27 април 2004

Кромидот

[лекториран]

„Кромидот" (The Onion) е сатиричен весник кој себеси се нарекува „најфиниот извор на вести во Америка". Покрај печатеното издание со долгогодишна традиција, тој одамна пали и жари и на Интернет, а од неодамна воведе и претплата на сајтот од 30 долари годишно, со која претплатниците ќе добијат пристап до нови содржини (како лични веб-сајтови на колумнистите) неоптоварени со реклами. Утеха за обичните посетители е дека основниот дел на сајтот ќе им биде достапен, како и досега.

Концептот на списанието се темели на карикирање на вестите за тековните политички состојби со огромна доза ведар сарказам и гледање сеир.

Особено се смешни написите и измислените интервјуа и анкети во кои се известува за настаните од животот на обичните луѓе (на пример, една жена се уште изгледа добро иако има 32 години) или, пак, за обични работи од животот на политичарите и на славните (тој и тој и жена му се задоволни од нивниот заеднички сексуален живот). Хуморот доаѓа и од стилот на пишување, со кој се оди или во очигледни генерализации, или во „најпрецизни" детали, исмејувајќи го преку имитирање стереотипизирањето присутно во обични муабети.

На сајтот има и рубрика „деновиве пред години" преку која може да видите за што пишувал весникот на насловната страница уште пред Втората светска војна - и се уште е смешно.


Дополнување: секоја среда
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Гугл-ранг: [8]/10
Јазик: англиски
Адреса: www. theonion. com

Нема коментари: