31 октомври 2009

Вашите белешки и потсетници пристапни од веб во секое време

Денес е тешко човек да запамети сè што треба да направи во текот на еден ден или во период од неколку денови кои следуваат. Се живее брзо, динамично и непредвидливо. Нашата концентрација и сосредоточеност ни требаат за многу нешта. Не мора да се трошиме на помнење на работите кои треба да ги направиме. За тоа служат потсетниците. Секако, и понатаму можете да одлучите нив да ги лепите на вашиот фрижидер, да ги оставате на полицата до вашиот кревет или со нив да ја украсувате рамката на вашиот монитор на работното место. Но, ако сакате да бидете поефикасни, поекономични и попрактични, а вашата работа е поврзана со седење пред компјутер, тогаш можеби треба да разгледате и други опции. Опцијата која ви ја предлагаме денес се вика „листингс“.

Тоа е веб-локација на која откако ќе се регистрирате можете крајно едноставно да водите евиденција на вашите идни планови, обврски, задачи и сл., односно истите да ги поставувате во вид на белешки. На површината можете да лепите колку сакате белешки, да ги исполнувате со онолку текст колку што мислите дека ви е потребно за секоја, а потоа и да ја прилагодувате нивната големина и позиција на типот и количината на нивната содржина. Предноста е во тоа што, доколку сајтот го повикате од дома, ќе ви ги покаже истите белешки кои сте ги внеле или измениле додека сте биле на работа. Сајтот не е зависен од ниеден компјутер, туку само од интернет конекција. Со други зборови, со пријавување на истиот, вашите белешки се достапни од секаде. Го заборавивте мобилниот телефон дома и вашите белешки автоматски стануваат недостапни за вас. Трошењето на хартијата за белешки е нееколошко и неекономично. Затоа размислете за „листингс“. Позитивно и важно е што на сајтот е поддржано користење на македонското кирилско писмо.

Дополнување: од страна на корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен
Навигација: скоро нема
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 4/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски
Адреса: listhings.com

30 октомври 2009

Совети за поорганизиран и за поефикасен живот

Овој сајт всушност претставува дневен блог кој обезбедува совети, врски до корисни ресурси и бесплатни софтвери за преземање кои ќе ви помогнат поефикасно и попаметно да ги вршите своите работи и задачи. Блогот е многу наградуван и постојано се наоѓа при врвот на листите за најдобри сајтови од страна на читателите. Тој има и две интернационални изданија и тоа Lifehacker Australia и Lifehacker Japan.

Сајтот покрива програми за оперативните системи виндоус, мекинтош и линукс, со тоа што обезбедува совети и трикови за сите проблеми на кои можете да наидете. Најчесто, тоа се совети како нештата да ги направите побрзо и поефикасно не губејќи си го своето време, но и за тоа како поорганизирано и попрофесионално да ги изведувате работите. Иако главната поделба е токму таа, сајтот не е воопшто ограничен и на него можете да најдете совети дури и за готвење, поефикасно учење, шопинг, патувања и што ли уште не. Советите се најчесто претставени како видео туторијали со дополнително објаснување преку текст. Но, има и вести кои се состојат само од текст, а тие најчесто се пријавени од читателите на сајтот.

Доколку сметате, дека има нешто што вие знаете да го правите и тоа би било интересно за останатите, можете многу лесно истото да го споделите и тоа на следниов начин: се регистрирате на сајтот, потоа на насловната страница во празното поле „сподели“ го внесувате текстот, доколку сакате и сте во можност, прикачувате видео или слика и го испраќате. Потоа администраторите одлучуваат дали е тоа соодветно направено според правилата на веб-сајтот и, доколку е така, ќе биде објавено. Секојдневно излегуваат нови 20 содржини со совети. Многу интересно и олеснително е тоа што доколку веќе имате фејсбук профил нема потреба од додатно регистрирање, истиот можете да го употребите на блогот.

