27 септември 2004

Човеколик вонземјанин

[лекториран]

Видеоиграта „Човеколик вонземјанин" ја продолжува традицијата на дводимензионални аркадни (пукачки) игри, која замре кон средината на деведесеттите како резултат на отворањето можности за 3-д графика (посилни компјутери, подобар софтвер, како оној од Вулфштајн и Дум). Арно ама, во последниве неколку години, дводимензионалната анимација, а со неа и таквите игри, полека се враќаат на сцената, пред се во веб-варијанта, благодарение на развојот на Флеш.

Играта ве става улога на симпатичен вонземјанин чијшто брод заринкал на земјава и треба да ги преживеете нападите на властите. Изведбата ја следи формулата што ја постави класичната игра „Зелена баретка" (Green Berret) - јунакот трча од лево кон десно и на секој екран треба да ги испотепа „лошите", а на крај на нивото и нивните „шефови". Стилот на цртање потсеќа на некои од поекспресионистичките италијанските верзии на Пајо Паторот, кои се појавуваа во Микијев Алманах – со малку позамачкани линии, но ефективни. Анимацијата е одлична, а геговите и буквално крвави.

„Вонземјанинот" има доживеано толкав успех (над 6 милиони играчи) што деновиве излегува купечка варијанта за конзоли. Денешниот сајт е посветен токму на неа, и преку него може да дознаете нешто повеќе за тимот што ја прави играта (http://www.thebehemoth.com/), да погледнете како изгледаат сцени од неа преку слики и видео (во Флеш), како и да купите производи на истата тема (играчки, скејтборди). Единствено што недостига на сајтот е информацијата каде може да ја најдете и да ја играте претходната (веб) верзија. Тоа може да го сторите тука: www.newgrounds.com/portal/view.php?id=59593.

Интересно трикче на сајтот е дека најгорната фотографија се менува по случаен редослед при секоја нова посета, но од аспект на употребливоста ова не е толку ефективно, бидејќи се троши процесорско време и брзина на пристап на вчитување на новата слика при повторна скорашна посета, а не е овозможен линк до галерија во која би можеле да се видат сите такви фотки.

Играта не е лесна, но е дефинитивно заразна, па може да се случи да ви треба многу време за поминување на нивоата. Затоа не се препорачува да ја испробувате од работно место.

Дополнување: често
Функционалност: добра
Код: ХТМЛ
Дизајн: базиран на текст
Клучни зборови: само на насловна
Навигација: стандардна
Гугл-ранг: 5/10
Јавен бројач: нема
Јазик: англиски
Адреса: http://www.alienhominid.com/

23 септември 2004

Видеоиграта „Рим: Тотална војна“ (ја признава македонската самобитност)

[лекториран]

„Рим“ е најновото продолжение од успешниот серијал на стратегиски видеоигри „Тотална војна“, којшто почна со „Шогун“ и продолжи со европското „Средновековие“, што ги издаваат фирмите „Криејтив асембли“ и „Активижн“. Како и многу пред и по него, и „Шогун“ се базира на комбинирање стратегија (што да се освои низ светот - врз база на популарната игра „Риск“ или „Ризико“) и тактика (како да се водат битките - врз база на напреден тродимензионален систем).

Типичен предвесник на овој пристап е играта за ДОС „Центурион“, што може да се симне од Абандонија, а истиот се обидува да го емулира најновото издание од овој тип на Мајкрософт, наречено „Подемот на нациите“. Арно ама, додека ваквите игри на Мајкрософт, стратегискиот партнер на Владата на Република Македонија, имаат традиција античките Македонци да ги претставуваат како Грци. „Тотална војна“ има потемелен и пообјективен пристап кон историјата. Веројатно поради тоа и техничката совршеност токму софтверот од оваа игра е користен за рекреирање на борбените сцени во серијата „Пресудни битки“ на познатиот „Хистори чанел“.

