31 јануари 2006

Нова книга: Безжично поврзување во земјите во развој

[лекториран]

„Безжична инфраструктура може да се изгради по цена далеку помала од традиционалните жичени алтернативи. Но вакви мрежи само делумно се градат заради заштеда. Преку обезбедувањето поевтин и полесен пристап до информациите за луѓето од локалните заедници… се штедат и време и напор, а пристапот до глобалната информациска мрежа води до богатство на локално ниво, оти може да се заврши повеќе работа“, велат авторите на книгата „Безжично поврзување во земјите во развој - практичен водич за планирање и за изградба на телекомуникациска инфраструктура со ниски трошоци“.

Веб-сајтот посветен на споделување на книгата со светот има едноставна, но ефективна структура. Книгата е лиценцирана преку Криејтив комонс и може да се добие бесплатно со симнување на верзија во ПДФ-формат, или да се нарача за печатење преку Лулу, веб-сајт што беше рецензиран во рубрикава на 5.12.2005. Многу е полезно што се дадени неколку верзии на ПДФ-записот: целата книга, наменета за читање на екран (2МБ) или за печатење (9МБ). Исто така, достапно е и секое поглавје посебно, соодветно линкувано.

Содржината опфаќа технички и организациски аспекти на поставување безжична мрежа и може да им биде од полза и на ентузијастите, а и на компаниите што се занимаваат со такви иницијативи во Македонија. Во крајна линија, добро би дошла и како интегрален учебник, наспроти „ресавската школа“, која за жал доминира во нашето информатичко образование.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: неопределиво
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ХТМЛ/ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 0/10 (нов сајт)
Јазик: англиски
Адреса: wndw.net

30 јануари 2006

Стрипови и карикатури

[лекториран]

„Стриповската страница“ е веб-сајт што нуди пристап до десетици новински стрипчиња и карикатури, меѓу кои и нови доживувања на класици како Дик Трејси, Бренда Стар и Пинк Пантер, до сајбер-момата Хелен - стрип во кој еден од ликовите е и Бил Гејтс.

Карикатурите се претежно политички ориентирани, а меѓу авторите се и неколку гиганти на современата американска сатира, како добитникот на Пулицеровата награда Дејвид Хорси.

Ова не е единствен веб-сајт што нуди пристап до „синдикализирани“ американски стрипови, односно стрипови што се дистрибуираат преку тн. „синдикати“, компании за застапување на авторите пред издавачите. Некои од поголемите, како „Ју комикс“, имаат и поголем избор на стрипчиња.

Арно ама, „Стриповската страница“ дозволува пристап до нејзините содржини на многу подолг период – половина година, наспроти половината месец кај конкуренцијата.

На сајтов има и далеку поедноставно поставени дополнителни информации за секој стрип – претставување на главните јунаци преку една или повеќе страници и биографии на авторите. Тој има и свои форуми, во кои може да се дискутира за секој серијал одделно, а и на општи теми.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: секојдневно
Брзина: брзо
Функционалност:
мн. добра
Код: ЈСП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 7/10
Јазик: англиски
Адреса: www.comicspage.com

27 јануари 2006

Здружение на домаќинки (кои никако не се очајни)

[лекториран]

Ако се занемарат недостатоците што ги носи исклучивата употреба на „Флеш“ (попречен пристап за машини за пребарување и неможност за длабинско линкување однадвор) веб-сајтот на Здружението на домаќинки на прв поглед остава одличен впечаток. Тој пренесува исцрпни информации за активностите на здружението и можностите за набавување на производите на неговите членови добиени со плетење, везење, ткаење, керамика, резба и друго.

Анимациите се убаво вклопени во дизајнот, а особено фино е што при читање на внатрешните страници, ако се стисне на линкот за промена на јазик, се оди во соодветна верзија на истата страница, а не на првата страница од таа јазична верзија.
Преводот е солиден, но делот за контакт на другите јазици е со намалена функционалност оти посетителите се упатуваат да се обратат до некој оддел претставен со имејл-адреса, но за жал, имејл-адресите се само на македонски, така што би биле неразбирливи за луѓе што не го говорат.

Од непозната причина, при пристапување со „Фајерфокс“ дел од горниот дел на заглавието е невидлив, додека со „Интернет експлорер“ е видлив. Вакви багови се и причината што на авторите им се препорачува да ги тестираат веб-сајтовите со најразлични разгледувачи (прелистувачи) пред да ги објават.

