29 ноември 2004

Спортски резултати во живо

Веб-сајтот „Лајв скор“ е неодминлива „лектира“ за локалните обложувачи на спортски настани кои истовремено се и добри сурфери. Во моментов застапени спортови се фудбалот, тенисот и хокејот на лед. Тајната на неговиот успех не е во сеопфатноста, туку во тоа што нуди навремени, сигурни резултати, достапни на лесен начин.

Информациите за промените на тековните резултати на него излегуваат во тек на натпреварите, што овозможува следење на неколку од нив едновремено. За секој натпревар се забележуваат сите релевантни настани (жолти и црвени картони, голови, итн..) со податок во која минута се случиле. Во кодот е вклучено и автоматско "освежување", така што се добива впечаток дека се следи директен пренос.

Маана на сајтов е што архивата на минати натпревари не е достапна, при што податоците за Европското првенство од 2004 година, кои се присутни на сајтот претставуваат исклучок што го потврдува правилото.

Посетителите што ги интересираат коефициенти за обложување, „Лајв скор“ ги пренасочува кон веб-сајтот на кладилницата Вил Хил. Кај нашата публика, главен конкурент на „Лајв скор“ е сајтот на словенечката обложувалница „ТБВ спорт“, којшто нуди еден куп други јазици и функции, како на пример споредба на коефициенти извлечени директно од други големи кладилници, а и резултати од други актуелни спортови, како кошарка и ракомет.

Превид на „Лајв скор“ е што имаат ставено линк за рубрика на тема формула еден, којшто зјае празен повеќе од година дена. Општопознато е дека ако дел на даден сајт е недоработен, подобро да не се најавува, оти така се зголемуваат очекувањата на посетителите, чие неисполнување што доведува до лошо чувство, според поговорката „ако ветиш и исполниш, си дал повеќе од ветеното – ако ветиш и не исполниш, си зел повеќе од недаденото“. А секој линк е едно ветување, ветување за водење кон најавената информација.

Дополнување: постојано
Брзина: ептен брзо
Функционалност: одлична
Код: интерни апликации, Јаваскрипт
Дизајн: текстуален
Интерно пребарување: нема
Клучни зборови: има
Навигација: стандардна
Гугл-ранг: 6/10
Јавен бројач: нема
Јазик: англиски
Адреса: www.livescore.com
Датум на пишување: 29.11.2004.

МММ - Македонска музичка мрежа

МММ е водечки веб-сајт со музичко-естрадна тематика кај нас, пред сè поради тоа што авторите, брачната двојка Беќковиќ - музички новинари, секојдневно и постојано го полнат со нови, често и оригинални информации.

На сајтот се присутни вести, интервјуа, фото-галерии и слично, но (иако се најавени во менито) нема аудио записи. Демек, според нивните „убедувања, музиката не се симнува од интернет, туку се продава во соодветни продавници“.

Оставајќи ја на страна можноста за објавување музика на мрежата во промотивни цели (песните што може да се чујат на МТВ или на К-15 ниту се крадени, ниту поттикнуваат пиратерија), ваквата определба е веројатно резултат на неможноста МММ да заработи од МП3ките. Овој став можеби ќе се смени кога и во Македонија ќе може да се врши електронска трговија.

Од технички аспект, сајтот е коректно изведен, освен што интерната апликација за пребарување не ги дава сите резултатити. Така на пример, веста за новиот сингл и имиџ на Елена Ристеска, присутна на насловната страница, не се појавува при пребарувањето.
Доколку клучните зборови во кодот би се поврзале соодветно со содржините на написите, МММ би имала шанси да го надмине подобриот пласман на Гугл што за внесени имиња на пеачи го има Музика.нет.

Маана на сајтов е што за термините за коишто сеуште нема официјални решенија користат варијанти што не ги почитуваат основните правописни правила. Така на пример, наместо „веб-сајт“ користат „web-страница“, со тоа веб напишано на англиски, што директно го крши фонетското правило за увоз на зборови „пишувај како што зборуваш“. А бидејќи веб-страниците се всушност составни делови на еден веб-сајтовите, вторито дел од оваа грешка е аналоген на користење на „лист хартија“ да се означи „весник“ или „книга“.
Но, сите замерки се „ситна боранија“, бидејќи МММ ја задоволува својата основна функција – да нуди свежи информации, па служи како доказ на максимата „содржината владее“ (анг. "content is king").

