Се прикажуваат објави со етикета италијански. Прикажи ги сите објави
Се прикажуваат објави со етикета италијански. Прикажи ги сите објави

31 јануари 2011

Слушајте ја музиката која ви се допаѓа, едноставно и бесплатно

Дизр” е бесплатен сервис за слушање музика лансиран на 22 август, 2007 година. Сервисот започнал со165.000 песни, а денес брои 4 милиони регистрирани корисници. Во мај 2010 година, сајтот веќе  располагаше со 7 милиони песни.
Бесплатен сервис за слушање радио
Сервисот овозможува задоволување на сечии музички желби, пристапност до тематски радија (хип хоп, рок, електро, џез, диско, хитови, итн), како и пристапување преку мобилен телефон, ајфон, блекбери, или ајпод тач.

Тука може да се информирате за артистите, албумите, песните, да споделувате листи со песни, музички вкусови и расположенија преку заедницата и социјалната мрежа на дизр, како и да откривате нови музички таленти.

Сајтот овозможува неограничено, слободно слушање музички записи, но без можност за нивно преземање. Можно е песните да ги слушате засебно, но и преку тематски веб-радија или т.н. „паметни радија“ кои овозможуваат членовите да започнат од песна која им се допаѓа, да ја стопираат, да прескокнат песна и да слушаат некоја од следните програмирани песни.

Радијата и песните може да ги слушате преку вградено плеерче на кое се наоѓаат опциите за пуштање, стопирање, прилагодување на јачината на гласот и слично.

Сервисот нуди можност и да станете член на заедницата на дизр, со што имате неколку дополнителни привилегии, на пр. креирање на свој профил, креирање на листи со песни, неограничено складирање на МП3...

Дизр  може да го следите на Твитер, на Фејсбук или да го поврзете со вашиот блог.

Дополнување: повремено од корисниците и од авторите
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг:  6/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски, француски, германски, шпански, италијански
Адреса: www.deezer.com

02 декември 2010

Советник за патувања

Доколку сè уште не сте одлучиле што ќе правите за празниците кои се ближат, „Трипадвајзер“ може многу да ви помогне. Станува збор за бесплатен сервис кој нуди голем број услуги со кои може да ги планирате вашите патувања.
Сајт со совети за патување
Преку овој сајт можете да пребарувате информации за летови до сите дестинации во светот, да ги проверувате цените и да правите резервации. Резервациите на летовите најчесто се вршат преку „Expedia“ , којашто е и сопственик на овој сервис. Исто така, можете да пребарувате хотели и хостели, како и да прочитате критики од претходни патници. Трипадвајзер нуди и совети за тоа што би можеле да правите во градот кој планирате да го посетите (на пр.: кои тури се нудат таму, кои позначајни места вреди да се посетат, во кои ресторани да јадете и сл.) . Сајтот препорачува топ дестинации во светот и топ работи кои може да ги правите додека сте таму.

Доколку сакате, можете да се регистрирате на сервисот и да креирате сопствен профил. Трипадвајзер препорачува да го направите тоа преку вашиот профил на Фејсбук, но не е задолжително. Интересна апликација која може да ја користите со регистрирањето, е мапата на патување на која можете да ги обележите сите градови кои ги имате посетено и потоа истата да ја споделите на Фејсбук.

Дополнување: од корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг:  8/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски, француски, италијански, јапонски...
Адреса: www.tripadvisor.com

24 декември 2009

Одличен сервис за деца и учители

Керпуф“ е онлајн сервис кој претставува креативна работилница за деца од претшколска возраст, но и за оние малку постарите. Оваа локација исто така може да им биде од корист на учителите по училиштата бидејќи на него има апликации кои тие можат да ги употребат на своите часови, преку кои децата истовремено ќе можат да се едуцираат, забавуваат и да ја искажуваат својата креативност.

За да може да се користи сајтот, најпрво е потребна регистрација со задавање на корисничко име и лозинка. Регистрирањето е бесплатно, но таквиот кориснички профил е ограничен и тој не ги овозможува сите апликации, ликови и алатки. Ова сепак не би требало да ви претставува проблем. Доколку сакате да ги добиете сите можности и поволности од сервисот, ќе треба да платите сума зависно од тоа на колку време сакате да се претплатите.

