26 август 2004

„Маседониа срч" - пребарувач на Македонија

[лекториран]

„Маседониа срч" (Macedonia Search) е еден од најстарите македонски портали, основан од Здравко Стафилов – Мунем и Зоран Глигоров – Цезар. Иако низата трансформации, и во однос на изгледот, функционалноста и уредувачката политика, низ кои помина сајтов имаа разновиден исход, тој сепак останува едно од позначајните места на нашиот интернет-простор.

Во минатото, овој сајт беше едно од местата каде што често првпат кај нас беа применувани и испробувани разни иновативни програмски и други технологии. На него своевремено беше поставен првиот вистински македонски пребарувач, сервис за електронска пошта, автоматизирани галерии, анкети, модул за вести, флеш-видеоиграта „УЧК инвејдерс" (пародија на „Спејс инвејдерс"што се уште може да се најде преку Гугл со клучните зборови „UCK Invaders"), имаше акробации со имиња на поддомени, промоција на позитивни трендови и иницијативи, интернет-радио (МИР) итн.

Дел од старите содржини се уште се активни, иако не се во прв план (достапни преку минијатурни линкови на дното на првата страница). Тоа се архивата на вести (последната од јануари), архивата на знаењето (подолги категоризирани написи), галериите на фотомодели „очни јаболка" (eyeballs) и „најсекси модели" во кои посетителите можеа да праќаат свои слики и да гласаат (некои се поприлично разголени и сочни). Како маана може да се забележи дека листата на линкови до медиуми (од десно) на македонски и особено на англиски јазик за и од Македонија не е баш освежена.

Во моментов, главни делови на сајтот се Директориумот со линкови (се внесуваат рачно) и скриптите што овозможуваат автоматско преземање содржини од други сајтови (курсни листи, временска прогноза) и нивно презентирање на едно место. Ова е особено полезно во однос на дневните вести: МС овозможува на едно место да ги добиете и споредите насловите (директни линкови) од А1, „Нова Македонија", „Утрински весник", „Дневник", „Време" и „Вест".


Дополнување: автоматско
Функционалност: добра
Брзина: брзо
Код: АСП
Дизајн: минималистички
Навигација: стандардна
Клучни зборови: има
Гугл-ранг: 6/10
Бројач: нема
Јазик: македонски
Лекториран: не
Адреса: www.org.mk

20 август 2004

Блогот на Јован

[лекториран]

Како што може да се дознае од сајтот на неговиот блог, Јован Петров е момче од Македонија што признава дека е „зависник" од Интернет, којшто почнал да го запознава во далечната 1992 година.

Добро за сите нас е што прилично добро го има запознаено, бидејќи неговиот блог се прочу по објавувањето на анализата „Провајдерска војна - во име на народот", којашто ја објави Метаморфозис, а потоа ја имаат пренесено и други веб-медиуми, како Риалити Маседониа.

Во анализата, г. Петров (инаку, стручњак за ИТ) има изнесено видување на тековните интерни проблеми со Интернетот во Македонија, од корисничка перспектива: разните можни опции, како и конкретни предлози што може да влијаат на подобрување на состојбите (воспоставување бекбоун, укинување на монополот на МАРНет според светските искуства, укинување на лихварската концесија од 15.000 евра годишно што државата ги бара од провајдерите, со што се оневозможува на помали фирми да нудат вакви услуги...).

Освен „Провајдерската војна", која би требало да биде лектира за секој што го интересира македонскиот Интернет, блогот содржи неколку други постови и има една голема мана: нема нови. Се надеваме дека оваа состојба ќе се подобри по враќањето од летните одмори.

Инаку, искористен е стандардниот шаблон (темплејт) на Блогер (www.blogger.com), што може да го користи секој што веќе користи електронска пошта преку мејл, оти интерфејсот му е многу сличен на Јаху или Хотмејл, само што наместо испратена порака, добивате напис објавен на сајт. Ова треба да претставува поттик и за луѓе со помала технолошка упатеност од Јован да си отворат свој блог и да почнат да ги изнесуваат своите размислувања од областите за кои се стручни и упатени.

Дополнување: засега прекинато
Функционалност: многу добра
Код: интерна апликација
Дизајн: стандарден блогерски
Навигација: стандардна
Клучни зборови: нема
Гугл-ранг: 0/10
Бројач: нема
Јазик: македонски и англиски
Лекториран: не
Адреса: jovans.blogspot.com

[Дополнение: блогот е префрлен на http://jovansblog.dobroutro.com/]

12 август 2004

Глупави закони

[лекториран]

Сајтов претставува база во која се сместени разни законски акти и извадоци од закони за кои уредниците мислат дека се глупави и смешни. На посетителите им се дава можност (ако се регистрираат) да ја изнесат својата оценка за истите.

Тоа што законите се сместени во база, овозможува нивно групирање по разни основи, па и можност за извлекување закон по случаен редослед или 25 врвни закони. Некои од прилозите биле сменети или укинати, па тоа е еден од наведените атрибути.

Некои од линковите на насловната страница не работат, меѓу кои и „закони во САД“. Но и тие се достапни доколку влезете преку линкот „интернационални закони“.

Засега во базата на сајтов нема сместени закони од Македонија. Доколку имаме кандидати според критериумите за сајтов, доволно е некој локален стручњак да се логира на сајтов и да ги испрати соодветните преводи.

Инаку, сајтов е дел од „глупавата мрежа“, којашто опфаќа и сајтови со глупави предупредувања, глупави етикети за автомобили, глупави злосторства и глупави факти.


Дополнување: еднаш месечно
Брзина: релативно брзо
Функционалност: доста добра
Код: ПХП
Дизајн: стандарден
Клучни зборови: нема
Бројач: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: www.dumblaws.com