Доколку имате забелешки и прашања до администраторите, слободно можете да стапите во контакт со нив преку имејл или твитер.

Дополнување: секојдневно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: монотон
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: има
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 7/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.lifehacker.com

29 октомври 2009

Колку е часот во Рига?

Ако често патувате или пак не толку често, но сепак ја напуштате нашата земја на одреден период, сигурно правите редица подготовки пред да заминете: читате разни податоци за земјата и градот во кој ќе престојувате, барате мапи кои ќе ви помогнат да ги лоцирате културно-историските споменици кои вреди да ги видите, конвертирате валути и сл. Понекогаш треба да патувате во земја која е во друга временска зона. Без разлика дали е така или не, најдобро е ова да го проверите навреме, за да не пропуштите некој лет и секако за да можете да си го организирате времето таму. Еден веб-сајт кој ќе ви се најде во ваков случај е „локал тајм“.

„Локал тајм“ функционира многу едноставно. Впишете го името на градот и државата во која треба да патувате во полето за пребарување, кликнете на копчето Search и за кратко ќе го добиете одговорот на вашето прашање: “колку е часот во...?“ Добиените резултати покрај моменталното време, ќе ви прикажат и податоци кои се преземаат од други сајтови како википедија, панорамио, фликр, како и мапа, конвертор на валути, актуелни вести и сл. Значи, ги добивате сите важни информации на едно место. Секако, основна е информацијата за моменталното време.

Сајтот работи одлично и прецизно и претставува веб-локација која треба да се запамети во прелистувачот. Тој нуди и опција за поставување на виџети кои го покажуваат локалното време во одреден град на вашиот веб-сајт или блог.

Не прашувајте ги вашите роднини колку е часот во Лондон, кога спие вашиот пријател во Сан диего или кога е згодно време да се слушнете со вашиот бизнис соработник во Јоханесбург. За ова, прашајте го локал тајм.

Дополнување: нема
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски
Адреса: localti.me

28 октомври 2009

Сликата вреди повеќе од 1000 зборови

Правејќи ја вашата презентација или вашиот проект заклучувате дека ви недостасува идеалната слика или фотографија со која поуспешно ќе се ја извршите задачата. Со часови пребарувате по разни веб-локации и повторно не успевате да ја најдете сликата што ќе се совпадне со вашата замисла и ќе успее да го привлече вниманието на другата страна.

Фотоекспрес“ е извонредна локација која ќе ви помогне да го надминете проблемот без мака. Сајтот е всушност најголемата база,со преку половина милион слики со најдобар квалитет. Секојдневно се додаваат нови 1000 слики што покажува дека тимот кој стои зад овој проект се грижи корисниците секогаш да бидат задоволни и лесно да доаѓаат до тоа што им е потребно.

Правилата за користење се многу едноставни. За да можете да ги користите сликите потребно е да бидете регистрирани на сајтот, а тоа го правите бесплатно исполнувајќи ги стандардните услови и пополнувајќи формулар во кој внесувате основни податоци за себе. Со отворањето на вашиот личен профил, имате право да преземате 10 слики дневно, а бројката може да се зголеми доколку редовно го користите сајтот. Под ова се подразбира, дека доколку сакате да бидете во можност да преземате повеќе фотографии, вие ќе мора да го препорачате сајтот на вашите пријатели, да ги оценувате фотографиите и исто така и вие да прикачувате слики кои ќе можат да им бидат од корист на останатите корисници.

Сите слики се поделени во 22 рубрики, а исто така има и пребарувач кој многу ќе ви ја олесни работата. Можете да ги употребувате и комбинирано, односно доколку внесете збор во пребарувачот и добиете резултати за истиот, веднаш потоа можете да изберете една од категориите и ќе ги добиете само оние слики кои можат да се објаснат преку зборот и категоријата.

Многу важно е тоа што постојат и правила со кои на корисниците им се забрануваат некои начини на злоупотреба на добиените слики. Тие правила детално се објаснети во полето „одредби и услови“.