Имено, покрај информациите за игрите, преку описни написи, извадоци од печатот, галерии со слики, на сајтот за „Рим“ има и календар преку кој советник (во стил на играта „Цезар 2“) ве известува за битните настани и случки на даден ден.

Известувањето за 20 септември гласи:
„Денес е роденденот на Александар Велики. Иако Римјаните го сметале за ’Грк‘ (а тој, всушност, бил Македонец), Александар исто така бил возвишуван како скоро легендарен јунак – што треба да служи за пример, поради неговата храброст и постигнувања. При тоа, пригодно ги игнорирале неговите тешки пијанчења, психотичко насилство и кон блиските и кон непријателите, како и неговите сексуални вкусови.“
Сите горенаведени игри во Македонија може да се најдат само кај локалните пирати без фискални сметки, додека ако сакате да купите оригинал, најевтина варијанта е да пазарите на лице место во странство.


За веб-сајтот

Дополнување: на неколку дена
Брзина: средно брзо
Функционалност: добра
Код: ХТМЛ, Флеш
Дизајн: микс текст/графика
Клучни зборови: има, по пропис
Навигација: стандардна
Гугл-ранг: 5/10
Јавен бројач: нема
Јазици: англиски
Адреса: www.totalwar.com

13 септември 2004

Историја на Македонија

Веб-сајтот „Историја на Македонија“ е „посветен на 2.500 години долгата историја на Македонија и македонската нација“. Неговата цел е да ги продолжи вековните стремежи за спротивставување на странските соседски пропаганди, чија цел е бришење на посебниот македонски идентитет. Средствата со кои се служи се документирање и презентирање научни и други текстови, како и насочување каде може да се најдат уште слични материјали (книги, други сајтови).

Содржините се поделени во рубрики, според периоди (античка, римска, отоманска, поделена, независна Македонија) и отворени прашања (конфликтите со грчките и со албанските националисти, македонските малцинства и симболи), а некои од написите се во форма на одговори на често поставувани прашања.

Посебен оддел исполнет со извадоци од академски и антички извори е и посветен на посебната етничка припадност на античките Македонци.

Овој веб-сајт беше недостапен од Македонија поради тоа што хостинг-компанијата каде што беше поставен забранила пристап од македонски адреси до своите сервери по ставањето на нашата земја на квазикомерцијалните црните листи на ризични хакерски подрачја. Поради тоа, сопственикот на сајтот Даниел Велјановски решил да најде нов хост со малку поотворен поглед на Македонија, по што го реактивира сајтот во текот на минатата недела.

Она што може да се поправи на сајтот се уфрлување клучни зборови и опис во кодот на страниците, отворањето на некои страници во нови прозорци, неколкуте мртви линкови (особено оној за статистиките), ставање линкови на сите сликички од десно (конзистентност), и можеби приспособување на дизајнот (кој инаку е многу фино изведен од графички аспект) на НЗС за ширина на екранот – 800 пиксели, или овозможување да се растегне на 100 проценти.

Содржините главно се дадени во прегледна, лесно читлива форма, така што може да им бидат од голема полза на сите љубители на оваа област, кои дискусиите на вакви теми сакаат да ги дополнат со цитати од авторитети. Шанса за тоа на глобално ниво ќе се појави многу скоро, со излегувањето на филмовите за кралот Александар Трети Велики Македонски (одберете барем две од звањата). Љубителите на стратегиските видеоигри исто така би можеле да ги искористат овие знаења кога му се жалат на стратегискиот партнер на Владата на РМ, „Мајкрософт“, што во неговите производи („Ејџ оф емпајерс“, „Рајз оф нејшнз“) се застапува тврдиот грчки став за идентитетот на античките Македонци.


Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ХТМЛ
Дизајн: текст/графика
Навигација: стандардна
Клучни зборови: нема
Бројач: нема
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: англиски
Адреса: www.historyofmacedonia.org