31 август 2006

Терапија-точка-нет

Терапија е хрватско е-списание „за звук и слика“ основано во 2001 година, кое пренесува редовни вести и информации од светот на индустријата за забава. Концепцијата му е слична со македонското е-списание „Плагиј.ат“, со кое имаат разменето и банерчиња.

Голем дел од написите се авторски текстови, особено извештаи од настани исполнети со оригинални фотографии, кои овозможуваат интимна, а напати и објективно информирање.
Покрај вестите, на веб-сајтов се поместени неколку интересни функционалности, како на пример листа на последните пребарувани поими по нивната база, сродни написи на тековниот, цитат на неделата, најави и конкурси и слично.

Она што би ја зголемило употребливоста и видливоста кај машини за пребарување е поставување на линковите и на насловите на написите кои се најавуваат на насловните или страниците со содржини. Би помогнало и прилагодување на клучните зборови и описите на страниците за секој напис посебно.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: секојдневно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: АСП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: хрватски и англиски
Адреса: www.terapija.net
Датум на пишување: 31.08.2006.

Махатма, е-списание за антиглобализам и геополитика

НВО „Магна карта“ од Велес го објавува електронското списание за антиглобализам и геополитика „Махатма“. Декларираната цел на списанието е обогатување на духовниот капитал на младата популација.

На веб-сајтот пишува дека се работи за втор број на списанието, но за жал никаде не е поставен линк до првиот број, односно до архива на стари написи. Ставањето на огромна слика на насловната страница можеби би имало ефект кај печатено списание, но вака само го оддложува патот до содржините, и за посетителите, а особено за машините за пребарување кои и покрај повеќемесечното постоење не го покриваат многу сајтов, делумно и поради пренасочување од официјалната адреса на друг сервер.

Од аспект на употребливост, повеќето дизајнерски решенија би можело да се подобрат, особено со воедначување на стилот на пишување, некористење на црна позадина и бели букви, прошарани со разни бои за истакнување на некои содржини. Ако веќе мора да се користи црна позадина, подобро е буквите да бидат сивкасти, оти вака јакиот контраст дополнително го отежнува читањето.

Прегледот на содржините го отежнува и расплинетоста на линковите до рубриките, како и нивното мешање со разнобојните изјави со статистички податоци без референциран извор со кои се исполнети страничните колони. Можна цел на нивното поставување е сублиминална индоктринација, или иронично претставување на ’вистини‘ кои кружат во кафеанските муабети, како колку „петоколонашки и шпионски“ НВО-и има во Македонија или колку народи без своја држава има во светот.

ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: неопределиво
Брзина: средна
Функционалност: средна
Код: ХТМЛ
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Јазик: македонски
Адреса: www.mahatma.ecarta.info
Датум на пишување: 31.08.2006.

Механичкиот Турчин – вештачка вештачка интелигенција

Оригиналниот „Механички Турчин“ бил лажен робот со лик на Турчин кој играл шах, направен во 1769 година од измамникот Волфганг фон Кемпелен. „Роботот“ всушност криел џуџе кое бил одличен шахист, кој ги победил дури и Бенџамин Франклин и Наполеон.

Увидувајќи дека има некои задачи кои луѓето ги вршат подобро од компјутерите, „Амазон.ком“ има разработено систем за интегрирање на природната човечка и вештачката интелигенција на компјутерите, со користење на методите на „краудсорсинг“ (crowdsourcing). Такви задачи се е препознавање на облици на фотографии, давање оценки врз база на вкус и естетски критериуми, а и преведување на текст.

Системот на „Механичкиот Турчин“ од една страна вклучува автори или оператори на апликации кои се нарекуваат „побарувачи“, кои поставуваат прашања, а буквално секој може да стане дел од тимот на оние кои ги одговараат. За секоја добро извршена задача се добиваат пари директно на нивната сметка на „Амазон.ком“, од каде што може да ги искористат за купување од најголемата продавница на интернет, или пак да ги префрлат на своите банковни сметки.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: автоматско
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ХТМЛ, Флеш
Дизајн: комбиниран
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 7/10
Јазик: англиски
Адреса: www.mturk.com
Датум на пишување: 31.08.2006.

29 август 2006

Слободен нуркач

[лекториран]

„Слободно нуркање“ (free-diving) е англиски термин, кој покрива низа активности во вода, кои ги поврзува тоа што не се користи опрема за дишење, туку се нурка со задржување на здивот.