Дополнување: редовно
(од креаторите и од корисниците)
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: премногу едноставен,
може малку да се поработи на него
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 5/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.photoxpress.com

27 октомври 2009

Научете преку видео

Видеоџаг“ е интересен сајт чија намена е да ви го поедностави животот и да ви помогне да најдете решение за секојдневните проблеми или пак да станете подобар во правењето на нештата кои ги сакате. Порталот всушност претставува колектор на видео-туторијали за секојдневни работи, од готвење и храна, технологија и коли, убавина и здравје, фамилија и едукација и што ли уште не. Моментално тој содржи повеќе од 60 000 вакви видеа и се надополнува секојдневно.

За полесно пребарување на она што ви е потребно, секое видео е сместено во посебна рубрика, која пак отвара дополнителни подрубрики кои ви овозможуваат без никаква мака да го најдете видеото кое ви треба. Во секој туторијал убаво е објаснет секој аспект кој може да не ви е јасен, а потоа се дадени одлични совети како полесно да направите нешто, а тоа да има одлични резултати.

Во рубриката „прашања и одговори“ слободно можете да поставите прашање или да претставите проблем на кој ви треба решение, на кој останатите читатели или пак администраторите ќе ви одговорат и ќе ви понудат решение. Исто така можете да ја погледнете листата на оние кои имаат поставено видеа и да ја следите нивната работа.

Повеќето видеа се направени од професионалци, но тоа не значи дека и вие самите не можете да прикачите видео, сè што треба е да се регистрирате и да го прикачите видеото, кое пред тоа треба да е соодветно направено според стандардите на сајтот, кои се објаснети преку видео туторијал.

Доколку ви се допаѓаат материјалите што сте ги погледнале, можете да ги оцените со што тие стануваат погледани, а нивните создавачи попопуларни.

Дополнување: секојдневно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 7/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.videojug.com

26 октомври 2009

Онлајн шопингот зема се поголем замав

Онлајн купувањето во нашата земја иако сеуште за луѓето е непознато, сепак мора да се констатира дека за релативно кратко време се појавија голем број на сајтови кој се обидуваат да го наметнат овој светски тренд и кај нас. „Степ“ е еден од нив, сајт кој всушност претставува огромна продавница за се што ќе ви падне напамет, од апарати за домаќинство, компјутери или било каква технологија до козметика,цвеќиња па дури и билети за концерти и други слични случувања.
Начинот за купување преку него е поедноставен дури и од купувањето на лице место. Се регистрирате оставајќи ги вашите лични податоци, кои според политиката за приватност ќе бидат безбедни, и потоа се што треба да направите е да го изберете тоа што ви е потребно. Секој производ се наоѓа во соодветна категорија од која можат да излезат и подкатегории кои уште повеќе ќе ви ја олеснат работата. Со селектирањето на некои од артиклите добивате и детални информации и слики за подетално да добиете визија за истиот. Откако ќе се одлучите притиснете ја кошничката и работат е завршена.

Потоа само треба да ја финализирате нарачката преку потврдување на адресата и на тоа што сте одбрале да го купите. Во полето за оставање на коментар можете да го прецизирате тајмингот кој го посакувате за испорака на нарачката. Плаќањето се врши само со платежни картички „Виза“ или „Мастеркард“ а се реализира преку „НЛБ Тутунска Банка“. За испорака во Скопје се доплаќа 100 денари, а за испорака било каде низ целата територија на Македонија доплатат изнесува 200 денари.

Доколку не сте задоволни од производите кои сте ги нарачале, истите можат да бидат вратени или заменети но мораат да бидат исполнети условите предвидени кои се однапред утврдени и објаснети во полето „враќање на производите“.

