26 февруари 2007

Пајпс - алатка за правење сопствен портал или блог-агрегатор

[лекториран]

„Pipes“ („цевки“ на англиски) е нова алатка од „Yahoo“, која овозможува автоматско комбинирање информации од различни извори. Комбинирањето се врши со помош на модули поставени преку графички интерфејс и се поврзуваат визуелно, во стил на графикони, слично на правење алгоритми на хартија.

Модулите се направени на принципот на „црна кутија“, нивниот код не е отворен, но јасно ни е каков влез треба да имаат и што добиваме како излез. На пример, еден модул може да биде филтер што ќе презема фид со постови од даден блог и ќе ги пренесува само оние во кои се споменуваат определени термини.

„Најдобар начин да научите да го програмирате ‘Pipes’ е да научите да го избегнувате она што во моментот не го разбирате. Концентрирајте се на она што ви е јасно и применете го, а потоа проширувајте го знаењето. Оние што опсесивно се обидуваат да научат се предвреме или одеднаш, обично не стигнуваат до никаде,“ вели сајбер-гуруто Марсел Марс од Мултимедијалниот институт од Загреб.

Нискиот ранг на Google на оваа адреса се должи на тоа што е само пренасочувач кон апликацијата, која функционира приватно, заштитена со лозинка.

Дополнување: автоматско
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: комбиниран
Дизајн: комбиниран
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 0/10
Јазик: англиски
Адреса: pipes.yahoo.com

Делишес

[лекториран]

Зборот што во македонскиот јазик има влезено како име на сорта јаболка е име на еден од сервисите на веб што овозможуваат фолксономија - означување содржини преку клучни зборови, познати и како тагови.

Наместо чување bookmarks, односно favourites, на вашиот компјутер, Делишес овозможува нивно чување на Интернет, достапни од секаде по логирањето на сајтот. Но вистинската вредност на сервисот е што овозможува споделување на линковите и нехиерархиска категоризацијата, како и комбинирање на мислењата за содржините помеѓу најразлични групи луѓе.

Системот им е познат на корисниците на Диг по тоа што најпопуларните линкови се појавуваат на првата страница, но не во толку драматична форма за целните сајтови.

Фактори на популарноста на Делишес се тоа што беше меѓу првите што применија едноставен кориснички интерфејс базиран на HTML, веб-адреси што може да се прочитаат од човек (и машини за пребарување), како и можноста за правење фидови, односно поврзување со него преку отворени формати и АПИ-ја. Секако, фактор е и иновативното име на доменот.

Дополнување: постојано
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: комбиниран
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 8/10
Јазик: англиски
Адреса: del.icio.us

24 февруари 2007

Блогер МК

„Блогер МК“ е македонски блогерски сервис што се појави во мај 2006 година и во меѓувреме има добиено над 600 корисници - блогери. Дел од нив се познати на јавноста од претходно, како „Археолошкиот дневник“, кој мигрираше од друг сервис, а присутни се и низа нови блогови.

Системот користи два домени, macedonianblog.com и bloger.com.mk, со ранг на Гугл од 4, односно 3. Вториот е проблематичен оти е многу сличен со адресата на главниот конкурент, blog.com.mk, што може да доведе до забуни. А основно правило на употребливост е да се избегнува секоја можност што може да го збуни корисникот, оти „се што може да се сфати погрешно, ќе се сфати погрешно“ (Марфиев закон).

Искуствата на неговите корисници укажуваат дека администраторите на сервисот се спремни да помогнат при технички проблеми, а нудат и разни современи опции за внесување податоци, меѓу кои веројатно најинтересна е онаа за ставање слики директно од мобилен телефон. Особено е интересно создавањето на пермалинкови до постовите врз основа на нивното име и тоа на кирилица, што во иднина ќе има големо влијание на машините за пребарување.

Во стил на портал, сајтот нуди и низа други содржини, како игри, форуми, муабети и слично.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: мн. добра
Код: ПХП
Дизајн: блогерски
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 4/10
Јазик: македонски
Адреса: www.macedonianblog.com

23 февруари 2007

Службениот весник на Шведска

[лекториран]

Службениот весник на Шведска (Post-och Inrikes Tidingar) се стекна со светска слава кога на 1 јануари 2007 година беше спроведена одлуката тој да се издава исклучиво во дигитална форма. Се работи за најстариот весник на светот, кој ги објавува сите службени информации, како и огласи поднесени од Шведскиот патентен завод.

Весникот во 1645 година го основале кралицата Кристина и канцеларот Аксел Оксенстиерна. Сите директори на пошти во земјата биле обврзани да даваат извештаи за информации што ги чуле во текот на работата, кои биле вклучувани во весникот, кој бил објавуван на огласни табли низ целата земја. Од 1791 кралот Густав Трети ја одредил Шведската академија како одговорна за весникот.