Со оглед на важноста на брзината на вчитување на основниот интерфејс, особено кај посетителите без широкопојасен пристап, препорачливо е да се изземе најавниот екран со аудиоклипот (сегмент од песна на Кирил), кој не игра посебна улога, без разлика на тоа што помага во „создавање атмосфера“.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: неопределиво
Брзина: средна
Функционалност: добра
Код: Флеш
Дизајн: флешерски
Навигација: приспособлива
Пребарувач: нема
Клучни зборови: делумно
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: македонски, англиски, германски и француски
Адреса: www.rakotvorbi.com.mk

26 јануари 2006

Редизајнираниот портал на Еко.нет

[лекториран]

ЕКОНЕТ е граѓанска организација што го одржува единствениот македонски еколошки портал, за да го зголеми влијанието на еколошките НВО во нивната непосредна средина, но и на глобално ниво, преку користење ИКТ.

Овој веб-сајт беше рецензиран на 6 јуни 2004 година („Време“, бр. 115), но неодамна доживеа комплетна реконструкција и редизајн, кои го потврдуваат добриот впечаток оставен во изминатиот период, оставен со отвореноста на концептот и самопрегорната работа на тимот што стои зад веб-сајтот, постојано додавајќи нови содржини.

Успехот на Еко.нет се должи на оспособувањето на НВО да внесуваат свои вести, како и користењето една од најголемите мејлинг-листи во Македонија како средство за промоција и известување.

Новиот дизајн е доста „густ“, особено на првата страница. Големиот број на сликички може да доведе до ефект на „банерско слепило“, но дури и ако посетителите ги занемаруваат, банерите сепак вршат функција на пренасочување на машините за пребарување, подигајќи го рангот на линкуваните пријателски веб-сајтови.

Структурата на УРЛ за пристап до АСП-страниците е солидна, со користење редни броеви, што сајтов го прави погоден за пријавување на сервиси како Гугл њуз, кога би примале веб-сајтови на македонски јазик. Затоа би било добро да стапат во контакт со Најди!, кој доколку му обезбедат пристап преку фид, може да обезбеди и сервис за пребарување на веб-сајтот приспособен на неговата структура. Фидот (РСС) може да послужи и за привлекување дополнителни посетители што следат фидови преку „Фајерфокс“ или специјализирани читачи.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: секојдневно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: АСП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: делумно
Јавен бројач: затворен
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: македонски
Адреса: www.eko.net.mk

25 јануари 2006

Најмалиот политички квиз на светот

[лекториран]

Приказната за „Најмалиот политички квиз на светот“ се одвива вака: во 1969 година Дејвид Нолан, политиколог незадоволен од симплистичките ознаки како „левица“ и „десница“, развил графикон со кој се утврдуваат нијансите на меѓусебните разлики на идеолошките ставови, со употреба на категории како (авторитарен) етатист, либертаријанец или центрист. Мерењето е според тоа колку многу или малку државна контрола сака личноста во однос на економијата и личната слобода.

Во 1985 година либертаријанецот Маршал Фриц, основачот на „Застапници за самоуправа“, развил краток список на прашања за кои тој се потрудил да бидат што поисчистени од пропагандна пристрасност. Осумте прашања на кои може да се одговори со „да“, „можеби“ и со „не“ послужиле како основа за „Најмалиот политички квиз на светот“, кој потоа е дистрибуиран како видеоигра и на картички. Преку неговиот веб-сајт бил „решаван“ речиси 5 и пол милиони пати.

Во САД, квизот има стекнато репутација како валидно мерило на личната политичка ориентација и статистички агенции го користат при анкети, особено пред избори.
Остатокот на веб-сајтот содржи промотивни материјали за Либертаријанската партија на САД, со особен акцент на нивните принципи и славни припадници, како Клинт Иствуд и Курт Расел.

ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: автоматски
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: www.self-gov.org

24 јануари 2006

Приватизација на ЕСМ

[лекториран]

Веб-сајтот посветен на процесот на приватизација на ЕСМ е во сопственост на Министерството за економија, а изработен е од „Пристоп МК“. Големата важност и вниманието на јавноста свртено кон приватизацијата наметнуваат огромна обврска за видливост на сите нејзини аспекти и иницијативата е за поздравување.

