24 јануари 2006

Приватизација на ЕСМ

[лекториран]

Веб-сајтот посветен на процесот на приватизација на ЕСМ е во сопственост на Министерството за економија, а изработен е од „Пристоп МК“. Големата важност и вниманието на јавноста свртено кон приватизацијата наметнуваат огромна обврска за видливост на сите нејзини аспекти и иницијативата е за поздравување.

Убавиот почетен впечаток што го остава дизајнот го нарушува исклучивата употреба на „Флеш“, поради која веб-сајтов е непогоден за машини за пребарување. Оневозможени се и длабинско линкување и цитирање одделни страници или документи од страна на други веб-сајтови, наспроти фактот дека коментари од блоговите би биле одличен прилог во јавната расправа. Препорачливо е авторите да побараат стручна помош за оптимизација за машини за пребарување (search engine optimization).

Би било добро да се промени и практиката на непотребно наметнување на трошење дополнителни ресурси за посетителот: музиката во „Флешот“ и фотогалеријата би било добро да се вчитуваат само ако тоа го одбере посетителот, а не автоматски (поради оптоварувањето на врската, која во Македонија се наплатува по минута или по количество податоци), отворањето на вестите во нови прозорци ја оптоварува меморијата на клиентскиот компјутер, а користењето на техниката „поп-ап“ може да влијае и на сигурноста.

Доколку идејата на фотогалеријата е да претставува своевиден каталог на она што е на продажба, потенцијалните купувачи секако ќе ценат доколку за секоја слика има дополнителни информации, а не служи само за украс. „Предмаркетиншката презентација“ би било добро да има прегледна содржина, а не ќе е лошо да се постават и неколку релевантни надворешни линкови, меѓу кои и еден до веб-сајтот на Министерството.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: повремено
Брзина: средна
Функционалност: средна
Код: Флеш
Дизајн: флешерски
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Јазик: македонски, англиски и албански
Адреса: www.esm-privatizacija.com.mk

Нема коментари: