Се прикажуваат објави со етикета српски. Прикажи ги сите објави
Се прикажуваат објави со етикета српски. Прикажи ги сите објави

24 јануари 2011

Безбедно кликање на веб

Кликни безбедно е српски веб-сајт кој содржински многу наликува на македонско-албанскиот bezbednonainternet.org.mk (internetisigurt.org.mk). Целта на сајтот е подигање на свеста за безбедно користење на интернет од страна на младите, но покрај за нив, наменет е и за нивните родители.
Веб- сајт со содржини за онлајн безбедност
Од посебна категорија се пристапува до материјалите кои можат слободно да се преземаат во PDF. Тука има брошури за родители и за деца, постери и презентации. Најинтересната содржина, која е достапна на сајтот е онлајн играта наменета за децата. Таа ги поставува децата во виртуелна околина, притоа овозможувајќи им да ги тестираат и надградуваат своите знаења за онлајн безбедноста.

Веб-сајтот е изработен од страна на Министерството за телекомуникации и информатичко општество од Србија, а неговите содржини се достапни за понатамошна употреба под лиценца од Криејтив комонс. Сајтот може да се разгледува на латиница и на кирилица. На хрватскиот избор на минатогодишните  VIDI WEB TOP 100 награди го освои второто место во категоријата ExU, веднаш зад македонскиот ИТ портал it.com.mk.

Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Дизајн: шарен, детски
Навигација: средна
Пребарувач: нема 
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 7/10
Политика за приватност: има
Јазик: српски
Адреса: www.kliknibezbedno.rs

29 септември 2009

Гледајте ги омилените филмови и ТВ серии со превод

Без разлика колку често можете да одвоите време за вашите омилени филмови или оние новите кои едвај чекате да ги гледате, дали сте вистински филмоман или, пак, некој кој ужива во гледањето романтични комедии во друштво, овој веб-сајт ќе му се допадне на секого. „Дивиикс-титлови“ е, според многумина, најдобриот веб-сајт кој овозможува бесплатно и едноставно симнување на филмски преводи. Тоа што го прави толку добар, покрај огромниот избор на филмови, е и тоа што преводите се достапни на повеќе јазици, меѓу кои е и македонскиот.

Дивиикс-титлови е лесно прегледен сајт на кој пребарувањето на преводи е брзо и едноставно. Сè што треба да направите е да го впишете името, или дел од името на филмот и пред вас ќе се појави листа на преводи на различни јазици. Под секој наслов стојат одредени податоци: на кој јазик е преводот, кој го поставил, на која дата, колку преземања има, како и коментари и оценки од други корисници за тој превод.

Во долниот десен агол може да се пронајде листа на најпопуларни филмови и преводи според бројот на пребарувања, како и видеа од филмови кои допрва треба да излезат. Покрај филмски преводи, овој сајт нуди и омоти за компакт дискови, блог каде што може да дискутирате на одредени теми со другите корисници на сајтот, како и простор каде што можете да поставите прашања кои подоцна ќе бидат одговорени од стручни лица.

Дополнување: секојдневно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: лош
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 4/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски, српски, хрватски,
македонски, словенечки
Адреса: www.divx-titlovi.com

Напишано од Дона Џамбаска

26 јануари 2009

Лорем ипсум - текст како замена за оној што моментално ви недостига

Лорем ипусм е едноставен модел на текст кој се користел во печатарската индусрија уште од 1500-те години, а се популаризирал во 60-те години од минатиот век. Настанал на тој начин што еден непознат печатар зел кутија со букви и ги сложил така за да добие примерок на книга. Моделот опстанал 5 века, а сега се користи и во електронските медиуми во непроменет вид. Тоа значи дека доколку се занимавате со развој на софтверски апликации или веб решенија, лорем ипсум ќе ви го пополни местото на кое знаете дека во крајниот производ треба да стои текст, кој во моментот го немате. Наместо да пишувате една реченица со повторување, искористете го лорем ипсум, кој иако на латински јазик, сепак претставува склоп од зборови и реченици со значење.

Занимавајќи се со својата секојдневна работа, дизајнерите и развивачите на софтвер, можеби веќе одамна се имаат сретнато со лорем ипсум. Но ако тоа не е случај, појдете на сајтот и генерирајте тип и обем на текстуална содржина која ќе одговори на вашите потреби. Можете да изберете број на пасуси, зборови, бајти и листи, а од поново време, можете да користите и лорем ипсум модели на логоа.

Веб-сајтот е преведен на многу јазици, меѓу кои и на македонски. Прочитајте повеќе за настанокот и масовната употреба на лорем ипсум доколку ве интересира, а доколку пак се сомневате во моќта на овој модел, испишете „lorem ipusm“ на Гугл и видете колку луѓе го употребиле во текот на својата работа.