Дополнување: редовно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен, прегледен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 1/10
Политика за приватност: има
Јазик: македонски, англиски
Адреса: www.step.mk

Патувајте заедно со пријателите

Иако патувањата се убава работа за многумина, тие значат и разделување со пријателите и блиските од семејството. За краткотрајни и повремени отсуства од родниот крај ова не претставува проблем, но кога патувате често и сте отсутни по подолго време, може да им недостигате на саканите или да им бидете потребни на соработниците, колегите и пријателите. За да не им објаснувате на сите поединечно кога и каде заминувате, известете ги сите одеднаш. Приклучете се кон заедницата на веб-сајтот „Ontheroud“ и почнете да споделувате информации за вашите следни патувања.

Ваквата можност ќе ја добиете откако ќе се регистрирате, каде што за секое патување можете да поставите неколку важни детали, како: времето на поаѓање и пристигнување, локацијата, местата на кои ќе застанете, опис, мултимедијални елементи и сл. Сето ова можете да го дополните со избор на соодветна графичка тема во зависност од локацијата, како и да изберете вашето патување да биде објавено јавно или приватно. Потоа, поканете ги вашите пријатели преку имејл. Но, тука не завршува приказната. „Ontheroud“ е на некој начин сервис за водење дневник од страна на патниците. Па така, вие можете да додавате нови точки кои ги посетувате, да ги надополнувате со забелешки и импресии, фотографии и видеосодржини. На крајот од секое патување, вие всушност сте направиле виртуелно патување кое претставува евиденција на целото ваше патешествие.

Сервисот може да се користи и од мобилен телефон (ајфон, како и кој било телефон базиран на виндоус мобајл или на андроид), со испраќање на имејл или СМС, а новите информации кои ќе ги поставувате можат да се објавуваат автоматски на вашите фејсбук и твитер профили. Вашите пријатели можат да коментираат на она што вие ќе го поставите.

На овој начин, ќе бидете постојано поврзани со вашите пријатели и со семејството и, ако ништо друго, ќе им овозможите интересен начин за доживување на вашите искуства. Сервисот е бесплатен.

Забелешка: во моментот на пишување на оваа рецензија, системот за поканување на пријатели не функционираше.

Дополнување: од корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: сомнителна
Дизајн: едноставен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 4/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски, чешки, германски
Адреса: www.ontheroad.to

20 октомври 2009

Пазарете во супермаркет, а сепак од домa

Дома“ претставува новитет кој ќе му го олесни секојдневието на секое македонско семејство. Сајтот всушност претставува онлајн СП маркет - одбирате производи, ги нарачувате, закажувате термин, избирате начин на плаќање и, во однос договореното, нарачката е доставена во вашиот дом, без притоа да заглавите во градскиот сообраќаен метеж или да чекате во долгите редици во супермаркетите трошејќи си драгоцено време.

Постапката е многу едноставна, треба да се регистрирате пополнувајќи формулар, во кој внесувате информации за себе, и потоа сте подготвени за шопинг. Го одбирате полето „е-супермаркет“ во кое преку 5 000 производи се распоредени во разни категории кои ви овозможуваат многу лесно да ги најдете оние кои вам ви се неопходни. Откако ќе ги најдете продуктите што ги сакате, одлучете која количина ви е потребна и одберете „додај во кошничка“.

Условот кој морате да го исполните за да можете да нарачате е кошничката да ја наполните со производи чија вредност ќе надмине 500 денари. Потоа избирате датум и термин во кој сакате производите да ви бидат испорачани и начинот на кој сакате да платите, со кредитна картичка или во готово, при самата испорака или пак со кредитна картичка преку интернет. Можете да оставите и порака доколку сакате да изненадите некого, а постапката завршува со потврдување на нарачката.

Моментално услугата е достапна само на подрачјето на Скопје и ќе ве чини додатни 80 денари од износот за вашата нарачка.

