05 октомври 2009

За љубителите на хипхоп музиката

Хипхоп Македонија“ е веб-сајт зад кој стои група на луѓе во чија сопственост е и невладината организација „Урбан институт“, посветена на развојот на современиот урбан живот и негувањето на хипхоп културата. Меѓу различните видови активности со кои се занимава оваа организација е и одржувањето на овој веб-сајт кој опфаќа различен тип на содржини.

Љубителите на оваа музика, култура и начин на живот, можат да го посетуваат сајтот со цел да најдат аргументи и гледишта за работи поврзани со хипхоп музиката, изразени во колумни од разни автори, да прочитаат интервјуа со познати личности, да се информираат за новите случувања на сцената, како и да се изнаслушаат хипхоп музика од домашна продукција. Дополнително доживување може да се добие благодарение на листата на македонски видеоспотови, фотогалеријата, статиите и секцијата за локално преземање на аудиосодржини.

Веб-сајтот е едноставен за навигација, но неговата едноставност заостанува во однос на веќе одамна актуелните трендови во дизајнот. Иако тој е во функција на доловување на мрачната страна, тоа, сепак, може да се постигне и со малку посовремен стил во визуелното веб-изразување.

Општиот впечаток кој го остава сајтот е, во секој случај, позитивен, бидејќи се чувствува вложениот труд во неговата изработка и одржување што, пак, е најважно за неговата целна група и новите потенцијални посетители.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Дизајн: лош
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Политика за приватност: нема
Јазик: македонски, англиски (делумно)
Адреса: www.hiphopmacedonia.com

Нема коментари: