30 ноември 2006

Научнофантастичен агол

[лекториран]

„Научнофантастичниот агол“ го води Франческа Блек, која е уредничка и авторка на написите на веб-сајтот. Цел на веб-сајтот е промовирање на научната фантастика, која таа ја дефинира како „форма на шпекулативна белетристика, која во принцип го разгледува влијанието на замислена наука и технологија на општествено и индивидуално ниво“.

Најголем дел содржини на „Аголот“ се реклами за производи произлезени од познати научнофантастични серијали („Војна на ѕвездите“, „Ѕвездени патеки“, „Екс-фајл“, „Зона на самракот“, „Галактика“ и други), но има и написи за влијанието на жанрот во општеството, потеклото и вредноста на одредени дела. Покрај тоа, присутни се и вести поврзани со тие клучни зборови што ги презема од Диг преку иксемел.

Основен недостиг на веб-сајтов од аспект на употребливост е отворањето нови прозорци без експлицитно барање на корисникот. Оние што користат нови верзии на Фајерфокс може да си приспособат ваквите прозорци да им се отвораат во нови јазичиња, но за другите тоа значи дополнително трошење мемориски и процесорски ресурси, најчесто непотребно.

ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: средна
Код: ХТМЛ
Дизајн: текстуален
Навигација: променлива
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 2/10
Јазик: англиски
Адреса: www.science-fiction-corner.com

14 ноември 2006

Одбери еден, сите се исти и онака

[лекториран]

„Одбери еден, сите се исти и онака“ е блог што го основале „неколку девојчиња“ оти, наводно, морало „нешто да се преземе по сите настани“ што и се случуваат „на една просечна сингл грл во оваа наша средина“ и пошироко. Примарната активност е катарзично споделување вицкасти анегдоти.

Уредувачката политика на анонимните авторки на блогов се карактеризира со проактивност, која се огледа во пријавување по агрегатори, сервиси за следење блогови и поттикнување размена на линкови со други блогови.

Низ постовите провејува тенденција на воспоставување визуелен идентитет преку користење илустрации за дополнувања на впечатокот, претежно карикатури или фотографии што ја одразуваат содржината или создаваат асоцијации.

Предолгото и тешко за прецизно помнење име на доменот, исклучивата употреба на здебелен (болд) текст и пишувањето на македонски со транслитерација на англиска латиница ја намалуваат употребливоста на блогов. Отстранувањето на овие недостатоци во раната фаза на неговото постоење ќе придонесе за намалување на потребата за кореспонденција со оние што ќе го линкуваат во иднина, имање алтернативи кога нешто ќе треба да се нагласи во постовите, како и за овозможување повеќе луѓе што пребаруваат на македонски (со кирилица) да го пронајдат блогот според содржините.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: мн. добра
Код: ХТМЛ (блогер)
Дизајн: блогерски
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10 (нов сајт)
Јазик: македонски
Адреса: odberiedensiteseistiionaka.blogspot.com

11 ноември 2006

Омниглот: јазиците и азбуките од цел свет

[лекториран]

„Омниглот“ е веб-сајт што нуди ресурси во врска со јазиците и системите за пишување од целиот свет. Особено е практичен одделот за корисни фрази и чести изрази на разни јазици од целиот свет, но тоа е само дел од широкиот дијапазон на речиси енциклопедиското знаење што се содржи на сајтов.

Претставени се речиси сите азбуки и системи за пишување што се моментално во употреба, како и некои старовремски и „вештачки“ - направени за потреби на измислени јазици и слично. Присутни се и информации за некои од јазиците поврзани со тие системи, како и написи на разни јазици, особено од областа на социолингвистиката, совети за учење јазици и книжарница.

Особено се полезни страниците со линкови што овозможуваат пристап до други сајтови на сродни теми, или по теми. На пример, на прашањето како се пишува вашето име со најразлични азбуки од светот се одговара преку линкови до специфични страници од веб-сајтови за кинески, арапски, јапонски..., кои го нудат одговорот во рамките на нивната област. Дополнително и логично, „Омниглот“ има и блог на кој ги забележуваат активностите или ставаат понеформални написи.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ХТМЛ
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 7/10
Јазик: англиски и други
Адреса: www.omniglot.com

07 ноември 2006

Претседателот на Киргистан

[лекториран]

Веројатно не е коинциденција што еден од ретките веб-сајтови од Киргистан што е достапен деновиве преку Интернет е веб-сајтот на нивниот претседател.

За жал, ниту сајтовите за вести на руски или на англиски, како ни оние на повидните невладини организации не се достапни за посетители од странство од почетокот на антивладините демонстрации минатата недела.

Од уредувачки аспект, содржината на веб-сајтов е очекувана, а се состои претежно од протоколарни информации, изјави на претседателот по разни прашања и позитивни вести.
Сајтот е изграден на платформа од слободен софтвер и користи Фри БСД-оперативен систем.

Единствено што на прв поглед паѓа в очи е што сликите се неоптимизирани за веб, односно поради нискиот степен на компресија го забавуваат вчитувањето на страниците.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: секојдневно
Брзина: средна
Функционалност: средна
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: киргиски, руски, англиски
Адреса: www.president.kg