Дополнување: редовно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: соодветен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 2/10
Политика за приватност: има
Јазик: македонски, англиски
Адреса: www.doma.com.mk

16 октомври 2009

Деветтата уметност кај нас најактивна до сега

За сите скептици кои не веруваат дека кај нас постои стрип-сцена, група од нашите најдобри илустратори, сликари, сценаристи и аниматори, покрај секојдневните обврски, сепак пронаоѓаат време за повторното оживување на деветта уметност на нашите простори. Во недостаток на сериозен и соодветен македонски издавач на стрипови, тие се главни виновници за појавувањето на токму овој веб-сајт, кој овозможува сите љубители заедно да создадат подобро утро за нивната најголема пасија.

Сајтот е многу едноставен и симпатичен, а истовремено доста сериозен и амбициозен проект. Овозможува убаво да се запознаете со моменталната активна група која работи на ова поле, да ја погледнете нивната работа, па дури и да стапите во контакт со нив.

Како главен дел од сајтот, мора да се посочи, е форумот, кој редовно се дополнува од модераторите и членовите кои претходно мораат да се регистрираат. Посетителите на форумот можат да наидат на голем број на илустрации, анимации, стрип актуелности, дуели помеѓу стрип-уметниците и многу други интересни постови кои ќе ве забавуваат, насмеат, инспирираат, па дури и ќе ве подучат. На некој начин, овој сајт може да ви послужи и за своја промоција и да ви претставува отскочна даска доколку сакате да станете дел од македонскиот стрип-округ.

Дополнување: редовно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен и симпатичен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 2/10
Политика за приватност: нема
Јазик: македонски
Адреса: www.makstrip.com.mk

15 октомври 2009

Па и не е се така црно-бело

Црно-бело“ претставува уште еден од многуте македонски информативни веб-сајтови кој е преполн со разни секојдневни информации од каков било карактер. Сите вести се поделени во рубрики, што овозможува полесно и поедноставно пребарување и читање на темите што го интересираат читателот.

Покрај редовните содржини, сајтот има и неделен хороскоп, галерии, временска прогноза за тековната недела, можност за онлајн гледање на популарни тв серии како и за слушање на вашите омилени радио станици. Како додатни услуги, на располагање се квизовите и тестовите од секаков вид, распоредот на театарски и кино претстави, а неизбежно е да се напомене дека има и конвертор за текстови од латиница на кирилица.

Црно-бело, за разлика од останатите слични сајтови, се разликува по тоа што на корисниците им овозможува да уживаат во играњето на огромен број онлајн игри сместени на дополнителен портал, на кој ќе бидете префрлени директно доколку ја одберете содржината „игри“. Доколку не сте регистрирани, имате право да изиграте 5 игри, а по регистрацијата дозволен е неограничен пристап до секоја игра. Со играње на некоја од игрите, вашето корисничко име може да се впише во ранг листата на најдобри играчи, а постои и листа на најпопуларни игри и уредно средена статистика.

Доколку ви се допаѓа сајтот можете да го подржите на „фејсбук“ или на „твитер“. Авторите на ова веб-локација овозможуваат и поставување на своја реклама, а цената зависи од големината и положбата која сакате да ја одберете.

Дополнување: секојдневно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен, класичен
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 4/10
Политика за приватност: нема
Јазик: македонски
Адреса: www.crnobelo.com

14 октомври 2009

Најголемиот извор за видеоигри во светот

Гејмспот” е одличен веб-сајт за љубителите на видеоигри, без разлика дали се тие наменети за компјутер или за која било играчка конзола: сони плејстејшн 2,3 или портабл, нинтендо ви и нинтендо деес, иксбокс 360, како и за ајфон и сите останати мобилни телефони. На сајтот можете да дознаете секаква информација за постарите и поновите видеоигри, па дури и за оние кои сè уште не се излезени на пазарот. За секоја видеоигра има напишано критика и и` е дадена оценка од експерти, заснована на повеќе критериуми: графика, приказна, перформанси потребни за употреба, ниво на соодветна тежина за користење итн.

