29 април 2009

Тамблр - за тамбл-блогирање

Изборот на формата на блогот е производ на личната одлука и желба на авторот. Каква и дефиниција да прочита еден човек кој решил да стане блогер, она што ќе произлезе од неговата понатамошна работа, ќе го редефинира блогот. Неговиот блог ќе биде нешто ново, различно од сите претходни, без разлика дали поради формата, содржината, дизајнот, јазикот или нешто друго.

Како и да е, постојат различни дефиниции за блоговите и поделби на видови блогови. Помеѓу сите нив, тамбл-блоговите, односно неуредните блогови се посебно интересна категорија. Тоа се такви блогови кои најчесто изобилуваат со кратки текстуални содржини, а се мешавина од текст, слики, видеа, аудио фајлови, цитати, дијалози, линкови и др., почесто со цел да споделуваат лични креации, откритија или искуства на авторите, а со помалку коментирање.

Доколку мислите дека би се пронашле во ваква форма на блогирање, можете да се послужите со некој од вообичаените блог сервиси, или пак со такви кои се специјализирани за ваков тип на блогови. Еден таков сервис е тамблр. Тој овозможува бесплатно креирање на тамбл-блогови за неколку секунди, со можност за избор на интересни шаблони, можност за нивно прилагодување, како и освежување со нови содржини од секаде, преку прелистувачот на компјутерот, преку имејл или преку мобилен телефон.

Дополнување: често (блог)
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: веб 2.0
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има (блог)
Гугл-ранг: 7/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.tumblr.com

28 април 2009

Џеј-лрнинг - ресурс за интерактивно новинарство

Џеј-лрнинг е веб-сајт настанат по иницијатива на Џеј-лаб: институтот за интерактивно новинарство. Треба да го посетите доколку сакате да се занимавате со некој вид на онлајн новинарска работа и сакате да го правите тоа како што треба.

Сајтот е генерално поделен на 4 дела кои се однесуваат на планирање, изработка, презентација и промоција на вашиот личен веб сајт. За разлика од други сајтови кои препорачуваат само блогови и други алатки за изразување преку интернет, овој е повеќе наменет за професионална изработка на веб-сајтови, од страна на оние кои потоа ќе ги одржуваат и исполнуваат со содржини.

Содржините на сајтот кои се строго групирани и се надоврзуваат, вклучуваат: разбирање на домен имињата и веб-хостирањето, ХТМЛ, дизајн и распоред на веб-сајтовите, фотографија и графика, видео, аудио, анимација, блогови, рекламирање и маркетинг, право и етика итн...

Веб-сајтот е обележан со Криејтив комонс лиценца, што во случајов значи дека неговите содржини се слободни за некомерцијална употреба, се додека од нив не се изведуваат адаптирани дела. Секако при нивната реупореба, задолжително е наведување на изворот.

Дополнување: неопределиво
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: текстуален
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 6/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски
Адреса: www.j-learning.org

24 април 2009

Debagiraj.com - информатички портал за секого

„Бидете дел од информатичка Македонија“ е слоганот на уште еден македонски ИТ ориентиран портал, кој неодамна зафати дел од вебот под доменот debagiraj.com. Она што го разликува овој портал од останатите е самиот концепт и начинот на кој се презентирани содржините. Почетната страница изобилува со разни кратки содржини кои претставуваат врски до целосни вести, рецензии и лекции.

Сите овие категории на содржини се групирани во поткатегории, а пристапувајќи до целосната верзија на содржините, може да се види нивниот автор и датумот на објавување, што е секако позитивна карактеристика.

Сајтот има и видео секција, како и форум каде членовите можат да коментираат на разни теми од областа.

Забележливо е дека се работи за релативно нов веб-производ кој се уште се пробива помеѓу веќе докажаните. Во иднина, од ваков сајт би можело да се очекува поголема исполнетост со разновидни содржини, збогатување на видот на содржини и ритамот на нивното објавување, а би било позитивно и доколку се изнајде решение за пресечените наслови на почетната страница, со оглед на тоа што ова е нешто што директно го гради општиот впечаток на посетителите за сајтот.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: солидна
Дизајн: класичен
Навигација: средна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 2/10
Политика за приватност: има
Јазик: македонски
Адреса: www.debagiraj.com

21 април 2009

Напредна онлајн видео монтажа

Онлајн сервисите за креирање и обработка на видео содржини, се ретки и уште поретко квалитетни, функционални и сеопфатни. Помеѓу сите нив, Јаху сервисот Џампкат е веројатно најдобар.