Секако, како и во почетокот од своето издавање, така и денес, за овој службен весник не се плаќа претплата. Проектот Тиден ги има дигитализирано и сите изданија од 1771 до 1860 година.

Ова е практика во речиси сите цивилизирани земји, во кои за прв чекор од спроведувањето на законите се смета нивната достапност до народот. Државите во кои постои висока свест за заштитата на авторски права затоа и експлицитно ги објавуваат текстовите на законите како јавна сопственост (public domain).

ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност:мн. добра
Код: комбиниран
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: шведски
Адреса: www.poit.org

22 февруари 2007

Проект на ЕУ за употребливост

[лекториран]

Употребливост (анг. usability) е термин со кој се определува леснотијата со која луѓето може да користат одредена алатка или друг објект за да постигнат определена цел. Употребливоста може да се однесува и на методите за мерење на употребливоста и изучувањето на принципите што лежат во основата на перцепираната ефикасност или елеганција на објектот. Во информатиката, употребливоста обично се однесува на елеганцијата и јасноста на дизајнирањето на интеракцијата со компјутерска програма или веб-сајт.

Проектот „Јузабилити нет“ е финансиран од ЕУ за да се обезбедат ресурси и вмрежување на тема употребливост. Наменет е за оние што ја применуваат употребливоста, раководниот кадар, проектите на ЕУ и професионални организации на кои им се овозможува простор за комуникација на темата.

Една од неговите главни цели е да обезбеди поддршка за проектите на ЕУ од областа на информатичко општество да станат што е можно повеќе насочени кон потребите на корисниците, како и да се обезбеди контрола на квалитетот преку информациски ресурси и консултантски сервиси. На сајтот е достапен документот со насоки насловен „Први чекори кон дизајн центриран на корисниците“, кој нуди основа за вклучување на овие принципи во сите фази на развој на еден проект: анализа и побарувања, дизајн и правење прототип, тестирање, спроведување и раководење.


Дополнување: неопределиво
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ХТМЛ, ЈС
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: www.usabilitynet.org

21 февруари 2007

Блогот ПОМНИ

[лекториран]

Блогот ПОМНИ нуди еклектична комбинација на најразновидни содржини од интерес на неговиот автор Струмјан: од афоризми и поезија, до коментари на вести и тековни настани, низ текст и колажи.

Името ПОМНИ е кратенка за „Партија на озборувачи од Македонија (независни интелектуалци)“, чии членови имаат обврска да озборуваат.

Дизајнот на блогот е едноставен и ефективен. Иако повеќето блогери одбираат на насловната страница да се прикажуваат поголем број постови, сепак тоа што постојните се со понови датуми им укажува на посетителите дека се работи за жив и активен блог, поттикнувајќи ги да ги разгледаат и постарите содржини. Предноста на прикажување само по три поста по страница е во тоа што ја зголемува брзината, која во последно време често е предизвик за некои македонски блогерски сервиси.

Покрај стандардните елементи, овој блог користи и една интересна апликација што ја пресметува неговата финансиска вредност, врз база на податоци што ги дава Технорати.


Дополнување: често
Брзина: средна
Функционалност: добра
Код: ПХП (друпал)
Дизајн: блогерски
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 3/10
Јазици: македонски
Адреса: pomni.blog.com.mk

17 февруари 2007

Поп-пејачката Дани

[лекториран]

Дани Димитровска е пејачка што со својот квалитет како автор и изведувач заслужува многу поголема популарност и присуство на Интернет од она што и го овозможува нејзиниот тековен веб-сајт. Направен врз принципот на „сликовница“, тој не е оптимизиран за пристап од машини за пребарување, а тоа што последната вест датира од пред речиси 4 месеци исто така не зборува во негова полза.

За подобрување на промоцијата на својата музика преку Интернет Дани би направила вистински потег доколку ги лиценцира своите песни, кои веќе дозволува да се симнат во формат мп3 под лиценцата „Криејтив комонс“ (creativecommons.org). Тоа не само што ќе и обезбеди голем публицитет преку каналите на заедницата за слободна култура, туку и прецизно ќе ги дефинира правата што им ги отстапува на корисниците - на пример, да ги користат песните за лична употреба, но не и за комерцијални цели.

Некои од видеата од сајтот не работат. Нареден чекор би требало да биде нивно „емитување“ преку сајтовите за видеоклипови, како Ју тјуб.

Инаку, доменот dani.com.mk е регистриран од 2004 година на име на „Македонски телекомуникации“ и во моментов не води никаде. Неговата недостапност е веројатната причина што овој сајт е регистриран на домен со неинтуитивно име. Од друга страна, danidimitrovska.com.mk е слободен и е препорачливо и тој да се регистрира како примарен или алтернативен начин за пристигнување на сајтов.


Дополнување: премногу ретко
Брзина: брзо
Функционалност: слаба
Код: Флеш
Дизајн: флешерски
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 2/10
Јазици: македонски и англиски
Адреса: www.dani4u.com.mk