10 мај 2004

Отворете си блог

[лекториран]

Долго пред да „излезат" „реалните шоуа", главно млади ентузијасти ги искажуваа разните страни на својот карактер преку своите лични веб-страници [сајтови]. Во последните неколку години тој тренд главно се одвива преку блогови (веб-логови, односно дневници на веб). Иако блоговите прераснаа во посебен жанр, во кои освен лични случки и ставови се пренесуваат и вести и други типови информации (особено кај оние што се развиваат како дел од веќе етаблирани сајтови на тие теми), тие се уште остануваат извонредно достапно средство за индивидуално изразување.

Веб-страницата [сајтот] http://www.blogger.com/ овозможува бесплатно отворање блог на начин што му е близок на секој што има користено веб-пошта. Одбирате логин и лозинка, ги внесувате основните податоци и одбирате име на блогот, одбирате изглед (кој подоцна може да го менувате) и веднаш може да почнете да ставате написчиња. Пожелно е да знаете малку HTML, но не мора - покомплицираните функции, како вметнување слики, ќе ги научите во óд. Постои можност и да се приклучите на веќе постојни блогови на истиот сервер или да поканите пријатели да се вклучат во вашиот.

Со отворањето на блогот фактички добивате своја веб-страница, до кој може да пристапите преку адресата составена од името на блогот на кое се додава blogspot.com. Така на пример, најпознатиот македонски блог, блогот на Ана, има адреса macedoniania.blogspot.com. Постојат уште неколку други домашни блогови, меѓу кои razvigor.blogspot.com и seir.blogspot.com.

Дополнување: во зависност од корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Гугл-ранг: 10/10
Јазик: англиски
Адреса: www.blogger.com

Нема коментари: