Се прикажуваат објави со етикета чешки. Прикажи ги сите објави
Се прикажуваат објави со етикета чешки. Прикажи ги сите објави

26 октомври 2009

Патувајте заедно со пријателите

Иако патувањата се убава работа за многумина, тие значат и разделување со пријателите и блиските од семејството. За краткотрајни и повремени отсуства од родниот крај ова не претставува проблем, но кога патувате често и сте отсутни по подолго време, може да им недостигате на саканите или да им бидете потребни на соработниците, колегите и пријателите. За да не им објаснувате на сите поединечно кога и каде заминувате, известете ги сите одеднаш. Приклучете се кон заедницата на веб-сајтот „Ontheroud“ и почнете да споделувате информации за вашите следни патувања.

Ваквата можност ќе ја добиете откако ќе се регистрирате, каде што за секое патување можете да поставите неколку важни детали, како: времето на поаѓање и пристигнување, локацијата, местата на кои ќе застанете, опис, мултимедијални елементи и сл. Сето ова можете да го дополните со избор на соодветна графичка тема во зависност од локацијата, како и да изберете вашето патување да биде објавено јавно или приватно. Потоа, поканете ги вашите пријатели преку имејл. Но, тука не завршува приказната. „Ontheroud“ е на некој начин сервис за водење дневник од страна на патниците. Па така, вие можете да додавате нови точки кои ги посетувате, да ги надополнувате со забелешки и импресии, фотографии и видеосодржини. На крајот од секое патување, вие всушност сте направиле виртуелно патување кое претставува евиденција на целото ваше патешествие.

Сервисот може да се користи и од мобилен телефон (ајфон, како и кој било телефон базиран на виндоус мобајл или на андроид), со испраќање на имејл или СМС, а новите информации кои ќе ги поставувате можат да се објавуваат автоматски на вашите фејсбук и твитер профили. Вашите пријатели можат да коментираат на она што вие ќе го поставите.

На овој начин, ќе бидете постојано поврзани со вашите пријатели и со семејството и, ако ништо друго, ќе им овозможите интересен начин за доживување на вашите искуства. Сервисот е бесплатен.

Забелешка: во моментот на пишување на оваа рецензија, системот за поканување на пријатели не функционираше.

Дополнување: од корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: сомнителна
Дизајн: едноставен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 4/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски, чешки, германски
Адреса: www.ontheroad.to