Се прикажуваат објави со етикета латински. Прикажи ги сите објави
Се прикажуваат објави со етикета латински. Прикажи ги сите објави

31 октомври 2007

Википедија на латински

Википедија на латински е прекрасен пример за користење на јазикот кој лежи во основата на денешната европска цивилизација, и се користел како средство за комуницирање меѓу клерот, а и научниците илјада години по пропаста на Римското царство, чии граѓани биле и дел од предците на денешните жители на Македонија.

За читање на текстовите не ви треба диплома од класични студии, голем дел од нив се изненадувачки разбирливи. Дополнително е интересно што на пример, личните именки се или оригиналните, како Скупи во написот за Скопје, или латинизирани, како имињата на луѓе од современието.

Жална вест и поттик за поголемо ангажирање „во нашиот двор“ е фактот дека википедијата на латински, кој се смета за мртов јазик без родени говорители, има поголем број написи (16.268) од онаа на македонски (12.728), со повеќе од 2 милиони живи говорители.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: медиавики
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: латински
Адреса: la.wikipedia.org
Датум на пишување: 31.10.2007

26 септември 2007

Библиотеката на латински текстови

„Библиотеката на латински текстови“ овозможува пристап до дела напишани на некогашниот официјален административен јазик на ниво на обединета Европа, вклучително и на Македонија.

Библиотеката содржи низа класични текстови од познати автори од антиката до средниот век, од познатите оратори на Републиката, историчарите и поетите на Римското царство, до светите отци кои го обликувале христијанството. Овој материјал може да им биде од полза на луѓето заинтересирани за класичните студии, но и на другите јазичари.

Текстовите се скенирани од извори во јавна сопственост или прибрани по интернет, често од сајтови кои во меѓувреме се затворени. Со тоа, овие дела на некој начин двојно се спасени од заборавот, но се презентирани без превод и коментари, за разлика од сличните сајтови со високо академско ниво. Авторот отворено ја признава таа ситуација во делот „За овие текстови“ и дури и препорачува посета на некои од нив, како што се Персеус и Форум романум.

Сајтот е изведен во чист ХТМЛ код со дизајн базиран употреба на основни табели без декоративни графички елементи. Ова придонесува кон создавање на впечаток на негубење време и фокусирање на читањето, а овозможува и поголема брзина на вчитување и видливост пред машините за пребарување. Веројатно од таа причина и се покажува меѓу првите кога се пребарува на Гугл со клучни зборови поврзани со латинското културно наследство.

Дополнување: баталено
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ХТМЛ
Дизајн: текстуален
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: латински
Адреса: www.thelatinlibrary.com
Датум на пишување: 21.09.2005.