл.
„Анонимус“ можете да го користите и за да праќате анонимни имејл пораки, како и за да праќате пораки во дискусиони групи. Во секој од случаите, опциите се скромни и не можете да праќате додатни фајлови со нив. Сајтот има политика на приватност која треба да се прочита пред да се започне со користење на неговите можности.

Доколку сте задоволни од она што го овозможува „анонимус“, можете да поставите анонимус алатник во вашиот прелистувач за да ви бидат полињата за користење на неговите услуги секогаш на дофат.

Дополнување: еднократно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: текстуален
Навигација: минимална
Политика за приватност: има
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски, германски
Адреса: anonymouse.org

31 мај 2006

ЕСА - Европска вселенска агенција

[лекториран]

И во овој број „Време“ продолжува со акцијата за објавување на рецензиите на студентите на Институтот за информатика од Скопје.

ЕСА - европскиот пандан на НАСА поседува убаво уреден официјален веб-сајт пребогат со текстуални и со мултимедијални информации за постојните и за идните програми. Специјалниот мултимедијален дел е и најпосетениот дел од сајтот.

Дури и покрај огромниот број страници, навигацијата е релативно лесна и непроблематична. Сепак, на моменти останува впечатокот дека можете лесно да залутате доколку не знаете што точно барате.

Големиот број слики, звуци и снимки од вселената го прават прелистувањето низ страниците вистинско уживање.

Сајтот постојано се дополнува со најнови научни и технолошки новости поврзани со астрономијата. Содржи и голем број научни статии од светски истакнати автори. За најмладите има посебно уреден дел од сајтот преку кој на шарен и сликовит начин им се приближуваат одредени тематики од вселената.

Со други зборови, сајтот на ЕСА претставува огромна база информации и знаење, рај за секој љубител на оваа научна област, но и за обичните корисници, кои сакаат само да уживаат во убавите содржини.

Како единствена негативност може да се истакне малата пренатрупаност бидејќи целата содржина може да се подели на неколку различни сајта. Сепак, тоа е само мал минус во однос на сите плусови на овој сајт.

Рецензент:
Игор Стојановски
, Институт за информатика


ЗА ВЕБ - САЈТОТ

Дополнување: секојдневно
Брзина: средна
Функционалност: добра
Код: ХТМЛ
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
РСС/Атом: нема
Гугл ранг: 8/10
Јазик: сите јазици на земјите од ЕУ
Адреса: www.esa.int

03 мај 2006

Легендата за Вилхелм Тел, стрелец со самострел

[лекториран]

Легендата за Вилхелм (Вилијам) Тел е дел од швајцарскиот национален идентитет, а освен славењето на децентрализацијата, независноста и слободата, веб-сајтот служи и за поттикнување на туризмот во земјата.

Во 1307 година селанецот Тел му се спротивставил на високиот претставник на хабсбуршката монархија со тоа што не се поклонил на неговата шапка закачена на стап. Администраторот Геслер ги заробил Тел и син му, наредувајќи му да погоди јаболко поставено на главата на детето, инаку обајцата ќе ги погуби.

Тел успеал, но поради одбивањето да ја признае власта на окупаторот бил осуден на робија, успеал да избега, да му приреди заседа на Геслер и да поттикне успешно општонародно востание.

Во 1804 година романтичарската драма на Фридрих фон Шилер оваа приказна ја направила дел од светското културно наследство, со исклучок на некои македонски квизови во кои и составувачите на прашањата и играчите имаат покажано недоволно познавање на легендата, иако ја споменуваат.

Мудрите Швајцарци на својот херој му имаат изградено низа споменици на местата на кои се смета дека се смета дека се случиле настани од легендата, а сега ги користат како магнет за туристите.

Веб-сајтот за Вилхелм Тел може да се подобри, особено со некористење рамки и со поставување линкови до изворите на разните верзии на легендата, како и до е-верзија на делото на Шилер.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: неопределиво
Брзина: брзо
Функционалност: средна
Код: ХТМЛ
Дизајн: рамковен
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 4/10
Јазик: англиски и германски
Адреса: www.tell.ch

10 март 2006

ЕУРЕС - европски портал за вработување

[лекториран]

ЕУРЕС (EURES) е портал што овозможува поврзување помеѓу луѓето што бараат работа и работодавци од ЕУ.

Името е кратенка од Европски сервиси за вработување - мрежа за соработка чија цел е да поттикне слободно движење во рамките на економската зона на ЕУ + Швајцарија.
Партнери во мрежата, која ја координира Европската комисија, се јавни заводи за вработување, синдикати и здруженија на работодавци.

Основните услуги што им ги нуди ЕУРЕС на луѓето што бараат работа се овозможување да си состават работна биографија (ЦВ) преку веб-сајтот, овозможување пристап до податоците од неа на работодавци што пребаруваат за одредени квалификации, како и информирање за правните и за логистичките информации поврзани со пазарот на работен труд во сите земји на ЕУ.

ЕУРЕС исто така нуди помош преку мрежа од 500 советници од цела Европа, кои помагаат преку директни контакти.

Сајтов е дел од порталот на Европската Унија, чија основна верзија е поставена на сите 25 официјални јазици на ЕУ. Сите информации на ЕУРЕС се достапни на англиски, но одредени детали, на пример, условите за живот во Данска се достапни само уште на француски, холандски и на дански.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: делумно
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: недостапен
Јазици: англиски и 18 други
Адреса: www.eurescv-search.com

27 јануари 2006

Здружение на домаќинки (кои никако не се очајни)

[лекториран]

Ако се занемарат недостатоците што ги носи исклучивата употреба на „Флеш“ (попречен пристап за машини за пребарување и неможност за длабинско линкување однадвор) веб-сајтот на Здружението на домаќинки на прв поглед остава одличен впечаток. Тој пренесува исцрпни информации за активностите на здружението и можностите за набавување на производите на неговите членови добиени со плетење, везење, ткаење, керамика, резба и друго.

Анимациите се убаво вклопени во дизајнот, а особено фино е што при читање на внатрешните страници, ако се стисне на линкот за промена на јазик, се оди во соодветна верзија на истата страница, а не на првата страница од таа јазична верзија.
Преводот е солиден, но делот за контакт на другите јазици е со намалена функционалност оти посетителите се упатуваат да се обратат до некој оддел претставен со имејл-адреса, но за жал, имејл-адресите се само на македонски, така што би биле неразбирливи за луѓе што не го говорат.

Од непозната причина, при пристапување со „Фајерфокс“ дел од горниот дел на заглавието е невидлив, додека со „Интернет експлорер“ е видлив. Вакви багови се и причината што на авторите им се препорачува да ги тестираат веб-сајтовите со најразлични разгледувачи (прелистувачи) пред да ги објават.

Со оглед на важноста на брзината на вчитување на основниот интерфејс, особено кај посетителите без широкопојасен пристап, препорачливо е да се изземе најавниот екран со аудиоклипот (сегмент од песна на Кирил), кој не игра посебна улога, без разлика на тоа што помага во „создавање атмосфера“.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: неопределиво
Брзина: средна
Функционалност: добра
Код: Флеш
Дизајн: флешерски
Навигација: приспособлива
Пребарувач: нема
Клучни зборови: делумно
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: македонски, англиски, германски и француски
Адреса: www.rakotvorbi.com.mk