24 декември 2005

Структурирано блогирање

[лекториран]

Структурираното блогирање е иницијатива чија цел е пренос информации на Интернет во форма што е поупотреблива и пополезна. Се работи за надградба на секојдневното блогирање, која се постигнува со додавање функционалности (плагини), кои нудат публикување и во формати што се читливи од страна на машини.

Од кориснички аспект, разликата помеѓу обичното и структурираното блогирање е во тоа што може да се додаваат стилови и тагови кои овозможуваат препознавање на контекстот и содржините од страна на машини за пребарување и други апликации. Тие информации невидливо се вметнуваат во текстот на блоговите и овозможуваат пристап до фидови за синдикација, читачи за икс-ем-ел или агрегатори на блогови.

На веб-сајтот се достапни додавки за популарните блогерски платформи „Мувабл тајп“ и „Ворд прес“, а има и блог и вики-алатка, кои служат за информирање и колаборација.

Иако структурираното блогирање „има потенцијал да биде исклучително полезно“, првата пречка со која се соочува е и најголемата: мрзата на блогерите. Блоговите станаа популарни токму поради тоа што овозможуваат на луѓе без многу техничко знаење на едноставен начин да ги публикуваат своите писанија, така што кај таа популација се јавува отпор кон потребата за дополнително технолошко усовршување. Веројатно клучен фактор во развојот на концептот ќе има (не)вклучувањето на Блогер.ком, доминантниот играч на блогерскиот пазар, кој со години одбива да го закомплицира својот интерфејс, макар со додавање категории.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: structuredblogging.org

2 коментари:

Jovan рече...

Го најдов сајтот пред некое време самостојно, го проанализирав концептот и искрено не ми се допадна. Всушност идејата за обележување на информациите ми се допадна и е крајно корисна. Работата која не ми се допадна беше лошото решение - добивате архива со парчиња од ВордПрес а не плагин. Па кога ќе го апгрејдувате што ќе се случи со податоците - и колку брзо ќе се појави апгрејдот. Сведоци сме дека кога хакерите ќе пробијат определена верзија на скрипта прашање на часови е кога ќе биде пробиен и Вашиот сајт.

Од технички причини одбив да го инсталирам додатокот за структуирано блогирање. Или ќе го преработат како плагин или ќе ги натераат програмерите на ВордПрес и МуваблТајп да го вградат како системска поддршка.

А инаку факт е, дека само семи-про и про блогерите ќе го прифатат... И повторно се се врти околу организација на информации за подобра пристапност која нуди поголем број посети кои нудат поголем приход од реклами...

Darko156 рече...

Значи нема потреба да ви објаснувам зошто јас го прочитав пола го разбрав пола НЕ, и мирно си го продолжив мојот блогерски живот, без да му посветувам многу внимание на ова.