Се прикажуваат објави со етикета руски. Прикажи ги сите објави
Се прикажуваат објави со етикета руски. Прикажи ги сите објави

04 март 2010

Сечете емпетројки за да имате уникатни рингтонови

Кој не сака добро музиче да му излегува од неговиот телефон? Секој сака уникатен рингтон, омилена песна или барем пријатен звук кој, сепак, често треба да го слуша. За таа цел, можете да користите софтвер за обработка на аудио фајлови кој ќе ви овозможи сечење и дотерување на избраната песна според вашите потреби. Но, сето тоа веќе е непотребно, бидејќи ваквите можности се преселија онлајн – „емпитрикат“ е токму такво место.

Се работи за крајно едноставен сервис со прост концепт и постапка која е сведена на минимум маневри со глувчето. Изберете ја саканата песна во мп3 формат од вашиот компјутер, почекајте да се качи на серверот и порцијата е сервирана. Фатете ги лизгачите од лево и од десно, преслушајте што сте направиле и кликнете на копчето “Split and download“ кога се ќе биде готово. Зачувајте го музичкото парче на компјутерот, префрлете го на вашиот телефон и гордо излезете од студиото со нов, уникатен рингтон.

Дополнување: нема
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен, модерен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 3/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски, руски
Адреса: mp3cut.net

24 декември 2009

Одличен сервис за деца и учители

Керпуф“ е онлајн сервис кој претставува креативна работилница за деца од претшколска возраст, но и за оние малку постарите. Оваа локација исто така може да им биде од корист на учителите по училиштата бидејќи на него има апликации кои тие можат да ги употребат на своите часови, преку кои децата истовремено ќе можат да се едуцираат, забавуваат и да ја искажуваат својата креативност.

За да може да се користи сајтот, најпрво е потребна регистрација со задавање на корисничко име и лозинка. Регистрирањето е бесплатно, но таквиот кориснички профил е ограничен и тој не ги овозможува сите апликации, ликови и алатки. Ова сепак не би требало да ви претставува проблем. Доколку сакате да ги добиете сите можности и поволности од сервисот, ќе треба да платите сума зависно од тоа на колку време сакате да се претплатите.

Годишна претплата би ве чинела околу 45 американски долари. Сервисот овозможува креирање на оригинални слики, цртежи, кратки видеа, лични интересни приказни, честитки, а истите децата ќе можат да ги зачуваат и испечатат зависно од својата желба или пак да ги постават на локацијата со што и останатите корисници ќе можат да ги погледнат и да ги оценат. Креирањето на приказни и кратки видеа се состои во поставување на веќе постоечки ликови и позадини кои корисникот ги комбинира како сака, вметнувајќи свој текст и ефекти кои се на располагање во зависност од профилот (бесплатен или претплатнички). Сајтот е достапен па 7 јазици, но за жал не и на македонски.

Дополнување: ретко
Брзина: нормална
Функционалност: одлична
Дизајн: детски, шарен
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни Зборови: нема
Јавен Бројач: нема
РСС/ АТОМ: нема
Гугл -ранг: 5/10
Јазик: англиски, француски, германски,
италијански, шпански, руски, кинески
Политика за приватност: има
Адреса: www.kerpoof.com

19 мај 2009

„Италки“ - платформа за учење странски јазици

Денес речи си и да не можете да најдете било каква работа, доколку не познавате барем еден странски јазик. Одредени работни позиции пак, бараат да знаете повеќе од она што се подразбира под основно или средно ниво. Курсевите знаат да чинат многу, да бараат значително време кое го немате, како и физички да ја напуштите вашата соба во која се чувствувате најудобно. Сите овие проблеми ќе ги надминете, доколку нивното решение го побарате онлајн. Она што ние го најдовме се вика „Италки“ - веб-сајт за онлајн учење на странски јазици кој ќе ви помогне да почнете да учите некој јазик или пак да го усовршите оној за кој веќе имате одредено знаење.

Тој претставува глобална заедница на ученици на странски јазици кои опфаќаат повеќе од 90 јазици кои се зборуваат насекаде низ светот. Заинтересираните корисници на интернет, имаат можност да вежбаат учење на некој странски јазик со избор на јазичен партнер според потеклото, возраста, полот и сл. Оние кои пак сакаат професионално да учат странски јазик онлајн, можат да пребаруваат по листата на наставници кои пак за своите услуги наплатуваат одредена сума пари.

Италки ги има применето популарните веб 2.0 концепти како што се социјалното вмрежување, генерирањето на содржини од страна на корисниците, ангажирањето на група на соработници со цел учење на јазици. Учениците при учењето можат да користат текст, говор, па дури и видео. Платформата исто така нуди простор за размена на слободни материјали за учење на јазици, поттикнување на заедницата за одговарање на прашања кои се однесуваат на учење на јазиците и др.

Дополнување: повремено
Брзина: бавно
Функционалност: одлична
Дизајн: текстуален
Навигација: средна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има (блог)
Гугл-ранг: 5/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски, француски,
шпански, германски, руски
Адреса: www.italki.com

17 септември 2008

Едиси - наједноставниот веб едитор

Со напредокот на веб-технологиите, скоро и да не претставува проблем, и луѓето со скромни технички познавања да одржуваат свои веб-сајтови и блогови и на тој начин да се изразуваат себеси онлајн. Сепак, изработката и одржувањето на веб-сајтови не е едноставна работа, додека блоговите најчесто располагаат со скромни можности.

Многу пати, одржувајќи блог, може да посакате да направите повеќе, или пак сакајќи да имате веб-сајт, посакувате да располагате со потребните технички знаења. Не знаејќи што можете да направите, на крајот не преземате ништо. Може да преземете само еден едноставен чекор - се вика „Едиси“ и претставува веб-едитор кој ќе ви понуди убав, модерен дизајн со можности за уредување и исполнување со содржина, како и уникатна веб-адреса преку која ќе може да му се пристапува на веб-сајтот што ќе го создадете. Исто така, доколку имате обезбедено домен име (веб-адреса), преку кое сакате да ви биде пристапен сајтот, истото можете да го поврзете со креираниот сајт со помош на Едиси.

Некои од опциите се следните: избор на саканиот изглед од палетата на понудени или пак изработка на свој, додавање на јазици на кои сакате да биде достапен вашиот сајт, додавање на вашето лого, фавикон (мала уникатна икона што ја придружува адресата во прелистувачот), уредување и додавање на категории, постови, мултимедијални содржини итн.

Едиси е одлична веб-алатка, но е се уште во фаза на развој. Додека ја тестиравме не забележавме проблеми. Сепак, може да се очекува дека во иднина ќе биде уште подобра и пофункционална и дека ќе има нови дополнителни опции, со оглед на тоа што редовно се работи на нејзиното унапредување.

Едиси е одлична алатка за изработка на веб-сајт за промоција на фирма, организација или индивидуа.

Дополнување: редовно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: веб 2.0
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 4/10
Јазик: англиски, шпански,
руски, француски,
естонски, кинески
Адреса: www.edicy.com

13 мај 2008

Ах тој мобилен свет

Денес повеќето од нас не можат да си го замислат животот без мобилен телефон. Некои носат дури по два во исто време, а пак други постојано сакаат да бидат во тренд и да ги поседуваат најхит телефоните кои се моментално актуелни на пазарот. За да знаете што сте тргнале да купувате, проверете ги информациите за омилениот телефон на Интернет, пред да ги дадете парите. Една корисна веб-локација за таа цел е www.mobile-review.com.

Мобил-ривју е сајт кој редовно известува за новите случувања во светот на мобилната телефонија. Тоа е руски сајт кој е достапен и на англиски јазик во која верзија е секако популарен. Покрај новините во мобилните телефони, на сајтот се презентирани целосни рецензии на избрани телефонски уреди каде покрај едно чудо текст, ќе најдете и соодветни слики на кои уредите се детално прикажани од сите страни. Можете да гледате и само технички спецификации за телефоните или пак да прочитате целосна рецензија. Има повеќе начини за пребарување кои се јасно видливи, така што набрзина ќе стигнете до информации за моделот кој го барате.