Убавиот почетен впечаток што го остава дизајнот го нарушува исклучивата употреба на „Флеш“, поради која веб-сајтов е непогоден за машини за пребарување. Оневозможени се и длабинско линкување и цитирање одделни страници или документи од страна на други веб-сајтови, наспроти фактот дека коментари од блоговите би биле одличен прилог во јавната расправа. Препорачливо е авторите да побараат стручна помош за оптимизација за машини за пребарување (search engine optimization).

Би било добро да се промени и практиката на непотребно наметнување на трошење дополнителни ресурси за посетителот: музиката во „Флешот“ и фотогалеријата би било добро да се вчитуваат само ако тоа го одбере посетителот, а не автоматски (поради оптоварувањето на врската, која во Македонија се наплатува по минута или по количество податоци), отворањето на вестите во нови прозорци ја оптоварува меморијата на клиентскиот компјутер, а користењето на техниката „поп-ап“ може да влијае и на сигурноста.

Доколку идејата на фотогалеријата е да претставува своевиден каталог на она што е на продажба, потенцијалните купувачи секако ќе ценат доколку за секоја слика има дополнителни информации, а не служи само за украс. „Предмаркетиншката презентација“ би било добро да има прегледна содржина, а не ќе е лошо да се постават и неколку релевантни надворешни линкови, меѓу кои и еден до веб-сајтот на Министерството.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: повремено
Брзина: средна
Функционалност: средна
Код: Флеш
Дизајн: флешерски
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Јазик: македонски, англиски и албански
Адреса: www.esm-privatizacija.com.mk

23 јануари 2006

Кресвел Крагс – локалитет од предисторијата

[лекториран]

Кресвел Крагс е варовничка клисура богата со пештери, во кои се најдени остатоци од животот на ловците од последното ледено доба. Клисурата се наоѓа во Англија, во близина на Шервудската шума, во која според легендите живеел Робин Худ.

Информациите за животот на луѓето што го населувале местото пред 12.000 години се предадени во многу достапна форма, како музејски експонати, но и преку прашања и одговори, кои читателот го ставаат во улога на праисториски човек. Дополнително достапни се и биографски текстови со кои се објаснуваат различните археолошките техники применети во текот на стотината години откако се ископува локалитетот.

Текстовите се добро вклопени во дизајнот, а дополнети се со цртежи и фотографии. Следејќи ги правилата за употребливост, избегнато е пренатрупување - пообемните содржини се поделени на повеќе линкувани страници.

Овој наградуван веб-сајт покажува како може да се промовира еден локалитет што овозможува и посети на туристи до ваков вид културно наследство. Поуките што ги носи може да послужат за организирање привлечна туристичка понуда на слични локалитети со придружни веб-сајтови. На пример, www.kuklica.org.mk или www.kokino.org.mk во моментов може само да се замислат.

За жал, со изградбата на браната Козјак, Македонија го изгуби пристапот до неколку праисториски наоѓалишта со огромен потенцијал, кои сега се само подводни пештери.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: неопределиво
Брзина: средна
Функционалност: одлична
Код: ХТМЛ и др.
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: www.creswell-crags.org.uk

Бендисување во првата дваесеттинка од секундата

[лекториран]

На сурферите на Интернет некој веб-сајт може да им се допадне или да не им се допадне за пократко од секунда откако ќе го отворат, покажува истражување на канадски научници.

Во само една дваесеттинка од секундата - двојно пократко од времето на трепнување на клепките - луѓето создаваат естетски суд што влијае на остатокот од времето што ќе го минат на сајтот.

Студијата што довела до овие сознанија е објавена во најновото издание на журналот „Однесување и информатичка технологија“ (Behaviour and Information Technology). Авторот вели дека сознанието има големи импликации за полето на веб-дизајнот.

- Станува збор за физиолошка реакција, и затоа веб-дизајнерите мора да водат сметка визуелно да не ги повредуваат корисниците. Доколку првиот впечаток е негативен, тоа најверојатно ќе ги одбие посетителите - вели Гите Линдгаард (Gitte Lindgaard).

Веб-сајтот на Борат не е мртов


Светските новински агенции и весниците во Македонија ја пренесоа веста за тоа како казахстанската влада забранила користење на доменот borat.kz за потребите на веб-сајтот на Борат.

Арно ама, горенаведените потоа не се надоврзаа со вест дека веб-сајтот на Борат продолжи да живее во истата форма каков што беше рецензиран, и тоа на адресата www.borat.tv. Значи, тоа првпат го прочитавте тука, ексклузивно на блогов.