Дополнување: секојдневно
Брзина: средна
Функционалност: одлична
Код: АСП
Дизајн: текстуален
Интерно пребарување: има
Клучни зборови: има, ама латинични
Навигација: стандардна
Гугл-ранг: 4/10
Јавен бројач: нема
Јазик: македонски
Лекториран: не
Адреса: www.mmm.com.mk
Датум на пишување: 29.11.2004.

Кубанско министерство за туризам

На јазикот на домородните индијанци од племето Арвак, „куба“ значело „земја“... Многубројните текстуални и графички информации на сајтов се организирани на разни начини, што овозможува на посетителите поудобно да го дознаат она што им треба. Сајтот е уреден со прилично вкус и делува убедливо – овие луѓе сепак, се трудат да привлечат странски туристи и да им ги земат парите за доброто на напатениот народ.

Еквивалент на овој сајт кај нас би бил „Истражување на Македонија“ – до којшто води линк од Министерството за економија, а на којшто не пишува чиј е и кој го одржува. На „истражувањето“ има многу општи информации за тоа што сè има во земјата, а малку практични информации за тоа како да се видат тие знаменитости. Инаку, и македонскиот и кубанскиот сајт користат Флеш-анимации за банери и хедери, што ги успорува без да придонесе во функционалноста.

На сајтот за Куба има и пребарувач на хотели, којшто на посетителите им овозможува да ги изберат условите како локација, околина (плажа, град, природа, здравствен) и категорија (број на ѕвездички), по што добиваат список на објекти според зададените критериуми. Потоа за секој хотел може да се проверат услугите што ги нуди (само преку графички приказ, и нема цени) и да се видат фотографии, а поместени се и канали за директен контакт – броеви на телефон, факс и електронска пошта.

Иако кубанското министерствово има свои претставништва во разни земји, зачудува што Македонија ја нема на списокот на држави во формуларот за контакт. На оваа тема може љубезно да им пишете на webmaster@cubatravel.cu.

Дополнување: на неколку дена
Брзина: прилично брзо
Функционалност: многу добра
Код: ПХП, Флеш
Дизајн: стандарден
Интерно пребарување: има
Клучни зборови: нема
Навигација: стандардна
Гугл-ранг: 6/10
Јавен бројач: нема
Јазици: шпански, англиски, руски
Адреса: www.cubatravel.cu
Датум на пишување: 29.11.2004.

22 ноември 2004

МАРНет – македонски регистратор на интернет-поддомени

[лекториран]

МАРНет е кратенка за Македонска академска и истражувачка мрежа (Macedonian Academic and Research Network), организација што како дел од Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј" во соработка со ФИООМ во 1995 година го почна поврзувањето на македонското високо образование на Интернет.

Улогата на МАРНет за развојот на Интернетот во Македонија е огромна. Во моментот ова тело е единствениот регистратор на интернет-поддомени, односно единственото место од каде што може да „купите" (односно, изнајмите) интернет-адреса што завршува на „mk“. Упатство за изведување таков потфат можете да најдете на нивниот сајт, од каде што можете да ги симнете и соодветни формулари (во ворд и пдф-формат, без означена големина).

Преку сајтот, МАРНет овозможува и пристап до базата на веќе регистрирани адреси (поддомени), од која може да дознаете кои поддомени се зафатени, а за дел и во чија сопственост се наоѓаат.

Мора да се напомене дека Управниот одбор на МАРНет неодамна ја отповика одлуката со која од 1 мај 2003 година цената за регистрирање македонски поддомени беше подигната на 30 евра по „парче". Со тоа, нашите домени се вброија меѓу најскапите во светот. Ова доведе до протест на неколку стручњаци, но без голем одглас. Документиран е и случајот на еден сајт (www.bagra.org), кој поради тоа се откажа од своето „точка-мк" и си купи американски за десетина долари, заменувајќи го македонскиот идентитет за разликата во цената.

Неодамнешната нова, пофална одлука на УО на МАРНет ја спушти цената на македонски домени на подносливите 10 евра за една година.

Инаку, интересно е дека ова мошне важно прашање предизвика многу мал интерес во јавноста, при што како единствена куќа што постојано го следеше се покажа Метаморфозис – еден од само трите македонски извори на вести, од кој преземаат и Гугл њуз и други сајтови во кои има простор за информации за Македонија.


Дополнување: непознато
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ХТМЛ, ПХП
Дизајн: текстуален
Клучни зборови: нема
Навигација: стандардна
Гугл-ранг: 0/10
Јавен бројач: нема
Јазик: македонски
Лекториран: не
Adresa: dns.marnet.net.mk