24 февруари 2011

Магични патувања преку фотографиите на Стефани

Сајтот „Стефаниб“ е преполн со фотографии кои Стефани Бочатај (Stephanie Bochatay)  ги сликала во последните 15 години патувајќи низ многу земји ширум светот како Швајцарија, Мароко, Тајланд, Русија, Шпанија, САД, Хрватска, Јужна Африка, Мексико... Стефани низ фотографии ги овековечила моментите кои ги поминала таму, ликовите на старите и новите пријатели.
Веб-сајт со фотографии од патувањата на Стефани Бочатај
Сајтот го прикажува нејзиниот живот низ серија слики кои се класифицирани во неколку категории или албуми: свадби, љубов, забава, пејсажи, деца, портрети, музички фестивали... Фотографиите ве пренесуваат на местата кои ги посетила, а притоа ќе се соживеете со нејзините уникатни доживувања.

Сајтот е мошне едноставен, со едноставна црна позадина што е сосема во ред доколку земеме предвид дека неговата намена е да претставува своевиден каталог, портфолио со слики од авторката.

Доколку сакате да уживате во глетките кои ги нуди добрата фотографија, тогаш нема да погрешите доколку го посетите сајтот на Стефани.

Секако, сликите се заштитени со авторски права и не можете да ги симнувате.

Дополнување: од авторот
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 1/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски
Адреса: www.stephanieb.com

23 февруари 2011

„Попскрин“ - време за видеосодржини

Попскрин“  е интересен сајт кој ви нуди можност да откривате нови популарни видеосодржини. Целта на „Попскрин“ е да најде и да ви презентира видеосодржини, пред тоа да го направат останатите сајтови.
Веб-сајт со популарни видеосодржини
Видеата се поделени на оние кои се популарни во моментот, популарни денес, во изминатите 7 дена или во изминатите 30 дена. Доколку сакате да разгледувате видеа со одредена тематика, тоа можете да го направите со избирање на категориите од кои би сакале да ви се прикажат видеосодржините.

Сајтот нуди можност и бесплатно да станете негов член. Со тоа, меѓу другото, имате можност да направите сопствен видеоканал и да го споделувате со пријателите, како и да гласате на сајтот со т.н. поп-листи каде се прикажуваат видеата кои се селектирани благодарение на гласовите на членовите.

Видеата можете да ги гледате во стандардна големина како и со затемнета позадина.  Она што е мошне позитивно е тоа што видеата течат непречено и без заостанување, сецкање или закочување - работи кои понекогаш можат многу да не нервираат.

Дополнување: постојано
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг:  5/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.popscreen.com

21 февруари 2011

Содржини за подобрување на образовниот процес

Бидејќи училиштето претставува важен дел од нашиот живот, потребата тоа да се направи подобро место за учење е особено важна. Токму тоа и се обидува да го постигне веб-сајтот „Е-педагог“. Се работи за сајт на кој ќе најдете корисни информации кои можат да помогнат во унапредување на образовниот процес.
Веб-сајт со содржини за унапредување на образовниот процес
Бидејќи во образовниот процес не се вклучени само вработените во образовните институции, туку и родителите и самите ученици, веб-сајтот се обидува да претстави содржини за секоја од овие категории.

Содржините се објавуваат во вид на стручни размислувања, истражувања или добри практики од страна на луѓе (наставници, педагози, родители) кои сметаат дека со споделување на нивното лично искуство и знаење би придонеле во подобрување на образовниот процес. Така, во содржините наменети за наставниците, ќе можете да најдете добри практики, како на пример: добар час по ликовно образование, пример за час со примена на ИКТ во одделенска настава во комбинирана паралелка, насоки за планирање и подготовка на наставата, работа со ученици со потешкотии во учењето и слично. Во делот за родители може да најдете интересни  информации и идеи, како на пример, активности со кои децата во предучилишниот период лесно би се подготвиле за читање.  Сите текстови на „Е-педагог“, освен кратките објаснувања за нив, се дадени во PDF формат. Истите можете да ги преземете, но не и да ги менувате или користите како свои.

