06 октомври 2009

Креативна работилница за фотоалбуми

Класичните фотоалбуми кои зафаќаат место и прашина во нашите домови, веќе одамна не се интересни. Со развојот на дигиталните фотоапарати и нивните пристапни цени за многумина, веќе ретко кој развива слики во материјална форма. Напротив, луѓето денес ги полнат своите корисничките профили на „фликр“, „фејсбук“, „фотобакет“ и други.

Доколку сте луѓе на кои и ова не им е доволно и сакате да бидете во тек со сè што е ново и модерно, задолжително мора да го посетите „скрепблог“. Се работи за онлајн креатор на фотоалбуми кои вие самите можете речиси бескрајно да ги уредувате, и потоа, како такви да ги споделувате на социјалните мрежи. За да почнете да го користите, потребна ви е само интернет конекција и прелистувач. Ова значи дека нема потреба од преземање и користење на дополнителен софтвер или други ресурси. Целосно работи во прелистувачот, за која цел при неговото повикување се отвора нов прозорец. Регистрација ви е потребна само доколку сработеното сакате да го зачувате. Ако не сте сигурни дали сакате да се приклучите кон скрепблог-заедницата, тогаш тестирајте ја апликацијата пред да го направите официјалното зачленување, кое е инаку бесплатно.


Опциите овозможуваат изработка на фотоалбуми од нула, како и користење на готови шаблони кои соодветствуваат за разни прилики и содржини, а потоа се пополнуваат и уредуваат на саканиот начин.

Уредувањето на вашите креации подразбира додавање на слики кои вие ќе ги назначите директно од вашиот компјутер или од некоја веб-локација, нивно прилагодување според димензии, позиција и положба, додавање на разни графички елементи, позадини, рамки и нивно обработување по желба и вкус, текстуални елементи, музика, па дури и видеа. Единствен недостаток е што текстуалните елементи не можат да бидат напишани на кирилица. Сработените креации можете да ги споделувате со вашите пријатели на социјалните мрежи, со скрепблог-заедницата, или пак да ги зачувате на компјутерот. За печатење на креациите, можете да направите нарачка која секако се наплатува.

Дополнување: редовно (блог)
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: модерн, прегледен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 6/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.scrapblog.com

Нема коментари: