25 февруари 2005

Опус деи (оцрнети во „Кодот на Да Винчи")

[лекториран]

Опус деи (Божје дело) е католичка верска организација во која членуваат или со која се служат некои од негативците од романот „Кодот на Да Винчи" на Ден Браун. Мисијата на организацијата е помагање на луѓето да „го пронајдат Бог во работата и секојдневниот живот".

Основачот на Опус деи, Хоземарија Ескривиа (1902-1975), Католичката црква (www.vatican.va) го има прогласено за светец во 2002 година, со што тој има повисок ранг на пример од Мајка Тереза, која се уште не е светица, туку има титула на блажена. Генерализираните и не толку имплицитни обвинувања за нетолеранција, лихварство и волја за моќ по секоја цена изнесени во романот, повикувајќи се на сајтот на ОДАН (www.odan.org) имаат далеку пошироко влијание од расправа за литературни вкусови.

Токму поради тоа, една од најуочливите содржини на веб-сајтот на Опус деи е одговор на обвиненијата изнесени во „Кодот". Така, на пример, тие велат дека наспроти карикатуралната претстава на терминаторскиот Сила, во Опус деи нема калуѓери, дека католичката црква од која се дел не одобрува никакви криминални ниту неморални дела, дури ни во име на добри намери, дека описите на активностите и организацијата се извртени и неточни, особено во однос на дискриминација на жените или култистичкото однесување итн.

Ваквите ставови ги потврдува најочигледниот современ пример на глобално ниво: спротивставувањето на папата на почнување на војната против Ирак.

Веб-сајтот на Опус деи има верзии на повеќе јазици, кои се однесуваат на земјите и на народите кај кои католицизмот има поширока застапеност. При тоа е нарушена конзистентноста, бидејќи преводите не се комплетно пресликување на основните содржини, но од друга страна, тие претежно се однесуваат на локалните состојби, па се порелевантни за посетителите од таму.

Инаку, и другите институции споменати во „Кодот на Да Винчи", како парискиот музеј „Лувр" (www.louvre.fr) и Кралскиот колеџ од Лондон (www.kcl.ac.uk) имаат сајтови што вреди да се посетат.


Дополнување: неопределиво
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
Гугл-ранг: 7/10
Јазик: англиски и други
Адреса: www.opusdei.org

24 февруари 2005

Ден Браун (авторот на „Кодот на Да Винчи")

[лекториран]

„Кодот на Да Винчи" е најверојатно првиот роман објавен во Македонија, а меѓу првите и во светски рамки, во кои употребата на Интернет и на други информатичко-комуникациски технологии (ИКТ) е дадена во секојдневен, ненаучнофантастичен контекст, како интегрален дел од дејството – и како таков заслужува и признание и внимание.

Веб-сајтот на авторот Ден Браун е одличен пример за користење уште еден медиум за давање поддршка на читателите на неговите дела и дополнување на нивните содржини. На пример, за „Кодот" има фотогалерии со местата на кои се одвива дејството и репродукции на уметничките дела што се споменуваат (за кои е препорачано да се разгледуваат откако ќе се прочита книгата, за да не „се скрши филмот"), интерактивни квиз-игри за решавање загатки, дополнителни објасненија на поими и слично.

„Белешката за писателот" што е достапна на веб-сајтот е позанимлива од онаа дадена во македонскиот превод на книгата. Од неа, на пример, може да се дознае дека „во почетокот на 2004 година сите четири романи на Ден Браун едновремено се наоѓале на листата на бестселери на весникот Њујорк тајмс" и дека во подготвителните истражувањата тесно соработува со сопругата Блајтх (Blythe) – историчарка на уметноста и сликарка.

За жал, делот со клипови и интервјуа има и некои празни линкови, а сите линкови што водат надвор се отвораат во нов прозорец (јаде ресурси, прави проблем со блокерите на поп-ап-и). Во делот каде што се зборува за разните изданија на книгите на Браун низ светот, не е спомената и македонската верзија.


Дополнување: замрзнато
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ХТМЛ, ЈС, Перл, Флеш
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: www.danbrown.com

03 февруари 2005

Рекламна агенција „Без паника“

Креативното студио „Без паника“ нема врска со своевремениот квиз, ниту пак со најпознатиот цитат од делата на Даглас Адамс. Оваа британска фирма се занимава медиумска дистрибуција и дизајн на печатени материјали, а низ на секои две недели издаваат пакет со "флаери" (летки) којшто може да содржи и други џиџи-миџи, како и еден голем преклопен постер. Пакетите се делат на најшизичките места за излегување низ таа земја, по барови и универзитети.

Местата на коишто ќе бидат дистрибуирани пакетите ги објавуваат на нивниот веб-сајт, и тоа во "поп-ап" прозорче. Ова е пример за лоша пракса од областа на употребливост оти ја намалува контролата на сурферите врз текот на нивното крстарење по мрежата и одзема ресурси од нивните машини. Дел од линковите со информации за нивната работа исто така се отвораат во нови прозорци.

Авторите веројатно се решиле на овој потег поради тоа што основниот дел на веб-сајтот (навигација во вид на анимирана улица - симпатично) им е изведен во Флеш, којшто е релативно потежок за освежување од обичните ХТМЛ-страници (сместени во прозорчето).

Информации за добивање на рекламните пакетчиња може да се добијат и преку пријавување на мејлинг-листа, а на веб-сајтот може да се види како изгледаат нивните постери и други материјали, а оставена е и можност за пријавување на студентска пракса.

Дополнување: често
Брзина: рел. брзо
Функционалност: добра
Код: Флеш
Дизајн: Флеш
Навигација: анимирана
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
Гугл-ранг: 4/10
Јазик: англиски
Адреса: www.dontpanicmedia.com
Датум на пишување: 03.02.2005.

02 февруари 2005

Министерство за транспорт и врски [1]

[лекториран]

Со оглед на тоа што Владата на Република Македонија го укина својот веб-сајт (www.gov.mk, www.vlada.mk) по пристигнувањето на новиот кабинет, оневозможувајќи и на државава претставување пред домашната и светската јавност, не е лошо да се види што прават нејзините составни делови.

Веб-сајтот на Министерството за транспорт и врски има солидна структура, која би можела да биде функционална доколку е пополнета. Арно ама поголемиот дел од главните навигациски линкови (новости, регулатива и линкови) водат кон празни страници. Иако организациската структура е предадена исцрпно, од овој веб-сајт не може да се дознае дури ни името на тековниот министер.

Единствена потазе содржина е предлог-законот за електронски комуникации, кој е усвоен на седницата на Владата од 26 декември (оној што во член бр. 54 споменува вселенски летала), предаден во ПДФ-формат, без дури и да се назначи неговата големина за оние што ќе се осмелат да го симнат да знаат колку ќе чекаат. Уште полошо, самата страница за соопштенија и публикации, очигледно додадена многу подоцна од поставувањето на оригиналниот дизајн, е направена без фонт со кирилична поддршка, така што кај оние што немаат инсталирано фонт Мак-ц-свис изгледа исчашено.



Дополнување: непознато
Брзина: релативно брзо
Функционалност: слаба
Код: ХТМЛ
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
Гугл-ранг: 4/10
Јазици: македонски, албански, англиски
Адреса: www.mtc.gov.mk