Покрај мобилни, сајтот третира и пда телефони, како и мп3 плеери кои и самите по себе претставуваат мобилни уреди.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Политика за приватоност: нема
Дизајн: едноставен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: руски, англиски
Адреса: www.mobile-review.com

15 април 2008

Скратете ги долгите адреси

Сигурно многу пати сте сакале да искористите некоја веб-адреса која води до некоја корисна или интересна содржина, но била предолга за да ја запомните или споделите со некој друг. Во такви ситуации, згодни знаат да бидат онлајн алатките кои овозможуваат кратење на адресите. Еден од ваквите сајтови кои го овозможуваат тоа е jmp2.net. Едноставно ископирајте ја адресата директно од полето за адреси во прелистувачот и пренесете ја овде. Кликнете го соодветното копче и работата е завршена. Кратката верзија потоа можете да ја испраќате до вашите пријатели или пак да ја користите за ваша лична потреба. Дополнително, при кратењето можете да изберете криење на оригиналната адреса, што може да ви се најде во случаи кога ќе сакате да му посочите на некој конкретна содржина од вебот, но не сакате тој да дознае од каде таа содржина потекнува. Ова можеби не е многу коректно од етички причини, но таа грижа ќе му ја препуштиме на креаторот на сајтот.

Генерираната адреса ќе претставува всушност адреса од jmp2.net, иако на располагање имате и можност за поинаков корен во адресите. Како дополнителна варијанта, доколку од било кои причини ваквата опција ви е често потребна, можете да си го поставите џмп2.нет алатникот со што опцијата ќе си ја озвоможите директно од прелистувачот без да има потреба да ја напуштите актуелната страница чии содржини моментално ги посетувате.

Дополнување: еднократно
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Политика за приватоност: нема
Дизајн: патриотски
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 3/10
Јазик: англиски
Адреса: jmp2.net

22 март 2007

Cancer Quest - образование за ракот на четири јазици

[лекториран]

Ракот е резултат на распад на нормалните биолошки процеси. За да се разбере што тргнува на лошо во процесот на развој на ракот, основно е да се разбере како работи организмот кога функционира здраво. Една аналогија е со поправање автомобил. Би било многу тешко или невозможно да се поправи автомобил од некој што не знае како функционира кога не е расипан.

Затоа првиот дел од веб-сајтот „Канцер квест“ (потрага по ракот) е наменет за објаснување на нормалните процеси, а вториот за биологијата на ракот. Наменет е за сите граѓани, а не само за професионалците од оваа област. Нештата се објаснуваат отпочеток и постепено, а содржините се насочени за пациенти, едукатори, студенти и за здравствени работници.

Целиот сајт е особено погоден за едукаторите, оти содржините се претставени во вид на учебник, со поглавја, секции и помали потсекции. Содржините се дополнети со флеш-анимации, кои бесплатно може да се користат за образовни цели, како и со тестови-квизови, речник и со научни референци.


Дополнување: неопределиво
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: комбиниран
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 5/10
Јазици: англиски, шпански, кинески, руски
Адреса: www.cancerquest.org

11 ноември 2006

Омниглот: јазиците и азбуките од цел свет

[лекториран]

„Омниглот“ е веб-сајт што нуди ресурси во врска со јазиците и системите за пишување од целиот свет. Особено е практичен одделот за корисни фрази и чести изрази на разни јазици од целиот свет, но тоа е само дел од широкиот дијапазон на речиси енциклопедиското знаење што се содржи на сајтов.

Претставени се речиси сите азбуки и системи за пишување што се моментално во употреба, како и некои старовремски и „вештачки“ - направени за потреби на измислени јазици и слично. Присутни се и информации за некои од јазиците поврзани со тие системи, како и написи на разни јазици, особено од областа на социолингвистиката, совети за учење јазици и книжарница.