Доколку сакате и вие да придонесете со вашето искуство, тоа може да го направите со испраќање на вашиот стручен текст на електронската адреса на креаторката на сајтот.
„Е-педагог“ бил вклучен во 50-те најдобри едукативни сајтови на eLearning Awards 2010 организиран од страна на European Schoolnet (www.europeanschoolnet.org).

Дополнување: од корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 0/10
Политика за приватност: нема
Јазик: македонски
Адреса: www.e-pedagog.com

16 февруари 2011

„Полдеди“ - софтвер за правење анкети

Полдеди“  (PollDaddyѕ) е сајт кој нуди софтвер за правење анкети, прашалници и квизови, брзо и едноставно, за само неколку минути. Софтверот ги прибира одговорите преку вашиот веб-сајт, електронска пошта, ајпед, Фејсбук и Твитер, а потоа можете да генерирате и споделувате извештаи лесни за читање.
Софтвер за креирање на анкети, прашалници и квизови
Оваа алатка може да ја употребите за да правите истражувања, анкети, квизови или да направите рангирање на вашите содржини. Со „Полдеди“ може да правите прашалници со отворени прашања или да понудите неколку одговори во зависност од вашите потреби.

Спектарот на можности за употреба на овој софтвер е навистина голем, па така можете да го употребите за едукативни цели, да ги тестирате вашите ученици, или пак, едноставно да планирате настани со тоа што ќе ги прашате вашите пријатели кој датум највеќе им одговара.

Исто така, можете да комуницирате со вашата публика и посетителите на вашиот сајт и да добиете фидбек за содржините кои ќе ги изберете. „Полдеди“ може да ви помогне да го оцените задоволството на потрошувачите, како тие се чувствуваат во врска со вашите производи и услуги, или можеби да спроведете истражување на пазарот.

Со отворање на бесплатна сметка на „Полдеди“, имате можност за 100 одговори месечно на вашите прашалници, 10 прашања по анкета или квиз, како и основни извештаи за истражувањата, прашалниците и квизовите.

Дополнување: нема
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг:  8/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски, германски, шведски, арапски, јапонски, кинески
Адреса: polldaddy.com

15 февруари 2011

Дневна доза онлајн игри

Сигурно на секој од вас ви е потребен барем краток период во текот на денот во кој ќе заборавите на секојдневните обврски и проблеми. „Мини Гејм“  со своите кратки онлајн игри може да ви помогне да се релаксирате, а во исто време и да ги подобрите вашите умствени способности.
Веб-сајт кој нуди едноставни и кратки онлајн игри

Веб-сајтот нуди колекција од кратки игри поделени во неколку категории: акција, авантури, нанишани и пукај, карти, спорт, возење, логички, љубовни и разно. Игрите се едноставни и можат да бидат интересни како за возрасни, така и за помладите. Под секоја од игрите е даден краток опис со цел побрзо да се сфати логиката на играта. Не ви е потребен дополнителен софтвер или пак регистрација за да уживате во оваа кратка забава.

Доколку не знаете за  која игра конкретно да се одлучите, погледнете ги прегледите на најиграни игри или пак листата на најнови игри. Сајтот објавува и „игра на денот“ и „игра на неделата“ кои дополнително можат да ви помогнат при изборот.

Освен игри, сајтот содржи и рубрика наречена „Новитети во гејмиг светот“ во која се објавуваат новини од оваа област.