Годишна претплата би ве чинела околу 45 американски долари. Сервисот овозможува креирање на оригинални слики, цртежи, кратки видеа, лични интересни приказни, честитки, а истите децата ќе можат да ги зачуваат и испечатат зависно од својата желба или пак да ги постават на локацијата со што и останатите корисници ќе можат да ги погледнат и да ги оценат. Креирањето на приказни и кратки видеа се состои во поставување на веќе постоечки ликови и позадини кои корисникот ги комбинира како сака, вметнувајќи свој текст и ефекти кои се на располагање во зависност од профилот (бесплатен или претплатнички). Сајтот е достапен па 7 јазици, но за жал не и на македонски.

Дополнување: ретко
Брзина: нормална
Функционалност: одлична
Дизајн: детски, шарен
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни Зборови: нема
Јавен Бројач: нема
РСС/ АТОМ: нема
Гугл -ранг: 5/10
Јазик: англиски, француски, германски,
италијански, шпански, руски, кинески
Политика за приватност: има
Адреса: www.kerpoof.com

23 јули 2009

Проверете го текстот кој го напишавте на странски јазик

Без разлика колку добро познаваме одреден странски јазик, никогаш не се чувствуваме доволно сигурни во објавувањето на напишан текст, без претходно да го провериме истиот со некој онлајн речник или пак уште подобро со личност која подобро го познава тој јазик од нас. Доколку се спојат овие две работи, се добива омилениот веб-сајт на многу преведувачи, изучувачи на странски јазици и многу други вклучувајќи ме и мене - „корект мај текст“.

Принципот на кој функционира овој веб-сајт е многу едноставен. Се што треба да направите е да се регистрирате, да го напишете вашиот текст во обележаното поле и да го изберете јазикот на кој е напишан. Вашиот текст ќе биде објавен на веб-сајтот од каде познавачи на истиот јазик ќе може да го преземат и да го проверат. Додатни опции кои ја подобруваат ефикасноста на овој веб-сајт се: избирање на клучни зборови кои го олеснуваат пребарувањето; одредување на нивото на познавање на јазикот кое го барате од личноста која го проверува вашиот текст; назначување на бројот на лицата (од1 до 3) кои сакате да го проверат вашиот текст и добивање на говорна форма од проверениот текст.

Друг начин на кој „корект мај текст“ ви помага во усовршување на вашите познавања на странските јазици е правото вие да проверувате текстови закачени од други корисници. Веб-сајтот е преведен на повеќе јазици од кои можете да го изберете оној кој најмногу ви одговара.

Дополнување: многу често
(од страна на корисниците)
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 4/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски, руски, шпански,
француски, италијански,
португалски, германски
Адреса: www.correctmytext.com

Напишано од Дона Џамбаска

09 јули 2009

Френдфид - сервис за споделување

Многуте сервиси за брзо споделување на информации помеѓу избрани корисници на истите ни даваат голем избор, но истовремено ни предизвикуваат проблем бидејќи тешко е да се одлучиме што е најпрактично и најприфатливо за нас, ако не знаеме што нудат останатите сервиси од ист вид. Така, следува заклучокот дека доколку сакаме да ги избереме најкорисните сервиси, треба постојано да следиме што ново се појавува, кои промени и надградби ги доживуваат постоечките сервиси итн. Секако, нема никаква корист ако се зачленуваме на сите сервиси што се појавуваат, доколку немаме време сите да ги користиме. Сервис кој го препорачуваме за користење од многуте такви кои постојат е Френдфид.

Френдфид е онлајн сервис за споделување информации помеѓу пријатели. Тој нуди интерактивен начин на откривање и дискутирање за информациите кои пријателите ги споделуваат.

Она што ќе го добиете по бесплатната регистрација е фид - река од информации - составен од пораките кои со вас ги споделиле вашите пријатели. Тука можат да се најдат фотографии, линкови, видеа и текстуални пораки. Доколку вие се најдете во нечиј круг на пријатели, тоа значи дека тој корисник ќе ги добива содржините кои вие ги споделувате. Можете да се пријавите да следите и новости од одредени групи, како на пример од вашето семејство, колегите или најтесниот круг на пријатели.