Дополнување: нема
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: текстуален
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: македонски, англиски,
албански, француски, српски...
Политика за приватност: нема
Адреса: www.lipsum.com

23 јуни 2008

За љубителите на телевизиските серии

Дали сте љубители на ТВ серии? Гледате се и сешто или пак одредени серијали без кои не можете да си го замислите денот?! Правите секакви напори да ги добиете најновите епизоди пред сите останати, само за да бидете помеѓу првите кои ќе дознаат што се случило со некој од ликовите во вашата омилена серија. Ако се препознавате во овој опис или пак понекогаш сакате да следите ТВ серијали независно од нивното емитување на нашите телевизии, може да ви биде од корист „Пријеводи-онлајн“. Тоа е сајт кој го одржуваат неговите посетители со поставување преводи за повеќе или помалку популарните или некогаш популарни серии.

Од друга страна пак, на корисниците им е овозможено бесплатно и едноставно преземање.
На овој сајт му недостасува пребарувач, но постои посебна листа на сите ТВ серии за кои постојат преводи на оваа локација, така што овде е згодно да се примени функцијата за пребарување во рамките на една страница која ја овозможуваат прелистувачите. Откако ќе се кликне на името на серијата, може да се избере сезоната за која на крајот треба да се посочи саканата епизода. Сите достапни преводи на сите достапни јазици се спакувани во еден архивски фајл кој по отпакувањето ќе ви овозможи да го најдете и изберете саканиот превод.

Дополнување: секојдневно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: солиден
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: има
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 3/10
Јазик: српски
Адреса: prijevodi-online.org

21 мај 2008

Информираност за здравјето на вашето тело

Некои од нас имаат потреба редовно да се информираат за работи поврзани со личното здравје, па и здравјето на најблиските. Други пак, сакаат да знаат каде би можеле да се информираат доколку имаат потреба од ваков тип на информации. Трети, никогаш не помислиле да читаат на интернет на оваа тема, но од друга страна, нема човек кој не е засегнат за сопственото здравје. За сите овие категории на луѓе, веројатно доволно поттикнување за информирање за сопственото здравје ќе биде српскиот веб-сајт: zdravlje.krstarica.com.

Ова е одличен веб сајт кој можете и треба да го посетите доколку сакате да започнете здрав живот. Нови информации излегуваат на дневна основа, а опфаќаат корисни и штетни типови јадења, состојки кои помагаат во лечење или спречување појава на некоја болест, здрави диети и сл. Сите содржини се соодветно категоризирани, така што прелистувањето претставува навистина задоволство. Помеѓу останатото, овде ќе најдете конкретни совети за нега на вашето лице и тело, совети за физичка активност како начин за смалување на телесната тежина, информации за сексот, стресот, депресијата, како да се борите со нив итн. Особено интересни се дополнителните содржини: Готвач на Крстарица - онлајн рецепти и калкулаторот на идеалната телесна тежина кој истата ја пресметува според неколку лични параметри кои вие треба да ги внесете.

Ова е многу корисен веб-сајт кој посебно ќе го ценат луѓето од постарата генерација кои повеќе се снаоѓаат со содржини напишани на некои од сродните јазици. „Здравје Крстарица“ ги презентира содржините на српски јазик, а може да се избере латиничен или кириличен преглед на истите.

Дополнување: секојдневно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: текстуален
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 4/10
Јазик: српски
Политика за приватност: има
Адреса: zdravlje.krstarica.com

06 октомври 2007

Вива физика

„Вива физика“ има за цел да ја популаризира физиката и науката воопшто меѓу младите.
„Едно од најголемите човекови богатства е љубопитноста, тежнението за откривање на непознатото... И затоа ние во детството и младоста имаме многу прашања за светот околу нас и појавите од него. Секој од нас повторно го открива... И додека постои љубопитноста, копнежот за осознавање на новото, човекот е млад и жив, а неговиот поглед не е згаснат,“ вели д-р Владимир Ајдачиќ, еден од основачите на веб-сајтот.
Содржините се претежно во форма на написи кои се поделени на категории, меѓу кои многу интересни се „науката како бајка“ - со приказни за научните откритија што го промениле светов, а и збирката на мисли на познати научници.

Иако е солидно изработен, дизајнов на сајтот користи ригиден темплејт кој не се покажува најдобар при пристапување со спора врска, оти има интегрирано многу графички елементи кои го успоруваат вчитувањето. Прикажувањето на форумот во внатрешна рамка (и-фрејм) не е добро решение, оти го отежнува пристапот од машини за пребарување до тие содржини.

ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: средна
Функционалност: добра
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: српски
Адреса: viva-fizika.org
Датум на пишување: 27.07.2006.

02 јули 2007

Библија на македонски јазик

[лекториран]

Можноста да се прочитаат изворно светите списи е основа за интелигентна јавна дебата за низа прашања поврзани со системот на вредности и устројувањето на општеството. Со оглед на тоа што МПЦ ги нема објавено изворните текстови на својот веб-сајт, мистериозниот „Библија на македонски јазик“ е во ситуација да игра клучна улога во таа дебата, а и да послужи како алатка за учење за предметите поврзани со религија. На сајтот има неколку преводи на библијата и на други јазици, а на македонски се еден поархаичен од 1990 година и еден посовремен од 1999 година.

Содржината на еден првиот превод на прв поглед изгледа исто како едно од изданијата одобрени и благословени од МПЦ. За жал, на веб-сајтот нема оставено импресум, референци, ниту било какви информации за изворите на изданијата и идентитетот на сопствениците, кои би овозможиле јакнење на кредибилитетот на овој ресурс.

Особено јака страна на сајтов е можноста за пребарување по клучни зборови, која овозможува и преглед на слични и сродни термини.

Текстовите се објавени бесплатно, според поуката од Евангелие по Матеј 10:8 „бесплатно добивте, бесплатно давајте“. За отстранување на било какви пречки во пренесувањето на цитати, би било добро да се искористи стандардизирана лиценца како Криејтив комонс.


Дополнување: неопределиво
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 1/10
Јазик: македонски, бугарски, српски, англиски
Адреса: www.mkbible.net

16 февруари 2006

Белградско здружение за промоција и за продукција на стрипот

[лекториран]

Белградското здружение за промоција и за продукција на стрипот (УППС) е основано во 2005 година, а од неодамна го има публикувано и својот веб-сајт.

Целта на здружението е промовирање на стрипот како медиум, и од аспект на колекционерство и од аспект на поттикнување на развојот на нови изданија, односно возобновување на оваа културна вредност „на подрачјето на Србија и Црна Гора (а и пошироко)“.

Според УППС, наспроти тоа што стрипот на овие простори има традиција од околу 70 години, во последните неколку децении е незаслужено маргинализиран. На сајтот се пренесуваат вести за фестивали и за стрип-настани, објавувања нови книги на темата, како и колумни со прикази и теориски текстови.

Од особен интерес е и лексиконот на ликови и автори на стрипови со повеќе од 200 написи, како и линковите до сродни веб-сајтови.

Поставен е и форум што овозможува интеракција со посетителите. Инаку, во Хрватска веќе десетина години успешно функционира еден веб-сајт со слична концепција, но без невладината компонента.

Дизајнот и техничкото решение се стандардно добро изведени, а на намалувањето на оцената за функционалност, покрај недостигот од клучни зборови, пред се влијае бавното дополнување со видливи содржини.

Голем дел од оваа дејност веројатно отпаѓа во полнење на лексиконот во заднина, па би било добро на насловната страница да излегуваат известувања за новододадени елементи.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Јазик: српски
Адреса: www.upps.org.yu

16 јануари 2006

Гнузила - српско е-списание за слободен софтвер

[лекториран]

„Гнузила“ е електронско списание посветено на слободниот софтвер, на оперативните системи ГНУ, Линукс и БСД. Првиот број на овој месечник излезе во јануари 2005 година, а го издава „НВО Мрежа за слободен софтвер“, под водство на Иван Јелиќ. Списанието се објавува во електронски облик поради малите трошоци за овој вид издаваштво, но Редакцијата изјавува дека, доколку пронајде средства, би издавала и хартиена варијанта.

Содржините се исполнети со тестови на различен слободен софтвер и софтвер со отворен код, како и тестови на хардвер со различни оперативни системи. Има и информации за општествени и за политички настани и трендови од оваа сцена: лиценци, предности, легализација и слично.

Списанието се издава во ПДФ-формат, при што се следат правилата што во ваков случај обезбедуваат максимална употребливост на веб - на пример во делот за симнување е наведена големината на датотеките. Сепак, би било добро кога би била достапна и ХТМЛ-варијанта, оти таа би обезбедила поголем пристап од машини за пребарување и можности за разгледување. Чекањето да се симне целото списание може да обесхрабри голем број Ѓкорисници без широкопојасен пристап што би сакале да ја ѕирнат содржината.

„Гнузила“ е отворена за соработка со сите добронамерници, што е добра шанса за промоција на македонската заедница на слободен софтвер надвор од границите на државата. Во моментов, „Гнузила“ има поприличен углед, изграден со тринаесетмесечниот континуитет, но и поради фактот дека е единствено списание од овој вид на просторите на бивша Југославија. Предност му е што користи јазик што е разбирлив за разнородната целна група, па секој број има неколкуилјаден „тираж“, односно симнувања.

ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: месечно
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: српски
Адреса: gnuzilla.fsn.org.yu