Се прикажуваат објави со етикета естонски. Прикажи ги сите објави
Се прикажуваат објави со етикета естонски. Прикажи ги сите објави

17 септември 2008

Едиси - наједноставниот веб едитор

Со напредокот на веб-технологиите, скоро и да не претставува проблем, и луѓето со скромни технички познавања да одржуваат свои веб-сајтови и блогови и на тој начин да се изразуваат себеси онлајн. Сепак, изработката и одржувањето на веб-сајтови не е едноставна работа, додека блоговите најчесто располагаат со скромни можности.

Многу пати, одржувајќи блог, може да посакате да направите повеќе, или пак сакајќи да имате веб-сајт, посакувате да располагате со потребните технички знаења. Не знаејќи што можете да направите, на крајот не преземате ништо. Може да преземете само еден едноставен чекор - се вика „Едиси“ и претставува веб-едитор кој ќе ви понуди убав, модерен дизајн со можности за уредување и исполнување со содржина, како и уникатна веб-адреса преку која ќе може да му се пристапува на веб-сајтот што ќе го создадете. Исто така, доколку имате обезбедено домен име (веб-адреса), преку кое сакате да ви биде пристапен сајтот, истото можете да го поврзете со креираниот сајт со помош на Едиси.

Некои од опциите се следните: избор на саканиот изглед од палетата на понудени или пак изработка на свој, додавање на јазици на кои сакате да биде достапен вашиот сајт, додавање на вашето лого, фавикон (мала уникатна икона што ја придружува адресата во прелистувачот), уредување и додавање на категории, постови, мултимедијални содржини итн.

Едиси е одлична веб-алатка, но е се уште во фаза на развој. Додека ја тестиравме не забележавме проблеми. Сепак, може да се очекува дека во иднина ќе биде уште подобра и пофункционална и дека ќе има нови дополнителни опции, со оглед на тоа што редовно се работи на нејзиното унапредување.

Едиси е одлична алатка за изработка на веб-сајт за промоција на фирма, организација или индивидуа.

Дополнување: редовно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: веб 2.0
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 4/10
Јазик: англиски, шпански,
руски, француски,
естонски, кинески
Адреса: www.edicy.com

11 мај 2004

Безжична Естонија

[лекториран]

Ах, овие Естонциве! Не само што нивниот парламент во 2000 година со закон го има вклучено правото за пристап на Интернет во корпусот на основни човекови права, туку и навистина работат на случајот.

Пред некој ден во написот за нивната Академија за електронско владеење споменавме некои статистики, па да се надоврземе со уште една: над 66 отсто од нивната територија е покриена со базни станици за безжичен пристап на нет.

Во моментов, околу две третини од вкупно 280 такви „жешки точки“ (hot spots) нудат бесплатни услуги. Ентузијастот Вељо Хамер (уредник на вај-фај.ее) ги убедил локалните нафтени компании да инсталираат базни станици во бензинските пумпи.

Зоната на дејство на секоја таква станица е одбележана со „сообраќаен“ знак, така што доколку имате лаптоп со безжична картичка може да се закачите на нет веднаш штом ќе стапнете во неа. На сајтот вај-фај.ее има и географска карта на која сите зони се прецизно и детално одбележани.

На истото место, Вељо и неговите соработници ги документираат вестите во врска со безжичноста и со нивната земја. На секоја од нив посетителите можат да оставаат коментари, на сајтот има и јавен форум што служи за дискусии и одговарање на прашања на посетителите.

Назад во нашата реалност: во Република Македонија рестриктивните монополски закони забрануваат јавна употреба на безжична технологија. Засега ваков вид врска е возможен само во рамките на една фирма. Официјалниот број „жешки точки“ е нула.


Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: англиски и естонски
Адреса: www.wifi.ee

04 мај 2004

Академија за е-управување

[лекториран]

Академијата за е-управување се наоѓа во Талин, главниот град на Естонија. Таа претставува заедничка иницијатива на УНДП, Институтот отворено општество и Владата на Естонија, чија цел е трансфер на знаења за успешни реформи во другите земји во развој, како и истражување на искуствата собрани при изградба на информациско општество.

Веб-сајтот на Академијата има „чист“ ненападен дизајн, при што хоризонтално „горно“ мени овозможува брз пристап до рубриките (обуки, истражувања, вести за настани, галерија). Информациите се дадени прегледно, а одделните поткатегории во секоја рубрика се најавуваат во менито од левата страна при влегувањето.

Основна компонента на образовниот дел се петдневните курсеви, кои ги запознаваат учесниците со естонските состојби и искуства. Вкупните трошоци за курсот по учесник (сосе патот) изнесуваат до 2.000 долари.

Инаку, мултикултурна Естонија има 1.4 милиони жители, од кои 45 отсто се на Интернет. Училиштата и јавниот сектор се поврзани 100 отсто, а стопанството 71 отсто. За споредба, локални стручњаци имаат проценето дека максимум 5 отсто од 2 милиони жители на Македонија се на Интернет, а за другиве ставки одговорните владини служби не издаваат информации.

Истражувачкиот оддел на Академијата се занимава со макрополитики, со фокус на темите ИКТ и корупција, слободен софтвер, е-демократија, е-права и со употреба на безжична технологија во јавниот сектор.


Дополнување: речиси секоја недела
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: англиски, руски, естонски
Адреса: www.ega.ee