За да го користите сервисот нема потреба од инсталација на некаков софтвер. Сè што ви треба е прелистувач во кој ќе го повикате сајтот на кој треба да бидете најавени за да читате и поставувате. Алтернативно, за овој сервис можете да се служите и со вашиот фејсбук профил, вашата имејл корисничка сметка или СМС пораки за да поставувате содржини. Јавните френдфид профили се видливи за сите. Вашиот фид можете да го вградите на вашиот веб-сајт или блог и со тоа да ги збогатите информациите кои таму ги нудите, како и да поставувате информации на други сервиси, како фликр, твитер, фејсбук и уште многу други, директно со нивното поставување на френдфид.

Дополнување: од корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: веб 2.0
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
(на страниците на корисниците)
Гугл-ранг: 8/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски, француски, шпански,
италијански, германски, турски...
Адреса: friendfeed.com

25 август 2008

Изразете се кратко, динамично и оригинално

Image chef“ е веб-сајт кој овозможува една интересна онлајн активност. Имено, посетителите на овој сајт, односно неговите регистрирани корисници имаат можност да создаваат оригинални слики и кратки анимирани презентации кои можат да се искористат за најразлични цели. Сајтот е од забавен карактер и е од оние сајтови на кои трошите малку време за да им ја сфатите суштината, а многу повеќе време играјќи си со понудените опции.

Идејата е да создадете сопствена анимација или слика, користејќи некои од многуте понудени, некои веќе анимирани шаблони, да ги додадете саканите слики и текст и производот да го зачувате на вашиот компјутер, да го публикувате некаде онлјан или да го испратите некому преку имејл. Последниве две варијанти можат особено да ви се најдат доколку имате практика да им изразувате чувства, да им пренесувате необични пораки или да им честитате на вашите блиски за некоја годишнина, роденден, венчавка или друга пригода.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: веб 2.0
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски, турски,
шпански, француски, италијански,
германски, португалски
Политика за приватност: има
Адреса: www.imagechef.com

15 април 2008

Скратете ги долгите адреси

Сигурно многу пати сте сакале да искористите некоја веб-адреса која води до некоја корисна или интересна содржина, но била предолга за да ја запомните или споделите со некој друг. Во такви ситуации, згодни знаат да бидат онлајн алатките кои овозможуваат кратење на адресите. Еден од ваквите сајтови кои го овозможуваат тоа е jmp2.net. Едноставно ископирајте ја адресата директно од полето за адреси во прелистувачот и пренесете ја овде. Кликнете го соодветното копче и работата е завршена. Кратката верзија потоа можете да ја испраќате до вашите пријатели или пак да ја користите за ваша лична потреба. Дополнително, при кратењето можете да изберете криење на оригиналната адреса, што може да ви се најде во случаи кога ќе сакате да му посочите на некој конкретна содржина од вебот, но не сакате тој да дознае од каде таа содржина потекнува. Ова можеби не е многу коректно од етички причини, но таа грижа ќе му ја препуштиме на креаторот на сајтот.

Генерираната адреса ќе претставува всушност адреса од jmp2.net, иако на располагање имате и можност за поинаков корен во адресите. Како дополнителна варијанта, доколку од било кои причини ваквата опција ви е често потребна, можете да си го поставите џмп2.нет алатникот со што опцијата ќе си ја озвоможите директно од прелистувачот без да има потреба да ја напуштите актуелната страница чии содржини моментално ги посетувате.

Дополнување: еднократно
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Политика за приватоност: нема
Дизајн: патриотски
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 3/10
Јазик: англиски
Адреса: jmp2.net

31 мај 2006

ЕСА - Европска вселенска агенција

[лекториран]

И во овој број „Време“ продолжува со акцијата за објавување на рецензиите на студентите на Институтот за информатика од Скопје.

ЕСА - европскиот пандан на НАСА поседува убаво уреден официјален веб-сајт пребогат со текстуални и со мултимедијални информации за постојните и за идните програми. Специјалниот мултимедијален дел е и најпосетениот дел од сајтот.

Дури и покрај огромниот број страници, навигацијата е релативно лесна и непроблематична. Сепак, на моменти останува впечатокот дека можете лесно да залутате доколку не знаете што точно барате.

Големиот број слики, звуци и снимки од вселената го прават прелистувањето низ страниците вистинско уживање.