Дополнување: редовно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 2/10
Политика за приватност: има
Јазик: македонски
Адреса: minigame.mk

14 февруари 2011

„Твое бебе“ - бременост, бебе, зачнување, родителство и семејство

 „Твое бебе“ е веб-сајт наменет за жени кои ја планираат бременоста, оние кои се бремени, или оние веќе кои се дел од светот на мајчинството. При отворањето на сајтот ќе наидете на нивната мисија која гласи: „Да обезбедиме квалитетни и современи информации за здрава бременост, бебе, зачнување, родителство и здраво семејство“.
Веб-сајт со информации за идни и сегашни родители
Мисијата мошне добро ги отсликува содржините кои ви ги нуди овој веб-сајт. Темите кои се обработуваат се поделени на: зачнување, бременост, бебе, мајка, неплодност, абортус, доење, семејство, деца со посебни потреби.

Сајтот има и страници за инспиративни стории кои содржат споделени приказни, страница за познатите личности и нивните искуства во врска со бременоста и родителството, галерија со слики и форум на кој посетителите можат да разменуваат мислења и искуства.

На сајтот можете да најдете и информации за заштита од несакана бременост, како и калкулатори за пресметка на термин на породување, плодни денови, индекс на телесна маса, и идеална телесна тежина на возрасни.

Накратко, „Твое бебе“ има едукативна намена и нуди корисни содржини во врска со споменатите теми, но е наменет и за оние кои едноставно се интересираат за нивното репродуктивно здравје.

„Твое бебе“ нуди можност да се регистрирате и да добивате содржини по електронска пошта.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг:  0/10
Политика за приватност: нема
Јазик: македонски
Адреса: tvoebebe.com

07 февруари 2011

Дневна доза од модната сцена

Уличниот стил во Скопје” (Skopje Street Style) е блог кој ве дочекува со мотото „Модата што не се раѓа на улиците е осудена да стане демоде”. На овој блог секојдневно се промовираат интересни модни содржини, совети, стилови, изложби, фотографии, ревии, дизајнери, авангардни уметници и несекојдневни ликови.
Блог со интересни модни содржини
Блогерката будно ги следи настаните од модната сцена низ градот, па така, често пати може да ве пренесе на случувањата од модниот живот во Скопје, доколку сте ги пропуштиле. На блогот имате шанса да прочитате интервјуа со македонски модни дизајнери, изработувачи на накит и лица од македонската модна индустрија.

„Уличниот стил во Скопје” ви ги доловува и вестите од светската модна сцена, оние поврзани со некои дизајнерски куќи, ликови и случувања, па така, тука ќе прочитате и за надежните светски имиња, имиња кои допрва доаѓаат.

Содржините се поделени во неколку категории кои ви овозможуваат филтрирање на написите: додатоци, македонски дизајнери, накит, облека, странски дизајнери, филигран, блогери, модна недела, ревија, тренд и општо.

Меѓу другото, во делот „Топ стил“ секој ден можете да најдете предлог дневна комбинација на парчиња облека од светските модни писти која авторката ја избира за вас. 
„Уличниот стил во Скопје” може да го следите преку познатите социјални медиуми, но исто така може да се регистрирате и за добивање содржини по електронска пошта.

Дополнување: постојано
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг:  0/10
Политика за приватност: нема
Јазик: македонски
Адреса: skopjestreetstyle.wordpress.com

03 февруари 2011

Корисни македонски алатки

Сервисот „Алати“, како што кажува и самото име, нуди неколку корисни „македонски“ алатки на едно место.
Веб-сајт со корисни „македонски“ алатки
На почетната страница само се претставени алатките кои ги нуди овој сервис: „мк фолк песни“, „мк оро“, „англиско-македонски конвертор“, „HTML тастатура“, „мк фонтови“, „мк топ“, „временска прогноза“ и „телевизиска програма“.

Со избирање на потребната алатка, сервисот ве носи до страницата која ги нуди соодветните услуги. Така, на пример, доколку изберете „англиско-македонски конвертор“, сервисот ве носи до апликација со која може да конвертирате текст од латиница на кирилица и обратно. Со избирање на „македонски ора“ или „македонски песни“, сервисот ве насочува кон веб-сајтови кои содржат колекции на македонски песни и нивни текстови или колекција на македонски ора. Преку алатката „мак топ“ може да ги следите најдобро рангираните македонски блогови, а од „македонски фонтови“ да го преземете очекуваното.