Се работи за бесплатен софтвер кој овозможува директно поставување на видео клипови, аудио фајлови и слики од компјутерот на секој регистриран корисник. Дополнително, можат да се импортираат слики од Фејсбук и Фликр, како и да се користат мултимедијални содржини од сопствената галерија на сервисот, кон која допринесуваат корисниците. Откако сите елементи ќе се импортираат, Џампкат самиот прави видео, кое потоа корисниците можат да го обработуваат. Сегментите се преместуваат со влечење, можат да се додаваат ефекти, транзиции, нарации, песни и титлови. Дури возможно е користење и на неколку кратенки од тастатурата.

На крајот видеото се зачувува, како приватно или јавно креативно дело. Постојат неколку опции за инстантно споделување со пријателите. Со џампкат се прават оригинални видеа, но и се ремиксуваат видеата на други џампкат корисници, со што ова е повеќе од обичен сервис за онлајн креирање на видеа - џампкат е заедница во која креирањето на нови и јавното споделување на изработените дела е подеднакво прифатливо.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: многу солидна
Дизајн: веб 2.0
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 7/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.jumpcut.com

Вашите фајлови како веб-страници

За јавно споделување на содржини кои произлегуваат од нашите знаења и креативност, може да се служиме со бесплатни сервиси од различен тип. Практично, за споделување на поединечни фајлови, во различни периоди, за различна целна група и независно еден од друг, можете да се служите со file2.ws. Тоа е веб-сајт што овозможува онлајн поставување на фајлови од страна на корисниците, во замена за уникатни адреси кои овозможуваат пристап до нив. Секое УРЛ се однесува на конкретен фајл, па така со испраќање на информација за неговата локација, можеме да овозможиме пристап за поголемо публика одеднаш.

Сајтот служи за краткотрајно поставување на документи онлајн, а нивната трајност зависи од популарноста која ќе ја постигнат. Колку помалку е пристапуван еден фајл, толку повеќе е можно побрзо да биде отстранет од сервисот.

Корисниците на сервисот не смеат да поставуваат туѓи, заштитени електронски дела, но политика за приватност која детално ги објаснува овие и други чувствителни прашања недостасува. Во случаи на злоупотреба на сопственост или губење на потребата одреден личен документ да биде достапен онлајн, постои можност за пријавување на страницата, после што ќе бидат преземени соодветни мерки.

За користење на сервисот, нема потреба од корисничка регистрација. Максималната големина која фајлот може да ја зафати изнесува 15МБ, а поддржани се разни графички, и аудио формати, канцелариски и веб документи итн.

Дополнување: од страна на корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: текстуален
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 9/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски
Адреса: file2.ws

13 април 2009

Едмодо - комуникациска платформа за ученици и наставници

Групите како начин на комуникација помеѓу повеќе луѓе се навистина практично и незаменливо решение за потребата од групно споделување на информации и документи. Неоспорувајќи го овој начин како добар за групна комуникација, кога станува збор за размена на информации и содржини помеѓу ученици и наставници или студенти и професори, многу подобра варијанта е онлајн платформата Едмодо.

Едмодо овозможува едноставна, брза и бесплатна регистрација на сајтот, како од страна на професорите и наставниците, така и од страна на учениците и студентите. За да се овозможи комуникација и размена на содржини преку едмодо, еден корисник најпрво треба да се регистрира како професор или наставник. Потоа тој треба да креира група, на која ќе и биде доделен уникатен код. Сите студенти кои треба да бидат дел од групата, при својата регистрација ќе треба да го внесат овој код. На тој начин, имејл адресите не само што не се користат за размена на пораките, туку дури не се ни неопходни како информација при регистрацијата на учениците и студентите.