Сајтот постојано се дополнува со најнови научни и технолошки новости поврзани со астрономијата. Содржи и голем број научни статии од светски истакнати автори. За најмладите има посебно уреден дел од сајтот преку кој на шарен и сликовит начин им се приближуваат одредени тематики од вселената.

Со други зборови, сајтот на ЕСА претставува огромна база информации и знаење, рај за секој љубител на оваа научна област, но и за обичните корисници, кои сакаат само да уживаат во убавите содржини.

Како единствена негативност може да се истакне малата пренатрупаност бидејќи целата содржина може да се подели на неколку различни сајта. Сепак, тоа е само мал минус во однос на сите плусови на овој сајт.

Рецензент:
Игор Стојановски
, Институт за информатика


ЗА ВЕБ - САЈТОТ

Дополнување: секојдневно
Брзина: средна
Функционалност: добра
Код: ХТМЛ
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
РСС/Атом: нема
Гугл ранг: 8/10
Јазик: сите јазици на земјите од ЕУ
Адреса: www.esa.int

10 март 2006

ЕУРЕС - европски портал за вработување

[лекториран]

ЕУРЕС (EURES) е портал што овозможува поврзување помеѓу луѓето што бараат работа и работодавци од ЕУ.

Името е кратенка од Европски сервиси за вработување - мрежа за соработка чија цел е да поттикне слободно движење во рамките на економската зона на ЕУ + Швајцарија.
Партнери во мрежата, која ја координира Европската комисија, се јавни заводи за вработување, синдикати и здруженија на работодавци.

Основните услуги што им ги нуди ЕУРЕС на луѓето што бараат работа се овозможување да си состават работна биографија (ЦВ) преку веб-сајтот, овозможување пристап до податоците од неа на работодавци што пребаруваат за одредени квалификации, како и информирање за правните и за логистичките информации поврзани со пазарот на работен труд во сите земји на ЕУ.

ЕУРЕС исто така нуди помош преку мрежа од 500 советници од цела Европа, кои помагаат преку директни контакти.

Сајтов е дел од порталот на Европската Унија, чија основна верзија е поставена на сите 25 официјални јазици на ЕУ. Сите информации на ЕУРЕС се достапни на англиски, но одредени детали, на пример, условите за живот во Данска се достапни само уште на француски, холандски и на дански.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: делумно
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: недостапен
Јазици: англиски и 18 други
Адреса: www.eurescv-search.com

08 јули 2004

Сабрина Салерно

[лекториран]

Сабрина Салерно е италијанска пејачка, актерка и забавувачка, која во средината на осумдесеттите години од минатиот век се прослави со својата фотогеничност. Иако е отсутна од малите екрани на луѓето чии видеорикордери и стари касети фаќаат прав на заборавени полици, кариерата на Сабрина во меѓувреме продолжи, и за дел од неа може да се дознае преку нејзиниот веб-сајт.

Тековната верзија на веб-сајтот е направена некаде околу 1999 година и иако на првата страница е најавено обновување во 2004 година, од него нема ни трага (освен рекламната интроанимација на таа тема изведена флеш). Сепак, и таков каков што е, сајтот нуди доволно интересни содржини за да го задржи вниманието на нејзините обожаватели.

Сајтот на Сабрина спаѓа во класичниот жанр на лични сајтови, чија цел е да пренесе информации за сопственичката и да овозможи контакт преку и-мејл или писмо. Содржините се поделени на рубриките: биографија, интервјуа, музика, слики, видео, „XXX" и поздрави.

Галериите на фотографии се збогатени со фотографии снимени во разни контексти, а особено се занимливи фотографиите што се направени од познатиот италијански цртач на стрипови Мило Манара со кого Сабрина очигледно соработувала на некој проект. Некои од фотографиите се со висок квалитет (на компресија) и се одвоени како тапети и разгледници во рубриката „поздрави". Во рубриката „видео" се наоѓа спотот од песната „I love you", а во „икс-икс-икс" - класично изненадување за ваков вид сајтови.

Посетителите со понежна душа и литературен сензибилитет веројатно ќе ги заинтригира простодушниот и речиси интимен стил на пишување што Сабрина го употребила во текстовите.


Дополнување: статички
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ХТМЛ
Дизајн: застарено шарен
Навигација: употреблива
Бројач: нема
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: италијански и англиски
Адреса: www.sabrinasalerno.com