А ќе има и филм за Борат.

21 јануари 2006

Факти за Чак Норис

[лекториран]

„Факти за Чак Норис“ е хумористичен веб-сајт што тера мајтап со познатиот актер во акциски филмови преку презентирање наводни информации што го потврдуваат неговиот митски статус. Препорачлив е за сите што знаат англиски и може да донесе многу смеа и сеир.

Chuck Norris Facts


Така, на пример, ќе можете да дознаете дека „солзите на Чак Норис може да го излечат ракот - штета што тој ниеднаш во животот нема заплакано“, „Чак Норис не спие - тој чека“, или дури дека „Чак Норис има броено до бескрај - двапати“.

Смешноста на овој релативно нов и едноставен веб-сајт, составен само од три страници на кои се наредени фактите, ја гарантира неговата популарност. До него водат линкови од низа влијателни веб-сајтови и блогови.

Јавната дискусија за тоа „кој прв почна“ да ги собира ваквите факти и другите аспекти на овој веб-сајт е во подем во последниве неколку недели, а најдобро место да се следи е Боинг-боинг. И самиот Чак Норис има издадено официјално соопштение за медиумите во врска со себе изјавувајќи дека „некои од нив се смешни, ама некои се ептен забегани“, искористувајќи ја шансата да ги рекламира своите нови книги - автобиографија и каубојско романче.

А кај фактите има навистина за секого по нешто, од верници и научници, до гејмери. Дали знаевте дека „не постои теорија на еволуцијата, само список на суштества на кои Чак Норис им дозволува да живеат“? „Во играта Цивилизација 4, не е искористена воена единица од типот Чак Норис, бидејќи само еден Чак Норис може да ги победи армиите на сите нации од светот во еден потег“.

ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: неопределиво
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ХТМЛ
Дизајн: текстуален
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Јазик: англиски
Адреса: www.chucknorrisfacts.com

20 јануари 2006

Митологија преку слики на блогот на Сиана

[лекториран]

Блогот на Сиана, млада мома од Островот Ман, е посветен на презентирање личности и настани од митологијата и од историјата преку уметнички слики.

Покрај секоја слика во голем формат, таа има краток опис на личностите на неа во форма на слободен стих, проследени со линк до повеќе информации за нив, често на „Википедија“ или друг отворен извор. Линкот на самата слика води до нејзина копија на „Фликер“, каде што има повеќе информации за самото дело.

Ваквата информациска архитектура е одбрана за постигнување рамнотежа помеѓу количеството информации што иницијално се нудат и оние што се интересни само за одреден дел читатели. Според Сиана, уметничките дела би била бесмислени за повеќето луѓе што би ги гледале надвор од контекст, без митолошки или историски референци, иако и во тој облик би нуделе инстантно визуелно задоволство.

Блогов нуди нестандардно користење на сервисот „Стамбл апон“, кој во основа овозможува лесно архивирање и оценување туѓи линкови (преку тулбарче) и нивно споделување со луѓе што имаат сличен вкус.

Веб-сајтов е препорачлив за љубителите на ликовната уметност, особено од периодот на романтизмот, митологијата, историјата, како и за оние што би сакале да го издигнат сопственото ниво на општа култура.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: секојдневно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: стамбл апон
Дизајн: блогерски
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: делумно
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 0/10
Јазик: англиски
Адреса: ceanna.stumbleupon.com

19 јануари 2006

606

Во денешниот број на „Време“ не се појавува рубриката „Веб-сајт на денот“.

18 јануари 2006

Некромантус: „класични“ игри, но во „Флеш“

[лекториран]

Некромантус е псевдонимот што го користи Ремус Маринеску, програмер од Бакау, Романија, кој работи со технологиите „Флеш“ и „Шоквејв“.

Најголемо и најважно постигнување на Некромантус е правењето на веб-верзии на популарни игри, кои на времето бараа врвни хардверски и софтверски ресурси. Покрај тоа што претставуваат демонстрација на способностите на применетите технологии, примерите се одлична илустрација за тоа до каде е достигнат напредокот на мултимедијалните можности што се земаат здраво за готово.

Flash Warcraft
Така, кај Некромантусот може да играте „Дум“, „Квејк“, „Воркрафт“, „Диабло“, „Херетик“, некои со целосни мисии, некои во демо-варијанта. Иако некои веб-сајтови се имаат обидено да ги симнат и да ги инсталираат кај себе, игрите се така направени што претежно може да се играат само од овој веб-сајт.

