31 март 2008

Ризница за дизајнерите

Со оглед на природата на нивната работа, дизајнерите се во постојана потрага по инспирација и ресурси. Инспирација може да се најде насекаде: од контактите со луѓето, од непосредната близина, од случките и природата, но и од вебот кој од неа нуди неограничени количини. И покрај личната креативност на која дизајнерите најмногу се потпираат во својата работа, недостатокот од ресурси понекогаш може навистина да претставува проблем.

За среќа, постојат голем број веб-сајтови кои луѓето можат да ги користат за неограничена или ограничена употреба, а еден од нив е Дизајнпекс. Овој сајт нуди колекции од слики кои можат да се користат како при изработка на комерцијални, така и при изработка на некомерцијални веб-проекти. Галеријата е сега за сега скромна, но се освежува со нови пакети секој месец. Секој пакет се состои од 15-на слики со иста тематика кој е придружен со описни информации за неговата содржина.

Дополнување: месечно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: комбиниран
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: www.designpacks.com

Сервис за патниците

Доплр е онлајн сервис, пред се наменет за бизнисмените кои често патуваат. Секако и останатите луѓе кои патуваат и сакаат да ги евидентираат своите патувања, можат да се приклучат кон сервисот. Потребно е да се регистрираат сите престојувања на еден патник, надвор од својата матична држава или град, да се одредат дополнителните параметри како што се моментот и периодот на престој, после што ваквите информации може да се поделат со други.

Откако посетителите еднаш ќе се регистрираат на доплр, во секое време можат да поканат други луѓе кои ќе можат да ги следат нивните патувања. Во посебна листа се групирани и информациите за патувањата на други корисници на сервисот кои истите ги поделиле со вас. Во посебен дел, се води запис кој континуирано ги следи сите важи регистрирани дестинации и на некој начин претставува личен дневник на вашите патувања. Интересно е што при секоја посета на доплр може да се сретнете со различна фотографија на почетната страница на која се прикажува некоја локација од светот, а која е заштитена со Криејтив комонс лиценца.

Сервисот е погоден за луѓето кои често патуваат бидејќи овозможува истовремено информирање на сите засегнати пријатели и соработници за наредните патувања. Дополнителни информации за тоа како се користи сервисот и и кои се неговите можности ќе добиете доколку ја погледнете подготвената доплр турнеја. За да ги следите новините во можностите на сервисот, посетете го блогот кој постои за таа цел, преку соодветниот линк на главната страница.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: комбиниран
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 7/10
Јазик: англиски
Адреса: http://www.dopplr.com

28 март 2008

Дизајн привлечен за сечие око

Моск“ е онлајн портфолио на Мациеј Мизер од Полска кој се занимава со 2Д и 3Д графика, веб дизајн и фотографија. Покрај овој тип на содржини, на неговиот сајт се поставени и повеќе графити кои можат да се видат насекаде низ Полска.

Сајтот изгледа одлично, токму онака како што треба да изгледа сајт на еден дизајнер. За секој тип на уметност има посебна категорија, до која лесно се пристапува, после што соодветната галеријата е на располагање.

„Моск“ е одличен сајт за луѓето кои се занимаваат со слична дејност од причина што претставува одличен извор за црпење инспирација. Секако и останатите посетители се добредојдени на „Моск“ бидејќи она што е убаво, убаво е за секој.

Дополнување: редовно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: минималистички
Навигација: едноставна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 4/10
Јазик: англиски
Адреса: www.mosk.pl

27 март 2008

Македонскиот пребарувач Набу

Набу е пребарувач специјализиран за пребарување на македонски содржини на Интернет. Изработен е од страна на Игор Трајковски кој неколку месеци има работено во Гугл како стажант.

Интерфејсот на главната страница е едноставен, прегледен и забавен. Кога посетителот ќе почне да го впишува текстот за кој сака да добие информации, под полето за пребарување се појавуваат сугестии како листа од зборови кои почнуваат на зададената буква. Како се продолжува со пишувањето, така листата со сугестии станува поконкретна. Поради тоа, испишувањето на зборовите може да се прекине штом се забележи дека се понудени во листата со сугестии. Ова важи и кога се пишува на латиница.

Втората добра работа во врска со овој пребарувач е што можете да го прецизирате времето на објавување на содржините за кои сакате да добиете информации. Како дополнително прецизирање на пребарувањето, може да се избере од листата категории: Македонија, Хардвер, Образование, Вести и сл. Од скоро, во рамките на Набу, може да се пребаруваат и слики објавени на македонски сајтови.

Како најдобро да ги искористите пребарувачките можности на Набу, можете да прочитате во делот Како до подобри резултати, што ќе го здогледате кога ќе започнете со пребарување. Доколку имате некакви предлози, упатете ги до креаторот на Набу.

Дополнување: редовно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 3/10
Јазик: македонски
Адреса: www.nabu.com.mk

26 март 2008

Архива на слободен софтвер

Оупен сорс ливинг е спонтано настанат проект на еден блогер кој целата работа ја започнал од обична листа на линкови која подоцна прераснува во сајт со архива на најдобрите програми со отворен код.