Филмот „Слободен нуркач“ раскажува топла приказна за млада девојка, која учи како да стане врвна спортистка во длабинско нуркање на прекрасниот грчки остров Спетсес, а е направен врз основа на вистински трагичен настан. Авторот (актер, сценарист и режисер) Алки Давид и неговиот тим имаат вложено огромна енергија и љубов при снимањето.

Инаку, освен на нуркање и на снимање филмови, Давид и неговите истомисленици се посветени и на зачувување на природната околина и организираат еколошки активности за заштита на морето и негово чистење од штетните човекови влијанија.

Со концизноста и директноста, веб-сајтов може да послужи како пример за македонските филмаџии, од кои повеќето имаат покажано минимално разбирање на моќта на Иинтернет и како средство за промоција и како средство за дистрибуција на нивните дела.

Од аспект на употребливост, недостаток на веб-сајтов е отворањето на нови прозорци кај некои надворешни линкови. Иако употребата на рамки за прикажување на содржините исто така не е препорачлива оти попречуваат пристап за машините за пребарување при индексирањето, сепак страниците што ги содржат се структурирани да овозможуваат длабинско линкување.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: ретко
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ХТМЛ
Дизајн: комбиниран
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 4/10
Јазик: англиски
Адреса: www.thefreediver.org

15 август 2006

Енергетски крмак и намалување на сметката за електрична енергија

[лекториран]

„Енергетски крмак“ пренесува знаења за тоа како да се заштеди на потрошувачката на енергија во домовите, преку активности што може да доведат до намалување на сметките од 10 до 50 отсто.

Веб-сајтот има две целни групи - возрасни и деца, па е поделен на два дела наменети за секоја од нив. Делот за возрасни е базиран на текст и убедување преку изнесување факти. Делот за деца е „свет за себе“, основна намена му е усвојување на основните поими и прифаќање ставови, што се изведува преку играње одлично изработени едукативни видеоигри и интерактивен прирачник.

Притоа, се користи метафората на „енергетски крмак“, израз што се однесува на сите елементи на потрошувачката што ја поттикнуваат нерентабилноста - од користењето обични наместо флуоресцентни светилки (кои се поскапи, но траат подолго и не трошат толку струја), преку проверката и дополнувањето на изолацијата на бојлерите, ѕидовите и прозорците, до практики за ефикасно користење на компјутерите и придружните уреди.

Сите препораки се поддржани и со емпириски и научни податоци, достапни во форма на е-книги во ПДФ-формат. Во истата форма се дадени и дополнителни материјали, како учебници, водичи, квизови и други материјали за едукативни активности наменети за наставници и за деца.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: неопределиво
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ХТМЛ, Флеш
Дизајн: комбиниран
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 7/10
Јазик: англиски
Адреса: www.energyhog.org

14 август 2006

Лудница – уште еден „македонски забавен портал“

Името „Лудница“ оди рака под рака со степенот на ирационалност на одлуката да се вложат напори во отворање на уште еден „македонски забавен портал“, вагон во возот чија локомотива е Он.нет. Можеби популарноста на овој сајт буди надежи кај имитаторите за повторување на неговиот успех, но не е секој уредник Трендо, ниту по дух, ниту по способност за стратегија, ниту по расположиви ресурси.

Содржините на „Лудница“ се вообичаени за веб-сајтовите од овој тип: „занимливости“, видео и аудио клипови и слично, без поставени линкови до изворите на информациите. Доколку авторите, инаку велешани, продолжат со ваквата уредувачка политика, наспроти пронаоѓање на нешто оригинално или фокусирање на одредена област непокриена од друг сајт кај нас, би било добро да ги исправат барем следните пропусти:
  • Клучните зборови и описите во мета-таговите треба да ја рефлектираат содржината на страниците. Особено неискористен е делот за наслов (title), во кој може покрај името на сајтот да оди и заглавието на тековниот напис.
  • На насловната страница, линк (врска) до целото тело на веста би требало да биде насловот, за Гугл да ги регистрира зборовите во него, а не фразата „Прочитај повеќе...“. Би било добро со секој напис да стои и датумот на објавување.
  • Малите „рандом слики“ што се вртат во левата колона по случаен избор, би требало да бидат линкови до поголеми верзии. Преку изложената навигација е невозможно да се влезе во дел со фото-галерии.
ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: средна
Код: ПХП (Џумла)
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: минимално
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 3/10
Јазик: македонски
Адреса: www.ludnica.com.mk
Датум на пишување: 14.08.2006.