Освен игрите за ПЦ, Маринеску има направено и верзии на некои од легендите за Спектрум, како „Дизи“. Тој исто така одржува и архива со верзии на игри за овој компјутер наменети за емулатори.

На располагање за симнување е и колекцијата на техно-нумери во МП3-формат, кои тој ги компонирал, како и можности за интеракција: книга за гости, форум и модул за муабет (чет).


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: неопределиво
Брзина: средна
Функционалност: одлична
Код: Флеш
Дизајн: флешерски
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: англиски
Адреса: necromanthus.com

17 јануари 2006

Островот Ман

[лекториран]

Островот Ман лежи во Ирско Море, помеѓу Англија, Шкотска, Ирска и Велс. Заслужува внимание и сам по себе, но и поради неговиот модел за економски развој со ограничени ресурси, којшто почива на туризам и финансиски услуги, како офшор-банкарство. Оваа држава има слична големина како некои општини во РМ: островот е долг 50 км и широк 20 км, со околу 80.000 жители.

Островот Ман е протекторат, на чие чело е британското кралско семејство, но формално не е дел од државата Велика Британија, ниту спаѓа во ЕУ. Има автономна управа и свои закони, кои ги носи парламентот Тинвалд што овозможува одредена флексибилност во однос на поголемите ентитети.

Домородното население е со келтско-нордиско потекло и, покрај англискиот, говори посебен келтски (гаелски) јазик наречен „манкс“. Околу 50 отсто од жителите се родени надвор од островот (претежно потекнуваат од другите британски острови). Властите поттикнуваат контролирано доселување, бидејќи увиделе дека стапката на природен прираст е премала за потребите на државата и економијата.

Официјалниот веб-сајт на Островот Ман ги нуди основните информации складно поделени според полето на интерес: туризам, финансии, локален живот и трки со мотори. Трките го имаат заслужено ова место како една од најуспешните активности меѓу многуте што се организираат традиционално за привлекување гости.

Темите се обработени содржајно, со развој од поконцизно кон поопширно, со приспособување на навигацијата и на дизајнот. Како таков, овој веб-сајт може да послужи како модел за водичи за запознавање и со многу поголеми држави.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ХТМЛ
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: www.isleofman.com

16 јануари 2006

Гнузила - српско е-списание за слободен софтвер

[лекториран]

„Гнузила“ е електронско списание посветено на слободниот софтвер, на оперативните системи ГНУ, Линукс и БСД. Првиот број на овој месечник излезе во јануари 2005 година, а го издава „НВО Мрежа за слободен софтвер“, под водство на Иван Јелиќ. Списанието се објавува во електронски облик поради малите трошоци за овој вид издаваштво, но Редакцијата изјавува дека, доколку пронајде средства, би издавала и хартиена варијанта.

Содржините се исполнети со тестови на различен слободен софтвер и софтвер со отворен код, како и тестови на хардвер со различни оперативни системи. Има и информации за општествени и за политички настани и трендови од оваа сцена: лиценци, предности, легализација и слично.

Списанието се издава во ПДФ-формат, при што се следат правилата што во ваков случај обезбедуваат максимална употребливост на веб - на пример во делот за симнување е наведена големината на датотеките. Сепак, би било добро кога би била достапна и ХТМЛ-варијанта, оти таа би обезбедила поголем пристап од машини за пребарување и можности за разгледување. Чекањето да се симне целото списание може да обесхрабри голем број Ѓкорисници без широкопојасен пристап што би сакале да ја ѕирнат содржината.

„Гнузила“ е отворена за соработка со сите добронамерници, што е добра шанса за промоција на македонската заедница на слободен софтвер надвор од границите на државата. Во моментов, „Гнузила“ има поприличен углед, изграден со тринаесетмесечниот континуитет, но и поради фактот дека е единствено списание од овој вид на просторите на бивша Југославија. Предност му е што користи јазик што е разбирлив за разнородната целна група, па секој број има неколкуилјаден „тираж“, односно симнувања.

ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: месечно
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: српски
Адреса: gnuzilla.fsn.org.yu

14 јануари 2006

Закони против спам

[лекториран]

Веб-сајтот „Закони против спам“ содржи збирка закони во врска со непебараните и комерцијални пораки испратени по е-пошта. Неговиот автор е професорот по право Дејвид И. Соркин од Чикаго.

