30 април 2004

Калифорниски музички награди

[лекториран]

Калифорнија е една од најголемите американски сојузни држави и, кога би се осамостоила, пак би била една од најбогатите земји во светот. На сајтот посветен на изборот на калифорниски музички награди (порано познати како „бами") и вам ви се дава можност да гласате за некој од номинираните естрадни уметници.

Во конкуренција се и светски познати имиња, чии кариери ги поддржуваат мегакорпорации и независни „локални херои", групи кои работат по принципот сами свој жур. Така, рамо до рамо се „Грин деј" (Green Day), „Каунтинг кроуз" (Counting Crows), „Но даут" (No Doubt), „Антракс" (Antrax), наспроти „Маргиналните пророци" (Marginal Prophets) - состав на стрипаџијата Кит Најт од www.kchronicles.com.

Главен спонзор на изборот е локалната самоуправа на градот Оукленд (до Сан Франциско). Како крунски настан на изборот е најавен бесплатен концерт (на 6 јуни) на кој се очекуваат десет илјади луѓе.

За да гласате треба да се регистрирате. Како и дизајнот на сајтот (чист ХТМЛ), процесот е едноставен, без малтретирање и барање податоци кои би ја загрозиле вашата приватност.


Дополнување: автоматско
Брзина: брзо
Функционалност: многу добра
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: англиски
Адреса: www.californiamusicawards.com

29 април 2004

Руски фестивал на стрипови

[лекториран]

Словенските јазици кои се зборуваат надвор од просторите на бивша Југославија и кај кои стриповите не дошле во вид на „ремени" односно „ленти" (превод на „стрип") објавувани во дневните весници пред Втората светска војна, за стрип го употребуваат зборот „комикс" - директен увоз од тековниот англиски.

Рускиот веб-сајт „Ком-мисија" е посветен на фестивал на стрипот што се одржува помеѓу 23 април и 4 мај оваа година, а за кој пријавувањето се врши преку веб. Фестивалот е со меѓународно учество и поддржан од импресивен број спонзори.

Визуелно, сајтот оддава пријатен впечаток, комбинирајќи елементи својствени на советската традиција за дизајн на плакати и на светски стриповски сензибилитети (франкофонски, американски и јапонски). Технолошки гледано, сајтот одлично ги интегрира ХТМЛ и флеш, користејќи ги нивните предности соодветно, без пренатрупување.

Содржински сајтот е поделен на оддели во кои се дава лична карта на фестивалот (со програма), каталог на делата на учесниците (графички новели, фотострипови и стрипови во флеш), новости за настаните, дел за пријавување и форум.

Дополнување: на неколку дена
Брзина: релативно брзо
Функционалност: одлична
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: руски
Адреса: www.kommissia.ru

27 април 2004

Кромидот

[лекториран]

„Кромидот" (The Onion) е сатиричен весник кој себеси се нарекува „најфиниот извор на вести во Америка". Покрај печатеното издание со долгогодишна традиција, тој одамна пали и жари и на Интернет, а од неодамна воведе и претплата на сајтот од 30 долари годишно, со која претплатниците ќе добијат пристап до нови содржини (како лични веб-сајтови на колумнистите) неоптоварени со реклами. Утеха за обичните посетители е дека основниот дел на сајтот ќе им биде достапен, како и досега.

Концептот на списанието се темели на карикирање на вестите за тековните политички состојби со огромна доза ведар сарказам и гледање сеир.

Особено се смешни написите и измислените интервјуа и анкети во кои се известува за настаните од животот на обичните луѓе (на пример, една жена се уште изгледа добро иако има 32 години) или, пак, за обични работи од животот на политичарите и на славните (тој и тој и жена му се задоволни од нивниот заеднички сексуален живот). Хуморот доаѓа и од стилот на пишување, со кој се оди или во очигледни генерализации, или во „најпрецизни" детали, исмејувајќи го преку имитирање стереотипизирањето присутно во обични муабети.

На сајтот има и рубрика „деновиве пред години" преку која може да видите за што пишувал весникот на насловната страница уште пред Втората светска војна - и се уште е смешно.


Дополнување: секоја среда
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Гугл-ранг: [8]/10
Јазик: англиски
Адреса: www. theonion. com

24 април 2004

Скопјанецот Дејвид Еверет

[лекториран ]

Дејвид Еверет е фотограф кој живее и работи во Скопје. Неговиот веб-сајт има едноставен и прегледен дизајн, без непотребни елементи кои правеле побавен. На некои места навигацијата е неконзистентна, но посетителот може лесно да се снајде со притискање на копчето за „назад" на својот пребарувач.

На сајтот има неколку секции во кои авторот изложува информации за своето американско-македонско семејство, патувања и за фотомоделите со кои работи и ги застапува.

Галериите со фотографии опфаќаат општи теми (мртви природи, пејзажи) и луѓе (претежно женски). За некои од фотомоделите (како Ана и Верица) има и посебни страници преку кои се доаѓа до нивното мини-портфолио со по десетина фотографии и информации за моделите, за тоа каков тип работа ги интересира (фотографски жанрови: модна фотографија, гламур, фитнес, костими за капење, портрети), дали би се согласиле да снимаат разголени фотографии или не, и слично.

Еверет е задоволен со учинокот на сајтот, бидејќи му овозможува да стапува во контакт со клиенти од странство и да користи Интернет за брз транспорт на нарачани фотографии. Добра практика што ја применува за промовирање на своето дело е што се зачленува на други сајтови за фотографија (на пример www.onemodelplace.com) преку кои привлекува потенцијални муштерии.

Дополнување: на две недели
Брзина: релативно брзо
Функционалност: задоволителна
Гугл-ранг: 0/10
Јазик: англиски
Адреса: http://www.deverette.com