25 јануари 2010

„Животот е мојот филм“

Неодамна, на Јутјуб, македонската онлајн публика имаше можност да погледне неколку кратки филмови во насока на превенција од употреба на разни дроги. Можеби веќе сте наишле на некое од овие филмчиња и вашата љубопитност завршила тука. Но, ако сакате да ги најдете сите филмови на купче или пак дополнително да се информирате на ова тема, „Животот е мојот филм“ е локацијата што ви треба.

Се работи за веб-сајт зад кој стои Владата на Република Македонија и претставува обид за подигнување на свеста кај младите за штетните влијанија од консумирањето на дрога. Филмовите се кратки, по неколку минути, но квалитетно изработени и базирани на типични приказни. Ефектите, глумата, камерата и воопшто целосната изведбата на видеата се за пофалба.

Сајтот има и друга намена - да служи за информирање за прашања поврзани со оваа проблематика. За таа цел, постои секцијата прашања и одговори. Овде можете да прочитате одговори на прашања кои порано ги поставиле посетителите на сајтот, како и вие да поставите свое. Богат со текстуални содржини е и делот Од ”А” до ”Ш” за дрогите, а за оние кои сакаат да придонесат во креирање на некаква транспарентна слика за консумирањето на видовите дроги во Македонија, можат да изберат која од наведените наркотични средства во анкетата ја имаат пробано.

Недостаток на сајтот е што нема нови содржини, барем во секцијата новости и што нема пребарувач за полесно доаѓање до саканите информации. Логото на веб-сајтот е доминантно и делува дека треба да го кликнете за да ве насочи кон почетната страница, што не се случува, бидејќи линкот кон „дома“ е поместен во десниот горен дел од страницата. Од сајтот може да се избере приказ на албански јазик, каков во моментов воопшто не постои.

Се надеваме дека проектот ќе се развива со побрзо темпо во иднина и дека ќе го има посакуваното влијание врз оние на кои најмногу им е наменет.

Дополнување: сега за сега нема
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Дизајн: класичен, соодветен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Јазик: македонски
Политика за приватност: нема
Адреса: www.zivototemojotfilm.com.mk



Во моментот на пишување на оваа рецензија, албанската верзија на сајтот не беше активна. Промената се случи по објавувањето на рецензијата во дневниот весник „Време“ на 30.01.2010.

20 јануари 2010

Лесен начин за комуницирање онлајн

Тајничет“ претставува одлична платформа за аудио и видео комуницирање без потреба од плаќање и без никакви ограничувања. За употреба на овој сајт се што треба е да направите ваш личен кориснички профил, или пак доколку имате Твитер или Фејсубук профил, можете да ги искористите истото корисничкото и истата лозинка за да се најавите и за да го употребувате сервисот.

Комуницирањето се одвива преку пристапување во одредена соба за муабетење, која може да ја создаде секој корисник и истата има капацитет до 400 корисници, но со само 12 видео сигнали одеднаш. Собите за муабетење се распоредени во категории (технологија, вести, спорт, музика, комедии, игри...) во зависност од тоа каква е замислата на креаторот, што да се разговара во истата. Овој сервис може да се користи и за деловни состаноци, затворен круг на луѓе, конверзација еден на еден итн. во зависност од желбите на комуникаторите.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен, интересен
Навигација: нормална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 6/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.tinychat.com

16 јануари 2010

Македонски сервис за микроблогирање

Микроблогер“ е, едноставно кажано, македонски „Твитер“. Се базира на истиот концепт, со некои дополнителни можности и секако, интерфејс на македонски јазик.

За да се почне да се користи, заинтересираните посетители на сајтот, треба да испратат барање за имејл, после што во своето сандаче ќе добијат известување со линк кој ќе ги проследи до кратката форма за регистрација. По ова, регистрираните корисници можат да пристапат до разни опции кои овозможуваат додавање на корисници во листата на следени, дополнувања во профилот, додавање на слика итн., како и поставување на текстуални пораки, линкови до видеа, слики, други страници или закачување на фајлови од компјутер.

Една од позначајните разлики во однос на Твитер е можноста за коментирање на твитовите, приклучување во групи, како и во должината на текстуалните пораки кои за 20 знаци можат да бидат подолги од оние на популарниот сервис.

На сајтот му недостасува листа на често поставувани прашања или помош, за да биде јасно секој дел и секоја опција на што се однесува. Исто така, не може да ги оправдаме печатните грешки кои се среќаваат низ имињата на менијата и опциите. Со оглед на тоа дека е нов сајт, може да очекуваме дека грешките ќе бидат поправени и функционалноста подобрена. Во секој случај, достапноста на македонски сервис за микроблогирање може да привлече повеќе корисници од Македонија, одошто привлекува, во светски рамки користениот, твитер.

Дополнување: од корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Дизајн: микроблогерски
Навигација: средна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: нема (нов)
Јазик: македонски
Политика за приватност: нема
Адреса: mikrobloger.com

14 јануари 2010

За љубителите на фотографијата

Фотограф“ е онлајн магазин за љубителите на добрата фотографија и фотографирањето како процес и како уметност. Според досега достапните содржини може да се заклучи дека се работи за нов веб-сајт во развој, кој ветува и како концепт и како содржина.

Концептот на сајтот е специфичен бидејќи, за разлика од повеќето сајтови од овој тип кои се наменети за напредна група на фотографи, овој им овозможува и на тоталните почетници да научат некои основни техники на фотографирањето. Покрај техниките за почетниците и за напредните корисници, на сајтот можат да се прочитаат упатства за правење на фотографска опрема во домашни услови, тестови за апарати и интервјуа со познати и креативни фотографи, како и да се гледаат галерии заради инспирација и мотивација.

Фотограф можете да го посетувате редовно или повремено во интервали кои ви одговараат, но за посистематизирано добивање на најинтересните и најпопуларните статии во вид на неделник, можете да се регистрирате преку имејл. Корисни информации можат да се најдат и на форумот, по огласите и во секцијата за натпреварите кои се моментално актуелни кај нас и во светот.

Зад проектот стојат неколку онлајн ентузијасти од Македонија чија цел е да постигнат, пред сè, квалитет во содржините, но и квантитет, како и презентација и ширење на фотографијата на македонското поднебје. Тие работат волонтерски што му додава дополнителна вредност на производот.

Дополнување: неопределиво
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: пристоен
Навигација: средна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 0/10
Јазик: македонски
Политика за приватност: нема
Адреса: fotograf.mk