Дизајнот на веб-сајтот е спартански, без графички елементи и со користење на најосновните елементи на ХТМЛ. Информациите се презентирани во вид на ископирани текстови, ПДФ-документи (без назначена големина) и линкови до релевантни веб-сајтови.

Содржините се поделени на три дела, кои ја одразуваат тековната состојба во однос на влијанието врз глобалниот развој на Интернет: закони на САД, закони на ЕУ и на нејзините членки, како и закони на други земји.

Со оглед на тоа што со директивите на ЕУ спамот категорично се забранува, од овој веб-сајт може да имаат голема полза сите правници и носители на одлуки што не сакаат да останат безнадежно застарени, како и сите што работат на евроинтеграција и воведување на Македонија во главните текови на глобалната економија.

Небараните пораки се како неканети гости. На лично ниво, примателот троши време на нивно примање и процесирање, но и пари, како во случајот на корисниците на АДСЛ, кои плаќаат дополнително кога ќе ја надминат квотата. На глобално ниво го зголемуваат сигурносниот ризик, ја оптоваруваат мрежата, доведуваат до задушувања на сообраќајот или намалувања на брзината, а нивниот кумулативен ефект е општо уназадување - фирмите од САД и на ЕУ годишно губат по 13 милијарди долари во намалена ефикасност поради ова зло. Во САД повеќе од 40 отсто од сите пораки се спам.

Според „спам-калкулаторот“ на ЦМС, просечна македонска фирма со 10 вработени што користат е-пошта годишно губи минимум по 160 евра поради спам.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ХТМЛ
Дизајн: текстуален
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: делумно
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 8/10
Јазик: англиски
Адреса: www.spamlaws.com

13 јануари 2006

Блогот „Тајни – види тајна… сподели тајна“

[лекториран]

Целта на блогот „Тајни“ е да се развие еден вид уметнички проект каде што луѓето анонимно ќе ги испраќаат своите тајни по е-пошта. Тајните се испраќаат во вид на слики во формат ЈПГ, а претставуваат комбинација од краток текст и илустрација.

На блогот има упатство како пораката да се испрати анонимно преку сервис за е-пошта преку веб што оневозможува дознавање на ИП-адресата, а овозможува закачување атачменти на пораката.

Непознатиот автор/автори на „Тајни“ предлагаат како тајни да се испраќаат лични искуства во врска со жалење, надеж, смешни настани, „скриена добрина, фантазија, верба, страв, предавство, еротско посакување, чувства, признание, љубов и слично“, и тоа во концизен, јасен и креативен облик.

Овој веб-сајт претставува независна локализирана верзија на блогот „Пост сикрет“ и има голема вредност во поттикнување на интерактивноста и на сеирџиството кај мнозинството од македонската популација, кое сепак не го владее англискиот јазик на доволно високо ниво за да го користи како алатка за двонасочна продуктивна комуникација. Збогатувањето на содржините е еден од приоритетите за поттикнување на развојот на Интернет во Македонија, кој е внесен и во соодветната Национална стратегија.

Досегашното искуство, како на пример со „Сите веб страни“ покажа дека и проектите што на ова поле се служат со преземени идеи имаат позитивно влијание.

Досега објавените тајни на македонскиот блог не заостануваат во квалитетот на изработка зад оние на американскиот, а неколку од нив се вистински мали дизајнерски ремек-дела.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: на 2-3 дена
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ПХП (блогерај)
Дизајн: блогерски
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: има
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10 (тазе е)
Јазик: македонски
Адреса: tajni.blog.com.mk

11 јануари 2006

Хрватски портал за авантуристички спорт

[лекториран]

Содржините на хрватскиот портал за авантуристички спортови се истакнуваат со својата разновидност и сеопфатност. Покрај „класичните“ авантуристички теми, како планинарење, трчање, експедиции, но и здравје, исхрана и слично, застапени се и колумни, претставувања на личности, но и духовност, релаксација и црна хроника. Основните рубрики се вода, земја, воздух, снег, мултиспорт, карпи и под површината (на водата).

Веб-сајтот е одлично разработен и како место за создавање заедница, во која читателите може да се вклучат и да учествуваат преку свои содржини или коментари. Написите, освен текстови, содржат и висококвалитетни фотографии, често распоредени и во поопширни галерии.

