25 мај 2005

Монстроузности

Со оглед на нивото со кое децата и тинејџерите во Македонија се клукаат со филмови на стравоти и ужасот, жаргонски познати како хорор-филмови, не е лошо поблиско запознавање со ликовите и концептите кои се експлоатираат во нив. Без разлика на високо ниво на шунд присутно во овој жанр, тој сепак е дел од популарната култура и неговите евентуални позитивни или негативни влијанија е невозможно да се сватат од неинформираните.

Веб-сајтот „Монструозности“ нуди информации за различни категории на суштества од фантазијата, и од филмовите и од митологијата. Секоја од нив содржи основни информации за нив, од истакнати ликови до зоолошки поделби, галерии, резимеа на приказни, до енциклопедиски дел со објаснувања на поимите, со синоними, земја на потекло, изглед, пријатели/непријатели, состојби итн. Меѓу суштествата застапени на сајтов се вонземјани, демони, змејови, самовили, духови, вампири… но и Франкенштајн, Гоџира и други знајни и нејзнајни јунаци и душмани.

Маана на сајтов е што тематски поделените рубрики ги отвора во нови прозорци, што ја отежнува употребливоста, троши ресурси и ја намалува интерактивната контрола на корисникот врз разгледувањето. Имено, подобро е самите посетители да може да одберат дали сакаат даден линк да им се отвори во нов прозорец, односно ново јазиче (ако користат Фајрфокс или Опера).

Освен за љубопитните, сајтов може да послужи и како средство за релаксација на луѓето кои морале да се соочат со локалната или интернационалната бирократска машинерија, на пример по повод вадење визи.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ХТМЛ, ЦГИ
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: англиски
Адреса: www.monstrous.com
Датум на пишување: 25.05.2005.

13 мај 2005

Дигитална мис на светот

Во изборот на Дигитална мис на светот не влегуваат реални личности, туку виртуелни ликови изработени преку употреба на компјутерска технологија. Виртуелните актери (особено од женски пол) веќе неколку години „играат“ во реклами, по насловни страници на списанија и слични промотивни форми, вон светот на видео игрите кои ги имаат прославено.
Секако, најпозната виртуелна личност што излегла од своите рамки е Лара Крофт, која „доживеа“ и да ја играат реални луѓе. Најавена е нова итерација во која изгледот на Лара ќе биде троа пореален (особено облините).

Да се направи компјутерски-генериран лик што делува вистински барем на екранот бара огромно знаење, прецизни алатки и осет за анимација. Оваа нова форма на куклен театар ги привлекува младите аниматори кои се желни своите дела да ги прикажат на светот. За да може да влезат во конкуренција за „мис на светот“, ликовите не треба само да „личат“, туку се обврзани и да „глумат“ во куси филмчиња што би ги прикажале нивните способности.

Една од најтешките работи за моделирање во програмите за тридимензионална анимација е косата, па не е ни чудо што дел од кандидатките носат капи, качулки и слично. Токму затоа, 80% овогодинешните финалистки претставени на сајтот се гологлави.

Од аспект на употребливост, би било добро линковите до видео-содржините на сајтов да бидат презентирани со информација за големината на филмчињата. Во сите други аспекти, сајтот е лесен за користење и овозможува и технолошки и естетски задоволства, особено ако му пристапувате преку широкопојасна врска (кабловски или со адсл).


Дополнување: повремени
Брзина: средна
Функционалност: одлична
Код: ХТМЛ, ЈС и др.
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: www.missdigitalworld.com
Датум на пишување: 13.05.2005.

07 мај 2005

Училиште за веб-дизајн

[лекториран]

Веб-манки (веб-мајмун) е оптимистички образовен сајт, чија цел е да пренесува знаења за правење веб-сајтови, дизајн, мултимедија, веб-програмирање и слично.

Лекциите имаат различни нивоа на тежина: и за почетници, и за активни автори, и за мајстори на овие занаети. Автори се програмери и дизајнери кои ги објаснуваат тајните на својата професија со нивниот секојдневен јазик, неоптоварен со технички или со формални конвенции, вметнувајќи свои мислења и духовити коментари. Доколку сакате да станете самоук веб-мастер (или веб-мастерка), ви препорачуваме да почнете оттука.

Веб-манки беше основан во 1996 година како дел од мрежата сајтови основана од екипата на магазинот „Вајерд". Иако жнееше успех и популарност, неговото влијание опадна со пропаста на бизнисите базирани на Интернет во 2000 година (пред се поради пресушување приходи од огласувачи и, можеби поради појавата на поструктурирани начини за учење на истите вештини, на пример на универзитетите).

Во февруари оваа година „Тера Ликос", компанијата што во меѓувреме стана сопственик на веб-манки, ги прогласи луѓето што ги плаќала да работат на него за „технолошки вишок". Иако дел од материјалите се загубиле низ годините, основната архива се уште е на веб и на располагање на сите кои сакаат учењето да го комбинираат со забава.


Дополнување: затворен сајт
Брзина: брзо
Функционалност: многу добра
Гугл-ранг: 8/10
Јазик: англиски
Адреса: www.webmonkey.com