Особено се полезни страниците со линкови што овозможуваат пристап до други сајтови на сродни теми, или по теми. На пример, на прашањето како се пишува вашето име со најразлични азбуки од светот се одговара преку линкови до специфични страници од веб-сајтови за кинески, арапски, јапонски..., кои го нудат одговорот во рамките на нивната област. Дополнително и логично, „Омниглот“ има и блог на кој ги забележуваат активностите или ставаат понеформални написи.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ХТМЛ
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 7/10
Јазик: англиски и други
Адреса: www.omniglot.com

07 ноември 2006

Претседателот на Киргистан

[лекториран]

Веројатно не е коинциденција што еден од ретките веб-сајтови од Киргистан што е достапен деновиве преку Интернет е веб-сајтот на нивниот претседател.

За жал, ниту сајтовите за вести на руски или на англиски, како ни оние на повидните невладини организации не се достапни за посетители од странство од почетокот на антивладините демонстрации минатата недела.

Од уредувачки аспект, содржината на веб-сајтов е очекувана, а се состои претежно од протоколарни информации, изјави на претседателот по разни прашања и позитивни вести.
Сајтот е изграден на платформа од слободен софтвер и користи Фри БСД-оперативен систем.

Единствено што на прв поглед паѓа в очи е што сликите се неоптимизирани за веб, односно поради нискиот степен на компресија го забавуваат вчитувањето на страниците.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: секојдневно
Брзина: средна
Функционалност: средна
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: киргиски, руски, англиски
Адреса: www.president.kg

10 јануари 2006

Руски храни

[лекториран]

„Руски храни“ нуди можност за пазарење преку Интернет, но и многу други содржини што го прават интересен и за посетители од земји на најниско ниво на е-трговија, како што е Македонија. На располагање се рецепти за најразновидни јадења, како и информации поврзани со руската култура и цивилизација и надвор од границите на кујната.

Таква е рубриката чија тема се руските жени, но и „академијата“ во која се објаснети разновидните аспекти на руската кујна, од конверзија на мерките (потребно за американскиот, неметрички пазар), речникот, упатствата, народната медицина, до уметноста поврзана со храната.

Декоративните аспекти на оброкот, чија цел не е само најадување туку и дружење, се претставени во детали. Од употребата на украсни салфетки, преку конкретни упатства за како се декорираат различни типови храна, меѓу кои и ордевери и салати, до декорации направени со употреба на храна, како делови на овошје и на зеленчук.

Обемноста на содржините му дава на сајтов енциклопедиска димензија. Посетителите може да оставаат коментари на написите, што влијае благотворно на неговата популарност. Интеракција со татковината овозможува и услугата да се испраќаат подароци преку веб-сајтот на дестинации во Русија, на сличен начин како што функционира македонскиот Флауершоп.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: занемарено
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: АСП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: има
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 4/10
Јазик: англиски и руски
Адреса: http://www.russianfoods.com

29 ноември 2004

Кубанско министерство за туризам

На јазикот на домородните индијанци од племето Арвак, „куба“ значело „земја“... Многубројните текстуални и графички информации на сајтов се организирани на разни начини, што овозможува на посетителите поудобно да го дознаат она што им треба. Сајтот е уреден со прилично вкус и делува убедливо – овие луѓе сепак, се трудат да привлечат странски туристи и да им ги земат парите за доброто на напатениот народ.

Еквивалент на овој сајт кај нас би бил „Истражување на Македонија“ – до којшто води линк од Министерството за економија, а на којшто не пишува чиј е и кој го одржува. На „истражувањето“ има многу општи информации за тоа што сè има во земјата, а малку практични информации за тоа како да се видат тие знаменитости. Инаку, и македонскиот и кубанскиот сајт користат Флеш-анимации за банери и хедери, што ги успорува без да придонесе во функционалноста.