Тимот којшто работи на веб-сајтот е мал, но комплетен: јадрото го чинат двајца уредници, веб-мастер, лектор и преведувач, а го дополнуваат низа ентузијасти од областа на екстремни спортови, кои се мајстори за одредени области (од медицина до качување по карпи) - а многу од нив се и женски.

Освен добриот впечаток што го остава со дизајнот и изработката, кредибилитетот на овој веб-сајт го засилува и признанието што го има добиено од компјутерскиот магазин ВИДИ, како најдобар годинашен проект од областа на спорт и здравје во Хрватска.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 3/10
Јазик: хрватски
Адреса: www.adventure-sport.net

10 јануари 2006

Руски храни

[лекториран]

„Руски храни“ нуди можност за пазарење преку Интернет, но и многу други содржини што го прават интересен и за посетители од земји на најниско ниво на е-трговија, како што е Македонија. На располагање се рецепти за најразновидни јадења, како и информации поврзани со руската култура и цивилизација и надвор од границите на кујната.

Таква е рубриката чија тема се руските жени, но и „академијата“ во која се објаснети разновидните аспекти на руската кујна, од конверзија на мерките (потребно за американскиот, неметрички пазар), речникот, упатствата, народната медицина, до уметноста поврзана со храната.

Декоративните аспекти на оброкот, чија цел не е само најадување туку и дружење, се претставени во детали. Од употребата на украсни салфетки, преку конкретни упатства за како се декорираат различни типови храна, меѓу кои и ордевери и салати, до декорации направени со употреба на храна, како делови на овошје и на зеленчук.

Обемноста на содржините му дава на сајтов енциклопедиска димензија. Посетителите може да оставаат коментари на написите, што влијае благотворно на неговата популарност. Интеракција со татковината овозможува и услугата да се испраќаат подароци преку веб-сајтот на дестинации во Русија, на сличен начин како што функционира македонскиот Флауершоп.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: занемарено
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: АСП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: има
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 4/10
Јазик: англиски и руски
Адреса: http://www.russianfoods.com

09 јануари 2006

Машинима - правење филмови со помош на видеоигри

[лекториран]

„Машинима“ е термин што ја означува технологијата на снимање филмови при што како главна алатка се користат „енџините“ (анг. мотор, машина), кои придвижуваат тридимензионални видеоигри.

Ваквите филмови може да се снимаат и како класична анимација, со програмирање на движењата на ликовите однапред, но мнозинството од нив се снимаат интерактивно, како класичен филм - живи луѓе ги придвижуваат ликовите во рамките на виртуелната околина на играта. Потоа филмовите се доработуваат, им се додава звук, заднинска музика и сите ефекти потребни да се добие комплетен производ.

Машинима нуди низа предности за филмаџиите, или оние што би сакале да станат тоа: снимање во реално време - како класичен филм, без рендерирање, комплетна контрола врз визуелните елементи - како анимација, интерактивност и независност на резолуцијата од хардверската платформа. Тоа ја прави идеална алатка и за снимање филмови со функција на сториборд при изработката на класичен филм или скица при продавање идеја за такво дело.

Веб-сајтот Машинима.ком обезбедува добар вовед во оваа технологија, преку претставување готови филмчиња (повеќе од 1.500), потоа вести написи, интервјуа, упатства, информации за фестивали поделени по категории за лесно снаоѓање. Содржините на веб-сајтот се дополнуваат и од самите посетители преку активниот форум.
Игрите што најчесто се користат за снимање машинима се „Мувиз“, „Анриал“, „Квејк“, „Ворлд оф Воркрафт“, „Симс 2“ и „Ф.Е.А.Р“.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: www.machinima.com

06 јануари 2006

Е-честитките на „Ај сик ју“

[лекториран]

„Ај сик ју“ (ICQ) е една од највлијателните светски компании што овозможуваат директна комуникација меѓу поединци преку размена на „инстантни пораки“. Покрај основната дејност, оваа израелска фирма нуди и низа дополнителни можности, меѓу кои се истакнуваат анимираните картички за поттикнување пријателски чувства.

Картичките се поставени како посебен потсајт на главниот веб-сајт, кој може да послужи како пример за убав изглед на навигациска лента од левата страна. Тие може да се испраќаат преку Ај-сик-ју, но и преку е-пошта.

Она што овој сервис го издвојува од илјадниците слични е занаетчиската умешност во користењето на Флешот, која наближува до совршено искористување на предностите на медиумот. Особено плени тоа што со користењето мултимедијални елементи, особено на звучна подлога, авторите водат грижа за компактноста и големината на анимациите, што овозможува тие да се вчитуваат релативно брзо.

Картичките може да се разгледуваат тематски, а ги има од новогодишни, преку испраќање бакнежи, гушкања и гестови, до оние наменети специјално за давање љубовни изјави. Ги прават разни автори, па и квалитетот на цртежот и анимациите варираат, со тоа што дури и послабите „држат ниво“. Сепак, најдобро анимирани се сериите со Мечето ((Teddy Bear) и сличните ликови – за жал, авторите не се наведени. Исто така добра е и анимацијата „Бандитите на љубовта“ (Love Banditos), во која комбинацијата на едноставен интерфејс со ефективна карикатура и анимација овозможува високо ниво забавна интерактивност.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: повремено
Брзина: средна
Функционалност: одлична
Код: ХТМЛ/Флеш
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 7/10
Јазик: англиски
Адреса: friendship.icq.com

05 јануари 2006

Перница

[лекториран]

„Перница“ е веб-сајт на новоотворена фирма од Скопје насочена кон дизајн, развој, производство и продажба на декоративни перници. Целта на веб-сајтот е да ги претстави производите и да овозможи контакт со деловни партнери, па затоа е конципиран во форма на каталог. Како што и прилега на визуелно ориентирана фирма, дизајнот на сајтот овозможува тој да се согледува како комплетна целина, со впечаток на компактност и директност во комуникацијата.

Покрај галериите со дизајни на перници (со дигитални принтови, памук, микрофибер, полиестерски сатен и др.), како дополнителна содржина се достапни и галерии на професионални фотографии (апстрактни, цвеќиња, небо, патувања и др.) изработени од сопственичката и главна дизајнерка Оливија Циева.

Она што може да се надгради на веб-сајтов е начинот на прикажување на големите верзии на фотографиите, кои во моментов се отвораат во ново прозорче. Би било добро да се отвораат како стандардна галерија, секоја со посебна веб-страница, со краток текстуален опис и линкови за претходна, наредна и сл. На тој начин ќе се обезбеди мамка за машините за пребарување, кои првенствено се насочени кон обичен текст.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: неопределиво
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ХТМЛ/ЈС
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Јазик: англиски
Адреса: www.pernica.com.mk

04 јануари 2006

„Вуна“ - блогот на Офчарот

[лекториран]

„Вуна“ е еден од највлијателните македонски блогови. Неговиот автор, Офчарот, дава мислења и во други медиуми, дел од неговите обожаватели понесени од неговиот пример стануваат блогери. Инаку, човекот намерно си се пишува со „ф“ и одбива да биде фајромизиран со примена на граматичките правила.

Темите на текстовите се најразлични и обично се критички осврти на појави и случувања од секојдневието, но има и доста пародија, козерија, поезија... Според доајенката на македонското блогерство Ана Марија Светозаров, се работи за зрели, паметни, длабоки, а истовремено и ултрасмешни постови.

Авторот ја објаснува основната терминологија вака: „‘Вуна’ не е волна. ‘Вуна’ не е битие. ‘Вуна’ е апстрактен термин, со кој неосновано, нелогички и без посебна причина се означуваат разни поими, појави, процеси или чувства, најчесто при афективна состојба, состојба на стрес, фасцинација, воодушевување, или пак екстремни ситуации (како што е на пример шок)“.

„Вуна“ го користи сервисот на Блогер.ком (mrfut.blogspot.com), но има земено адреса и на Токелау (www.vuna.tk), која води до блогот, прикажувајќи го во рамка (анг. „фрејм“). Единствена предност од ваквиот потег е што почетната адреса останува цело време во лентата на разгледувачот, арно ама се губи еден поен од Пејџ ранкот на Гугл: адресата со „мрфут“ има 4/10 оти токму до неа водат голем број линкови од други блогови. Без рамките може подобро и да се линкува длабински и има подобар пристап од машини за пребарување.
Мора да се истакне дека употребата на пригодни графички елементи ја дополнува посакуваната атмосфера на блогов.



ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ХТМЛ (блогер)
Дизајн: блогерски
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: има
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 3/10
Јазик: македонски
Адреса: www.vuna.tk

[Новата адреса на блогот Вуна е www.vuna.info]