Откако ова ќе се направи, професорот или наставникот може да ја користи платформата за да праќа белешки, фајлови и линкови (вклучително и вградени) до групата со едноставно внесување на името на истата. Покрај тоа, тие можат на своите ученици или студенти да им праќаат потсетници, задачи, како и да внесуваат настани во календар. Студентите пак можат да придонесуваат кон содржините со првите три опции: линк, документ или белешка.

Некои од содржините можат да бидат јавни, што значи дека секој може да се претплати за добивање нотификации преку РСС, а сето останато се гледа и пристапува преку уникатната страница наменета само за членовите на групата.

Дополнување: често (на блогот)
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: веб 2.0
Навигација: минимална
Пребарувач: има (на личните страници)
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има (на некои страници)
Гугл-ранг: 5/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.edmodo.com

06 април 2009

Правете сопствени онлајн истражувања

Заради сериозни истражувачки потреби или чисто за да добиете претстава за мислењето на поголема група онлајн корисници за одредена тема, убаво е да го знаете Surveymonkey. Тоа е веб-сајт кој е наменет за добивање резултати врз основа на пополнување прашалници од страна на одредени или случајни онлајн корисници.

Секој регистриран корисник, може да се служи со готовите тематски прашалници, како и да креира свој. Сервисот нуди многу можности. Креаторот избира каков тип на прашања ќе користи, при што на пример може да бара задолжителни одговори. Потоа, можат да се прават разни дизајнерски прилагодувања, да се постави сопствено лого, да се избере методот на собирање на одговорите, да се следи анализата преку графикони, како и да се преземат сите груби податоци во вид на ексел документ или резултатите од нив како пдф, згоден за печатење. Некои од овие опции, следуваат со сметките на корисниците кои се претплатени на сервисот, но и бесплатната варијанта е сосема доволна. Разликата е во ограничениот број на прашања кои можат да бидат дел од едно истражување, 10 наспроти неограничено, како и во бројот на корисници кои можат да одговорат. Овие разлики, како и некои дополнителни опции, ја чинат разликата помеѓу бесплатните сметки и оние за кои се плаќа по скоро 20 долари месечно или најмоќните кои овозможуваат изработка на истражувања без никакви ограничувања, а кои чинат 200 долари годишно.

Самиот веб-сајт е многу прегледен и без разлика на тоа дали сте заинтересирани за еден или друг тип на сметка, пред да почнете со првото истражување, разгледајте ги можностите кои ви стојат на располагање, или уште подобро, погледнете ги неколкуте видео туторијали кои јасно и прецизно го објаснуваат секој дел од постапката.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 8/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.surveymonkey.com

Беспрекорна и едноставна фото-обработка

Обработката на фотографии, како и создавањето на индивидуални, креативни, визуелни творби, се чини како се повеќе да се сели онлајн, или барем како софтверската онлајн подлога за таа цел да се развива во чекор со можностите кои ги нудат сериозните програми за графичка обработка. Професионалните графички дизајнери и фотографи, сигурно и понатаму ќе им останат верни на своите офлајн алатки, но дури и тие, во недостаток на основни ресурси, можат да се повикаат на сплешап. Тоа е софтверска апликација, која функционира скоро беспрекорно директно од прелистувачот на корисникот, а нејзиниот интерфејс многу наликува на интерфејсот на популарниот фотошоп.

Без потреба од регистрација, секој може да ја користи апликацијата за да ги направи саканите промени на одредени слики и фотографии кои се наоѓаат локално, каде потоа можат да се зачуваат во неколку различни графички формати. Некои од можностите се следниве: работа со повеќе слоеви, истовремена обработка на повеќе фајлови, креирање и обработка на фотографии од приклучената веб-камера итн. Регистрираните корисници можат да обработуваат слики поставени на некои од популарните онлајн фото сервиси.

Доколку пак, некои интернет корисници имаат потреба од минимални корекции на сликите и фотографиите со кои располагаат, а немаат потреба од напредни опции, можат да се послужат со офлајн верзијата сплешап лајт.

Дополнување: ретко
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен, модерен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има (блог)
Гугл-ранг: 6/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.splashup.com