Алатките кои ги нуди Алати, се или дел од самиот сервис или пак претставуваат врски кон надворешни сајтови. Бидејќи тој не нуди конзистентен дизајн, ова може да доведе до дополнителна забуна.

Сите алатки се бесплатни за користење.

Дополнување: нема или нередовно
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Дизајн: неконзистентен
Навигација: нормална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 3/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски, македонски
Адреса: www.alati.org

02 февруари 2011

Добра работа - место за полесно вработување

Добра работа” е мошне корисен сајт за посетителите кои се заинтересирани за промена или унапредување во кариерата. Овде можете бесплатно да ги гледате огласите за работа, да се пријавувате на истите, како и да најдете вести и прирачници за вработување кои содржат корисни совети и информации.
Огласи за вработување и корисни информации за вашата кариера
Сајтот претставува своевиден агрегатор на огласи кои секојдневно се ажурираат, така што тука може да ги најдете најновите понуди на пазарот на трудот.

Огласите се поделени во категории што ви овозможува заштеда на време кое вообичаено би го потрошиле за лутање низ големиот број огласи. Па така, огласите се класифицирани во 27 категории со што ви се овозможува полесно пребарување, како на пример: административна работа, продажба и трговија, човечки ресурси, креатива, дизајн и уметност, и многу други. Освен по категории, огласите може да ги пребарувате и по градови.

„Добра работа” овозможува да станете регистриран корисник со што добивате неколку можности плус: да ја создадете и објавите вашата биографија, да добиете бесплатен профил, да ги снимате огласите, да добивате бесплатен информатор, како и да активирате автоматски информатор за слободни работни места.

Освен оние кои бараат вработување, свој профил може да создадат и работодавачите со кој добиваат можност да објават оглас, да пребаруваат во базата на биографии, да добиваат бесплатен информатор, или да испратат повик до одреден кандидат.

„Добра работа” може да ја следите на Твитер или на Фејсбук.

Дополнување: постојано од авторите
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг:  4/10
Политика за приватност: нема
Јазик: македонски
Адреса: www.dobrarabota.mk

01 февруари 2011

Генерирајте своја политика за приватност

Доколку поседувате свој веб-сајт, а сакате на вашите посетители да им покажете дека се грижите за нивните лични податоци, тогаш „Free Privacy Policy“ може да ви помогне. Се работи за сервис со кој на едноставен начин можете да генерирате своја политика за приватност.
Сервис за едноставно генерирање на политика за приватност
Сè што треба да направите е да го пополните интерактивниот прашалник, врз основа на кој сервисот ќе ја генерира вашата политика за приватност. Прашалникот содржи основни прашања за тоа кои податоци ги собирате, за што ги користите, кои мерки ги преземате за заштита  на истите, дали користите кукија и слично. На сите овие  прашања одговарате со едноставно избирање на некој од веќе понудените одговори. Доколку имате дополнителни информации кои сакате да бидат дел од вашата политика за приватност, сервисот нуди можност преку полињата за внесување на текст, истите да ги додадете.

На крајот од прашалникот потребно е да ги внесете вашето име и електронска адреса на која ќе ги добиете потребните податоци за пристап до генерирана политика за приватност. Откако ќе ѝ пристапите, сервисот нуди можност да направите дополнителни измени, да го преземете HTML кодот и да го прикачите на вашиот веб-сајт.

Сервисот дозволува креирање на само една бесплатна политика за приватност. Доколку сакате можете да се претплатите и да добиете можност за креирање на неограничен број политики со дополнителни функционалности.

Дополнување: нема
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Дизајн: едноставен
Навигација: нормална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.freeprivacypolicy.com