Гејмерите, со претходно бесплатно регистрирање на сајтот, можат исто така да дадат свое мислење за играта и самите да определат која оценка ќе и ја дадат, со што се формира ранг листа на најдобрите игри според корисниците. Тие можат и да се дружат преку системот за муабетење и форумот на сајтот и да поставуваат најразлични прашања до администраторите во врска со игрите, на кои во соодветен временски период ќе добијат одговор. Под содржините, секој корисник може да остави и свој коментар и да отвори дискусија со останатите корисници.

Сајтот секојдневно подлежи на надополнување, со што на посетителите и корисниците им овозможува постојано да се во тек со свежи и најнови информации за игрите и содржините кои ги интересираат. За секоја игра има слики и видео материјали кои исто така можат многу да помогнат при изборот на корисникот.

Покрај сите овие предности на сајтот, важно е да се напомене и тоа што на него има и опција за директно преземање на демо верзии од игрите како и на разновидни додатоци за нив, кои овде ги добивате бесплатно, наместо да го губите времето барајќи ги по други посебни и небезбедни сајтови.

Дополнување: секојдневно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: гејмерски
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 9/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.gamespot.com

13 октомври 2009

Нов тренд во онлајн споделувањето - „Јаху мим“

Ако блоговите, тамбл-блоговите, сајтовите за споделување фотографии и видеа, оние за микроблогирање, како и сите сервиси кои на различен начин ги комбинираат социјалните медиуми не ни беа доволни, тогаш дефинитивно вистинско време е да го запознаеме „јаху мим“ – сајт за споделување текст, слики, видеа и песни, како и коментирање и препраќање на истите помеѓу корисниците.

Сервисот позајмува по некоја карактеристика од повеќе популарни сајтови, но начинот на кој ги комбинира е уникатен, поради што може да се очекува дека ќе предизвика интерес помеѓу корисниците. Регистрираните корисници можат, благодарение на прегледниот интерфејс, многу едноставно да споделуваат текст или мултимедијални фајлови. Текстот може да стои самостојно или да ги придружува мултимедијалните содржини, може да содржи и линкови, но во секој случај не може да надмине 2000 карактери. Објавените содржини од корисникот се прегледуваат од посебна страница од каде можат директно и да се избришат.

Сите објавени содржини од корисниците се јавни. Ако сакате нешто да чувате само за себе, тогаш ова не е сервис за вас. Доколку сакате да најдете интересни мими поставени од други корисници, тоа ќе можете да го направите од делот Find. Сите мими се јавни, а оние што ќе ги додадете за следење, ќе бидат видливи од едно место, од кое вие директно можете да ги поставувате и на вашиот профил. Ова се постигнува со избирање на опцијата Repost, која е аналогна на опцијата Retweet, која пак е популарна помеѓу микроблогерите. Повеќе пати поставените содржини стануваат попопуларни и добиваат повеќе видливост од останатите. Дополнително, на постовите може и да се коментира.

Сервисот е дел од „јаху“ и за да го користите треба да имате јаху кориснички сметка.

Дополнување: од корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: модерен, едноставен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: нема (нов)
Политика за приватност: има
Јазик: англиски, шпански, португалски
Адреса: meme.yahoo.com

08 октомври 2009

Претставување на Европската библиотека

Европската библиотека е бесплатен онлајн сервис кој овозможува пристап до 48 национални библиотеки од Европа, на 36 јазици, кои го гарантираат квалитетот и сигурноста на содржините кои ги нудат. Овој сервис е наменет за секој кој има потреба од какви било материјали, како што се книги, весници, списанија, постери, мапи, фотографии, музички и видео материјали итн.

Од минатата година Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје (НУБ) стана полноправен и рамноправен член на Европската библиотека. Како нејзин член, НУБ веќе има дигитализирано неколку содржини, но со оваа активност поактивно ќе се продолжи во иднина.

По тој повод, денес, со почеток од 10 часот, тие организираат јавно претставување на кое се поканети медиумите, претставници од високо-образовните иснтитуции, но и научници и истражувачи во сите области кои ќе имаат директна полза во својата работа, доколку одлучат да го користат овој неисцрпен ресурс за дигитални културни добра од Европа. Настанот ќе се одржи во склопот на библиотеката, во Центарот за конференции и студија, а со свои презентации ќе настапат претставници од проектниот тим на Европската библиотека, од Холандија.

Пребарувањето на содржините е едноставно и прецизно, бидејќи секој посетител, покрај внесување на клучниот поим за кој сака да побара информации, може да го наведе типот на содржината, односно форматот, да одреди во кои колекции да пребарува, на пример само во колекциите од некоја европска национална библиотека или во некоја тематски определена колекција, како и да користи напредно пребарување за да го определи авторот на делото, насловот, меѓународниот стандарден број за книги (ИСБН) и сл. Сајтот има и посебни секции со содржини кои служат за помош при совладувањето на начинот на кој тој може да се користи.

Посетете ја уникатната онлајн изложба на сајтот на Европската библиотека за да ги истражувате историјата и културата на Европа.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: соодветен
Навигација: средна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 10/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски, германски, француски
Адреса: www.theeuropeanlibrary.org

07 октомври 2009

Уникатна онлајн продавница за луѓе со стил

Ако сакате уникатна облека, накит, чанти и други додатоци, ја цените рачната изработка и сте смели во градењето на вашиот стил, посетете ја онлајн продавницата „уникатно“. Овде ќе најдете колекција од блузи, џемпери, туники, чанти, накит, зимски додатоци, украси, капи, елеци и слична облека, каква што не можете да најдете на ниедно друго место. Секое парче е уникатно, а сè што ви се допаѓа и сакате да го купите, можете да го нарачате преку стискање на копчето „во корпа“, откако претходно ќе се регистрирате.

Доколку ви се допаѓа нешто што е веќе продадено, можете да побарате сличен производ или да поставите прашање за можноста за изработка на слично парче. Оваа веб-локација е и одлично место кое можете да го посетите доколку наидува нечиј роденден за кој сакате да приредите убаво изненадување со изборот на подарокот.

Нарачаните производи се подигнуваат од пошта, каде на цената на производот ќе треба да додадете уште некој денар за поштарина. Пратката би требало да ја добиете за 3-5 дена од моментот на нарачувањето.

За секој производ, претставени се одерени детали кои ќе ви помогнат во изборот, а начинот на прегледување и пребарување на разните видови облека е толку практичен, што понуденото за кратко ќе ви изгледа недоволно. За купените производи добивате гаранција од 10 дена за нивно враќање, за што ќе го добиете платениот износ назад.

И на крајот, доколку вие сте изработувачи на рачни работи, можете да се приклучите и вашите творби да ги направите достапни од галеријата на уникатно.

Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: пријатен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: нема
Политика за приватност: нема
посебно, но има кратка информација
Јазик: македонски
Адреса: unikatno.com.mk

06 октомври 2009

Креативна работилница за фотоалбуми

Класичните фотоалбуми кои зафаќаат место и прашина во нашите домови, веќе одамна не се интересни. Со развојот на дигиталните фотоапарати и нивните пристапни цени за многумина, веќе ретко кој развива слики во материјална форма. Напротив, луѓето денес ги полнат своите корисничките профили на „фликр“, „фејсбук“, „фотобакет“ и други.

Доколку сте луѓе на кои и ова не им е доволно и сакате да бидете во тек со сè што е ново и модерно, задолжително мора да го посетите „скрепблог“. Се работи за онлајн креатор на фотоалбуми кои вие самите можете речиси бескрајно да ги уредувате, и потоа, како такви да ги споделувате на социјалните мрежи. За да почнете да го користите, потребна ви е само интернет конекција и прелистувач. Ова значи дека нема потреба од преземање и користење на дополнителен софтвер или други ресурси. Целосно работи во прелистувачот, за која цел при неговото повикување се отвора нов прозорец. Регистрација ви е потребна само доколку сработеното сакате да го зачувате. Ако не сте сигурни дали сакате да се приклучите кон скрепблог-заедницата, тогаш тестирајте ја апликацијата пред да го направите официјалното зачленување, кое е инаку бесплатно.


Опциите овозможуваат изработка на фотоалбуми од нула, како и користење на готови шаблони кои соодветствуваат за разни прилики и содржини, а потоа се пополнуваат и уредуваат на саканиот начин.

Уредувањето на вашите креации подразбира додавање на слики кои вие ќе ги назначите директно од вашиот компјутер или од некоја веб-локација, нивно прилагодување според димензии, позиција и положба, додавање на разни графички елементи, позадини, рамки и нивно обработување по желба и вкус, текстуални елементи, музика, па дури и видеа. Единствен недостаток е што текстуалните елементи не можат да бидат напишани на кирилица. Сработените креации можете да ги споделувате со вашите пријатели на социјалните мрежи, со скрепблог-заедницата, или пак да ги зачувате на компјутерот. За печатење на креациите, можете да направите нарачка која секако се наплатува.

Дополнување: редовно (блог)
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: модерн, прегледен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 6/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.scrapblog.com

05 октомври 2009

За љубителите на хипхоп музиката

Хипхоп Македонија“ е веб-сајт зад кој стои група на луѓе во чија сопственост е и невладината организација „Урбан институт“, посветена на развојот на современиот урбан живот и негувањето на хипхоп културата. Меѓу различните видови активности со кои се занимава оваа организација е и одржувањето на овој веб-сајт кој опфаќа различен тип на содржини.

Љубителите на оваа музика, култура и начин на живот, можат да го посетуваат сајтот со цел да најдат аргументи и гледишта за работи поврзани со хипхоп музиката, изразени во колумни од разни автори, да прочитаат интервјуа со познати личности, да се информираат за новите случувања на сцената, како и да се изнаслушаат хипхоп музика од домашна продукција. Дополнително доживување може да се добие благодарение на листата на македонски видеоспотови, фотогалеријата, статиите и секцијата за локално преземање на аудиосодржини.

Веб-сајтот е едноставен за навигација, но неговата едноставност заостанува во однос на веќе одамна актуелните трендови во дизајнот. Иако тој е во функција на доловување на мрачната страна, тоа, сепак, може да се постигне и со малку посовремен стил во визуелното веб-изразување.

Општиот впечаток кој го остава сајтот е, во секој случај, позитивен, бидејќи се чувствува вложениот труд во неговата изработка и одржување што, пак, е најважно за неговата целна група и новите потенцијални посетители.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Дизајн: лош
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Политика за приватност: нема
Јазик: македонски, англиски (делумно)
Адреса: www.hiphopmacedonia.com

01 октомври 2009

Изработувајте организациони дијаграми онлајн - брзо и бесплатно

Сликплен“ претставува веб-базиран генератор на дијаграми и мапи за сајтови. Неговото користење е бесплатно, но бара претходна регистрација. Како опција, пред да се регистрирате, можете да го испробате во демо-верзија, но откако ќе се уверите во едноставноста за неговото користење, другото спонтано ќе следува. Регистрираните корисници имаат можност да ги зачуваат изработените мапи за сајтови и дијаграми, како и да ги земат во HTML или PDF формат.

Сликплен е веб-сајт од кој најголема корист ќе имаат веб-дизајнерите и веб-развивачите кои често користат навигациски дијаграми за да им ги претставуваат идеите и проектите на своите клиенти и соработници. Сепак, покрај за професионалците од оваа област, тој може да им се најде на сите луѓе кои имаат потреба од лесно и едноставно креирање на организациони дијаграми.

Овој веб-генератор е корисен, дизајнот е интуитивен, па ова во комбинација со неограничената можност за бесплатно користење, го прави вреден кандидат за „сајт на денот“.

Дополнување: нема
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: веб 2.0
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски
Адреса: www.slickplan.com