На сајтот за Куба има и пребарувач на хотели, којшто на посетителите им овозможува да ги изберат условите како локација, околина (плажа, град, природа, здравствен) и категорија (број на ѕвездички), по што добиваат список на објекти според зададените критериуми. Потоа за секој хотел може да се проверат услугите што ги нуди (само преку графички приказ, и нема цени) и да се видат фотографии, а поместени се и канали за директен контакт – броеви на телефон, факс и електронска пошта.

Иако кубанското министерствово има свои претставништва во разни земји, зачудува што Македонија ја нема на списокот на држави во формуларот за контакт. На оваа тема може љубезно да им пишете на webmaster@cubatravel.cu.

Дополнување: на неколку дена
Брзина: прилично брзо
Функционалност: многу добра
Код: ПХП, Флеш
Дизајн: стандарден
Интерно пребарување: има
Клучни зборови: нема
Навигација: стандардна
Гугл-ранг: 6/10
Јавен бројач: нема
Јазици: шпански, англиски, руски
Адреса: www.cubatravel.cu
Датум на пишување: 29.11.2004.

04 мај 2004

Академија за е-управување

[лекториран]

Академијата за е-управување се наоѓа во Талин, главниот град на Естонија. Таа претставува заедничка иницијатива на УНДП, Институтот отворено општество и Владата на Естонија, чија цел е трансфер на знаења за успешни реформи во другите земји во развој, како и истражување на искуствата собрани при изградба на информациско општество.

Веб-сајтот на Академијата има „чист“ ненападен дизајн, при што хоризонтално „горно“ мени овозможува брз пристап до рубриките (обуки, истражувања, вести за настани, галерија). Информациите се дадени прегледно, а одделните поткатегории во секоја рубрика се најавуваат во менито од левата страна при влегувањето.

Основна компонента на образовниот дел се петдневните курсеви, кои ги запознаваат учесниците со естонските состојби и искуства. Вкупните трошоци за курсот по учесник (сосе патот) изнесуваат до 2.000 долари.

Инаку, мултикултурна Естонија има 1.4 милиони жители, од кои 45 отсто се на Интернет. Училиштата и јавниот сектор се поврзани 100 отсто, а стопанството 71 отсто. За споредба, локални стручњаци имаат проценето дека максимум 5 отсто од 2 милиони жители на Македонија се на Интернет, а за другиве ставки одговорните владини служби не издаваат информации.

Истражувачкиот оддел на Академијата се занимава со макрополитики, со фокус на темите ИКТ и корупција, слободен софтвер, е-демократија, е-права и со употреба на безжична технологија во јавниот сектор.


Дополнување: речиси секоја недела
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: англиски, руски, естонски
Адреса: www.ega.ee

29 април 2004

Руски фестивал на стрипови

[лекториран]

Словенските јазици кои се зборуваат надвор од просторите на бивша Југославија и кај кои стриповите не дошле во вид на „ремени" односно „ленти" (превод на „стрип") објавувани во дневните весници пред Втората светска војна, за стрип го употребуваат зборот „комикс" - директен увоз од тековниот англиски.

Рускиот веб-сајт „Ком-мисија" е посветен на фестивал на стрипот што се одржува помеѓу 23 април и 4 мај оваа година, а за кој пријавувањето се врши преку веб. Фестивалот е со меѓународно учество и поддржан од импресивен број спонзори.

Визуелно, сајтот оддава пријатен впечаток, комбинирајќи елементи својствени на советската традиција за дизајн на плакати и на светски стриповски сензибилитети (франкофонски, американски и јапонски). Технолошки гледано, сајтот одлично ги интегрира ХТМЛ и флеш, користејќи ги нивните предности соодветно, без пренатрупување.

Содржински сајтот е поделен на оддели во кои се дава лична карта на фестивалот (со програма), каталог на делата на учесниците (графички новели, фотострипови и стрипови во флеш), новости за настаните, дел за пријавување и форум.

Дополнување: на неколку дена
Брзина: релативно брзо
Функционалност: одлична
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: руски
Адреса: www.kommissia.ru