Сајтот изгледа чисто и едноставно. Секој посетител може да се насочи кон некоја од десетте понудени категории и со тоа да ја започне потрагата по софтверот кој му е потребен. Имињата на програмите се придружени со краток опис за нивната намена, а во продолжение следуваат линкови кои носат до страниците од кои тие можат да се преземаат.

Во рамките на сајтот постои форум на кој посетителите разменуваат искуства и идеи, чија крајна цел е да се придонесе во збогатувањето на архивата.

Оупен сорс ливинг е еден од повеќето сајтови од овој тип, но со оглед на неговата отвореност и позитивна цел, вреди да стане дел од вашата листа на омилени веб локации.

Дополнување: ретко
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: минималистички
Навигација: едноставна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: osliving.com

25 март 2008

Попрактично и поубаво сурфање со Кулајрис

Кулајрис е веб-сајт кој нуди две убави и практични софтверски решенија кои ќе му дадат нова димензија на вашето сурферско доживување.

Првиот производ се вика Пикленс и овозможува поинаков начин на прегледување слики на веб. Поддржани се сите популарни пребарувачи за слики, галерии и сајтови за социјално вмрежување, а работи како додаток за прелистувачите Мозила фајрфокс, Интернет експлорер и Сафари. Откако ќе се инсталира, при секоја посета на некој од ваквите сајтови се добива можност за прегледување на сликите на модерен, тродимензионален начин, нивно зголемување или последователно прикажување како презентација. Пикленс е бесплатен софтверски додаток кој може да се користи при пребарување слики на Гугл и Јаху или при разгледување слики и фотографии на Хај фајв, Фејсбук, Мајспејс, Фликр, Пикаса, Девиантарт и други.

Вториот производ кој ќе му даде шмек и стил на вашето прелистување на Интернет се вика Кулајрис привјус. Се инсталира на истиот начин, а овозможува отворање на линковите од страниците кои ги посетувате во мало дополнително прозорче кое се појавува врз моментално активната страница. На тој начин се овозможува побрзо и поефикасно прелистување без потреба од напуштање на содржините кои ви се постојано неопходни. Овој софтверски додаток може да биде особено практичен кога се прегледуваат содржини на Интернет во чиј склоп се наоѓаат линкови до нивниот извор.

Дополнување: по потреба
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн:
модерен
Навигација: едноставна
Пребарувач:
нема
Клучни зборови:
има
Јавен бројач: нема

РСС/Атом: нема
Гугл-ранг:
5/10
Јазик:
англиски
Адреса: www.cooliris.com

24 март 2008

Фондација за експериментална уметност

Фондацијата за експериментална уметност (ЕАФ) од Аделаида, Австралија работи на проширување на претставување на нови дела и ширење на новите идеи за современа уметност и култура.

Преку галериски простор, книжарница и ателјеа за уметници, ЕАФ развива и презентира иновативен уметнички програм од висок калибар, и игра централна улога во развојот на експерименталната уметничка пракса во Австралија и во светот.

Фондацијата ја води Мелентие Пандиловски, уметнички директор и куратор кој изврши огромно влијание во оваа област во Македонија преку водење на Центарот за современи уметности во Скопје до март 2003 година.

Веб-сајтот е целосно во функција на дејноста на фондацијата и преку него може да се дознаат навремени информации во врска со галеријата, издавачката дејност, како и сите други активности.

Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 4/10
Јазик: англиски
Адреса: www.eaf.asn.au

22 март 2008

Блогот на Паблишер

Паблишер е личен блог на Гоце Митевски на кој се презентираат информации за слободен софтвер, веб и графички дизајн, музичка продукција, како и за сè друго што претставува личен интерес на авторот.

Блогот постои од почетокот на минатата година и претставува спонтан израз на интересите на неговиот автор. Презентирајќи теми кои се интересни за него самиот, блогот нуди содржини кои често се проследени со субјективно мислење, сепак засновано на разработена информација. Иако нема прецизен интервал на објавување на нови содржини, она што ќе се објави, секогаш претставува приказна за себе, понекогаш раскажана во неколку реда, а некогаш разработена во многу повеќе.

По точно една година од своето постоење, благодарение на Лугола - група на ГНУ/Линукс корисници од Битола, блогот, со сета своја содржина, мигрираше на нова локација: pablisher.lugola.net. Освежен, попрегледен и пожив од претходниот, новиот Паблишер уште појасно ја изразува идејата на авторот - следење на сопствените интереси и нивно споделување со сите кои ги имаат истите.

Блогот е лиценциран со Криејтив комонс лиценца, поточно со онаа која дозволува слободна употреба на неговите содржини за било какви цели се додека се наведува нивниот извор и додека тие не се користат за комерцијална употреба. Новиот Паблишер кон ова го додава и условот за споделување под исти услови во случаи на модификација на неговите содржини.

Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: модерен
Навигација: едноставна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 4/10
Јазик: македонски
Адреса: pablisher.blogspot.com
(pablisher.lugola.net)

21 март 2008

Поинаков начин за цитирање на веб

Куоут е веб-сајт кој особено ќе им се допадне на блогерите и воопшто на луѓето кои се занимаваат со објавување информативни содржини на веб. Сајтот нуди едноставен начин за фаќање слики (screenshots) од страниците на кои онлајн ентузијастите се повикуваат при објавување на информациите. На тој начин се овозможува визуелно цитирање, наместо текстуално, при што авторот сам избира кој дел од страницата ќе го цитира. Резултатот е слика, односно мапа на која сите линкови се активни. Кога посетителите на одреден веб сајт или блог кој го користи овој метод на цитирање, ќе се насочат кон некоја содржина, веднаш ќе добијат и визуелна претстава за изворот на таа содржина со можност директно да пристапат до одреден дел од него.

Сајтот има минималистички дизајн, заради што се одликува со едноставност и функционалност. Корисниците на Куоут немаат потреба од претходна регистрација како услов за негово користење. Се што треба да се направи е да се избере саканата веб локација, да се внесе адресата во полето и да се вметне резултатот во рамките на саканата содржина на својот сајт или блог.

Куоут има оригинална идеја, но не е којзнае што. Со оглед на неговата намена, важно е дека си ја врши работата. Па доколку ви се допаѓа, можеби е одлична прилика да направите освежување на вашето веб катче.

Дополнување: еднократно
Брзина: брзо
Функционалност: солидна
Дизајн: минималистички
Навигација: едноставна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 4/10
Јазик: англиски
Адреса: http://kwout.com

20 март 2008

Македонски правни ресурси на веб

www.pravo.org.mk претставува Правен ресурсен центар каде можат да се најдат нашите закони кои се во сила, како и оние кои повеќе не се, а се донесени од страна на Собранието на Р. Македонија. Тука се вклучени и нивните измени и дополнувања кои се во сила, потоа компаративните анализи за закони кои треба да се најдат на дневен ред на собраниските седници, како и судската пракса на Врховниот суд на Р. Македонија.

За секоја категорија на ресурси, постои посебен пребарувач и совети за пребарување, така што граѓаните без особени потешкотии можат да дојдат до бараната содржина. Тие исто така можат да оставаат коментари, предлози, иницијативи и размислувања кои потоа редовно им се доставуваат на пратениците, со цел подобрување на законодавството и одлуките донесени од страна на Собранието.

Единствена забелешка која ја имаме за овој веб-сајт е лошата навигација. Имено, секој посетител кој за првпат ќе ја отвори почетната страница од овој веб-сајт, ќе добие впечаток дека е неопходна негова регистрација за да може да се служи со содржините. За да се избегне оваа нелогичност, ве советуваме да се насочите најпрво кон адресата за контакт, со што станува активно копчето за отворање на домашната страница. Потоа, навигирањето низ содржините повеќе не претставува проблем. Или доколку ви е поедноставно, испишете ја следнава веб адреса во вашиот прелистувач: www.pravo.org.mk/main.asp.

Овој веб-сајт претставува одлична алатка која можат да ја користат сите граѓани и граѓански организации како извор на информации, но и заради нивно поактивно вклучување во процесите на донесување одлуки.

За натамошниот развој на веб-сајтот и прибирањето на пристигнатите коментари и предлози ќе се грижи тим на граѓанската асоцијација МОСТ.

Дополнување: редовно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен
Навигација: лоша
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: има
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 4/10
Јазик: македонски
Адреса: www.pravo.org.mk

19 март 2008

Сајт кој ги поврзува луѓето со хендикеп

Дисабум е сајт основан од страна на д-р Глен Хаус кој специјализира во областа на физикалната медицина и рехабилитацијата, а инаку и самиот се соочува со квадриплегија што претставува состојба на инвалидитет на сите екстремитети, иако не секогаш подразбира нивна целосна парализа и дисфункционалност (од Wikipedia).

Сајтот има за цел континуирано да нуди информации за здравјето и животот на луѓето кои живеат со различни функционални ограничувања. За таа цел можат да придонесуваат самите тие, како и специјалисти во разни области кои сакаат да помагаат.

Покрај информативна компонента, сајтот нуди и повеќе начини за поврзување на инвалидизираните луѓе од целиот свет. Зачленувајќи се на овој сајт, посетителите можат да објавуваат свои фотографии, да се занимаваат со блогирање, како и да се поврзуваат со други членови преку активните форуми, групи и чет соби. На тој начин, Дисабум претставува многу повеќе од информативно ориентиран веб сајт кој им е наменет на луѓето со посебни потреби во животот. Тој претставува заедница отворена за сите кои сметаат дека овде можат да си го најдат своето место и да се чувствуваат убаво поради тоа.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: комбиниран
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: англиски
Адреса: www.disaboom.com